post

10 Тајни за успешно започнување

Стартап - Започнување на бизнис Многу пишувавме за започнување на бизнис тука на претприемач (има околу 90 наслови). Но, сепак забележувам дека сеуште постојат многу проблеми при дизајнирање на чекорите за започнување. Во еден дел ќе навлеземе повеќе преку развојот на теорија на бизнис идеи. Сепак добро би било и една т.н. “лимунатка” пост, едноставен и разбирлив како совети при започнување на бизнисот.

#1 Заборави се, фокусирај се на купувачот

Добро, знам дека имаш повеќе приоритетни задачи. Работиш на дизајнирање на производот, неговите карактеристики, креираш бизнис план, предвидуваш продажба, трошоци…

Но, еден совет ќе ти помогне и нормално ќе те ослободи од непотребно губење на време. Заборави го се она што го работиш во моментов и оди разговарај со потенцијални купувачи. Без нив, ниту производот што го дизајнираш ќе биде ОК, ниту планот и предвидувањата со убави графикони нема да ти помогнат, освен што може да служат како убава декорација на твојата канцеларија.

#2 Подобрувај ја иницијалната бизнис идеја

Знам дека одлично си ја замислил идејата. Но, сепак ниту јас ниту ти не си тој што ќе кажеш дека идејата е одлична.

Доколку се фокусираш на купувачот од првиот совет, ќе видиш дека идејата ќе бара прилагодувања.

Мора да бидеш флексибилен. Не се врзувај премногу емотивно за твојата идеја. Идеите се тие кои доаѓаат и си одат, а бизнисот што го градиш треба да опстојува со години, можеби и векови без разлика на иницијалната идеја.

#3 Тестирај постојано

Знам дека имаш завршено на некој звучен универзитет со дипломи наречени како “мастерс”, “MBA” или било што друго. Но, твојата пракса е нешто сосема друго. Започнување на бизнис не е процес кој може да се дефинира од А до Ш. Не е процес со прецизно дефинирана патека. Тоа е процес кој бара и ќе бара премногу маневри од страна на еден претприемач.

Сепак, градиме нешто денес што ќе ја смени иднината утре. Затоа тестирај повеќе маневри, повеќе активности, повеќе стратегии… Тестирањето ќе ти покаже дали си на вистинскиот пат.

#4 Обидувај се постојано со нешто ново

Секогаш ќе има нешто ново што ќе можеш да го имплементираш во бизнисот. Можеби само 1% ќе даде резултати. Но, тој 1% ќе ја направи разликата на бизнисот што го градиш.

#5 Не верувај никому, само на купувачот

Ќе добиваш многу совети, многу идеи од твојата околина. Некои ќе бидат добронамерни, но некои злонамерни. Прочитај повеќе во претприемач и илјадници совети за него.

Но, единствениот прав совет ќе го добиеш од оној кој треба да плаќа во твојот бизнис – купувачот. Можеби ќе ти се чини дека не е добар или не сакаш да ја прифатиш реалноста. Сепак, тој е единсвениот на кој треба да му веруваш во целост.

#6 Внимавај на советите што ги добиваш

Уште еден совет околу совети. Биди внимателен во однос на имплементацијата на советите кои ги добиваш. Некои ќе бидат корисни, но некои целосно контрапродуктивни.

#7 Познавај се себеси и сопствената пасија

Ти си движечката сила на твојот бизнис. Движечка сила не во физичка смисла на зборот, туку во ментална смисла на зборот. Ти го креираш и осмислуваш бизнисот. Твојот бизнис произлегува од твоја пасија.

Мора добро да се познаваш самиот себеси и да помогнеш ти твојата пасија да се пресликаат во бизнисот кој го градиш.

#8 Создади тим кој победува

Не ти треба било каков тим. Ти треба тим кој победува. Она што ќе го одлучиш во оваа фаза ќе влијае на она што ќе се случува во иднина.

#9 Создади флексибилен план кон успешноста

Знам дека се препорачува долгорочен статичен план. Но, ти не си корпорација со илјадници вработени и искуство од десетици или стотици години зад себе. Ти не знаеш дали бизнисот ќе преживее утре.

Кога правиш план, обиди се тој да биде доволно флексибилен, дури флексибилен до толку што ќе го менуваш секојдневно па и повеќепати во еден ден. Тоа е реалноста на еден мал бизнис. Денес е едно, утре кој знае што.

