post

Ја имаш таа одлична идеја, но…

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Добро, ти веќе ја имаш таа одлична идеја. Нешто што ќе ги решава проблемите на твоите идни купувачи. Нешто што ќе биде хит на пазарот. Што е следното што ќе треба да го направиш за твојата бизнис идеја и твојата идна компанија?

Треба да започнеш со преземање на активности. акции кон твојот личен и на твојот бизнис успех. Чекај, застани за момент.

Во постот насловен како Имате бизнис идеја – Што понатаму напишав дека ќе треба да:

  • ги дефинираш твоите производи и услуги. Твојата идеја е нешто што може да реши нечиј проблем, но сеуште не е трансферирана во одличен производ или услуга кој треба да ја заврши таа работа. Затоа и треба да го дефинирате производот или услугата кои ќе произлезат од таа идеја.
  • го дефинираш пазарот. Иако твојата идеја е веќе нешто што решава нечиј проблем, сепак ќе мора да знаеш многу повеќе за тие кои ќе го решаваат сопствениот проблем преку твоите производи или услуги кои се резултат на твојата идеја. Ќе мора јасно, прецизно и недвосмислено да го дефинирате пазарот кој ќе биде опслужуван со твоите производи и услуги.
  • ги дефинираш главните конкуренти. Мора да ги знаеш тековните услови на пазарот. Кои се главните играчи? Што тие нудат? Како го нудат она што го нудат?
  • ги дефинираш ресурсите. Доколку сакаш да го започнеш бизнисот ќе ти требаат ресурси. Ќе ти требаат финансии. Ќе ти требаат човечки ресурси. Ќе ти треба технологија. Ќе ти требаат згради, канцеларии, погони…

Но, дали тука нешто недостасува?

Кога го напишав тој пост, мислев дека она што недостасува е здрав разум, нешто нормално. Но, направив грешка. Извинете.

Елементот кој што недостасува е нешто најважно за секој бизнис и претприемач по бизнис идејата.

Она што недостасува е одговор на прашањето како бизнисот ќе заработува, односно како ќе прави пари. А, тој одговор го дава твојот бизнис модел.

Денес, може да забележиш различни бизнис модели и различни успешни и неуспешни приказни зад нив. Но, тебе ти треба твој сосптвен и уникатен бизнис модел кој ќе ти каже како твојата компанија ќе заработи пари во иднина.

Не прави грешка да започнеш без еден јасен бизнис модел дури и да е тој само во твојот мозок, или на салфетка од ресторанот во кој си се наоѓал кога ти светнала сијаличката. Твојот бизнис модел ќе ти ги даде врските помеѓу тебе, твоите потрошувачи, твоите партнери и вредноста која твојот бизнис ја нуди. Тоа едноставно значи одговор на прашањето како ќе заработуваш.

post

Дали навистина ти треба се тоа…?

 

Започнување на бизнис бара многу работи. Но, дали ти ит војот бизнис навистина имате потреба од сето тоа?

Растење на бизнисот исто така бара многу работи. Но, дали ти и твојот бизнис навистина имате потреба од сите тие работи за раст на твојата компанија?

Различни бизниси, различни претприемачи, различни бизнис идеи и различни стартапи имаат различни потреби.

Не можеш да земеш предефинирана листа на работи кои ќе ти требаат за твојот бизнис, или стартап, или компанија која е во фаза на раст. Потребите секогаш ќе бидат различни.

