post

Маркетинг план: Кого треба да привлечеме?

Повеќе купувачи Ќе продолжиме со прашањата на кои треба да одговори еден маркетинг план и секако воедно и дизајнирање на еден план кој ќе ја смени иднината на твојот бизнис, наречен како маркетинг план.

Бидејќи веќе знаеш што треба маркетинг процесот да постигне за твојот бизнис, веќе може да продолжиш со дизајнирање на целиот процес.

Но, прашањето е од каде да се почне?

Нема многу размислувања бидејќи едно е јасно, а тоа дека маркетинг процесот не е за тебе, не е за твојот бизнис, не е за твоите вработени, не е за твоите производи и/или услуги, туку во основа се однесува на твоите купувачи.

Една од најголемите грешки која ја имам забележано кај малите бизниси е што при градење на маркетинг процесот започнуваат од производот или услугата, од бизнисот или локацијата на бизнисот, од вработените и нивната улога во процесот… Но, тоа е погрешен пристап, особено во оваа фаза на дизајнирање на твоите маркетинг процеси. Сето тоа ќе следува подоцна, бидејќи и најдобриот производ или услуга, и најдобриот бизнис и локација и најдобрите вработени со најдобра мрежа на пријатели нема да ги дадат посакуваните резултати доколку не се дизајнирани врз база на купувачот, односно твојот идеален купувач.

Па, затоа и второто прашање е кого треба да привлечеме со маркетингот?

Можеби одговорот се чини лесен бидејќи веднаш те наведува дека тоа се купувачите. Но, прашањето е кои се твои купувачи, или поточно кои се твоите идеални купувачи?

#1 Кои се твоите идеални купувачи?

Застани за момент и обиди се одговориш на оваа прашање.

Многу пати кога разговарам со претприемачите, одговорот е целосно промашување. Зошто?

Затоа што постои мислење дека сите можат да бидат потенцијални купувачи и колку повеќе сегменти опфатиш, повеќе можности за бизнисот. Но, токму тоа мислење доведува до големи проблеми. Не можат сите ниту да се привлечат, ниту да се задоволат.

Можеби ќе имаш успех, но ќе ти треба буџет како на големите корпорации.

Како сопственик на мал бизнис најпродуктивен начин е твојот фокус да биде кон еден прецизно дефиниран сегмент кој има потенцијал да обезбеди исполнување на поставените цели.

Во насловот Како да го привлечеш твојот идеален купувач поттикнавме при дефинирање на твојот идеален купувач да започнеш со размислување за следново:

  • Тие се дел од твојот целен пазар.
  • Тие имаат потреби за твоите производи и услуги.
  • Тие треба да имаат проблеми кои твојот бизнис ги решава.
  • Тие треба да имаат страсна желба за да ги решат тие проблеми.
  • Тие мора да бараат можни решенија за нивните проблеми.

Овие размислувања веќе ќе ти овозможат да добиеш еден основен опис на твојот идеален купувач кој всушност ќе треба да го привлечеш за твојот бизнис со твоите маркетинг процеси.

#2 Но, потребно е подлабоко дообјаснување

Иако веќе го знаеш твојот целен пазар, потребите на идеалните купувачи од тој целен пазар и секако проблеми и желба на решавање соодветни за твојот бизнис, сепак за да успееш да подготвиш маркетинг план кој ќе даде резултати ќе ти требаат уште карактеристики за да го опишеш твојот идеален купувач.

Разгледај ги овие прашања кои може да ти послужат како идеја:

  • Какви проблеми има мојот идеален купувач, не само проблемите кои мојот бизнис ги решава?
  • Колкав приход има мојот идеален купувач?
  • Каде се движи и кои се навиките на мојот идеален купувач?
  • Што најмногу ги иритира?
  • Кои им се најголемите фрустрации?
  • Каков им е еден просечен работен ден?
  • Кои позиции ги имаат на нивните работни места?
  • Дали е маж или жена?
  • Која е возраста на мојот идеален купувач?
  • Од каде е мојот идеален купувач?
  • Дали е политички активен и кои му се размислувањата на мојот идеален купувач?
  • Какви коли возат моите идеални купувачи?
  • Со кого живеат моите идеални купувачи?
  • Што сакаат да читаат, да гледаат, да јадат…?

Ова се само како идеи на кои треба да се насочиш, врз основа на твојот бизнис и уникатноста на твојот бизнис понекогаш ќе можеш да дојдеш и до стотина вакви прашања. Колку подлабоко одиш во описот на твојот идеален купувач толку повеќе ќе може маркетинг планот повеќе да му помогне на твојот бизнис.

#3 Можеш ли да дефинираш неколку персони на твоите идеални купувачи?

Сега кога веќе имаш доста информации за идеалните купувачи за твојот бизнис ќе можеш да изградиш неколку персони. Што значи тоа?

Едноставно низ приказна ја опишуваш личноста која е идеален купувач за твојот бизнис и неговиот секојдневен живот.

Некои експерти дури препорачуваат да се оди и со именување на тие неколку персони кои всушност ќе бидат клучни за твојот бизнис. Кога им дадеш име, лесно ќе можеш да ја визуелизираш твојата маркетинг инка што всушност претставува следното прашање.

Мора да напоменам дека резултатот од овој чекор ќе бидат дефинирани неколку персони како твои идеални купувачи. На пример, различни работни места иако станува збор за ист производ или услуга доведува до различно однесување на тој идеален купувач. Ти ќе треба да дизајнираш активности кои ќе бидат различни за тие две персони.

Останатите наслови од серијалот за маркетинг план:

post

Ценовни стратегии за меѓународен пазар

Купување на постоечки бизнис Кога станува збор за меѓународен маркетинг во изминатите неколку недели пишувавме доста. Во вчерашниот наслов зборувавме за формирање на цени, некои погледи и пристапи кога станува збор за настап на меѓународен пазар.

Тука би сакал да продолжиме со некои ценовни стратегии кои би можеле да се применат.

Постојат неколку ценовни стратегии:

Стратегија на собирање “кајмак”

Под оваа стратегија се подразбира влегување на пазар со висока цена, што подразбира и собирање на големи профити. Кога конкуренцијата ќе влезе на пазарот или кога пазарот ќе се засити, цените се движат надолу.

