post

Излез од фазата старост

Цел на постоење на бизнисот Како што можевте да видите од досегашниот серијал за животни циклуси на бизниси и нивното движење и преминување од една во друга фаза, последната фаза е фазата старост.

Еден бизнис може да дојде по природен пат во оваа фаза, но може и да навлезе набргу по озбилноста доколку се направат грешки.

Како прво кога станува збор за барање на излези од оваа ситуација морам да кажам дека како претприемачи не треба да дозволиме да стигнеме до тука. Во фазата зрелост наведовме дека за да се задржиме во таа најпосакувана фаза потребно е:

  • да избереме висококвалитетен менаџерски тим кој ќе знае што треба да се направи.
  • да ги усогласиме претприемништво и одржување.
  • постојано да ги следиме внатрешните и надворешните фактори кои претставуваат причинители на организациски промени.
  • одлучно да имплементираме организациски промени заради прилагодување кон променетите влијанија од надворешноста и од внатрешноста на организацијата.

Но, кога веќе се најдеме во оваа фаза – која е и фаза на смртност, единствено можеме да се извадиме доколку во почетокот забележиме дека нешто не е во ред. Но, како ќе забележиме дека нешто не е во ред? Доколку постојано ги следиме нашите бизнис бројки и постојано вршиме споредба со бизнис планот лесно ќе воочиме дека нешто не е во ред.

Оваа е фаза кога се потребни крупни организациски промени за да се дојде до претходната фаза на озбилност кога се е ОК. Како едни од клучни активности во оваа фаза може да бидат:

  • Итна промена на менаџментот кој го довел бизнисот во оваа фаза.
  • Избор на соодветен менаџерски тим кој ќе може да одговори на предизвиците.
  • Итни организациски промени заради подобрување на ефикасноста и ефективноста на бизнисот.
  • Вложување во истражување и развој како би си ги повратиле изгубените пазари.

Значи ова се некои од основните активности кои мора веднаш да ги превземеме. Овие активности не гарантираат дека ќе се вратиме во претходната фаза, но претставуваат добра основа за обид за спас на она што може да се спаси. Повторно напоменувам дека не треба да дозволиме да дојдеме до оваа фаза бидејќи полесно е да се одржиме во фазата зрелост отколку да се вратиме од старост во зрелост.

post

Како да се издржи и остане во фазата озбилност?

Дизајн и пакување на производот Кога си во фазата озбилност, твојот бизнис е лидерот на пазарот. Имаш одлична позиција, продажбата цвета, побарувачката е на високо ниво, иновативноста е на високо ниво, тешко е конкуренцијата да те следи.

Ова е поради тоа што досега во сите фази успешно си ги избегнал сите проблеми.

Но, опасностите да те турнат од оваа позиција доаѓаат и од внатрешноста и од надворешноста на твојот бизнис. Сите имаат императив да ги победат најдобрите, а не просечните. Но, како да се избегнат овие можни проблеми кои ќе те оттргнат од оваа фаза? Ти сигурно сакаш да останеш на врвот.

Подолу се дадени неколку совети за тоа на што би требало да се насочиш кога бизнисот е во оваа фаза:

  • Избор на висококвалитетен менаџерски тим кој ќе знае што треба да се направи. Сега, менаџерскиот тим е оној кој ќе ги води работите. Во менаџерскиот тим се многу одлуки кои ќе имаат големо влијание за функционирањето на бизнисот.
  • Усогласување на претприемништво и одржување. Во оваа фаза бизнисот е со целосно изградени функции, системи и потпори на кои се потпира севкупната работа. Тоа значи дека постојат, правила, процедури, структури, цврсто дефинирани процеси… Едниот дел ќе се занимава со одржување на високото на ниво на тековната сотојба која не одржува на тронот, додека вториот дел е претприемништвото кое треба да размислува за иднината на компанијата, идниот пазар, идните производи или услуги, идниот претприемнички циклус без кој ниеден бизнис (без разлика на големина) не може да опстои подолг временски период.
  • Постојано следење на внатрешните и надворешните фактори кои претставуваат причинители на организациски промени. Повеќе може да прочиташ во извори на организациски промени и нивно навремено откривање.
  • Имплементирање на организациски промени заради прилагодување кон променетите влијанија од надворешноста и од внатрешноста на организацијата. Промената е составен дел од животот на еден организациски систем како што е бизнисот. Таа мора да се имплементира, нормално доколку сакаш да опстанеш.