  • Дали навистина ти требаат 500 луѓе кои ќе работат за твојот бизнис или ти требаат 50, можеби 5 или дури само двајца?
  • Дали навистина ти требаат најнови и најопремени компјутери, или ти треба едноставно нешто што ќе ја комплетира твојата работа?
  • Дали навистина ти треба IT одделение, или едноставно можеш да сам да ги изведуваш тие работи или пак да користиш аутсурсинг од некоја компанија која е докажана во таа работа?
  • Дали навистина ти треба големо складиште за твоите залихи, или можеш да ја користиш твојата сопствена гаража или некој твој сопствен неискористен простор каде можеш да ги складираш залихите?
  • Дали навистина ти треба токму тоа ниво на залихи, или можеш да го намалиш па дури и да работиш без залихи?
  • Дали ти треба сметководител кој ќе работи во твојата компанија или едноставно да користиш аутсурсинг услуги или пак да користи апликации кои ќе ти овозможат да ги менаџираш тие работи?
  • Дали навистина треба да ги произведуваш ти сите тие производи или дел може да се префрлат преку аутсурсинг во комапании со поевтина работна сила?
  • Дали навистина ти требаат десетици или стотици илјади евра за да започнеш или можеш да започнеш со неколку илјади евра?
  • Дали навистина ти треба толку голема канцеларија, или пак можеш да користиш помала, поевтина или пак да ја споделиш со друга компанија, или пак едноставно да работиш од дома?
  • Дали навистина ти треба скап дизајн на твојот веб сајт или едноставно можеш да го искористиш WordPress и самиот да подготвиш еден нормален веб сајт, а да се насочиш на други активности?
  • Дали навистина ти требаат скапи PR и маркетинг агенции или голем дел од твојата работа можеш ти и твојот тим да ја завршите?
  • Дали навистина ти треба…?

Како што можеш да забележиш листата може да биде бесконечна.

Многу важно за тебе како еден претприемач е дека ти навистина имаш потреба само од работите кои ќе обезбедат следење на твојата претприемничка визија. Знаеш што сакаш да постигнеш, и знаеш каде ти и твојата компанија треба да бидете во иднина. Тоа е доволно за сега. Користи го само она што ќе ти помогне за остварување на твоите цели, стугнување онаму каде што треба да стигнеш.

Треба само да размислиш за овие и уште многу други поврзани прашања?

You need only to think about these questions.

post

Парите се потребни, но што е со…

Навистина парите секогаш биле и ќе бидат потребни за започнување на бизнис. Но, сепак времињата се изменија. Денес се потребни и други елементи кои тука на претприемач ги нарекуваме како бизнис потенцијална енергија складирана во тебе, претприемачот.

Погледајте ја оваа кратка видео презентација која ја подготвивме за покажување на она што е потребно за еден претприемач за да започне бизнис. Од друга страна тоа и го создава оној финансиски капитал – парите.

post

Што е карактеристично за секој претприемач и секој мал бизнис?

Неизвесност

Неизвесност

Едно прашање со кое многумина се занимаваат. Многумина го проучуваат. Многумина бараат податоци, анализираат податоци, групираат податоци и прават сложени статистички анализи за пронаоѓање на корелации.

Но прашањето е едноставно. Се бара нешто со што секој претприемач или секој мал бизнис ќе биде соочен. И одговорот е едноставен, бидејќи постои само еден и единствен одговор кој ќе биде применлив за сите претприемачи и за сите бизниси. Но, првин зошто само еден одговор.

Бизнисот не е ништо поврзано со здрав разум

Здрав разум подразбира дека може да се следи нешто што е научено, нешто што е прочитано, нешто што е видено… Но, тоа не е така кога станува збор за твојот претприемнички пат како еден претприемач.

Обидете се да ги анализирате карактеристиките на најуспешните претприемачи низ историјата. Јас сум се обидел. Но, резултатот од таа анализа за моите очекувања беше погубен, затоа што очекував дека ќе дојдам до еден универзален сет на карактеристики, активности, размислувања или вредности кои го дефинираат успехот на претприемачите во глобала.

Од друга страна, барем дојдов до еден корисен заклучок, а тоа дека сите тие се различни, па дури и дијаметрално спротивставени иако може да доаѓаат од иста индустрија или пак да развиле сличен бизнис. Споредете ги само двајца големи основачи на големи компании Steve Jobs и Bill Gates. Разликите се огромни, иако и двајцата имаат слична патека, создале успешни компании.

Претприемништвото не претставува здрав разум. Што функционира за еден претприемач, нема да функционира за друг. Но, и другиот сосема ќе се разликува од првиот. Успешноста ќе се разликува бидејќи различно го дефинираат успехот. Идеите не можат да бидат здрав разум бидејќи тие се креација на креативноста. Тие можат да започнат од личен проблем и да се претворат во задоволување на глобален проблем на целата светска популација. Можат и да се базираат на копирање на нешто постоечко но со додавање на дополнителни вредности во тоа постоечко со што ќе се задоволи различен сегмент на пазарот или една ниша на пазарот која не е задоволена со постоечката понуда.