Пример: Со воведување на мобилни телефони во Република Македонија, цената на картицата и телефонот беа, за денешни услови, енормно големи и изнесуваа дури и неколку илјади евра. Компаниите кои ја контролираа ова продажба, ги намалуваа цените повеќепати, па сега одредени типови на мобилни како и картички со броеви, можат да се добијат дури и бесплатно.

Овој тип на ценовна стратегија може да ја примени компанијата која е лидер на одреден пазар или која има монополска позиција. Меѓутоа, долгото држење на оваа стратегија не е добро, бидејќи ова стратегија претставува повик за конкуренцијата да го нападне тој пазар.

Тактика: Формирање на цена 70% над нивото на досегашните производи. Продажбата да се базира на рекламата за “револуционарен” дизајн и “карактеристика” на производот. Намалување на цената кога обемот на продажба ќе почне да се намалува, за да се спречи влегување на конкуренти.

Стратегија на премиум цени

Некои производи се продаваат по високи цени бидејќи се многу квалитетни или бидејќи е тоа производ на некоја компанија со голема репутација.

Оваа стратегија во голема мерка има заеднички елементи како претходната стратегија.

Стратегија на ценовни лидери

Оваа стратегија е слична на претходните две стратегии, а нејзина суштина претставува тоа што пазарните лидери се во позиција да можат да ја диктираат висината на цените, а останатите компании ги приспособуваат своите цени спрема цените поставени од страна на ценовните лидери.

Стратегија на пазарна пенетрација

За да освои некој пазар, компанијата може да користи намалени или дампинг цени. Тоа се цени кои се пониски од производните трошоци, со што ги мотивира купувачите на зголемено купување на одреден производ, со што се зголемува прометот и пазарното учество.

Компаниите одат со пониски цени за да се ослободат од неквалитетни производи, да се решат од демодирани производи, да пенетрираат во определениот пазар и да добијат за возврат стратешки енергенси, да ја истиснат конкуренцијата, а потоа да ги надоместат можните загуби. Пракса е во голем број на земји, на дампинг цените да се плаќа дополнителна царина.

Тактика: Поставување на пониска цена за нови производи, со цел да се одврати конкуренцијата од навлегување на одреден пазар. Зголемувањето на продажбата од ниво на кое производот станува профитабилен според дадената цена.

Стратегија на диференцирани цени

Оваа стратегија се користи често и подразбира промена на цените и условите на продажба на одделни производи на различни пазарни сегменти. Секогаш се селектираат производите кои одат на пробирливиот западноевропски пазар, за разлика од производите кои одат во земјите на бившиот источен блок.

Тактика: Намалување на цените на производите. Користење на разни ценовници за различен пазар. Поставување на цените за 10 % пониски од конкурентскиот лидер на пазарот. Редуцирање на цената на производот, со цел максимализација на продажбата.

Стратегија на дисконтна политика

Дисконтна политика значи политика за купување на попуст. Не е исто кога некој ќе купи едно парче и илјада парчиња. Сите купувачи немаат иста тежина. Погледни RFM анализа за сегментација на купувачи.

Тактика: Понуда на попуст за големи купувања. Одобрување на попуст за идната година, врз база на обемот на купување во тековната година.

Стратегија на формирање цени врз база на групирање според BCG матрицата

BCG матрица

Ако производот се наоѓа во групата наречена “крава за молзење” со големо пазарно учество, би било нелогично да се симнуваат цените за да се постигне зголемување на пазарното учество. Тогаш е подобро да се држат цените на повисоко ниво и тоа да трае што е можно подолг временски период, за да се обезбеди профит за финансирање на новите производи. Ако производот се наоѓа на брзорастечкиот пазар или “прашалници” со релативно мало пазарно учество, тогаш е пожелно да се изведе пазарно пенетрирање, односно свесно намалување на цените за да се освои поголем пазар. Ако се работи за производ “ѕвезда” со релативно големо пазарно учество, односно ако е тоа лидер во одредено подрачје треба да се води политика на ’собирање на кајмак’ се додека е тоа можно.

post

Маркетинг – Каде да се насочиме – еден експеримент

Повторно сме во темата на маркетингот. Минатата недела најавив во постот Маркетинг план и прашања на кои треба да одговори дека во следен период ќе работиме на еден пристап во однос на маркетингот кој целосно ќе го смени начинот на кој размислувате или го практицирате маркетингот, пристап базиран на науката и практиката, не на интуиција.

Допрва ќе развиваме начини и модели кои можете да ги користите за вашиот мал бизнис. Она што тука ќе го презентирам е еден реален случај како може нешто да се мери и врз база на експериментални набљудувања и анализи да се донесе одлука со која ќе ја зголемиме и ефективноста и ефикасноста како на самата маркетинг кампања (тактика), така и на нашите напори.

Прво нешто морам да напоменам. Маркетинг е процес. Маркетинг е еден подсистем во твојот бизнис кој има големо влијание на резултатите на твојот бизнис. Но, маркетинг е нешто што значи експериментирање, пробување, прилагодување, подобрување… Тоа се активности на маркетинг и тоа ќе го презентираме преку следниов пример.

Во табелата се дадени резултати од десетдневно експериментирање со една landing (целна) страна на клиент. Резултатите и ознаките се променети од оној реалниот експеримент.

Маркетинг експеримент

Што значи оваа табела? Преку  Google Adwords и Facebook кампањи се праќаа посети до една целна страна. За целите на оваа презентација, малку е поедноставена табелата бидејќи не содржи варијации на кампањи на Google Adwords и Facebook. Но, колоната кампања ги претставува променливите од кампањите на дневна основа. Останатите варијабли кои ги меревме се:

  • Наслов на целната страна со 3 варијации покажани како 1, 2 и 3.
  • Повик за акција на целната страна со 3 варијации покажани како 1,2 и 3.
  • Форма за пополнување во две варијации. Целта на целната страна е да се пополни формата.
  • Копче со две варијации во однос на бојата.

Последните 3 колони се резултатите кои се постигнати во поглед на:

  • Број на посети, односно колку посетители генерирале кампањите,
  • Број на пополнувања на формата, односно колку посетители ја пополниле формата и
  • Конверзија која претставува процентуално пополнување во однос на број на посети.