#10 Анализа е мајка на успешноста

Без анализи нема да знаеш каде се наоѓаш. Науката ни дала многу техники кои можеме да ги користиме за анализи. Техниката ни овозможила да не се мачиме при спроведување на анализи.

Твојата задача е да ги комбинираш.

post

Претприемач и илјадници совети за него

Во текот на целиот живот добиваме совети. Со тек на време се зголемува животното искуство и се полесно се распознаваат различни видови на совети. И еден претприемач е човек кој постојано добива разни совети.

Постојат неколку типови на совети. Тука ќе стане збор за двата најчести вида на совети: добронамерни и злонамерни.

Ќе се обидам накратко да навлезам во нив од едно искуствено стојалиште.

Добронамерни совети

Добронамерни, кои се дадени од искрени и чесни луѓе, кои се пријателски настроени по разна основа или се блиски роднини или пак пријатели и тие најчесто кога ќе согледаат дека постои некој проблем или доколку бидат прашани дали знаат решение за некој проблем, ќе дадат одреден (добронамерен) совет како да се реши тој проблем или како да се постапи во одредена ситуација. Но, тука се поставува прашање колку е тој совет точен. Бидејќи понекогаш советите ги даваат луѓе кои немаат доволно искуство, немаат знаење или пак може да имаат погрешни согледувања за одредена проблематика. Но, на таквите луѓе дури и да дадат погрешен совет, со оглед на добрата намера не треба да им се лутиме бидејки нивниот капацитет бил на пониско ниво, иако она што тие го знаат несебично го нудат.

Заради овој проблем треба претходно да се анализираат луѓето кои делат совети (ментори). Најчесто луѓе кои многу знаат малку зборуваат, за разлика од луѓе кои помалку знаат а повеќе зборуваат. Па претприемачот може да биде затрупан со огромен број на совети кои можат да го парализираат и да не биде во состојба лесно да одлучува и да ги презема потребните чекори.

Постојат совети кои се бараат и совети кои се нудат.

Има луѓе кои “знаат се” и кои се спремни да делат совети дури и кога никој не ги прашал за совет. Тие во некоја рака се “демагози” кои знаат се заради што нешто може да се случи и се заради што нешто не може да се случи. Доколку зад нив не стојат конкретно лично постигнати дела такви луѓе се во принцип, плашливи и паничари, кои само сеат страв и дефетизам и од чии совети колку и да се добронамерни не може да се има голема корист бидејки се добиени од недоволно средена личност.

Најголема грешка прават претприемачите кои кај собирање на бизнис идеи за започнување на бизнис, обрнуваат големо влијание на “хит бизнис” за кој сите зборуваат дека носи “многу пари”.

Најчесто бизниси кои носат енормни профити доживуваат свој максимум во време кога за нив највеќе се зборува, а бргу потоа почнува нивната надолна пaтекa. Бидејќи подготвените претприемачи кои имаат наврeмено достапни информации и отпочнати активности, веќе ги исполниле барањата на купувачите, прозорецот низ кој би влегле новите претприемачи станува се помал, бидејки пазарот станува се позаситен.

Од друга страна бидејки се зборува дека “некој” заработил многу пари за тој бизнис, постојат лесноверни претприемачи кои поведувајќи се по “рекла казала” муабети, без претходно да направат личен план или пак самите да излезат на пазар за да видат каква е состојбата и што се случува, со голем ентузијазам влетуваат во бизнис потфат кој уште во старт е осуден на неуспех. На таков начин се губат финансиски средства, претприемачот станува емотивно поразен и многу мал број од таквите претприемачи навистина успеваат да се опорават за да можат да продолжат со нов проект, бидејки “успех влече успех а неуспех влече неуспех”.

Поради сето горе наведено препорака е за совет да се побара искусен “ментор” кој веќе успешно го изодил патот низ кој новиот претприемач почнува да оди. Но, такви луѓе не ги има многу, тие се најчесто зафатени со своите обврски, но доколку се има можност да се дојде до таквите луѓе, претприемачот треба силно да се пробие до нив за да добие потребни сознанија и совети и со тоа да ги зголеми шансите во пазарниот натпревар, односно да не “изгорат” прерано во таа борба. Таквите успешни луѓе кои се и сигурни во себе искуствено кажуваме имаат желба за помагање и советување, но претприемачот треба да е лојален, искрен, вреден, чесен и да има желба тие совети да ги примени во пракса.