Пари исто така не можат да се земат како важна карактеристика бидејќи искуствата покажуваат дека некој може да започне со милиони парични единици, додека друг со стотици илјади, а повторно по некое време во очите на потрошувачите ќе изгледаат како успешни, бидејќи ја задоволиле нивната потреба.

Па, што е тогаш она што секогаш ќе ги карактеризира?

Како што напоменав на почетокот на овој пост, одговорот е премногу едноставен.

А тоа е незивесноста.

Неизвесноста е карактеристична особина за секој претприемач и нормално за секој мал бизнис. Еден претприемач може да прави обиди да ја намали неизвесноста со помош на планирање, предвидување, анализирање… Но, сепак и по сите тие активности таа останува константа.

Ако знаеме и велиме дека промените се константа во бизнис светот, а неизвесноста е нешто што во голем дел влијае на промените и токму поради тоа промените се константни, тогаш и единствена карактеристика која секогаш ќе постои за претприемачи и која секогаш ќе биде константна е неизвесноста.

Неизвесноста во еден бизнис изгледа вака:

  • Неизвесност
  • Уф, уф, уф… Намалување или мислење дека сме ја намалиле
  • Баааам, нова неизвесност
  • Уф, уф, уф… Намалување или мислење дека сме ја намалиле
  • Баааам, нова неизвесност
  • …

Зошто неизвесност?

Повторно прашање и повторно одговор кој е доста едноставен иако понекогаш не сме свесни за тоа.

Еден претприемач и еден бизнис постојано се опкружени со ентитети кои не се во рацете на претприемачот и како такви нивното управување како и влијанието на претприемачот е премало, а можеби и никакво. Не дека не може да влијае, може, но различно влијание ќе дава различни резултати.

Ти како претприемач не можеш да кажеш што сака пазарот. Пазарот сам си дефинира што сака и за што има потреба.

Ти како претприемач не можеш да влијаеш на глобалните економски текови, на промената на демографијата, на навиките, на законите донесени од страна на владата… А ова е само еден мал дел од оние креатори на твојата неизвесност.

Но, неизвесноста може да претставува и можност

Секогаш кога постои неизвесност, постои и нова можност. Неизвесноста можеби носи проблеми, но носи и решенија кои секако дека претставуваат нови можности и нови неизвесности истовремено.

Но, ти си претприемач, твојата задача е да се обидуваш секогаш да бараш начини за осветлување на твојот магловит пат. Доколку не е така премногу би било лесно.

post

Ти си претприемач, дали се разбираш доволно себеси?

Голем дел од твојот бизнис успех ќе биде базира на тебе како еден претприемач и на твоето разбирање на себеси.

Ти се грижиш за твоите потрошувачи бидејќи сакаш да ги разбереш и да излезеш во пресрет на нивните потреби.

Се грижиш за твоите вработени, бидејќи сакаш твојата компанија да биде одлична во исполнување на потребите на потрошувачите, а твоите вработени се дел од тоа.

Но, каде си ти тука?

Дали доволно се разбираш себеси?

Кога планираш да започнеш бизнис или да станеш претприемач мора да започнеш од себеси, бидејќи ти си централната фигура на твојата компанија. Се друго ќе биде базирано на твојата сопствена бизнис потенцијална енергија и твоите аспирации како иден претприемач.

Каде сега како личност се наоѓаш ти?

Започни со одговор на оваа прашање. Каде си сега? Колку заработуваш? Колкаво знаење и вештини имаш? Кои се твоите најдобри вештини и знаења? Што е со твоето искуство?

Овие прашања служат за да ја најдеш вистината за твојата тековна ситуација во форма на пари и бизнис потенцијална енергија складирана во тебе како вештини, знаење и искуство.

Како и да е, и тука постои ризик кој е поврзан со претприемачите и претприемништвото. Затоа е добро да знаете колкав ризик можете да толерирате.