И добро, што можам да видам од оваа табела. Ништо само да претпоставувам. На пример, кампања број 1 генерира и 1000 и 600 посети при што има и 20% конверзија, но има и 8% конверзија. Претпоставките и интуицијата може да доведат до големи грешки.

Затоа мојата цел беше да утврдам на некој начин што е она што најмногу влијае на конверзијата. Бидејќи оваа маркетинг тактика претставува подпроцес на маркетинг процесот (може да користите и терминологија како систем и подсистем) и има влез во вид на варијабли (променливи) и има резултат како излез и секако знаеме што е добар, а што лош резултат можеме да мериме што сакаме. (Ова што тука го прикажувам е еден вид на Lean принцип во маркетингот и може да се примени за секој систем. Затоа и секогаш повторувам, гради системи во твојот мал бизнис.)

Се сеќавате ли кога кажав во гореспонеатиот пост Маркетинг план и прашања на кои треба да одговори дека:

Кога имам функција (y = f(x)), имам математички методи и техники, ќе можам лесно да го анализирам и подобрувам процесот. Финтата е секогаш да го зголемувам излезниот резултат (y) со комбинација на активностите во процесот (x).

Затоа и во овој експеримент ја користев оваа функција и спроведов корелациона анализа со помош на Pearson-ов коефициент на корелација. Резултатите се прикажани на следнава табела:

Корелација од експеримент во маркетинг

Значи прашањето кое си го поставив е да најдам цврста врска на високо влијание на променливи врз конверзијата. Забележувате дека најголема корелација 0,907 има пополнета форма и конверзија. Ова всушност треба да биде 1, но поради заокружување на децимали се јавува ваков резултат.

Втората највисока корелација постои кај повик за акција. Ова значи дека повикот за акција има најголемо влијание врз конверзијата. Третата влијателна варијабла е копчето, кое исто така има одредено влијание врз конверзијата.

Што значат овие сознанија? Сакаме повеќе конверзија со помалку пари. Еден начин на зголемување на конверзија е зголемување на буџетот за кампањите. Тоа значи повеќе посети, повеќе конверзии. Но, со оваа знаење дека повикот за акција и копчето може да доведат до значителни подобрувања на конверзијата можеме да се насочиме целосно кон нивното подобрување, а со тоа и подобрување на конверзијата, без дополнително зголемување на буџетот. Нема да губиме време во останатите променливи, нив можеме да ги стандардизираме, а нашиот фокус ќе биде на двете најважни кои при 80/20 правило значат дека ќе донесат 80% подобрување.

Тука имаме уште еден показател. Имаме позитивна корелација, што значи како што одиме од повик за акција 1 кон 3 се зголемува конверзијата. Значи дека 2 е подобра од 1 и 3 е подобра од 2. Можеме да ги анализираме содржините и да донесеме одлука на тоа што во нивната содржина влијае на таква одлука на посетителот. Ова е непроценливо знаење за тебе како еден претприемач.

Ова е само еден начин на мерење и донесување на заклучоци врз основа на анализи, експериментирање и мерење што може да ти заштеди многу пари.

post

Формирање на цени за меѓународниот пазар

Грешки при определување на цени Формирањето на содветна цена на производот или услугата е една од најтешките одлуки во бизнисот. Определувањето и следењето на цените на производите или услугите е жива материја, бидејќи за цените мора секојдневно да се води сметка. Тоа има директно влијание на јакнењето или слабеењето на мотивацијата кај купувачите, одредени потреби да ги задоволат со купување на одреден производ или да користат одредени услуги.

Оние што имаат пари штедат време и не гледаат многу на цените, додека оние што имат помалку пари имаат повеќе време, па шетаат и се распрашуваат за цените и тоа искуство го пренесуваат на роднините и пријателите.

Ценовните цели можат да бидат:

  • постигнување определен паричен износ со продажбата, односно остварување на профит;
  • освојување нов пазар;
  • постигнување на одредено ниво на продажбата и слично.

Заедно со цените мора да се анализираат и другите релевантни фактори кои влијаат врз цените, како што се:

  • трошоците на работењето;
  • цените кај конкуренцијата;
  • висината на профитот;
  • влијанието на побарувачката;
  • впечатокот (некои купувачи сакат да купуваат скапа стока);
  • евентуалните попусти;
  • промотивната продажба и слично.

Со промена на цените се реагира во случај на економските пореметувања како што се ефекти од светска економска криза, а може да се реагира и на акциите на конкурентите. Доколку конкуренцијата со одредени активности (подобрување на квалитетот, дизајнот, промената на локацијата) ја подобри продажбата, тогаш како контрамерка матичната компанија може да парира со намалување на сопствените цени. Некогаш и купувачите поради свои причини, без влијание од страна на конкуренцијата, одбегнуват купување на производот.

Пример: Поради намалените финансиски средства. Во тој случај компанијата може да влијае на побарувањето на производот преку намалување на продажната цена. Манипулацијата со цените може да се одвива во насока на промена на цените и условите на продажба за одделни групи производи, за одделни сегменти од пазарот, можност за кредитирање на потрошувачите, политика на пенетрација, дисконтна политика и слично.

Формирање на цена

Некогаш поради јаката конкуренција или поради слабата платежна моќ на купувачите во определени земји, при формирање на цените, се оди од горниот лимит.

Пример: Доколку повеќе конкуренти ја определат крајната цена на ист производ да биде 10.000 евра, тогаш и матичната компанија мора да оди со таа цена. Од таа цена се одзимаат комплетните трошоци, а паричните средства што ќе останат претставуват профит. Врз база на оваа анализа, компанијата понатаму одлучува дали има интерес да влегува во тоа производство, бидејќи до поголемиот профит може да дојде исклучително преку намалување на трошоците.

Цена-Трошоци = Профит

Постои и друг пристап, каде прво се поаѓа од определување на комплетните трошоци за производство, на тој износ се додава посакуваниот профит и се доаѓа до дефинитивна цена. Во овој случај со крајната цена може да се манипулира на два начина. Прв начин е доколку компанијата успее да ги намали трошоците и втор кој е и полесен, преку зголемување или намалување на висина на профитот.

