post

Бизнис потенцијална енергија складирана во 10 елементи

Mоделот на бизнис потенцијална енергија е всушност модел со кој го анализирам потенцијалнот на една компанија доколку е постоечка или стартап доколку бизнисот е во започнување.

Бизнис потенцијална енергија

Целта на овој модел е да се добие реална слика за тоа како секој елемент дава придонес во обезбедување на успех во бизнисот. Вториот дел од моделот е теорија за бизнис кинетичка енергија во која потенцијалната енергија се претвора.

Продолжи…

post

Како да дознаете што е она што го правите погрешно?

Никој не може да каже дека е 100% без грешки. Претприемачите како и сите други живи организми нормално е и да грешат.

Но, она што е важно е да се биде свесен за грешката како би можела да се поправи и извлече одреден заклучок во форма на знаење.

Значи првиот чекор во зголемување на потенцијалната енергија на претприемачот и бизнисот воопшто претставува дознавање дека е направена грешка.

Како да дознаеме кога сме направиле грешка?

Понекогаш мислиме дека тоа е најисправното. Понекогаш не сме ни свесни дека грешиме. Понекогаш дури и свесно не сакаме да ги погазиме сопствените чекори кои се погрешни.

Подолу се некои можности кои може да ви помогнат за да дознаете што е она што го правите погрешно.

Продолжи…

post

Повеќе Индексирани Страни – Повеќе Потенцијални Купувачи

Првин потенцијални купувачи се сите оние кои имаат интерес за одреден производ или услуга што еден бизнис го нуди. Може да се сретнат и како лидови (leads). Но, овој наслов се однесува на едно истражување спроведено од страна на HubSpot за фактори кои влијаат на генерирање на потенцијални купувачи преку веб, односно преку користење на влезен маркетинг (inbound marketing).

Индексирани страни - Повеќе купувачи

Резултати од истражување

Во тоа истражување освен повеќе индексирани страни како факто кој влијае на зголемување на бројот на потенцијални потрошувачи имаат идентификувано уште три фактори:

  • Број на клучни зборови за кои веб страната се наоѓа меѓу првите 100 резултати на Google
  • Блогови
  • Користење на Twitter и зголемување на оние кои ве следат.

Но, она што е интересно во однос на овој наслов е дека со зголемување на бројот на индексирани страни од 50 до 100 повеќе доведува до двоцифрен раст на бројот на потенцијални купувачи откако ќе се стигне до бројка од неколку стотини индексирани страни од Google.

Сега би се надоврзал на моите претходни наслови:

Времето на бизнис веб страни брошури помина и доколку сакаме успех ќе мора да го смениме начинот на кој го користиме интернетот како маркетинг средство. Се поставува следното прашања:

Како можеме да имаме индексирани неколку стотици страни кога нашата веб страна има само 6 страни интегрирани во себе?

Одговорот ќе биде никако. Бизнис веб страната треба да има неколку стотици па и повеќе страни за да бидат индексирани во одреден број. Но, вие немате стотици производи за да направите стотици страни. Затоа имате можност со еден блог целта да ја постигнете за една до две години со редовно објавување на блог постови кои на одреден начин ќе бидат врзани со вашиот бизнис или пак индустрија.

Во секој случај препорачувам да го прочитате целиот извештај има навистина интересни заклучоци.

post

6-ти Слој за Успех на Еден Претприемач

Стигнавме до последниот слој за успех на еден претприемач. Овој слој согласно анализата која ја спроведовме претставува микс од повеќе елементи кои имаат влијание на успехот, но сепак тоа влијание не е круцијално како оние првите слоеви.

Талент

Зошто сметам дека талентот не е на прво место за еден претприемач да биде успешен? Наједноставно кажано затоа што не постои специфичен претприемнички талент кој е потребен за да може да кажеме дека тој е претприемач со вроден талент. Различни бизниси имаат различни претприемнички потреби за одреден вид на талент. Некој бизнис бара повеќе финансиски талент, други од менаџерски талент, трети пак талент за квалитетна аналитика, а повеќето бизниси од сите типови на можни таленти. Значи бизнисот е микс на таленти, кои претприемачот или пак менаџерот треба да ги управува за да го извлече максимумот.