Бидејки има големо искуство, успешниот претприемач ќе го тестира својот ученик, давајќи му на почеток помали совети и задолженија за да види како ученикот ќе реагира и дали се придржува до дадениот совет. Бидејки тоа се искусни луѓе кои имаа претходни и позитивни и негативни искуства со луѓе, секое калкулантско однесување на новиот претприемач ќе биде казнето со прекинување на понатамошното советување, па така со некоректно однесување ќе изгуби само новиот претприемач.

Но доколку се нема во близина квалитетен “ментор” тогаш потенцијалниот претприемач може да ги искористи советите и од други помалку проверени извори, со тоа што ќе прибележува дадени совети, идеи и мислења, а потоа кога ќе биде сам внимателно ќе ги анализира, проучи и сепарира корисните од штетните совети, добронамерни од злонамерни, искусни и неискусни совети и ќе ги прифати оние совети кои се прикладни за нивниот статус, финансиска моќ, интелектуални и други перформанси, за кои претприемачот интимно знае дали ги поседува или не.

Злонамерни совети

Покрај ваквите врсти совети постојат злонамерни совети кои дават лоши луѓе, луѓе кои од само за себе познати причини сакаат да му нанесат штета на претприемачот за да доживее неуспех и да пропадне. Секој претприемач кој нема да успее да ги препознае овие луѓе и нивните зли совети многу бргу ќе се соочи со проблеми и наместо да се бори за успех, ќе се бори за опстанок и излез од кризата.

Заради тоа потребно е внимателно да се пристапи кон секој совет, секој совет да се анализира, а да се анализира и личноста која го дава советот за да се уочат неговите намери (добри или лоши). Одмерено слушање, проследено со голема анализа и одлучно спроведување може да биде клуч за успешан бизнис и живот.

Од друга страна премногу совети ќе значи и премногу анализи. Премногу совети и анализи, ќе значи и преголема збунетост. Премногу совети, премногу анализи и преголема збунетост ќе доведе до неодлучно спроведување на конкретни акции. Ова претставува голема негативност. Од друга страна, советите се во ред, но карактеристиката на претприемачот е добра проценка и цврста одлучност. Претприемачот најчесто своите одлуки ги базира или пак треба да ги базира на својата сопствена проценка и не треба да допушти премногу луѓе да му се мешаат во процесот на донесување на одлуки.

post

Ако размислуваш за започнување на бизнис гледај го ова видео

Постојат многу совети за претприемачите, добри, просечни па можеби и лоши. И тука на претприемач може да најдеш огромен број на совети.

Понекогаш само еден совет може да ја направи разликата. А тоа е преземи акција, започни и не запирај се додека не успееш.

Токму тоа е советот што во Donny Deutsch show, CEO на Skechers, Robert Greenberg го дава во ова едноминутно видео.

А сетете се на најважните фактори кои еден претприемач го прават да биде успешен претприемач. Првиот и најважниот е токму преземање на акција.

post

Совет за еден мал бизнис: Креирај краткорочни победи

Совет за мал бизнис

Совет за мал бизнис

Ти како еден претприемач сигурно работиш на различни проекти со различно значење за твојот бизнис. Работиш на различни задачи. Работиш и на подготовка и имплементирање на различни процеси на промени во твојот бизнис. Работиш и на пронаоѓање на различни начини за справување со отпорот кон тие промени.

Како и да е, се има одредено важна цел за тебе и за твојот бизнис. Таа цел е успехот кој што сакаш да го постигнеш. Од друга страна, доколку не ги завршиш сите тие проекти, или пак доколку не ги завршиш на различен начин, ќе изгибиш голем дел од веројатноста дека ќе го постигнеш успехот кој го сакаш.

Можеш ли да најдеш одреден вид на рани победи кои може да ти помогнат во енергизирање на процесите на кои ти и твоите вработени работите?

Мора да се мотивираш себеси и секако твоите вработени заради успешно завршување на задачите, или испешно комплетирање на целиот проект без разлика за каков проект станува збор.

Особено кога станува збор за долги болни проекти ти требаат такви ситуации на краткорочни победи за да ги избегнете проблемите во иднина. Како човечки суштества сите сакаме да победуваме. Тие победи ни даваат моќ да продолжиме со до конечната целна линија.

Затоа треба да го поделите проектот на неколку делови кои ќе донесат такви краткорочни победи по завршување на секој дел. Колку побргу ќе можеш да псотигнеш рани победи, толку е подобро за идниот успех на целиот проект.