Трошоци + Профит = Цена

Доколку се оди на мал профит, тогаш како цел се поставува остварување на масовна продажба и големо пенетрирање на пазарот.

Еден од впечатливите сегашни примери на формирање на цените на тој начин се Кинезите, кои одат со милионски серии. Доколку за 5 милиона произведени парчиња се оди со заработката од само едно евро, тоа е одлична заработка. Производот брзо ќе се продаде, бидејќи е евтин, не се создаваат залихи преку кои би се врзувале дополнителни финансиски средства, побарувањата брзо се наплаќат, па профитот може брзо да се насочи за други потреби, што дополнително создава позитивен ефект.

Втора опција е одење на оптимален профит, кој по наша препорака би изнесувал околу 30 % во однос на трошоците.

Трета опција би била одење на максималистички профит. Оваа опција е можна доколку компанијата поседува квалитетен производ, редок производ, јака марка на производ или слични параметри, па за купувачите не претставува проблем да издвојат поголем паричен износ.

post

Меѓународен маркетинг во секторот на услуги

Маркетинг Во развиените земји, 2/3 од националниот приход оди на услугите, а со тоа расте и бројот на луѓе кои работат во тој сектор. Развојот на услугите овозможува да се подобрат перформансите во работењето и во другите сектори. Па одредени услуги интензивно се развиваат во склад со потребите на пазарот. Пример: Со подобрување на транспортните услуги во една држава, доаѓа до зголемување на профитите и на другите компании кои таму работат, бидејќи им се намалуваат транспортните трошоци.

Постојат повеќе причини за поголемо растење на услужниот сектор, а ние ќе анализираме само неколку од нив.

Поради големата индустријализација е дојдено до промена на стилот на живеење на луѓето скоро во секоја држава, а со тоа се менува и слободното време со кое поединецот располага. Причина за растење на услужните дејности е релативно добрата економскa состојба во одредени земји. Се поголем број луѓе сакаат да се забавуваат, уживаат, патуваат, школуваат, а со тоа се зголемува и бројот на потребните услугите.

Доаѓа до драстично зголемување на градовите, што предизвикува потреба за опслужување на голем број на население, што подразбира обезбедување на храна, вода, транспорт, училишта, болници, чистење на улици. Населението старее, па се јавува потреба за домашни посети, медицински неги, лекови, чистење по домовите, отварање на домови за стари лица…

Се е поголем бројот на самци, а се зголемува и бројот на разводи, па во голем број на случаи еден родител чува деца, па секогаш има потреба околу исхраната, чувањето на деца и слично. Се поголем е бројот на технолошки нови производи, мобилни, компјутери, интернет, за чие користење и одржување е потребно да постојат сервисни услуги.

Понатаму, постои потреба за банкарските услуги (трансфер на пари помеѓу одделни држави и слично), сметководство… и фактички постојат уште безброј други услуги.

Секојдневно се воведуваат нови услуги. За одредени услуги потребно е да постои висока школска спрема. Пример: Лекарски услуги, банкарски услуги, софтверски услуги… За некои услуги тоа не е неопходно. Пример: Одржување на хигиена, перење коли…

Висината на школската спрема не е врзана со висината на остварените приходи. Подеднакво можат да заработуваат лекари, адвокати или механичари. Со вршење на одредени услуги вработениот може да се обогати, додека со одредени услуги само се преживува. Што поголем број на очи и уши следат одредена услуга, тогаш заработката е поголема.

Прочуени пеачи, глумци, лекари, адвокати, златари, сликари, секако дека натпросечно заработуваат во секоја држава. Некаде вршењето на услугата е поврзано со поседување на одреден апарат или алат, а некаде не е. Поголема е заработка доколку се користат специјализирани машини и алати.

Најголем проблем за луѓето кои пружаат услуги, е тоа што таа услуга мораат сами да ја сработат. Еден забар не може лесно да ги префрли своите клиенти на својот помошник, еден фризер лесно не препушта клиенти, бидејќи може да ги загуби. Одредени корисници на услугите се екстра задоволни од извршената услуга, па не сакаат таа услуга да им ја врши некој друг.

Луѓето кои пружаат услуги, реално се плашат дека нивните вработени, кога ќе го изучат занаетот, ќе им ги превземат корисниците на одредените услуги. Поради овие причини, како и поради желбата повеќе да се заработи, се повеќе сервисните услуги од поединечно работење, преминуваат во компанииско работење. Па компаниите организираат: обезбедување банкарски услуги, обезбедување имоти и лица, одржување хигиена, сервисни услуги, раководење со школи, универзитети, болници.

Производните компании се почесто ги користат услугите на овие специјализирани услужни компании, бидејќи не мораат самостојно да организираат работење, да водат сметка за вработените и нивни потреби. Пример: Акција на Усје, е насочена кон отпуштање на вработени од доменот на услугите како: обезбедување, сервис и одржување на хигиена, а за тие потреби се ангажират надворешни услужни компании. Со овие активности компанијата штеди значителни финансиски средства, а од друга страна се концентрираат на реализирање на своето примарно производство, односно производство на цемент. Но, остануваат негативните чувства врзани за судбината на голем број на отпуштени работници.

Во домашни услови услужниот сектор е главно мал и разновиден за да може да се унифицира одредено однесување. Одредени луѓе сметаат дека маркетингот им е непотребен, други намаат доволно пари да платат за маркетинг истражувања или за маркетинг совети, а одредени луѓе немаат доволно знаење за маркетинг активностите. Не може да се очекува од еден механичар или лекар да ги познаваат сите алатки од маркетингот. Секако дека тие имаат одредени знаења, но тие знаења најчесто не се доволни. Бидејќи и тука конкуренцијата е јака, потребата за маркетинг активностите е неспорна.

Пример: Додека траеше експанзијата на купување и преуредување на куќи во приморските краишта (авторот го има почувствувано ова), имаше големо побарување за работници и тие вложуваа мал напор во маркетинг активностите, евентуално фалење од “човек на човек”. Но, бидејќи светската економска криза ги намали инвестиционите фондови, голем број на мајстори се најдоа во “чудо”, а останаа да работат само оние мајстори кои дел од своите активности ги насочија кон маретингот.