Каде сакаш да биднеш во иднината?

 

Кога ја знаеш твојата егашна позиција како личност, ќе можеш да ја дефинираш твојата посакувана идна позиција како еден претприемач.

Колку сакаш да заработиш во иднина? Кои вештини и знаење сакаш да ги развиеш за себе за во иднина? Какво искуство сакаш да стекнеш?

На оваа ниво, ти го дефинираш твојот пат за иднината.

Знаеш каде си сега и знаеш каде сакаш да биднеш во иднина. Сега едноставно ќе можеш да го скицираш патот од сегашноста до посакуваната иднина.

Запрашај се себеси како би можел да го направиш поминувањето на патот да биде реално, остварливо. Доколку не можеш, тогаш врати се назад и промени ги сопствените таргети за твојата иднина.

Зошто е важно сето ова?

Една од најголемите грешки кои ги гледам кај стартап претприемачи е што тие градат бизнис во кој тие ќе бидат „служители“. Тие им служат на сопствените компании, а нивниот бизнис на таков начин не им служи нив. Тие се заложници на сопствениот бизнис.

Доколку се познаваш себеси, го знаеш твојот бизнис потенцијал како и твоите аспирации, лесно ќе можеш да ги направиш дел од твојот нов бизнис модел, што ќе ти помогне да изградиш компанија која ќе ти служи тебе за да ги оствариш твоите лични таргети во иднина.

Започни од крајот, од она што сакаш да го постигнеш на личен план и имплементирај ги твоите лични таргети во твојто бизнис модел.

post

Колкав ризик можеш да толерираш?

Дали сметаш дека претприемништвото како професија не носи ризик за тебе?

Дали ти си претприемач кој не превзел никаков ризик кога си одлучил да се занимаваш со оваа професија?  Мислам дека не.

Претприемништвото е во блиска релација со ризикот и превземање на ризик од страна на претприемачот. Не можеш да станеш претприемач без да превземеш одреден вид на ризик.

Зошто ризик во претприемничките потфати?

Прво, ти ги инвестираш твоите сопствени пари кои ги поседуваш во моментов во нешто за што со 100% сигурност не знаеш дали ќе донесе пари во иднина. Ова е првиот иницијален ризик кој го превземаш на себе па дури и натвоето потесно семејство (мораш да им ги скратиш нивните потреби во замена за финансирање на бизнис потфатите) како еден претприемач.

Никогаш не можеш да бидеш 100% сигурен за иднината на твојот бизнис. Не можеш со 100% сигурност да знаеш колку успешен ќе биде твојот бизнис или пак колку пари ќе заработиш во првата, втората или третата година. Затоа секогаш ќе постои ризик во претприемничките потфати кои сакаш да ги превземеш.

 

Прашањето што секој потенцијален или иден претприемач треба да го одговори пред да одлучи дали да ја напушти тековната работа и да стане претприемач е: Вредно ли е да се започне бизнис во споредба со иднината доколку не се превземе таков чекор?

Дали твојот тековен потенцијал може да обезбеди преживување?

Секој бизнис во голем дел во раните фази на постоење е базиран на потенцијалот на претприемачот да го доведе тој бизнис во живот. Ќе мора да го инвестираш твоето време, твоите пари, твоето знаење и вештини во иднината на твојот бизнис.

Не можеш да започнеш бизнис без да се посветиш на него, а тоа посветување бара време. Не можеш да започнеш бизнис без пари, бидејќи мора да ги обезбедиш основните потреби за нормално функционирање на бизнисот во иднината како што се канцеларии, опрема, суровини… Не можеш да започнеш бизнис доколку немаш доволно знаење за индустријата, пазарот и производите или услугите кои ќе ги нуди тој бизнис. Исто така ти ребаат различни вештини кои се повеќе од вештините доколку работиш за некој друг. Мора да имаш преговарачки вештини, аналитички вештини, продажни вештини, вештини на вмрежување…

Колку повеќе имаш да инвестирап, толку е и поголем ризикот за тебе како претприемач.

