Целта на маркетингот е купувачот, односно суштината на маркетинг концептот е задоволување на купувачите подобро отколку што тоа го прави конкуренцијата. При тоа се анализираат и задоволуват потребите и желбите на купувачите, се врши насочување на купувачите за создавање на нови потреби и се стимулираат купувачите за зголемено купување, со цел компанијата да оствари профит.
Како што знаеме зборот “маркетинг” потекнува од францускиот збор “market” – пазар, на кој се додава суфиксот ing. Суфиксот “ing” означува: акција или процес. Во маркетингот вообичаено, целите се дефинираат со помош на следните показатели:
- обем на продажба,
- пазарно учество,
- остварениот профит,
- создавање на корист и
- врски со купувачите.
Маркетинг активностите од секогаш постоеле. Во периодот пред индустрискиот бум немало голема потреба од маркетинг, бидејќи постоел недостиг на производи, конкуренцијата била слаба, па производите лесно се продавале. Со зголемување на индустриското производство, се задоволуваат голем број на пазарни потреби, конкуренцијата на домашниот и на светскиот пазар станува се посилна, се јавуваат вишоци на производи, па потребата од маркетингот со чија помош би се продале тие производи станува се позначајна. Слаб интерес за маркетинг активностите покажуваат и земјите кои ги затвараат своите економии или се наоѓат под економски санкции воведени од одделни моќни држави или од страна на Обединетите Нации.
Во тие земји се јавува недостиг на определени производи, па во такви случаи скоро и да нема потреба за примена на поозбилен маркетинг, бидејќи најчесто владее недостиг на производи и се што ќе се произведе лесно се продава. Тоа се екстремни случаи кои се познати во праксата, а во сите други случаи потребата за маркетинг, во денешните услови на работење, е неоспорна. Овој пример го согледавме кога на соседна Србија и беа воведени санкции, па поради недостиг на голем број на производи, владеше големо побарување, дури и не постоеше потреба за примена на некои поозбилни маркетинг стратегии.
Во маркетингот се развиваат нови концепти
Да, во маркетингот се развиваат нови концепти на работење како: TCS – Total Consumer Satisfaction, со која се настојува да се оствари севкупното задоволување на барањата и желбите на купувачите. Концептот е дефиниран за задоволување на барањата на купувачите надвор од компанијата. Сличен концепт е и TQM – Total Quality Managеment, на кој компанијата се потпира поради остварување на внатрешните потреби и за реализирање на квалитетно производство. Цел на двата концепти е, на најдобар можен начин да ги исполни барањата и желбите на купувачите.
Во секое работење постои одредена доза на ризик
Ризиците можат да се поделат на оние кои можат да се контролираат и оние кои не можат да се контролираат. Оние ризици кои не можат да се контролираат, пожелно е да се одбегнуваат. Некои компании токму во таквите зделки гледаат можност за успех во работењето, реализирајки ги тешко остварливите цели. Менџментот на компанијата треба да направи анализа дали компанијата може да се справи со толкав предизвик. Доколку правилно не се процени ситуацијата можни се и неуспеси. Неуспехот може да се јави дури и ако се е грижливо испланирано, бидејќи постојат разни закани кои доаѓаат од околината како посредна, така и непосредна.
Пример: владата може да донесе нов закон, одлука, пропис, и слично. Секоја влада треба сериозно да внимава на своите одлуки за да не го исплаши и избрка капиталот. Државата може да западне во тешкотии; може да се зголемат каматите на кредитите; може да се запре со кредитирањето; купувачите може да престанат да го купуваат одредениот производ или да ја користат одредената услуга; може да се појави силна конкуренција; може да се појави нова технологија или нов производ.
Во денешно време осмислувањето и производството на одреден производ/услуга претставува полесна работа, отколку продажбата и наплатата на побарувањата за тој производ/услугата. Така да маркетингот станува еден од клучните делови во работењето на компанијата, а менаџерите што се занимаваат со маркетинг активностите, стануваат признати и ценети без оглед што одредени маркетинг менаџери имаат лоша репутација дека се бескрупулозни, агресивни, непријатни.
Маркетингот на една компанија треба да утврди што сака купувачот
Целта на маркетингот е и да утврди што сака купувачот, односно што за купувачот претставува вредност, желба или потреба и секогаш мора да се излезе во пресрет на нивните барања, насочувајќи се кон одредена целна група каде може да се оствари најголем профит. Менаџерот со своите ограничени ресурси не може да ги задоволи барањата на сите купувачи. Доколку се определи да ги задоволи сите купувачи, тоа во голем број на случаи не може да го оствари квалитетно и компанијата може да стане цел на напад од другите конкуренти, бидејќи секогаш ќе се најде компанија која ќе ги задоволи подобро барањата на купувачите.
Маркетинг активностите се доведени до совршенство. Во создавање на маркетинг стратегиите вклучени се различни експерти, дури и психолози и социолози, кои толкуваат одредени однесувања и потреби на купувачите и врз база на тоа се определуваат маркетинг активностите.
Маркетинг активностите во голема мерка, мора да се базираат на етиката. Етиката или моралот објаснуваат што е добро, а што не е. Со придржување до етиката компанијата стекнува и задржува позитивен став кај купувачите, но избегнува и контрола од страна на државните инспекции.
Доколку има голем број жалби од страна на купувачите или од други луѓе кои се загрижени по одредени прашања, државата испраќа соодветни инспекции да извршат контрола на работењето на компанијата. Тоа најчесто се случува доколку компанијата има лош производ, по прашање на квалитетот, безбедноста или доколку компанијата нанесува штети загадувајќи го воздухот, реките, при прекумерното сечење дрва или при уништувањето на други ретки природни богаства. Голем број на купувачи ќе купат одреден производ и покрај тоа што е поскап, доколку знаат дека компанијата која што ги произведува овие производи, се придржува до етичките кодекси.
Доколку маркетингот на една компанија им понуди на купувачите нешто што им е потребно, а тоа не можат да го најдат на друго место, тогаш маркетингот е во потполност успешен.
Најчесто се работи за револуционерен производ, како лек против птичји грип или некое револуционерно техничко решение, за чиј пласман не постои никаков проблем. При тоа треба да се разликува маркетингот од продажбата, бидејќи продажбата е само краен резултат на внимателно планирање и ефектно изведена маркетинг стратегија и тактика.




Speak Your Mind