  • Можеш ли да најдеш нешто во твојот проект што може да биде видено како ситуација на краткорочна победа колку што може побргу?
  • Можеш ли да најдеш нешто во твојот проект што може да биде емоционално моќно за лицата инволвирани во имплементација на тие проекти?
  • Можеш ли да најдеш победи кои ќе бидат видливи и вредни за лицата инволвирани во имплементацијата на проектот?
  • Можеш ли да најдеш нешто што може лесно да се постигне и што ќе донесе мотивација за иднината на проектот?

Мора да се запрашаш и да ги одговориш овие прашања кога ги планираш твоите проекти доколку сакаш да ги најдеш можните ситуации на рани победи кои можат да ја енергизираат идната имплементација на процесот.

За оваа недела совет за еден мал бизнис: разгледај ги проектите кои планираш да ги имплементираш и обиди се да најдеш можни краткорочни победи кои ќе бидат доволно бргу по започнување на проектот, емоционално моќни за лицата, доволно видливи и вредни и можат лесно да бидат постигнати. Кога ќе ги постигнеш тие краткорочни победи прослави ги со твојот тим.

post

Совет за еден мал бизнис: Слушај, учи и превземај акции

Совет за мал бизнис

Совет за мал бизнис

Една од најважните бизнис функции денес е слушањето. Како и да е, слушањето само заради слушање нема да ги реши твоите бизнис проблеми. Мора да го трансферираш слушањето во учење, доколку сакаш да знаеш што следно треба да направиш.

Дали ги слушаш твоите потрошувачи?

Дали ја слушаш твојата поширока заедница каде функционира твојот бизнис?

Една стара поговорка вели: Господ ни дал две уши и една уста, и треба да ги користиме во директна пропорција.

Ова значи дека ти како еден претприемач мора да слушаш два пати повеќе отколку што зборуваш. А дали е така? Кога слушаш, тогаш учи од тоа слушање за да знаеш што точно треба да кажеш.

Мора да ги слушаш твоите купувачи, твоите потенцијални купувачи, твоите конкуренти, се за твоите и конкурентските производи или услуги, се за твоите тековни или пак потенцијални потрошувачи…

Ти треба тоа знаење доколку ги сакаш да ги донесеш најдобрите одлуки за твојот бизнис.

Ти треба тоа знаење доколку сакаш да ги имаш најдобрите производи и услуги кои ќе ги задоволат потребите на потрошувачите.

Ти треба тоа знаење доколку сакаш да се позиционираш себеси и твојот бизнис еден чекор пред конкуренцијата.

Започни со користење на Google Alerts за соодветните зборови и фрази што ќе ти овозможи секогаш кога некој ќе зборува за тебе, за твојот бизнис, за твоите производи или услуги, конкурентите и нивните производи или услуги или било што на некој начин поврзано со твојата индустрија, ќе знаеш за тоа колку што може побрзо.

Голем дел од конверзијата денес се одвива на Facebook или Twitter. Не заборавај ги. Направи систем кој ќе ти ги дава истите информации за се се што следиш и преку Google Alerts.

Со слушање, го зголемуваш твоето знаење кое пак од друга страна ја зголемува твојата бизнис потенцијална енергија.

За оваа недела совет за еден мал бизнис: Започни со слушање. Изгради ефективен систем кој ќе ти овозможи да слушаш се околу тебе и твојот бизнис. Трансформирај го слушањето во знаење и превземи ги идните чекори базираќи се на тоа знаење.

post

Совет за еден мал бизнис: Целта на постоење на твојот бизнис

Совет за мал бизнис

Совет за мал бизнис

Знам дека ова може да се чини како нешто чудно, нешто што сметаш дека и не е важно за твојот бизнис. Како и да е, сепак е круцијално за идниот успех на твојот бизнис.

Дали ја знаеш вистинската цел на постоење на твојот бизнис?

Можеш ли да одговориш во една едноставна реченица? Која е примарната намера на постоењето на твојот бизнис?

Запиши го одговорот на еден лист хартија и продолжи со постот.

Кога разговарам со претприемачи и го поставам овие прашања, она што можам да го заклучам е дека повеќето претприемачи неможат јасно да го дефинираат сопствениот бизнис или намерата на нивниот бизнис. Шокантно е што повеќето од нив имаат погрешни претпоставки или пак воопшто не ги знаат одговорите на прашањата.