За талентот и бизнисот можете да прочитате и во Бизнисот е една обична игра.

Чесност

Да се биде чесен е втора потребна карактеристика, при што не може да се каже дека само чесните претприемачи се успешни претприемачи. Постојат многу примери на изградени бизнис империи каде чесноста не постоела како карактеристика кај претприемачот. Затоа и не ја сметам како нешто без што не се може. Но, сепак треба да се нагласи дека во многу ситуации кога си чесен, можеш да добиеш и повеќе корисности како од твоите потрошувачи, така и од твоите снабдувачи.

Врски

Неизбежен елемент во нашето општество. Да завршиш најмала работа треба да имаш некоја врска особено во администрацијата. За најбаналните работи како вадење на матична книга од родени или пак лична карта бараме некој познат кој ќе ни ја забрза постапката. Тоа е нашето општество. Во едни вакви услови на стопанисување врските можеби можат да имаат големо влијание на успешноста на еден претприемач.

Кога сум кај условите за стопанисување и малите бизниси можете да дадете свој придонес со пополнување на анкетата за истражување на услови за стопанисување на малите бизниси во Македонија која ќе биде достапна уште кратко време.

Среќа

Некој навистина верува во среќа, иако јас лично не сум некој кој верува и сака да се базира на среќа во бизнисот. Но, понекогаш навистина е потребно да се поклопат коцките за да се постигне некој успех.

Ова би бил последниот напис од овој серијал на фактори кои еден претприемач го прават да биде успешен кој го започнавме уште во Успешен претприемач – одлучувачки фактори. Ова не значи дека нема да се занимаваме уште со оваа тематика.

post

Бизнис Потенцијална Енергија VS Бизнис Перформанси

Ќе продолжам со образложување на методологијата за користење на бизнис потенцијална енергија во подобрување на перформансите на бизнисот.

Целта на овој напис е да даде одговор на врската помеѓу бизнис потенцијалната енергија (терминот кој јас го сковав пред повеќе од една година) и перформансите на бизнисот.

Бизнис потенцијална енергија наспроти перформансите на бизнисот

Што претставуваат перформансите на бизнисот?

Првин би тргнал со перформансите на бизнисот. Перформансите означуваат можност на еден индивидуалец или пак група да ги исполни саканите таргети, поставени од самиот себеси или од некој друг (на пример менаџерот). Додека:

Бизнис перформансите ќе бидат можности на еден бизнис да ги оствари поставените цели.

Од друга страна, перформансите претставуваат мерка на остварени резултати. Доколку оствариме поголеми резултати ќе имаме и поголеми перформанси и обратно со помали или никакви резултати, слаби или никакви перформанси.

Влијание на бизнис потенцијалната енергија врз перформансите

Влијанието на оваа енергија врз перформансите има линеарна функција, а тоа значи:

  • Поголема бизнис потенцијална енергија, поголеми бизнис перформанси и
  • Обратно, помала бизнис потенцијална енергија, помали перформанси на бизнисот.

Но, тука недостасува нешто, а тоа нешто е трансформацијата на потенцијалната енергија во кинетичка енергија. Без кинетичка енергија со која бизнисот ќе извршува работа, перформансите нема да се зголемат. Поради тоа, оваа линеарност не може да ја земам како исправна или точна.

Затоа мора да се вклучат следниве фактори кои влијат на перформансите на бизнисот:

  • Бизнис потенцијална енергија (BPE).
  • Број на круцијални бизнис елементи (N). Ова се бизнис елементите кои содржат бизнис потенцијална енергија за кои пишував во 10 Основни елементи со потенцијална енергија.
  • Веројатноста за трансформација на бизнис потенцијалната енергија во кинетичка енергија (P).