За да не се дојде во слична позиција, ние препорачуваме во слободното време да се посетуват одредени курсеви со кои би се надополниле знаењата од областа на маркетингот, менаџментот, финансиите, сметководството… што би го подобрило работењето на луѓето кои се занимават со услужните дејности, подобро и полесно да се справуваат со работните обврски. Големиот број на маркетинг принципи можат да се прилагодат за потребата на услужниот сектор, па можат успешно да се применуваат. Согледувајќи ги овие потреби, се почесто се формираат компании специјализирани за давање маркетинг услуги на поединци и компании кои се бават со услуги, во соогласност со нивните потреби, како и можностите за плаќање за да го подобрат давањето на услуги, односно работењето во своите домени и да остварат профит. Секако дека секторот на услугите во меѓународни рамки е голем, па во самите услужни компании се вработуваат специјалисти, кои овозможуваат правилно работење на компаниите што нудат услуги во светските рамки.

post

Маркетинг план: Што треба да постигнеме?

Маркетинг план Минатата недела најавив еден серијал за маркетинг план. Всушност, тоа се прашањата на кои еден маркетинг план треба да даде одговор.

Првото прашање се однесува на тоа што треба да постигнеме со маркетингот.

Ако знаеш што сакаш да постигнеш тоа ќе значи и половина од постигнувањето, бидејќи ќе знаеш и како да го постигнеш тоа што сакаш да го постигнеш.

#1 Започни со целите на бизнисот

Она што сакаме да го постигнеме со маркетингот во нашиот бизнис ќе зависи од она што сакаме бизнисот да постигне.

Интересно е што тука се доаѓа до еден проблем, бидејќи постои голема веројатност да не се усогласат бизнис целите и целите на претприемачот. Каде во оваа спрега се наоѓаат маркетинг целите?

  • Претприемачот има свои цели, сака одреден животен стил, сака реализација на сопствени желби…
  • Бизнисот има свои цели преку реализација на продажба, остварување на профитабилност, раст и развој…
  • Купувачите имаат свои цели кои се базираат на задоволување на одредени потреби, решавање на проблеми…
  • Маркетингот има за цел да ги реализира бизнис целите преку задоволување на целите на купувачите со што ќе се реализираат целите на претприемачот.

Кога се јавува проблем? Тогаш кога бизнисот не е дизајниран во согласност за реализација на целите на претприемачот преку задоволување на целите на купувачот. Во таква ситуација и маркетинг целите ќе бидат поставени на погрешни основи. Иако ова е една сосема друга тема, добро е да подразмислиш секогаш кога ги чепкаш целите.

Она што треба да го направиш е на еден лист хартија да ги напишеш твоите бизнис цели. Така ќе имаш нешто како:

  • Зголемување на пофит за 10% и
  • Проширување на бизнисот во Источна Македонија со две продавници.

#2 Трансфер на бизнис цели во маркетинг цели

Клучното прашање во овој чекор е како маркетингот да учествува во реализација на поставените бизнис цели.

За целта зголемување на профитот може да се примени следниов процес:

  • Определување на износот за кој треба да се зголеми приходот за да се оствари зголемување на профит од 10%.
  • Определување на бројот на купувачи кој е потребен за зголемување на приходот потребно за зголемување на профитот од 10%.
  • Определување на можните влијателни фактори за износот на просечна продажба, трошоците или било што друго што на некаков начин би влијаело да не се реализира тој износ на продажба за добивање на 10% поголем профит.
  • Определување на процентуално зголемување на број на купувачи за реализација на тој износ на профит.

Во овој случај тоа би можело да биде зголемување на број на купувачи за 30% од претходната година како цел на маркетинг активности.

Сличен пристап може да се користи и во однос на втората бизнис цел, со тоа што процесот би бил поразличен бидејќи ќе има анализи на регионот преку градови, потенцијални купувачи и потенцијал на градовите и било што што треба да каже каде треба да се насочи ширењето на бизнисот.

#3 Целите нека бидат SMART цели

Кога веќе ќе ги имаш целите поставени пред маркетингот би можел да преминеш на нивно прилагодување заради подобрување на ефикасноста при идните активности.

На пример, ти ќе ги имаш поставено следниве цели:

  • зголемување на број на купувачи за 30% од претходната година,
  • отворање на една продавница во Куманово и
  • отворање на една продавница во Штип.

SMART цели значи дека тие се:

  • Специфични (Specific)
  • Мерливи (Measurable)
  • Остварливи (Achievable)
  • Реалистични (Realistic)
  • Временски ограничени (Time-Limited)

Првата цел е специфична има бројка преку која може да се мери остварувањето, па затоа и е мерлива. Дали е остварлива? Мора да одговориш на оваа прашање уште сега. Размисли дали можеш со збогатување на маркетинг активности да зголемиш и број на купувачи за 30%. Можеби ќе бидат 20% нешто остварливо и реалистично, а тоа ќе значи и зголемување на просечна продажба на тековните купувачи и на тие нови за да се реализира профит на бизнисот поголем за 10%.  Каде е временското ограничување? Иако можеби е логично сепак не е лошо да се додаде во следните 12 месеци за да се знае периодот за кој се однесува остварувањето на целта.

Во една ваква ситуација ќе имаш уште една цел во примерот горе (не користам никаква математика во примеров едноставно нафрлувам бројки, вие ќе треба со помош на математика да дојдете до конкретни бројки):

  • Зголемување на бројот на купувачи за 20% во однос на претходната година во следните 12 месеци и
  • Зголемување на просечна продажба од еден купувач на годишно ниво за 10% во однос на претходната година.

Ова се веќе SMART цели. Но, што е со останатите две? Отворање на продавница во Куманово е специфична цел, но нема експлицитно наведено бројка за да биде мерлива. Од друга страна отворање на една продавница во Куманово веќе може да биде и специфична и мерлива. Доколку е поставена како бизнис цел веројатно значи и дека е остварлива и реалистична, но не е временски ограничена. Подобро е да имаме цел отворање на една продавница во Куманово до крајот на јуни 2012.

Кога ќе го поминете овој чекор ќе имате 4 цели од примерот:

  • Зголемување на бројот на купувачи за 20% во однос на претходната година во следните 12 месеци,
  • Зголемување на просечна продажба од еден купувач на годишно ниво за 10% во однос на претходната година,
  • Отворање на една продавница во Куманово до крајот на јуни 2012 и
  • Отворање на една продавница во Штип до крајот на август 2012.