Намерата е важна за тебе како еден претприемач бидејќи таа го дефинира или скицира бизнисот во кој навистина се наоѓа тој претприемач. Ова значи дека твојот пат ќе биде јасно дефиниран за во иднина без разлика на промените кои ќе следуваат.

Повеќето претприемачи целта на постоење на нивниот бизнис ја базираат и врзуваат со нивните производи или услуги. Тие сметаат дека се наоѓаат во индустрија на тие производи и услуги. Но, иднината може да ја промени целта индустрија, и индустријата илипазарот веќе да не ги сакаат токму тие производи или услуги. Тогаш, доколку си фиксиран за таквата цел на постоење на твојот бизнис која е базирана на производот, ќе значи и смрт за твојата компанија, или пак нема да ти дозволи соодветна флексибилност за да ги промениш работите во твоја корист.

Целта на постоењето на твојот бизнис мора да се базира на потрошувачите, односно на твојот целен пазар. Тие ќе ја дефинират вистинската цел на постоење на твојот бизнис.

Намерата треба да се базира на едно детално истражување на твојот целен пазар и потрошувачите. Што е она што им е потребно? Кои се нивните желби? Кои се нивните фрустрации?

Овие одговори ќе ти помогнат да дефинираш јасна и вистинска цел на постоење на твојот бизнис. Ова е поради фактот што твоите целни купувачи секогаш ќе бидат присутни таму некаде на пазарот. Доколку се појават промени, тие ќе ги променат нивните специфични потреби, но не и глобалната потреб да го решат нивниот проблем. На пример доколку си во индустрија за храна, секогаш ќе постои потреба од јадење. Купувачите можат да ги променат нивните навики во однос на јадењето што ќе го јадат, но ти ќе можеш да ги задоволиш нивните потреби доколку намерата на твојот бизнис е да им служи на тие потрошувачи, а не да ја испорачува храната која сега ја произведуваш.

Како што можеш да видиш разликите се големи кога станува збор за идниот развој на твојот бизнис.

За оваа недела совет за еден мал бизнис: Размисли за вистинската причина за постоење на твојот бизнис. Дали таа е базирана на твојот производ или услуга или пак на твоите потрошувачи? Доколку е базирана на производи или услуги, ќе мора да започнеш со вистинските промени во твојата компанија започнувјќи од самата намера, бизнис моделот и се друго што следува и што е базирано на тој бизнис модел.

post

Совет за еден мал бизнис: Познавај ги твоите потрошувачи пред се друго

Совет за мал бизнис

Совет за мал бизнис

Ако планираш да започнеш бизнис знаеш ли точно кои ќе бидат твоите купувачи?

Доколку пак веќе имаш мал бизнис, имаш ли доволно знаење за твоите купувачи?

Ти комуницирај со нив на секојдневна основа. Треба да ги знаеш. Но, дали е тоа доволно за да успееш со твојот мал бизнис?

Понекогаш треба да знаеш за нивните проблеми поврзани со твоите бизнис решенија. Но, понекогаш ќе треба да знаеш нешто за нив што не е во корелација со твојот бизнис.

Треба да знаеш каде се тие за да започнеш разговор со нив. Но, исто така, ќе треба да знаеш што тие сакаат да зборуваат во тој разговор

Денес пазарот е содржан со твои потенцијални купувачи кои имаат многу различни потреби, желби, проблеми, емоции, соништа… Твоите потенцијални купувачи се помоќни отколку што можеш да помислиш дека се. Тие имаат голема слобода да изберат за она што би го правеле и со кого би го правеле тоа што ќе го прават.

Мораш да знаеш колку што е можно повеќе за нив ако сакаш да се обидеш да им продадеш. Ние живееме во свет каде што еден просечен човек е бомбардиран со премногу информации во еден момент. 99% од информациите се игнорирани од твоите потенцијални купувачи. Како можеш да очекуваш да продаваш ако твоите информации не стигнат до нивниот мозок? Доколку знаеш повеќе за нив, имаш многу повеќе потенцијал да ги поминеш чуварите на портите во нивниот мозок.