Целта ни е да се задржиме во оваа позиција од животните циклуси на бизнисите, не да одиме во наредната, ниту да се вратиме во претходната.

post

Како побргу да се надмине фазата проблематичен период?

Започнување на бизнис Секој бизнис откако ќе ја помине фазата започнување од животни циклуси на бизнисите ќе навлезе во нова фаза која ја нарекуваме проблематичен период.

Карактеристично за оваа фаза е недостатокот на финансии, сеуште слаба продажба, опаѓање на моралот на претприемачот доколку не се преземе нешто побрзо.

Потребно е колку што може побргу да се помине оваа фаза. Кај некои бизниси ова може да трае неколку месеци, но кај некои и неколку години што ќе доведе до ставање на тестирање на издржливоста и на бизнисот и на претприемачот. Во такви ситуации кога овој период од работење на бизнисот се оддолжи, повеќето бизниси не успеваат да преминат во следната фаза.

Но, како да се надминат овие притисоци и побргу бизнисот да се внесе во наредната фаза: лудување? Основните активности на кои треба претприемачот да биде насочен кога бизнисот се наоѓа во оваа фаза од животниот циклус на бизнисите се:

  • Продажба, продажба и продажба. Со зголемување на продажбата се зголемува и готовинскиот тек и се ублажува недостатокот на финансии кои се јавуваат доста изразено во оваа фаза.
  • Маркетинг, маркетинг и маркетинг. Продажба без маркетинг тешко ќе оди. Мора да се привлечат купувачи, доколку се сака зголемување на продажбата.
  • Следење на финансии:
  • Намалување на трошоците (видете за 45 совети за заштеда на пари)
  • Целосна посветеност на овој бизнис. Започнување не значи и решавање на сите проблеми и дека продолжувањето ќе биде ОК и едноставно. Посветеноста на претприемачот на развојот на овој бизнис сеуште е важна.
  • Користење на менаџерски техники (без оваа бизнисот нема да може да оди во наредната фаза). Менаџментот почнува да игра одредена улога во бизнисот. Потребно е нешто што ќе регулира, администрира, контролира, екипира, планира…
  • Одржување на моралот на високо ниво. Без соодветен морал кој треба да биде на високо ниво, оваа фаза ќе значи и смртност на бизнисот. Моралот е единственото нешто што може да го извлече бизнисот во наредната фаза.
post

Активности во фазата започнување од животни циклуси на бизниси

Започнување со раст Кога еден бизнис, односно еден претприемач ја помине фазата на сонување ќе дојде во фазата наречена како започнување од животни циклуси на бизнисите.

Мора да напоменам за да не дојде до забуна, во теорија на бизнис идеи зборуваме за период кој ги опфаќа и двете фази (сонување и започнување).

Кои активности се поминуват во фазата започнување од животниот циклус на бизнисот?

  1. Воведување на бизнисот во правен систем. Со оваа активност започнува оваа фаза од бизнисот. Тука веќе ќе имате документи за бизнисот, ќе имате сметка во банка преку која ќе ги изведувате бизнис трансакциите.
  2. Наоѓање и средување на локација. Веќе во бизнис планот сте ги опфатиле идеите за локацијата, трошоците што можете да ги платите и сега е време да контактирате со луѓето и да направите договор, доколку немате сопствена локација.
  3. Набавка на производи кои ќе се продаваат за малопродажба или големопродажба или пак набавка на репроматеријали за производство.
  4. Набавка на канцелариска опрема доколку имате канцеларии (компјутери, телефон, факс, печатач…)
  5. Подготовка на маркетинг материјали. Обавезно направете визит картичи, брошури и флаери, покани за свечено отворање и поделете го на колку што можете повеќе блиски роднини, пријатели или познаници. Ова мже да има големо влијание за времетраење на оваа фаза.
  6. Свечено отворање. Организирајте и спроведете свечено отворање на започнувањето.
  7. Продажба, продажба, продажба…

Во првите 6 активности веќе ќе започнете со трошење на пари. Купчето што го имате спремено за започнување на бизнис ќе почне да се намалува драстично и веднаш ќе почувствувате недостаток на финансии. Оваа е и најголем проблем за оваа фаза од животниот циклус на бизнисите. Затоа сите наредни активности треба да бидат свртени кон се поголема и поголема продажба. Овој недостаток на финансии ќе можете да го решите на еден од следниве начин или комбинација на истите:

  • Кредит од банка
  • Позајмица од роднини или пријатели
  • Зголемена продажба.