Ова веќе има некакво значење во однос на маркетингот. Се знае што треба да се постигне и е јасно наведено во маркетинг планот.

Останатите наслови од серијалот за маркетинг план:

post

Гаранција и сервисот како предуслов за зголемена побарувачка на производите

Гаранција и сервис Со гаранцијата компанијата се обврзува дека ќе ги почитува декларираните карактеристики на производите. Компанијата се обврзува дека ќе го замени производот, отстрани недостатокот или парично ќе го обештети купувачот, доколку има одстапување од декларираните големини.

Гаранцијата за компанијата претставува трошок, но сепак компанијата издава гаранција. Некогаш на тоа е законски обврзана, а некогаш компанијата доброволно ја прифаќа гаранцијата како еден важен маркетиншки дел, со цел да ја зголеми продажбата.

Со гаранцијата се заштитува и охрабрува купувачот, а компанијата обезбедува дополнителен респект кај купувачите во меѓународни рамки. Законот ги обврзува компаниите за трајни потрошувачки добра да обезбедат гарантен лист, техничко упаство и овластен сервис. Во гаранцијата се набројуваат одредени ограничувања, за компанијата да се заштити од нереалните побарувања на одредени купувачи и да се одбегнат можните судски завршници. Со гаранцијата кај купувачот се намалува ризикот и несигурноста, дали одбрал вистински производ од вистинската компанија.

Производите се враќаат главно поради одреден недостаток, како и поради заблудата која ја има купувачот, но постојат обиди и за нереално враќање на производи.

Интересот на компанијата е да има што помалку рекламации, бидејќи во спротивно се шири негативен публицитет. По поднесувањето на рекламацииското барање, компанијата мора итно да реагира и да излезе во пресрет на купувачите, решавајќи го проблемот. Кај купувачот не смее да се создаде нервоза, за да не се шири негативен публицитет. Потоа треба да се најдат причините за појава на приговорите и истите веднаш да се отстранат.

Позитивното решавање на рекламациите или приговорите може да стане позитивна реклама за компанијата, па купувачот може да ја пренесе следнава порака: “Ми се случи недостаток на производот, но тие веднаш го отстранија и немав никакви проблеми. Така да и понатаму ќе го купувам тој производ, бидејќи таа компанија не дозволува да постои никаков проблем”.

Сервисот во гарантниот рок е најчесто бесплатен, освен што се плаќа потрошен материјал.

Пример: Кај автомобилот тоа е масло за мотор, масло за менувач, свеќици и слично. Сервисот надвор од гарантниот рок се наплаќа. Сепак купувачите се задоволни, бидејќи им се вградуваат оригинални делови, а мајсторите кои работат во сервисот се високо стручно обучени, со што се одбегнува било каква импровизација како и можност некој да се учи и да прави експеримент на туѓ производ.

Сервисот некогаш го вршат директно представниците на компанијата, но некогаш поради големата одалеченост или поради релативно малиот број на купувачи во одредени земји, на компанијата не и се исплаќа самостојно да отвара и организира сервис. Затоа врши овластување на други сервисери, кои покрај своите обврски се обврзуват да вршат сервис во името на компанијата. Нормално е дека за тоа се платени, но доколку е потребно претходно се обучуваат за да можат да одговорат на работните барања, а им се обезбедуваат и резервни делови и алати.

Пример: Компанијата која произведува скапи автомобили, може да се обврзе дека во случај на дефект, во кој било дел од светот, ќе прати екипа во рок од 12 часа да го отстрани дефектот. Доколку е потребно, транспортот на луѓето и опремата може да се изврши со авион или хиликоптер или можат да се испратат специјални возила за да го отстранат дефектот. За активирање на оваа опција би се плаќале дополнителни премии. Со оваа активност компанијата ја покажува своја моќ, бидејќи ваквиот сервис е скап и купувачот е уверен дека компанијата нема без потреба да се изложува на трошоци. Со тоа се потврдува мислењето дека производот е тешко расиплив, доколку се врши редовен сервис и правилна експлоатација. Доколку некогаш и би се случила потребата за таква интервенција, трошоците за извршениот сервис лесно би се надоместиле благодрејќи на високата цена на производот, како и од платените премии за вакви услуги.

post

Дизајн и пакување на производот

Дизајн и пакување на производот Со зголемување на понудата на производите на меѓународниот пазар, на купувачите им се овозможува голем избор, па во борба за освојување на меѓународните купувачи, компаниите влегуваат и со соодветно дизајнирање и пакувања на производите.

Застарувањето на производот често се должи на застарување на дизајнот.

Со добриот дизајн, производот добива повеќе на атрактивност отколку на квалитет. Со квалитетно дизајнирање може да се подобри естетската вредност на производот. Може да се олесни и поевтини производство. Да се олесни пакувањето, транспортот и чувањето во магацините и во продажните објекти. За потребите на дизајнирањето често се ангажираат дизајнерски куќи, но и уметници кои можат да работат самостојно. Најчесто во рамки на компанија се организира работење на дизајнерите, за да може компанијата да има комплетен увид и контрола во дизајнерската работа, како и да спречи одлив на информации.

Пакувањето мора да задоволи повеќе цели. Треба да се користи за привлекување на внимание на купувачите со својот изглед или атрактивност. Преку соодветно пакување треба лесно да може да се дознае за внатрешната содржина, да може лесно да се отвара и затвара. Да биде со соодветна големина за да може непречено да се смести на продажните пунктови. На пакувањето треба лесно да се читаат натписите и упаствата.

Ознаките на производот мора да содржат:

  • Име на производот
  • Име на призведувачот или дистрибутерот
  • Опис на составот и начин на користење и рокот на траење на производот
  • Тежина во бруто или нето износ
  • Земја на потекло

Потребно е да се води сметка и за обележување на мерните единици. Иако постои меѓународен систем на мерни единици сепак функционираат и други мерни единици. Особено во англиската доминантна зона паралелно функционираат други мерни единици (Пример: литар-галон и слично), па доколку се процени дека тоа е неопходно на пакувањето може да се истакнат и двете мерни единици.