Основните прашања кои треба да ги одговориш во процесот на стекнување на знаење за твоите клиенти се:

  • Кои се тие навистина?
  • Каде се наоѓаат?
  • Што прават таму каде што се наоѓаат?
  • Што е со нивното семејство?
  • Кои се нивните пријатели?
  • Што тие сакаат?
  • Што е со нивните најголеми проблеми?
  • Што е со нивните најголеми желби?
  • За што сонуваат?
  • Кои се нивните најголеми фрустрации?
  • Кој е јазикот кој тие ги користат во комуникацијата со другите?
  • Кои средства на комуникација ги користат?
  • Колку време тие поминуваат на различни места каде што ти би сакал да се сртетнеш со нив?
  • Како го трошат своето време таму каде што се?

Разгледај ги прашањата и најди ги одговорите. Треба да знаеш дека за различни купувачи, ќе има различни одговори. Тоа ќе те наведе да направиш различни сегменти кои се различни од традиционалната маркетинг сегментација од книгите за маркетинг. Ќе имаш многу повеќе сегменти и многу повеќе начини за комуникација, кои ќе треба да се користат за тие сегменти. Тоа е нашата денешна реалност. Не можеш да избегаш од неа. Доколку се обидеш да избегаш ќе изгубиш.

За оваа недела совет за еден мал бизнис: Почни да ги запознаваш твоите потенцијални купувачи колку што е можно повеќе. Врз основа на стекнатите знаења, групирај ги твоите потенцијални купувачи во различни сегменти и различни бизнис процеси за контакт и комуникација со нив.

post

Совет за еден мал бизнис: Користи upselling стратегијa

Совет за мал бизнис

Совет за мал бизнис

Ти како еден претприемач вложуваш големи напори зa да ja направиш првата продажба кај еден потенцијален купувач. Зошто не би се обидел/а да продадеш повеќе? Зошто да не се обидеш да презентираш дополнителна понуда од твојт бизнис и да ја зголемиш просечната продажба. На таков начин, би го зголемил твојот бизнис потенцијал за да обезбедиш поголема продажба за твојот бизнис.

Дали користиш една таква можност за твојот бизнис? Или, пак, едноставно тој потенцијал за продажба го оставаш или се откажуваш онака?

Доколку сеуште не си ја користел таа можност, веројатно ова е вистинското време да дизајнираш нешто што ќе може да ти користи за зголемување на севкупната бизнис потенцијална енергија во твојата компанија. Така може да видиш драматични зголемувања во твојот приход.

Откако ќе успееш со таа прва продажба ти како еден претприемач ќе сакаш да купат што е можно повеќе од твоите понуди. Вака не ризикуваш ништо, бидејќи твоите купувачи веќе донеле одлука за да купат нешто. Тука само им нудиш дополнителна вредност под посебни услови, бидејќи тие веќе купуваат. Ако не сакаат да ги купат твоите дополнителни понуди, едноставно ќе ги игнорираат, и животот продолжува понатаму.

Она што е важно е што доколку не се обидеш со дополнителни понуди како дел од upselling стратегија, се откажуваш од можноста на дополнителни продажби.

Еден факто кој претставува добра основа за мерење и подобрување е стапката на конверзија. Доколку го дизајнираш процесот на вистински начин, стапката на конверзија ќе биде многу поголема. Кога зборувам за вистински начин, мислам на следново:

  • Да им понудиш производи и услуги кои на твоите актуелни купувачи им се навистина потребни.
  • Да понудиш производи и услуги кои се во согласност со веќе купените производи и услуги, или дополнување на тие производи и услуги.
  • Да понудиш нешто што навистина вреди за купувачите.
  • Да направиш навистина една неодолива понуда.

За оваа недела совет за еден мал бизнис: Анализирај ги твоите тековни понуди и обиди се да најдеш каде би можел да користиш upselling стратегија. Дизајнирај го процесот правилно и анализирај ги резултатите. Твојата работа ќе биде да ја зголемиш стапката на конверзија преку тестирање на различни производи и услуги и различни понуди.

post

Совет за еден мал бизнис: Претвори ги твоите слаби страни во силни

Совет за мал бизнис

Совет за мал бизнис

Ова е уште еден посt од неделниот серијал на совети за малите бизниси за претприемачи.

Во моето минато сеуште немам видено претприемач без слабости. Можам да кажам дека имам сретнато успешни и неуспешни претприемачи врз основа на тоа како тие ги трансферираат нивните слабости во јаки страни.

Не постојат супермен претприемачи кој ќе го управува сопствениот бизнис со ниту една слаба страна.

Што мислиш за себеси? Дали имаш некој вид на претприемнички слабости? Или пак ти си единствениот кој ги немаш?