Првите две се ОК, но и не обезбедуваат некоја сигурна иднина. Сепак парите ќе мора да се вратат. Најдобро е да се извлечеме со третиот начин зголемување на продажба што од друга страна во оваа фза не е лесно. За да се зголеми продажба ќе мора да се зголемат трошоци во маркетингот за што треба пари. Кредит од банка за нови бизниси може да претставува научна фантастика, но вреди да се обидете. Најдобро е да направите некоја комбинација.

Исак Адижес во неговото дело: Животни циклуси на претпријатија вели дека претприемачите за да дојдат до финансиски средства во оваа фаза (кај него оваа фаза се нарекува како време на повој што е асоцијација на бебе кое се повива) прават неколку основни грешки:

  • Земаат краткорочни позајмици за инвестирање
  • Ги намалуваат цените како би го зголемиле приливот на пари, но попустите се преголеми и се случува продажбата да не ги покрива трошоците, па колку повеќе продаваат толку повеќе и губат.
  • Продаваат акции на обие кои се спремни да вложуваат во ризичен капитал, а кои не ги делат визијата и интересот на претприемачот.

Една грешка во оваа фаза освен попустите би ја навел и давање на плаќање на кредит или одложено плаќање. Некои отвораат и таканаречена „тетратка“. На ваков начин претприемачот може да се лаже самиот себеси и да има одлична продажба, а сепак бизнисот да пропадне. Оваа е резултат на слаб готовински тек. А, ќе ви доаѓаат и ќе ви бараат на одложено плаќање, како роднини и пријатели така и оние кои не ве познаваат а ќе си го дозволат тој безобразлук. Нив не ги интересира што вие сте во фаза на започнување, која може и да потрае една до две години, па за некои бизниси и повеќе. Вие ќе продадете, нема да земете пари, а бидејќи сте во фаза на започнување немате залихи, па со тоа ќе немате ни што да продадете на некој потрошувач кој веднаш би платил. Дали ви треба такви кои не плаќаат? Секако дека одговорот е не!

Затоа претприемачите во оваа фаза треба да внимаваат на:

  • Постојано зголемување на продажба
  • Внимателно трошење
  • Минимизирање на продажба на рати
  • Маркетинг кон вистински целен пазар
  • Следење на активностите и буџетот согласно бизнис планот.

Колку побргу ја поминете оваа фаза толку подобро и за Вас како претприемач и за вашиот бизнис воопшто.

post

Започнување на бизнис без системи

Еден претприемач и фази во започнување Ќе се обидеме преку два поста и два целосно спротивставени примери да презентираме различни ситуации на ист бизнис започнат од ист претприемач, но со различни пристапи. Сликата десно се однесува на еден човек, претприемачот и неговите фаци во овој процес кој се нарекува започнување на бизнис.

Ќе започнеме со бизнис без никакви системи, без организациска структура бидејќи при започнување тој, претприемачот е се во бизнисот.

Нашиот замислен претприемач ќе се вика Перо, тој има идеја да започне бизнис. Идејата на Перо се однесува на сендвичара со органска храна.

Перо смета дека идејата ќе помине во услови кога се повеќе се зборува за органска храна, а од друга страна неговите родители имаат земја каде одгледуваат органска храна која може да му служи како дел од репроматеријал за производство на сендвичите. Остатокот ќе го набавува од неговите пријатели кои произведуваат таков репроматеријал.

По некои подготовки во однос на најмување на простор, средување и набавка на основните намирници за започнување како и завршување на формалностите, Перо го започнува бизнисот со отворање на вратите на неговата сендвичара. Неговата умешност во комбинација на состојките во производство на сендвичи е на одлично ниво. Самото отворање и покана на гости кои ги пробале сендвичите поттикнале висок степен на ефект на вирозен маркетинг од уста на уста.

Веќе по неколку месеци, работата на сендвичарата го тера да вработи еден соработник. Тој забележал дека не може да биде и чистач и производител, и продавач и маркетар, и администратор и “физикалец”, и снабдувач и договарач. Затоа го вработил Ставре братот на неговата жена. Така да, кога Перо правел сендвичи, Ставре набавувал, чистел, контактирал со купувачите… Кога Ставре чистел, Перо бил во набавка и продавал. И така се функционирало супер. Но, умешноста на Перо во правење на сендвичите доведува до уште поголемо зголемување на работата. Му треба уште еден човек. Вака не се постигнува, а математиките покажуваат дека може да си дозволи да вработи уште еден.