Пакувањето треба физички да го заштитува производот од механички оштетувања и растурање при далечни и тешки транспорти, што е честа појава во меѓународното работење бидејќи транспортните патишта во различни земји се со различни нивоа на квалитет.

Пакувањето треба да го чува производот од расипување при долг престој на производот во магацините или во продажните објекти. Одредени пакувања имаат за цел да го заштитат производот од неповолни климатски услови, како од високи така и од ниски температури, влага, песок и слично. При тоа треба да се води сметка, пакувањето да биде економично, односно да не биде скапо, а со развојот на еколошката свест пакувањето не смее да ја загрозува животната и работната околина, а треба да постои можност по употребата пакувањето да може да се рециклира.

Пакувањата од страна на купувачите подоцна можат да добијат и други употребни вредности. Пример: во пакувањата од сокови може подоцна да се чуваат млеко, алкохол и слично. Во кутии и гајби може да се чува и транспортира и друга стока, што претставува дополнителна корист за купувачите.

post

Глобални маркетинг цели – Пазар во однос на производот

Секоја компанија настојува да ги задоволи побарувањата на одредениот пазар, а како следен чекор настојува да изврши експанзија на нов пазар. Тоа може да го направи со нов или со стар производ, а пласманот може да се одвива на нов или на стар пазар. Тоа е прикажано на сликата. Пласирањето на производите на нови пазари, овозможува остварување на глобални маркетинг цели.

Глобални маркетинг цели во однос на производ и пазар

Овие активности можат да се поделат во четири групи:

  • Продажба на стар производ на стар пазар. Ова е состојба на почеток на работење на компанијата. Компанијата нема доволно средства ниту искуства, па настојува да се одржи на стариот пазар, најчесто тоа за компанија претставува домашниот пазар. Овој начин на работење треба да се менува и да се воведуваат новини, во смисол на освојување на нови производи и нови пазари.
  • Продажба на нови производи на стар пазар. Со понатамошно зајакнување, компанијата воведува нови технологии како и нови производи, но сеуште работи на стариот пазар. Некогаш доколку се работи за Европски или некој друг силен пазар, тоа е одлична позиција. Но, во природата на секој човек е да сака да оди напред, па сите овие чекори одат во прилог на зајакнување на компанијата и нејзина подготвеност во следните чекори да излезе на новите пазари.
  • Продажба на стар производ на нов пазар. Кога компанијата ќе ги задоволи потребите на домашниот пазар, а доколку истражувањата покажат дека има побарувања за нејзиниот производ на нов пазар, тогаш компанијата настојува да изврши експанзија на тој пазар. Некогаш структурата на производот овозможува да се настапува и на стариот и на новиот пазар со ист производ, а некогаш тоа се должи на немање на средства, знаења или искуства.
  • Продажба на нови производи на нов пазар. Кога компанијата ќе постигне целосна силина, ќе биде во состојба да пласира нови производи на новите пазари, бидејќи има направено маркетинг истражување, со кое е согледано побарување за одредениот производ на нов пазар. Со овие активности компанијата ќе освојува нови пазари и ќе ги зголемува своите профити.
post

Меѓународно маркетинг истражување

Маркетинг план Постојат производно, продажно и маркетинг насочени компании.

Производните компании главен акцент ставаат на производството, продажните компании се насочени кон продажбата, додека маркентинг насочените компании применуваат цел сет на активности врзани за производството, продажбата и односот со купувачите. Тие активности се насочени кон создавање на корист и за компанијата и за купувачите.

Најголемиот број на маркетинг истражувања се занимаваат со опишување и објаснување на навиките и однесувањата на купувачите при купувањето. Компаниите треба да собираат информации за купувачите, што дава можност да се направат дополнителни маркетинг анализи за што се потребни софтерски програми.

Компаниите до тие сознанија најчесто доаѓаат преку сопствени искуства и истражувања. Врз база на тие сознанија, компанијата кај своите производи развива одредени конкурентски предности. Покрај константното набљудување на конкуренцијата, во маркетинг активностите главно тежиште се става на набљудување на купувачите. Заради тоа потребно е да се дизајнираат производи или услуги кои имаат за купувачите најголема вредност. Односно, производот треба да задоволи одредени очекувања, па дури и да предизвика восхит кај купувачите или нивните пријатели (нови коли, мобилен телефон, мебел). Потребите и очекувањата на купувачите се менлива категорија, па мора континуирано да се следат и истражуваат.

Ова е особено потенцирано кај модните артикли, бидејќи промените на модни артикли знаат да бидат чести. Модата настанува кога голем број на луѓе купуват одреден производ. Долгорочноста на модата е менлива и се пократка, заради големата мобилност на луѓето.

За одреден производ многу значи имиџот на компанијата која го произведува, а значајно е и која земја стои зад производот. Голем број на компании своите фабрики ги лоцираат во различни земји, па доколку производот е од реномирана компанија со позната марка, нема големо значење дали е произведен во држави кои имаат лоши репутации по прашање на квалитетот на производите.

Марката се користи за индентификација на производот или на производната компанија. Марката носи неопиплива актива која ја зголемува вредноста на компанијата и на производот. Компанијата која поседува јака марка, дури и да пласира производ со понизок квалитет, тој производ повеќе ќе се продава поради својата марка, отколку подобриот производ од непозната марка, дури и да понуди сличен квалитет и пониска цена. Опасност за марката претставува воведувањето на нов производ кој не оди, бидејќи тој неуспех може да се врзе и за останатите производи на компанијата. Заради тоа пожелно е на новите производи, покрај името на главната марка, да се додаде уште едно име. Тоа е најлесно видливо во автомобилската индустрија.

Меѓународното маркетинг истражување овозможува да се соберат информации за пазарот, како и за самото работење на компанијата, врз база на што маркетинг експертите ќе определат понатамошни акции. Компанијата прво мора да ги осознае желбите и потребите на купувачите, па потоа да се концентрира на создавање на производот или услугата. Доколку се поседува одреден производ, тогаш повратните информации од купувачите многу вредат. Тука се согледуваат ставовите на купувачите кон производот, дали е добра цената, дизајнот, квалитетот, дали имаат слични параметри во однос на конкурентскиот производ и слично. Некогаш маркетинг експертите знаат дека нешто не е во ред (или на пазарот или во самата компанија), но не можат да согледаат во што е проблемот.