Прво мора да ги одговориш прашањата во однос на самиот себеси:

  • Колку пари имаш, или до колку пари ќе можеш да стигнеш за да го финансираш бизнисот?
  • Колку време можеш да инвестираш во бизнисот?
  • Имаш ли доволно вештини и знаење за да започнеш таков бизнис?

Колку ќе заработиш со твојот бизнис?

Мора да имаш предвидувања за следните 5 до 10 години во однос на тоа колку можеш да заработиш од твојот бизнис. Ова не е приходот на компанијата, туку колку ќе ти останат откако сите трошоци ќе бидат покриени и сите даноци бидат платени.

На пример, твојата продажба во првата година ќе биде 3.000.000 денари, а на крајот откако ќе ги одбиете трошоците и даноците ви остануваат само 375.000 денари. Вашите предвидувања се дека продажбата ќе расте за 10% годишно. Со ист процент на трошоци и даноци (само како пример) по 10 години ќе имате заработено скоро 6.000.000 денари.

Колку би заработиле доколку останете на тековното работно место?

Сега кога знаете колку можете да заработите за 10 години доколку започнете бизнис (оваа бројка не е со 100% сигурност, сепак постои ризик да не се оствари), мора да ја споредите таа сума со сумата која би ја оствариле доколку останете на тековното работно место.

На пример доколку имате годишна плата од 400.000 денари (што за наши услови е малку преголема но не и неостварлива за одредени компании и државни институции) за 10 години (не земајќи ги во предви можни покачувања и напредувања во кариерата) ќе имате заработено 4.000.000 денари.

Сега, што мислите, вредни ли да се започне сопствен бизнис и да се остави тековното работно место за да се заработат 2.000.000 денари повеќе за 10 години?

Логично е да се избере бизнисот. Но, сепак оваа е првиот дел за анлиза на твојата толеранција на ризик кога размислуваш да започнеш компанија. Во следниот дел (Колкав ризик можеш да толерираш: Има повеќе…) ќе продолжиме со анализата.

post

Препораки за бизнис модел од Guy Kawasaki

Бизнис моделот е стартната точка на секој бизнис и првата работа која би требало да ја направите по иницијалната бизнис идеја. Тој е еден од најважните бизнис елементи, бидејќи сите останати елементи како бизнис стратегија, бизнис план или акциони чекори ќе се базираат токму на тој твој бизнис модел.

Тој може да биде едноставна слика во вид на дијаграм кој ги поврзува различните бизнис елементи како вредноста, дистрибуцијата на вредноста, комуникациските канали, потрошувачите, конкурентите стејкхолдерите…

Но исто така може да биде и во вид на парче хартија со неколку зборови или реченици кои наративно ги опишуваат истите конекции од погоре.

Имам забележано дека многу бизниси страдаат токму поради тој недостаток на јасно дефиниран бизнис модел, бидејќи без него, не еден претприемач не може да изготви соодветна стратегија или бизнис план кој би ја поддржал таа стратегија.

Во видеото подолу е Guy Kawasaki кој објаснува три препораки за бизнис моделот:

  • Биди специфичен!
  • Нека биде едноставен!
  • Прашај жена!

post

10 Задачи за пред започнување на бизнисот

Задачи пред започнување на бизнис
Задачи пред започнување на бизнис

Започнување на бизнис претставува резултат на повеќе активности уште пред самиот старт на истиот. Во зависност на бизнисот некогаш ќе има потреба од повеќе активности.

Во овој пост ќе се обидеме да ги наведеме 1о задачи кои ќе треба да ги спроведете уште пред започнување на вашиот бизнис.

1. Одговорете на прашањето зошто започнувате бизнис

Што сакате да постигнете?

Зошто започнувате бизнис? Дали заради тоа што пронајдовте одлична бизнис можност која што сеуште не е задоволена на пазарот? Дали заради тоа што сакате да обезбедите подобар живот за вас и вашето семејство?

Многу е важно пред да донесете одлука за започнување да бидете начисто со самиот себеси околу вашите желби, можности и капацитети.

2. Проучете ја индустријата и пазарот

Што се случува во индустијата и пазарот?