Сега кога ги имам факторите кои влијаат на перформансите, ќе можеме да ја утврдиме зависноста помеѓу бизнис потенцијална енергија и перформансите.

Прво, оваа зависност има експоненцијална функција. Во експоненцијалната функција како што расте еден елемент ќе расте и целата функција. Оваа функција ќе биде:

Каде:

  • BP = Бизнис перформанси
  • P = Веројатноста за трансформација на бизнис потенцијалната енергија во кинетичка енергија и
  • N = Број на круциални бизнис елементи кои ќе ги избереме за да ја зголемиме таа потенцијална енергија.

Со оваа формула ги покриваме сите круциални фактори кои влијаат на перформансите. Од друга страна ќе бидеме во можност експоненцијално да ги зголемиме перформансите на бизнисот доколку ги зголемиме потенцијалната енергија, круцијалните елементи на бизнисот и веројатноста за трансформација на таа потенцијална енергија во кинетичка енергија.

Илустративен пример

Можете да го забележите следново од она што досега го изложив:

  • Вредноста на бизнис потенцијалната енергија (BPE) ќе се движи од 0 до 1 (0 < BPE < 1)
  • Бројот на круцијалните елементи (N) ќе биде позитивен број поголем од 0 (N > 0) и
  • Веројатноста за трансформација на BPE во кинетичка енергија (P) ќе биде веројатност што исто така согласно математичките принципи ќе биде од 0 до 1 (0 < BPE < 1).

Да видиме еден пример:

Пример 1 Пример 2 Пример 3 Пример 4 Пример 5
BPE 0 1 0 1 0,8
N 5 5 10 10 10
P 0,5 0,5 1 1 0,7
BP 0 2,5 0 10 3,53



Можете да забележите во првиот и третиот екстремен случај каде бизнис потенцијалната енергија е 0, наспроти другите елементи кои се добри, перформансите исто така ќе бидат 0. Кога бизнис потенцијалната енергија е максимална 1 тогаш во целост ќе ги искористиме останатите елементи во формулата за да имаме максимални бизнис перформанси.

post

10 Основни Елементи со Бизнис Потенцијална Енергија

Доколку сакате да ја зголемите бизнис потенцијалната енергија на Вашиот бизнис ќе треба да започнете со определување на бизнис елементите кои имаат бизнис потенцијална енергија како прв чекор во подобрување преку бизнис потенцијална енергија.

Во бизнисот може да постојат неограничен број на бизнис елементи кои може да бидат и различни системи за кои пишував во Системски приод во бизнисот – Бизнис систематизирање. Но само 20% од истите елементи се важни за функционирањето на бизнисот, односно се важни за добрите резултати за бизнисот. Останатите 80% се елемнтите кои едноставно служат за одржување на тековните состојби како што е администрирање. Тоа е 80/20 правило.

Кои се круцијалните бизнис елементи кои имаат бизнис потенцијална енергија?

Ќе мора да започнете со круцијалните бизнис елемнти бидејќи сигурно не сакате да гогубите Вашето време на елементите кои не се критични или каде подобрувањата би биле сосема мали. Круциалните елементи се бизнис елементи кои може да имаат складирано голема бизнис потенцијална енергија во себе која пак може да биде трансформирана во кинетичка енергија која ќе го турка бизнисот низ патот на успехот.

По мое мислење, ова се 10-те најкруцијални бизнис елементи кои имаат бизнис потенцијална енергија за кои можете уште веднаш да започнете да размислувате за подобрување.

1. Бизнис идеја

Се започнува со претприемачот и неговата идеја. Тоа е првата потенцијална енергија на новиот бизнис. Една работа која треба да се запомни е дека следниот елемент – бизнис планот може да ја конвертира таа потенцијална енергија во успешен бизнис.