Истражувањата имаат за цел да дадат информаци во што е проблемот и какви се можностите кои треба да се искористат. Менаџерите се концентрират на истражување и отстранување на тие проблеми како и на искористувањето на можностите. Маркетинг истражувањата се скапи, но доколку придонесуваат за подобро работење на компанијата и освојување на нови пазари, треба да се користат. Во светски рамки компаниите годишно издвојуваат 10 милијарди долари за маркетинг истражувања. Процентуално тоа изнесува 39 % во САД, 40 % во Европа и 9 % во Јапонија, додека целиот останат свет вложува во истражување 12 %. Ова е уште еден показател за економската моќ што ја поседуват споменатите земjи.

При спроведување на истражувањето мора да се соберат доволен број на податоци, за истражувањето да биде точно. Мал број на примероци не овозможуват реално согледување на состојбата. Доколку е можно, потребно е да се користат различни извори за собирање на податоците. При отпочнување на истражувањето, односно пред собирање на информациите, прво треба да се дефинираат прашањата кои ќе се истражуваат. Потоа се определуваат методи преку кои ќе се собираат податоците. Тие податоци се анализираат и понатаму следи искористување на добиените информации.

При спроведување на истражувањето мора да се води сметка за:

  • брзината на собирање на информациите,
  • сигурноста на добиените информации,
  • трошоците на кои е изложена компанијата при собирање на информациите.

Добиените податоци доколку се прикажат во форма на табели, графикони или дијаграми ќе имаат поголема прегледност. Врз база на добиените информации се донесуваат заклучоци и се носат одредени препораки.

Постои канцелариско истражување каде што се врши анализа на податоците, претходно добиени од различни извори. Постои и теренско истражување, каде што истражувањето се врши од “човек до човек” во еден потесен или поширок регион, во зависност од целта што е поставена во истражувањето.

Истражувањето најчесто се врши со анкета, со набљудување и со експерименти. Информациите се прибираат со лично интервју на улица, дома, на работното место. Прашањата можат да се постават преку телефон, преку пошта, преку интернет и слично.

Големите компании, своите активности најмногу ги насочуваат врз база на информациите и заклучоците пласирани од своите истражувачки центри. Компанијата мора да го следи и поширокиот развој на техниката, пазарот и другите параметри, за да останат во тренд, бидејќи има и други истражувачки центри, кои ги организираат други компании, универзитети или институти. За истражувачките потреби, покрај своите капацитети, можат да се користат и специјализирани агенции. Овие агенции работат професионално, оспособени се да вршат одредени анализи, а можат да исполнуваат и специјални барања на компаниите, кога се во прашање добивање на специфични податоци. Информациите можат да се добијат и од конкурентите. Цели служби на развиените земји се занимаваат со индустриска шпионажа. Во денешно време како и во иднина, тој облик на шпионажа ќе биде подоминантен во однос на воената и политичката шпионажа.

Истражувањето може да се спроведе со набљудување на купувачите. Доколку тие не знаат дека некој ги набљудува, се добиваат најточни представи за однесувањето како и за вербалниот контакт што го има купувачот со продавачот, па дури може да се следи и вербалниот коментар помеѓу група на купувачи, нивните замерки, забелешки, критики и пофалби. За та цел се поставуваат камери и се набљудува целото работење. При тоа, треба да се води сметка дека постои законска обврска да се истакне натпис, дека се вклучени камери за набљудување. Камерите стануваат се повеќе наша секојдневност, па се поголем број луѓе се однесуваат кон камерите како и да ги нема. Некои истражувачи одат и до таму што анализираат и фрлена амбалажа и врз база на тоа заклучуваат кои производи почесто се користат. Оваа метода се користи доколку за одреден производ, како алкохол или цигри, купувачите не сакаат да дадат точни одговори. Пример: Доколку малолетниците конзумираат алкохол или цигари, тие нема секогаш да дадат искрен одговор, па тогаш се прибегнува на пребројување на фрлената амбалажа.

Кога компанијата сака да истражи одреден, за нејзе нов меѓународен пазар, тогаш користи разни показатели врз база на кои се добива слика за одреденото подрачје. Влезот на новиот пазар, зависи од економската состојба, како и од техничко-технолошкиот развој на регионот. Не може да се пласираат производи и услуги доколку купувачите немаат доволно пари или немаат технички можности. Пример: Не може да се пласира користење на интернет, доколку мал број на луѓе поседуваат компјутери.

Информациите за определениот пазар можат да се добијат преку извештаите објавени од страна на Обединетите Нации, Светската банка за обнова и развој, ММФ, како и статистички и други податоци објавени од страна на матичната држава. Користењето на овие податоци е бесплатно, бидејќи меѓународните организации, како и матичните држави плаќаат луѓе кои вршат анкети и истражувања, а добиените податоци се точни (освен кај одредени држави кои сакаат да прикажат некои работи подобри отколку што се).

Сите овие информации се лесно достапни преку интернет. Деловната состојба во определена земја може да се анализира и преку GDP – бруто националниот производ, а многу може да се дознае за економската состојба во една земја и преку анализа на платниот промет. Врз база на овие податоци, државите се делат на развиени, земји во развој и на неразвиени.

Компанијата, врз база на овие показатели, може да согледа дали има купувачи за своите производи во определената земја. Доколку земјата е неразвиена и сиромашна, луѓето ќе имаат помалку можности за купување на одредена стока. Секако дека и таму ќе има побарувања, но во одреден процент, колку што изнесува бројот на богати луѓе, а сигурно во тие услови не може да се смета на продажба како во богатите и развиените земји. Доколку земјата е сиромашна, а голема како Кина и Индија, сепак ќе се најдат голем број на купувачи, дури и ако бројот на купувачите во однос на вкупниот број на население е процентуално мал. Забележано е во одделни сиромашни земји, дека има голема побарувачка на определени скапи производи, за кои во почеток се сметало дека нема да има купувачи, бидејќи тие производи определуваат статусен симбол на поединецот, на што се исклучитолно осетливи купувачите во сиромашните земји.