Иако сите сме свесни дека светот не е перфектен и постојат многу можности за еден претприемач сепак не можете да очекувате дека ќе бидете сами на пазарот или во таа индустрија или пак дека за долго време ќе останете сами да го собирате колачот од вашиот бизнис.

Затоа направете анализа на индустријата и пазарот на кој ќе настапите со вашиот нов бизнис. Како помош за спроведување на овие активности прочитајте ги следниве постови на претприемач:

3. Тестирајте ја вашата идеја

Дали производот и/или услуга ќе биде прифатен од пазарот?

Иако иидејата или бизнис можноста може да биде уникатна, перфектна и да изгледа дека нема да има промашување, сепак тоа вие не го одлучувате. Затоа е препорачливо секогаш да ја тестирате идејата на пазарот во однос на оа дали ќе биде прифатена.

4. Диференцирајте се уште сега

Што е она што ќе ве разликува од остатокот од светот?

Мора да изградите доволно силна супериорна вредност преку соодветна диференцијација на вашиот бизнис во однос на останатите учесници на пазарот.

5. Изработете маркетинг стратегија

Како ќе стигнете до потенцијалните потрошувачи?

Во почетните фази од вашиот нов бизнис маркетинг стратегијата ќе биде суштествена за привлекување на потенцијални потрошувачи и генерирање на доволно продажба за финансирање на нормалното функционирање на бизнисот.

6. Предвидете ја продажбата барем за една година

Како ќе се движи продажбата и приходите од продажбата?

Мора да направите иницијално предвидување на продажбата за да можете останатите проекции да ги базирате на истата. Оваа предвидување е основа која има за цел да ви покаже како ќе изгледа влезот на финансии во вашиот бизнис кој е многу значаен за секо стартап бизнис.

7. Анализирајте ја рентабилноста

Ќе бидете ли профитабилни или ќе работите со загуба?

Освен продажбата која ја предвидовте во претходната задача ќе мора да ја внесете и трошочната структура која ќе ви покаже колку треба да продавате за да ги покриете трошоците. Како алатка која можете да ја искористите за овој чекор е графиконот на рентабилноста.

8. Финансирање

Колку пари ми требаат, имам ли толку и како ќе дојдам до тие пари?

Оваа задача треба да ви обезбеди една структура која ќе ви покаже како стоите во поглед на потребни финансии како за започнување така и за финансирање на функционирањето на бизнисот барем за првта година.

9. Слушајте

Што се зборува околу мене и на пазарот воопшто?

Многу елементи на вашата понуда можат да се подобрат во оваа фаза на пред започнување на вашиот бизнис. Бидете добар слушател истовремено кога ги продавате вашите идеи.

10. Побарајте помош

Можам ли се сам?

Клучното прашање е дали имате капацитетот сето ова сам да го спроведете. Доколку се чувствувате слаби во било кое подрачје не двоумете се да побарате помош, како од пријател така и од некој професионалец.

post

Иницијално планирање на пазарот

Иницијално планирање на пазарот

Иницијално планирање на пазарот

Секој бизнис започнува со идеја која задоволува одредена потреба на пазарот. Но, пред да се донесе вистинската одлука да се оди или да не се оди понтаму потребно е да направите едно иницијално планирање или истражување на пазарот.

Вие имате многу идеи до кои доаѓате преку , но не се сите спремни за започнување. Понекогаш бизнис идејата доаѓа едноставно по поставување на одредено прашање од страна на претприемачот во вид:

Зошто нема ______________________________________ __________________________________________?

Честопати за добар бизнис важно е да дојдете до соодветното прашање во вистинското време (време кога сеуште таа потреба не е задоволена) и да направите соодветна иницијално планирање на пазарот уште пред да одлучите да започнете. Ова е поради фактот што во една ваква почетна фаза на бизнисот потребно е да се дефинираат основните правци во кои ќе оди понатамошниот развој на бизнис идејата во вистински бизнис.

Како и секогаш сметаме дека барање на одговор на прашања ќе ви помогне во оваа иницијално планирање на пазарот.