И така пријателот на наговиот братучед, Горан станува уште еден член на неговиот тим. Повторно се е во нормала. Перо може целосно да се посвети на неговата техничка функција како претприемач во правење на сендвичи, Ставре го менувал и во производството кога Перо имал работа во набавка. Ставре како постар вработен добил и нови задолженија да менаџира, односно да планира за работата, да го контролира и обучува Горан.

Така се функционирало како што треба за Перо, бизнисот растел преку зголемена побарувачка, добар глас за квалитетот и умешноста на правење на сендвичи на Перо. Но, умешноста морала да се имплементира секојдневно при што Перо бил врзан минимум 7-8 часа дневно. Сака да се шири со уште една продавница бидејќи парите доаѓаат од овааа првата. Затоа и го задолжува Ставре да разгледа неколку локации каде би можеле да го прошират бизнисот. Ставре пак како верен прв вработен во фирмата веднаш трча да ја заврши задачата.

По неколку состаноци со потенцијалните обезбедувачи на простор и неколку интерни состаноци на Перо со Ставре одлучуваат да најмат простор во источниот дел од градот и секако да вработат уште тројца во бизнисот. Едниот ќе започне веднаш и ќе се обучува од страна на Перо во производството (правење сендвичи) додека се подготвува втората локација. Вториот и третиот ќе се вработат откако продавницата ќе се отвори и ќе бидат одговорни за сите останати работи поврзани со втората продавница и комуникацијата помеѓу двете.

По неколку месеци, она што го планирале и го оствариле. Втората продавница веќе работи. Почетните резултати се ветувачки. Ставре е менаџерот кој едноставни обезбедува се да функционира како што треба. Тој најмува работници, тој се грижи за набавките, тој се грижи за исплаќањето на платите и подготовка на документите како администрирање. Перо целосно може да си се посвети на она што сака да го прави, да произведува сендвичи заради кои и бизнисот дошол до оваа фаза.

Но, ова е премногу добро, за да биде вистинито.

По проширувањето и по зголемувањето на работата започнуваат да се јавуваат некои навидум едноставни проблеми, но сепак влијателни кои целосно ќе го сменат текот на бизнисот. Ставре како крал на функционирањето на бизнисот овластува некои од неговите блиски соработници (кои тој ги регрутирал за Перо) да почне да нарачува суровини од компанија со која Перо воопшто не работел претходно. Квалитетот на суровините не бил на нивото од оној почетниот кога Перо набавувал само од неговите родители и пријатели. Тоа влијаело на намалување и на квалитетот на сендвичите.

Започнуваат првите жалби на купувачите. Се крева вистинска врева од страна на Перо како можело тоа да се случи. Ставре немал одговор? И добро, Перо ја презема одговорноста врз себе и не дозволува веќе Ставре да одллучува за набавките. Но, загубите веќе се видливи, а бидејќи Перо сега работи и на набавки и на производство на сендвичите неговиот замор допринесува да продолжи да опаѓа квалитетот.

Во меѓувреме, Перо започнува да реагира нервозно, се јавува во втората продавница и разговара со луѓе кои воопшто не ги ни познава. Нив ги најмил Ставре и едноставно и тие се збунети и не знаат како да постапат.

Грешките се повторуваат не само на квалитетот, туку и во однос на комуникација со купувачите, во однос на одржување на хигиена во продавниците, во однос на комуникација помеѓу целиот тим во бизнисот…

Ставре веќе не може да го трпи притисокот од Перо, а бидејќи е брат на жената на Перо одлучува да си замине. Перо од друга страна е притиснат и од сопствената сопруга, сепак Ставре е нејзиниот брат. Едноставно му се руши целиот свет. Останатите вработени не го ни забележуваат бидејќи Ставре бил авторитетот а не Перо, кој е претприемач и сопственик на бизнисот.

Перо одлучува да ја затвори втората продавница и да се обиде да ја спаси првата која со голем ентузијазам и желба за успех ја започнал. Штетата е голема, кредити, сметки… Продажбата се помала. Еден по еден вработените си заминуваат. Кој отпуштен бидејќи не завршил работа како што треба, кој самиот си заминува заради се поголемо намалување на платите.

Перо пак останува сам како во првите неколку месеци, со таа разлика што тогаш имал желба и имал визија дека сака да успее. Сега веќе е скршен, без идеи, без желба за поголем труд, притиснат во аголот без некои големи можности за свртување. Дури и од семејството е сметан како губитник.

Купувачите ги нема! Сметките се собираат! Потребна е брзза одлука што да се прави.

Постојат две можности: целосен пропаст и затварање на бизнисот, или обид да се направи од почеток онака како што треба.