Ти си претприемач и мора да бидеш искрен со себеси за твоите лични и на твојот бизнис слабости. Што ќе добиеш доколку се мамиш себеси? Што ќе добиеш доколку ги мамиш твоите потрошувачи или пак потенцијални потрошувачи? Ништо, ја губиш сопствената игра на свој терен кога се мамиш себеси и твоите потрошувачи.

Ги губиш можностите да се подобриш себеси и твојот бизнис. Ова значи дека ги губиш можностите да го направиш твојот бизнис многу посилен отколку што е сега.

Затоа како прв чекор што треба да го превземеш е да бидеш искрен со самиот себеси. Доколку знаеш за твоите слабости, не игнорирај ги. Обиди се да ги поправиш и претвориш во твои јаки страни. Доколку не знаеш за некои слабости, анализирај се себеси и обиди се да ги најдеш твоите скриени слабости и слабостите кои може да се појават во иднина. Елиминирај ги сите скриени слабости и подготви се за они идни.

Едно можно решение за твојата целосна посветеност кон решавање на твоите слабости е доколку одиш еден чекор понапред и јавно покажеш каде си слаб и што планираш да направиш во однос на тие слабости. На таков начин освен твојата целосна посветеност, ќе усееш да изградиш и доверба во очите на потрошувачите како еден претприемач.

Прашањата кои ќе треба да ги одговориш се следниве:

  • Кои се моите познати слабости?
  • Кои се моите скриени слабости?
  • Кои ќе бидат моите слаби страни во иднина?
  • Како можам да ги претворам моите слабости во мои најсилни страни?
  • Како можам да се подготвам за идните можнис лабости?
  • Како можам да го покажам мојот прогрес на моите сегашни и идни купувачи?

За оваа недела совет за еден мал бизнис: Започни со самоанализа и откриј ги сите твои слабости како еден претприемач. Пронајди ги можните начини за да ги претвориш тие слабости во твои најголеми силни страни и цврсто обврзи се дека ќе го постигнеш тоа. Подготви се себеси за идните слабости, слабости кои сеуште ги немаш, но постои голема веројатност дека ќе се појават во иднина. Покажи го прогресот и твоите нови силни страни.

post

Совет за еден мал бизнис: Познавај ги емоциите на твоите потрошувачи

Совет за мал бизнис

Совет за мал бизнис

Ова е уште еден пост од неделниот серијал на совети за малите бизниси – секој четврток по еден совет.

Веројатно знаеш дека во денешниов бизнис свет, емоциите се единственото нешто што гарантира успех на продажбата. Едноставно, емоциите продаваат.

Вистинското прашање за тебе како еден претприемач е дали ги знаеш емоциите на твоите тековни и потенцијални потрошувачи.

Што значи ова за тебе?

Мора јасно да разбереш како твоите тековни и потенцијални купувачи го гледаат животот. Мора да погледнеш со нивните очи и од нивната перспектива.

Како очекуваш да ги знаеш нивните потреби без да погледнеш во нивната перспектива на гледање, нивниот живот, нивните надежи, нивните сонови и нивните ставови? Кога ќе ги разбереш сите овие елементи ќе ги знаеш и нивните емоции при што ќе можеш да започнеш да комуницираш со нивните емоции.

Ова значи дека ти треба и мора да знаеш колку што може повеќе за твоите тековни и идни потрошувачи доколку сакаш етички да ги користиш нивните емоции за целите на продажба или било оја акција која сакаш тие да ја превземат.

Една од грешките која ја прават претприемачите е кога тие се премногу фокусирани на се освен на потрошувачите кои се движечката сила на неговиот бизнис. Тие може да имаат најдобри производи, да користат најдобра технологија и најдобри маркетинг и продажни тактики, но доколку сето тоа не е во корелација со емоциите на потрошувачите базирани на нивните потреби, надежи, проблеми, живот, сонови и ставови се ќе биде за џабе.

За оваа недела совет за еден мал бизнис е: Без одложување започни со проучување на твоите тековни и потенцијални потрошувачи. Обиди се да влезеш во нивната кожа, да гледаш со нивните очи во животот. Како тие го гледаат животот? За што тие се надеваат? Кои се нивните потреби? Коис е нивните желби? Какви се нивните ставови? Кои емоции ги поттикнуваат најмногу? Започни да комуницираш со нив вклучувајќи ги тие емоции и анализирај што функционира а што не.

Некои ресурси каде можеш да прочиташ за емоции: