post

ЦЕНА КАКО ФАКТОР ЗА ПРОПАЃАЊЕ

Цената со која ќе ги продавате Вашите производи и/или услуги претставува еден од основните фактори за успешноста на бизнисот. Може да имате одлична продажба, да правите огромен приход, да имате многу потрошувачи, но сепак Вашиот бизнис да не може да опстане. Финансиите, односно парите претставуваат основен крвоток на секој бизнис. Без пари, нема ни бизнис. Без пари нема ни опстанок, а не пак развој и раст на бизнисот. Секој бизнис како отворен систем функционира на принципот на влез на производи за излез на пари и влез на пари за излез на производи. Кога од влезот на парите ќе се одземе излезот на парите и трошоците на бизнисот останува профитот.

Основната цел на секој претприемач е да изгради високо профитабилен бизнис. Колку е поголем влезот на парите и колку е помал излезот (со се трошоците) толку ќе биде поголем и профитот. Влезот на парите е директно зависен од продажната цена на производите или услугите кои ги продавате и од количината на продадените производи или услуги.

Колку е помала цената толку ќе биде помал и влезот на парите. Колку е помал влезот на парите толку е поголема опасноста од неможност на покривање на трошоците на бизнисот. Колку е поголема опасноста од неможноста на покривање на трошоците на бизнисот толку се помали шансите за успех.

Значи основно нешто при формирање на цените на производот и/или услугата е да тие овозможат покривање на сите бизнис трошоци и да обезбедат профит, што е и целта на бизнисот. Вашиот бизнис има 2 типа на трошоци:

  • Варијабилни (променливи) трошоци – Ова се трошоци кои со зголемување на продажбата и тие се зголемуваат
  • Фиксни (непроменливи) трошоци – Ова се трошоци кои не се променливи во одреден временски период и не се директно зависни од продажбата.

Често пати може да се направи грешка и дел од фиксните трошоци да не се земат во предвид при формирањето на продажните цени. Секогаш сме насочени кон варијабилните зошто правиме едноставна математика набавна цена (цена на чинење) + маржа = продажна цена. Што значи тешко дека ќе ни се случи да ги заборавиме варијабилните трошоци. Но, за вклучување на фиксните трошоци е потребна малку посложена математика за да се вклучат во цената и оваа вклучување зависи од два основи фактори:

  • Количината на различни типови на производи кои ги продаваме. Овие трошоци едноставно се вклучуваат во продажната цена доколку имаме само еден производ или услуга. Но, математиката е посложена при повеќе различни типови на производи или услуги.
  • Предвидувањата за продажба на различните видови на производи и услуги. Оваа предвидување е значајно заради тоа што колку е поголема продажбата толку помал процент ќе биде потребен во цената за покривање на овие трошоци. На пример, доколку имаме 1.000 денари фиксни трошоци и продаваме производи или услуги во износ од 10.000 денари во продажната цена треба да бидат вклучени 10% фиксните трошоци. А доколку при истите услови имаме продажба од 20.000 денари фиксните ќе бидат вклучени со 5%.

Затоа внимавајте да ја направите вистинската математика и да дојдете до вистинската продажна цена. Но, од друга страна таа треба да биде прилагодена со пазарните цени. Ова значи да не биде прескапа во однос на конкуренцијата, но и премногу ниска.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*