  1. Кои производи и/или услуги планирате да ги понудите?
  2. Опиши ги индивидуалците или бизнисите кои ќе ги користат тие производи и/или услуги. Користете наративен пристап или користете MindMap за да ги вклучите најважните демографски карактеристики како: старост, пол, локација, приход, образование…
  3. Колку често тие ќе имаат потреба од тие производи и/или услуги?
  4. Кои се корисностите кои вашите производи и/или услуги ќе ги овозможат на купувачите?
  5. Има ли други слични или исти производи и/или услуги во близина на вашата локација? Кои се тие?
  6. Како вашите производи и/или услуги ќе се разликуват од конкурентските?
  7. На кои начини и со помош на кои маркетинг средства ќе доаѓате до потенцијалните потрошувачи?
  8. Како досега информациите за истите или сличните производи и/или услуги доаѓале до тие потенцијални купувачи?
  9. Колку пари можете да потрошите за маркетинг?
  10. Колку ќе ве чини секое маркетинг средство?
  11. Кој ја носи конечната купувчка одлука?
  12. Кои чекори и кога треба да ги превземете за да купувачите купуваат од вашите производи и/или услуги?

Потрошете неколку денови во барање на одговор на овие прашања, но не оставајте тоа да трае со години, потребата може да се задоволи и од некој друг. Добро размислете и сето тоа ставете го на хартија. Тој документ ќе биде основен водич за сите ваши активности во понатамошниот развој на бизнис идејата и бизнисот.

post

Водич за предвидување на продажбата

Предвидување на продажбата претставува еден дел од процес на бизнис планирање во кој се интегрираат повеќе анализи и планирања на другите елементи.

Сите претходни истражувања и анализи треба да се искористат во овие проекции (проекциите треба да се во согласност со трендовите во индустријата и пазарот). Откако ќе се заврши со сите истражувања и анализи проценката е доста едноставна.

Но, сепак треба од некаде да се започне, а тоа е најтешко бидејќи од почетните проекции да кажеме за првиот месец ќе зависат и останатите врз основа на добиените трендови од претходните години и анализа на пазарот.

Од друга страна ова е многу важен сегмент во процесот на планирање бидејќи:

  • Од предвидените проекции на продажба, односно од предвидување на продажбата ќе зависи буџетот на бизнисот за тој период
  • Од предвидените проекции на продажба ќе зависи готовинскиот тек на бизнисот
  • Од предвидените проекции на продажба ќе зависи реализација на планираниот раст и развој на бизнисот.

Затоа, доколку направиме катастрофални грешки во предвидување на продажбата сите останати елементи од бизнис планот ќе бидат погрешни.

Но, сепак повеќе пати на претприемач напоменуваме дека бизнис планот не е статичен, туку е динамичен документ. Па така, доколку погрешиме за првиот месец, по завршување на истиот ќе можеме да ги направиме потребните прилагодувања во самиот план.

Треба да се напомене дека полесно е да се направат проекции на продажба на постоечки бизнис бидејќи истиот веќе има соодветни статистички податоци на кои може да се базираат проекциите согласно трендовите и економските движења на пазарот.

Но, што е со еден стартап бизнис кој воопшто нема историски податоци на кои ќе се базираат проекциите. Овој пост ќе се обидеме да го презентираме во една форма на пример за големопродажба.

1. Предвидување на продажбата за стартап бизнис

За да започнеме со еден стартап бизнис, во овој случај со еден големопродажен бизнис не ни се потребни некои огромни анализи и истражувања кои поседуваат магија да ги решат сите наши проблеми. Доволно е да ги определиме двете гранични точки:

  • Капацитет на максимална продажба
  • Минимална продажба која што треба да ја реализираме

Максималната продажба која овој бизнис може да ја оствари е висината на залиха која ја има за определен временски период. Така, на пример доколку бизнисот има 3 вида на производи и има обезбедено залиха на месечно ниво како на сликата на неделно ниво ќе може да продаде 250 парчиња од првиот, 500 од вториот и 750 од третиот производ.