Следува вториот дел за обид да се направи од почеток онака како што треба.

post

Како до побрз премин од фазата сонување во фазата започнување?

Фокус на претприемачот Во животни циклуси на бизнисите зборувавме за фазата сонување, која е опасна фаза во развојот на еден бизнис бидејќи претприемачот може да остане во таа фаза засекогаш. Но, тогаш нема да биде ниту претприемач.

Но, како да го обезбедиме тој премин во наредна фаза?

Досега повеќе пати напоменувавме дека претприемачот мора да биде креативен и аналитичен како и да ги избегнува негативците за да може сигурно да го пренесе бизнисот во наредната фаза. Еве неколку совети кои може да ви помогнат да ја надминете фазата на сонување:

  1. Обидувајте се постојано да ја држите вашата креативност на високо ниво. Прочитајте за 6 совети за креативност за добра бизнис идеја. Користете технологија. Бидете систематичен во однос на вашите идеи како тие лесно би биле достапни за вас, но и спремни за следните чекори во однос на истите.
  2. Имајте колку што можете повеќе идеи. Нека бидат и најглупавите сепак имајте ги на лист хартија или пак во електронска форма на компјутер во вид на база на податоци (MS Word, MS Excel, MS Access, Evernote…)
  3. Префрлети ги подобрите идеи во книга со бизнис идеи која може да биде во писмена форма (тетратка) или пак електронска форма на компјутер (MS Word, MS Excel, MS Access, Evernote…).
  4. Тестирајте ги идеите од книгата во однос на:
    • Вашето знаење за таа бизнис идеја. Дали имате знаење да ја спроведете? Дали имате знаење да водите таков бизнис? Што ви недостасува? Забележувајте ги овие работи во книгата. И да ја отфрлите идејата тоа што ќе го разгледувате можеби ќе има вредност во иднина.
    • Вашата забава. Дали бизнисот ќе ви биде забавен? Дали бизнисот ќе го замени вашето хоби? Секој бизнис кој размислувате да го започнете мора да ви биде забавен инаку нема да ја постигнете целта?
    • Која бизнис идеја ви претставува најголема пасија? Пасија претставува силно позитивно чувство кон нешто, вообичаено нешто што силно го посакуваме или не привлекува. Повеќе за овие 3 тестови прочитајте за прв чекор од бизнис идеја.
    • Тестирајте ја бизнис идејата во однос на потреба или решавање на некој проблем на пазарот.
    • Корисно е во оваа фаза од развојот на бизнисот да се размисли за целниот пазар на кој ќе се насочи тој бизнис.
    • Анализирајте ги вашите бизнис идеи од аспект на пазарот.
    • Подгответе бизнис модел кој ќе одговара на таа бизнис идеја.
    • Тестирајте ги претпоставките опфатени во бизнис моделот директно со купувачите на самиот пазар на кој ќе треба да настапи бизнисот.
  5. За сите претходни тестови и анализи давајте оценки и забележувајте ги во книгата со бизнис идеи.
  6. Бизнис идејата со најголеми оценки, која знаете да ја спроведете, ќе ви биде забавна, имате пасија кон неа и решава големи проблеми на потенцијални потрошувачи кои бараат решение ќе бидете спремни и решителен да ја пренесете во наредната фаза.

Искористете ги овие совети и вашиот бизнис од фаза на сонување ќе може да премине во фаза на започнување.

post

Тајна на успешно започнување на бизнис

Започнување на бизнис Постојат ли тајни за успешно започнување на бизнисот?

Некои сметаат дека започнување на бизнис претставува уметност бидејќи во голем дел се базира на креативноста на претприемачот и препознавање на можностите на пазарот кои истиот тој претприемач ги претвора во успешен бизнис.

Некои пак сметаат дека започнување на бизнис е наука бидејќи најдобро е да се следи оној “претприемнички процес” кој во голем дел се базира на научни сознанија, алатки и техники произлезени од науката и научно базирани чекори за имплементација.

Во секој случај и двете групи се во право. И двете групи на луѓе не грешат во нивното размислување за започнување на бизнис.

Не грешат бидејќи започнување на бизнис истовремено е и уметност и наука. Уметноста е препознатлива во креативноста и препознавање на можностите, додека наука во тестирање, аналитичност и имплементација на зацртаните чекори кон реализација на визијата на претприемачот.

Ќе извлечам 16 искази кои може да се сметаат како тајни за успешно започнување на бизнис.

