post

Два вида на извори на организациски промени

За секоја организациска промена постои некоја сила, причина, односно извор на таа организациска промена. Дали тоа е притисок од околината, дали тоа е внатрешен притисок секоја организациска промена има своја причина, а таа причина се нарекува извор на таа промена. Што е онаа што малите бизниси и претприемачи ги прави успешни? Тоа е флексибилноста. Флексибилноста значи дека претприемачите брзо се менуваат самите себеси и својот бизнис за да успеат и да го развијат бизнисот и фирмата која ја поседуваат. Секој претприемач мора да воспостави систем преку кој ќе ги следи овие можни извори на промените и без одлагање да изврши прилагодување во своето работење. Во прилог на текстов е дадено кратко разработување на можните извори на организациски промени.

Организациските промени не се појавуваат сами од себе. За било која постапка која ја изведуваме постои одредена причина, односно постапката е последица на одредена причина. Доколку не постои причина за одредена постапка или дејствување, логично е дека нема да постои ни таа постапка или дејствување. Бидејќи организациските промени се постојани во еден животен циклус на бизнисите, секогаш ќе постојат и причини за тие организациските промени. Овие причини (поттикнувачи, сили) ги нарекуваме извори на организациски промени.

Надворешни извори на организациски промени

Врз основа на тоа како ја делиме околината така може да се определат подрачјата во кои спаѓаат надворешните извори на промените. На сликата е дадена општата поделба на околината на една организација.

Надворешни извори на организациски промени

Надворешни извори на организациски промени

Од сликата се гледа дека околината на организацијата ја сочинуваат следниве подрачја, а со тоа и надворешни извори на организациски промени:

  • Економски надворешни извори на организациски промени. Тоа се конкурентите, добавувачите, каматни стапки, стапка на невработеност, приходи на населението, кредитна политика, бруто општествен производ, инфлација, степен на меѓународна размена… Сите овие фактори влијаат на потреба од промени во организацијата. Потребно е добро следење на истите како би се донеле вистинските одлуки за промените.
  • Технолошко подрачје како извор на организациските промени. Технологијата претставува примена на знаење, методи, техники и средства со кои една организација го трансформира влезот во излезот. Стапката на влијание на технологијата како надворешен извор на организациски промени варира од индустрија до индустрија. Секој претприемач мора да го следи развојот на технологијата во сопствената индустриска гранка и воопшто и да ги применува најновите достигнувања во развојот на сопствениот бизнис. Ова ќе бара организациски промени.
  • Социо-културно подрачје. Ова подрачје на околината како надворешен извор на организациските промени е составено од вредности, навики/традиција, норми, ставови и демографски карактеристики на луѓето. Секое општество има различни социо-културни карактеристики кои може да се разликуваат врз основа на регионот, етничка основа, населението итн. Сите овие фактори различно влијаат врз бизнисите и бараат различни прилагодувања кон нив.
  • Политичко подрачје. Оваа подрачје како надворешен извор на организациските промени се базира на законските и подзаконските акти донесени од страна на законодавните домови на една држава како и прописи од страна на владите. Политичкото подрачје содржи елементи како законодавство, стабилност навлада, штрајкови, политички состојби во соседни земји, оданочување итн. Овие извори на промени мора да се почитуваат од претприемачите и да се инкорпорираат во работењето на нивните фирми.
  • Меѓународно подрачје.  Земјата во која работи една фирм претставува потесна околина на организацијата, но пошироката околина како меѓународното подрачје во последно време има се поголем замав во влијанието врз бизнисите заради се поголема глобализација на пазарот. Она што се случува на меѓународен пазар влијае на сите бизниси. Пример е тековната глобална економска криза која го зафати целиот свет.

Внатрешни извори на организациски промени

Внатрешните извори на организациските промени претставуваат сили кои се појавуваат од внатрешноста на организацијата. Контролирањето на овие извори на организациски промени е поедноставно за претприемачите и менаџерите бидејќи доаѓаат од внатрешноста на организацијата, нешто што според функцијата, менаџментот го контролира.

Исто како и кај надворешните извори на организациските промени и тука би можело да го искористиме истиот пристап во дефинирање на внатрешните извори на промени. Поаѓаме од внатрешната околина на една организација. Што претставува внатрешна околина на една организација? Наједноставно кажано, внатрешната околина на една организација претставува се она што е внатре во организацијата. Организацијата како систем е составена од:

  1. Луѓе
  2. Структура
  3. Процеси

Луѓето се тие кои ги извршуваат сите активности во организацијата. Можеме да ја имаме најдобрата структура и најдобрите процеси, но без луѓето процесот на трансформација на влезот во излезот нема да може да се изврши. Луѓето во организацијата може да бидат менаџерски или неменаџерски кадар, но и двата типа претставуваат извор на организациски промени. Вработените се тие од кои може да потекне иницијативата за промени во нивното работно место, односно промени на работните задачи заради поефективно и поефикасно извршување на истите.

Структурата на една организација е таа што не дозволува појава на хаос во работењето на истата. Таа ги дава меѓусебните односи на сите компоненти на организацијата. Организациската структура го дефинира местото на секој поединец во организацијата преку хиерархијата, и улогите на секој поединец преку правила, норми и процедури. Со текот на времето организациската структура не може да одговори на потребата од ефикасно и ефективно работење на организацијата па така станува внатрешен извор на организациските промени.

Процесите во една организација ги претставуваат сите активности кои се изведуваат за да влезовите се трансформираат во излез кој ќе има некоја вредност за потрошувачите. Процесите во организацијата може да бидат различни, но ќе дадеме дел од нив кои се најзначајни за бизнисот:

  • Технолошки процеси (процеси кои ги трансформираат организациските ресурси во производи или услуги)
  • Процес на донесување на одлуки (избор на насока на дејствување од страна на луѓето)
  • Процес на комуницирање (распределба на информации помеѓу луѓето во организацијата)
  • Процес на управување (менаџментот како процес – управување на луѓето во насока на исполнување на целите на организацијата)

Овие процеси претставуваат внатрешен извор на организациските промени, бидејќи било каков проблем во истите ќе бара решавање на тој проблем што пак претставува нов начин на функционирање на тој процес или организациската промена.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*