Започнување со предвидување на продажбата

Започнување со предвидување на продажбата

Од друга страна, мора да се размислува и на покривање на сите трошоци. Така, бизнисот на цените дадени на слика има 20% маржа и општите трошоците за нормално функционирање на бизнисот се 80.000 денари месечно. На ваков начин, доаѓаме до тоа дека ни е потребна продажба во износ од 400.000 денари месечно, што значи 100.000 денари неделно.

На ваков начин знаеме дека капацитетот ни е да продадеме 137.500 денари неделно, додека мораме да продадеме 100.000 денари неделно. Ова значи дека можеме да ги започнеме проекциите кои би се движеле во еден таков интервал.

2. Максимална и минимално потребна продажба

Претприемачот знае дека работи 5 дена во неделата и дека во понеделник не може да очекува продажба бидејќи тој ден ќе го користи за контактирање на потенцијалните клиенти, а нарачките ќе започнат од вторник. Во среда очекува најголеми нрачки за потоа да започнат да опаѓаат. На ваков начин претприамчот изработува две табели за продажба по денови (максимална и минимално потребна продажба).

Неделно предвидување на продажбата

Неделно предвидување на продажбата (Максимална и минимално потребна продажба)

Сега веќе претприемачот има една рамка за тоа колку може максимално да продаде и колку е потребно минимално да продаде за нормално функционирање на бизнисот.

3. Средна вредност на предвидување на продажбата

Соодветна анализа во бројките за да се стекне едно чувство за движењето на продажбата на неделно ниво е одлична основа за продолжување понатаму. Креативноста и познавање на индустријата може да го одведат претприемачот до некои бројки за кои треба да внимава да се движат во овие рамки. Па така, доколку одлучи да земе една средна вредност од овие две табели продажбата на неделно ниво ќе биде:

Предвидена продажба на неделно ниво

Предвидена продажба на неделно ниво

4. Предвидување на продажбата на месечно ниво

Кога ги знаеме основните проекции на продажба за неделно ниво можеме да дојдеме до проекциите на месечно ниво едноставно со множење на овие вкупни износи со 4 (4 недели во еден месец).

Месечно предвидување на продажба

Месечно предвидување на продажбата

Но, сепак ова е стартап бизнис. Не можеме да очекуваме дека уште првиот месец ќе се оствари една ваква продажба. Затоа имаме основа од каде да започнеме.

5. Прилагодување на предвидување на продажбата по месеци

Претприемачот очекува првиот месец да биде 30% помалку од оваа месечно предвидување, додека вториот месец 20% помалку, а веќе третиот месец да го оствари оваа предвидување. За понатаму инвестирајќи во поголеми залихи со зголемување на можноста за поголема продажба, како и соодветните маркетинг активности очекува зголемување на продажбата. Во летниот период (јуни, јули и август) очекува намалување на продажбата. Така годишното предвидување на продажбата би изгледало вака:

Предвидување на продажбата на годишно ниво по месеци

Предвидување на продажбата на годишно ниво по месеци

Графички ова би се претставило на следниов начин:

Предвидување на продажбата - график

Предвидување на продажбата – график

Но, сепак оваа се предвидувања на продажбата и не мора 100% да очекувате дека ќе бидат точни. Дури и не може да бидат точни. Но, како што поминуваат месеците така и бројките се ревидираат и се прават нови проекции. Затоа бизнис планот е динамичен документ кој постојано се менува.

Како што можевте да забележите проекциите се направени врз основа на онаа што можеме и она што треба да го продадеме. На таков начин почнуваме во првиот месец. Но, потоа проекциите за наредните месеци во голем дел ги базираме на претходниот месец. Затоа по завршување на првиот месец претприемачот има задача да ги измени и прилагоди проекциите за наредните месеци, затоа што веќе располага со конкретни податоци од првиот месец кои ги немал во моментот на подготовка на планот и проекциите.

Ова е само еден можен начин како да пристапите во процесот на планирање кога станува збор за предвидување на продажба. Не е некоја филозофија, ниту некое волшебство. Сепак предвидувањето е креативен процес. Тоа се базира на вашата способност да погледнете во иднината преку наоѓање на секој можен факт на кој би се базирале (како што ние тука го изведовме со капацитетот и потребната минимална продажба).