  1. Претприемачот е секогаш полн со идеи. Тој нема идеи само кога веќе не е претприемач или едноставно мретов.
  2. Претприемачот не брза со имплементација на секоја “луда” идеја што ја има. Тој иако има луди идеи, што се резултат на неговата креативност, но сепак не брза со имплементација на сите тие идеи, туку едноставно го чека вистинскиот момент за соодветната идеја.
  3. Внимателно избира која бизнис идеја ќе ја развива во бизнис. Без да ја преточи идејата во можност и без да биде барем 50% сигурен дека идејата може да се преточи во успешен бизнис преку анализи тој нема да го започне бизнисот.
  4. Внимателно ги тестира хипотезите за избраната бизнис идеја. Секоја бизнис идеја носи повеќе претпоставки. Тие претпоставки се во вид на потребата на пазарот, можните продажби, можните трошоци за реализација, можните трошоци за функционирање на бизнисот… Идејата сеуште не е бизнис се додека не се добијат позитивни резултати од тестирање на тие хипотези.
  5. Дизајнира бизнис модел кој треба да се тестира. Една бизнис идеја може да резултира во повеќе бизнис модели. Кој ќе се имплементира, ќе зависи од тестирањето.
  6. Започнува со развој на купувачи. Уште во фазата на сонување, претприемачот започнува со развој на купувачи. Ги дефинира, анализира, контактира, им продава… А фидбекот го користи во подобрување на идејата.
  7. Ги тестира хипотезите преку директен контакт со купувачи. Тестирање на хипотезите не ги изведува од дома или од канцеларија или пак од производствениот погон. Тестирањата ги изведува преку директен контакт со купувачите.
  8. Го редизајнира бизнис моделот врз основа на тие први контакти со купувачи. Купувачите се слушаат и се имплементира она што е слушнато.
  9. Го гради првиот производ со минимум барани карактеристики. Премногу карактеристики не значи и производ кој ќе се продава. Тој знае дали нешто треба или не.
  10. Продолжува со тестирање со купувачи. Овие тестирања никогаш не завршуваат. Поточно, завршуваат кога веќе нема да постои бизнисот.
  11. Го надградува производот со резултати од тестирање. Секое тестирање резултира со подобар производ/услуга.
  12. Го прилагодува бизнис моделот доколку е потребно. Бизнис моделот не е статичен елемент, тој се менува и треба да се менува.
  13. Ги прилагодува стратешките основи доколку треба. Промените на бизнис моделот ќе предизвикаат и промени во стратешките основи на бизнисот (нормално доколку постојат).
  14. Повторно тестира. Да не заборавиме, ништо не е непроменливо, па ни последното подобрување.
  15. Започнува со бизнисот. Дури сега? Па да, сега веќе има купувачи, има производ/услуга за кои тие купувачи се спремни да платат и има бизнис модел кој ветува бидејќи целосно е во согласност со она што купувачите го сакаат.
  16. Не заборава на купувачите. И повторно потсетување, процесот не завршува, туку едноставно ова е само почеток.
post

[Вежба] Избор на бизнис модел кој ќе го тестираме понатаму

Вежба на претприемач Минатата недела секојдневно работевме на финализацијата на драфт верзијата или поточно верзиите на нашиот бизнис модел како дел од теорија на бизнис идеи која цела година ќе ја развиваме тука на претприемач.

Со претходната вежба која ја правевме тука за оваа теорија ти веќе имаш драфт верзија на твојот бизнис модел пополнет од десната страна со поставување на првата хипотеза (постои проблем) интегрирана во самиот бизнис модел. Сега пред да продолжиме со излегување надвор од канцеларија, таа драфт верзија на бизнис модел треба да ја дополниме, да ја поделиме во повеќе бизнис модели и да избереме еден кој ќе започнеме да го тестираме со потенцијалните купувачи.

Тоа беше теоретското излагање од минатата недела, сега е време на вас да го примените во пракса преку оваа вежба.

Да се потсетиме на постовите кои беа дел од она што го работевме минатата недела:

Чекори кои треба да ги спроведеш во вежбата:

  • Дополни ја драфт верзијата на бизнис моделот во однос на односи со купувачи, канали, приходи, клучни активности, клучни ресурси, клучни партнери и трошоци.
  • Дефинирај ги сите карактеристики кои ќе бидат или можат да бидат имплементирани во решението. Вметни се што мислиш дека треба да има како карактеристика, дури и најлудите или најнеизводливите идеи.
  • Процени ја големината на сегментите и до секој сегмент впиши ја неговата бројка.
  • Врз основа на карактеристиките како и сгементите од основниот еден бизнис модел направи повеќе. Главната поделба треба да ја изведеш врз база на карактеристиките на сегментите, како и карактеристиките на решението за соодветниот сегмент.
  • Процени ги трошоците како и приходите во комбинација со големината на сегментите и претпоставката за можното учество на пазарот за тоа решение.
  • Подели ги бизнис моделите на надежни и ненадежни врз основа на профитабилноста. Оној кој дава профит е надежен, додека оној кој не дава профит е ненадежен.
  • Разгледај ги оние ненадежните и провери дали тие карактеристики се потребни за тој сегмент, а врз основа на исфрлања на некои карактеристики ќе ги промениш  останатите елементи да тој бизнис модел.
  • Провери ја профитабилноста на тие ненадежни редефинирани и редизајнирани бизнис модели. Доколку станува профитабилен нека остане како работен, а сите непрофитабилни заборави ги.
  • Направи вредносна анализа како што е прикажана во постот од минатата недела и избери го најнадежниот бизнис модел на кој ќе продолжиш со работа.

На крајот од оваа недела ќе имаш еден бизнис модел кој следната недела ќе продолжиме да го развиваме и тестираме.

 

post

Теорија на бизнис идеи – Приоритизација на бизнис моделите

Сега веќе имаш повеќе бизнис модели спремни за тестирање. Твојата работа како иден претприемач досега беше да дојдеш до тие бизнис модели преку тестирање на трите основни хипотези и дизајнирање на тие бизнис модели како и имплементација на прилагодувања во истите врз основа на нови претпоставки и знаци кои ги наоѓаш а кои доаѓаат од надвор.

Бизнис моделите кои ги имаш содржат различни хипотези кои треба да се потврдат. Потврдата треба да дојде од потенцијалните купувачи, а не од тебе или твоите можни или идни вработени.

Од друга страна, овие бизнис модели се дефинирани врз основа на различни сегменти и различни потреби за карактеристики на решението, па затоа и не можеш да започнеш со тестирање на сите одеднаш. одлуката да ги тестираш сите само ќе те заглави во една напорна работа и ќе го одложи практичното започнување на самиот бизнис, а со тоа и почетокот на генерирање на приход ќе биде одложено. Не значи дека она што досега си го развил нема да се примени во иднина, но нашата цел е да започнеме со најнадежниот бизнис модел, оној со најголем потенцијал за генерирање на приход за твојот бизнис.

Затоа е потребна приоритизација на бизнис моделите кои досега ги имаш развиено.

Во зависност од бизнисот и сегментите на пазарот може да се користат различни критериуми за рангирање на овие бизнис модели. Тука ќе презентирам една можна приоритизација со едни од најважните критериуми:

  1. Ниво на потреба на решението. Ова веќе го подготвивме вчера и претставува нивото на болка или желба која сегментот ја чувствува за проблемот кој тој бизнис модел го решава. Ова е втората хипотеза од оние основните: се бара решение за проблемот.
  2. Големина на сегментот. Овој критериум исто така го имаме опфатено во бизнис моделот и го подготвивме во постот насловен како теорија на бизнис идеи – финализација на бизнис модел 1. Од друга страна ова претставува третата хипотеза дека постои доволно голема критична маса на купувачи кои имаат потреба од нашето решение.
  3. Цена. Колку можеш да наплатиш? Ова е важно прашање бидејќи како еден претприемач сакаш да наплатиш колку што може повеќе за твојот производ или услуга.
  4. Пристапност до сегментот. Како ќе дојдеш до определениот сегмент? Колку е полесна пристапноста, толку побргу ќе генерираш резултати. Затоа и важноста од овој критериум при приоритизација на развиените бизнис модели.

Овие критерими се наведени по важност, односно најважен е првиот, а најмалку важен е вториот. Заради еден ваков случај најдобро е да се подготви една вредносна анализа на бизнис моделите во однос на секој од критериумите.

Ќе го илустрирам ова преку еден пример. Првин ќе ги дефинирам тежините на секој од критериумите:

  • Ниво на потребно решение ќе има тежина 5
  • Големина на сегментот ќе има тежина 3
  • Цена ќе има тежина 2
  • Пристапност ќе има тежина 1

Ќе користиме оценка од 1 до 10. 10 најдобра, додека еден најслаба.

Во табелата подолу е прикажана оваа анализа и начинот на приоритизација на бизнис моделите.

Вредносна анализа за приоритизација на бизнис модели

Од анализата добиваме дека бизнис моделот 2 е највреден за да продолжиме со тестирање на хипотезите и развој на истиот во наш иден бизнис доколку се докажат хипотезите. Ќе продолжиме со подготовка на тестирањето.

post

Теорија на бизнис идеи – Финализација на бизнис модел – 3

Вчера во теорија на бизнис идеи – финализација на бизнис модел 2 додадовме уште неколку елементи во нашите драфт верзии на бзинис модели кои ги тестираме за да го изградиме бизнисот од соништата.

Тоа беа приходи и трошоци изразени во бројки и профитот кој произлегува од нив. Многу е важно бизнис моделот да биде профитабилен, бидејќи тоа и му е улогата да обезбеди успешен бизнис кој ќе создава профит.

Сега, овие бизнис модели сеуште се драфт верзии и сеуште базирани на наши претпоставки и наши анализи направени внатре во канцеларија. Но, она што е важно, иако серијалов на претприемач трае веќе три месеци со еден месец и повеќе пауза, е дека сето ова што досега го направивме се изведува во неколку дена. Овој серијал не е подготвен претходна година како би се објавил одеднаш туку дел по дел се креира и објавува на претприемач.

Да сублимираме пред оваа дополнителна финализација:

  • Имаме повеќе бизнис модели со различни сегменти и различни елементи во самиот бизнис модел.
  • Знаеме кој има потенцијал да донесе најмногу приходи и секако профит.
  • Знаеме кои бизнис модели не се надежни, односно онака како што се проектирани во моментов нема да донесат профит за бизнисот.

Прво што ќе треба да направиме е да ги разгледаме бизнис моделите кои во моментов не се прифатливи и да започнеме со нивно прилагодување, доколку сметаме дека може да одиграат важна улога. Еве ги претпоставките на кои треба да обрнете внимание:

  • Дали за тој сегмент се навистина потребни сите тие карактеристики?
  • Дали ни се потребни навистина сите тие ресурси?
  • Дали ни се потребни сите тие карактеристики?
  • Дали треба да направиме некој вид на прилагодување на сегментот преку насочување на нашиот фокус на една ниша од тој сегмент која ќе биде профитабилна?
  • Дали имаме грешки во поставување ан хипотезите дека постои проблем на пазарот токму за тој дефиниран сегмент?

Одговорот на овие прашања може драстично да го смени изгледот на самиот бизнис модел, па дури и од непрофитабилен да го направи профитабилен. Доколку успееш на ваков начин да го редизајнираш бизнис моделот и да го направиш профитабилен, треба да знаеш дека тој нов бизнис модел има:

  • Редефиниран проблем, а со тоа и можно решение и карактеристики на решението.
  • Редефинирани сегменти, а со тоа и нови хипотези за доволно критична маса.
  • Редефинирани извори на приходи, а со тоа и редефинирани стратегии за цени кои треба да се тестираат.
  • Редефинирани трошоци и претпоставки за појава на тие трошоци.

Значи во овој момент доаѓаш до 5-10 бизнис модели за различни сегменти, со различни карактеристики на решенија, со различни извори на приходи и ценовни стратегии и со различни трошочни структури. И сето ова е ОК, доколку и реалноста е таква. Но, сепак уште се се базира на наши претпоставки поткрепени со одредени наши анализи. И тоа е нешто, сепак повеќе од ништо.

Пред да започнеме со тестирање надвор од канцеларијата би додал уште една измена на бизнис моделот и тоа во однос на сегментите бидејќи тие ни се основата. Таа измена се однесува на втората хипотеза: се бара решение за проблемот, или нивото на болка за купувачот. Тоа е желбата за решение, нивото на барање на решение, нивото на потреба од решение…

И повторно, одиме со наши претпоставки поткрепени со некои иницијални анализи на пазарот кои доаѓаат преку одредени знаци и сигнали кои ги препознаваме. Начинот на кој ќе го означам ова ниво на болка или оваа хипотеза е со боја на самите сегменти во бизнис моделот. На пример, црвена боја има најголема потреба, портокалова умерена, додека жолта најмала потреба. Целта е нашиот фокус во старт да биде сегментот со најголема потреба. Така да сега нашиот бизнис модел ќе изгледа како на сликата подолу.

Развој на бизнис модел

Сега веќе сме подготвени, остануваат уште неколку одлуки пред да започнеме со практично тестирање надвор од канцеларија за кои ќе продолжиме во другите наслови. Важно е дека ти веќе:

  • Имаш креирано 5-10 бизнис модели
  • Знаеш колкава е потребата или болката на секој сегмент и
  • Имаш бизнис модели кои се профитабилни врз основа на твои лични претпоставки и анализи на знаци од надвор.