2. Бизнис план

Бизнис планот во исто време е конвертер на потенцијалната енергија во идејата во успешен бизнис и има своја потенцијална енергија која може да дведе до развој на бизнисот. Со добар план и исполнување на се она што е испланирано ќе ја зголемите севкупната потенцијална енергија на бизнисот.

3. Знаење на претприемачот

Знаењето е нешто што постојано може да внесува свежа потенцијална енергија во бизнисот. Како и да знаењето како извор на потенцијална енергија може да биде потрошено. Ќе мора постојано да внесувате ново знаење за постојано да ја обновувате таа енергија и за да одговорите на новите барања во околината. За знаењето повеќе опфатив во Знаење и креативност – Втор слој за успех на претприемачот.

4. Производи и услуги

Секој бизнис продва некаков вид на производи или услуги. Доколку продвате нешто што ги задоволува потребите на потрошувачите, тогаш тие производи и/или услуги ќе имаат поголема бизнис потенцијална енергија. Доколку пак производите и/или услугите не ги задоволуваат моменталните потреби на потрошувачите овој елемент ќе има слаба или пак воопшто ќе нема потенцијална енергија. Доколку квалитетот е одличен и бизнис потенцијалната енергија ќе биде на високо ниво.

5. Залихи

Залихите претставуваат елемент кој може да ја исцица потенцијалната енергија во готовината што ја има Вашиот бизнис. Но, од друга страна, залихите содржат потенцијална енергија во вид на производите при што носи сигурност за константна продажба. Доколку сакате да ја зголемите бизнис потенцијалната енергија складирана во залихи и во исто време да го намалите трошењето на таа енергија преку готовината ќе мора да го најдете оптималното ниво на залихи. За ова повеќе во 80/20 правило.

6. Готовина

Готовината е најважен елемент во кој има складирано потенцијална енергија. Со готовината ќе можете да ја зголемите бизнис потенцијалната енергија на други елементи како знаењето, производите или услугите, маркетинг, продажен тим итн. Доколку немате готовина севкупната потенцијална енергија на Вашиот бизнис ќе биде на едно доста ниско ниво.

7. Маркетинг

Маркетингот е еден од елементите кои ќе донесе свежа потенцијална енергија во бизнисот преку зголемување на бројот на потрошувачите. Со висока потенцијална енергија во маркетингот ќе успеете да генерирате поголема продажба при што ќе се зголеми енергијата во продажниот тим и во готовината.

8. Продажен тим

Членовите на Вашиот продажен тим се во директен контакт со Вашите потрошувачи. Колку е поголема потенцијалната енергија складирана во Вашиот продажен тим, толку ќе биде поголема продажбата при што ќе се подобри готовинскиот тек во бизнисот.

9. Цени

Доколку не ги поставите Вашите цени да ги покријат сите трошоци на бизнисот и донесат профит, Вашата бизнис потенцијална енергија ќе биде на ниско ниво. Можете да прочитате повеќе во Намалување на цени – Бизнис дилема и Поставување на цена – Чек листа.

10. Локација

Големината на сообраќајот и продажбата ќе зависат од локацијата на многу бизниси кои се занимаваат со директна продажба на купувачите. Од друга страна за производствените бизниси локацијата ќе ги определува и трошоците за транспортот. Така да добро би било и локацијата да ја вклучите во анализата на потенцијалната енергија заради подобрување.

Што понатаму?

Едноставно можете да започнете со:

  • Размислете за бизнис потенцијалната енергија во овие елементи на бизнисот.
  • Најди најмалку едно можно подобрување на секој од елементите.
  • Имплементирај ги подобрувањата.
  • Повторувајте го целиот процес постојано.

Успешноста ќе ви биде загарантирана.

post

Истрајност и Упорност – Четврти Слој за Успех на Еден Претприемач

Истрајност и упорност претставуваат четврти слој за успех на еден претприемач како што дојдовме по спроведената анализа во написот Успешен претприемач – Одлучувачки фактори – реалност.

Истрајност и упорност - Успешен претприемач

Пред да започнам со овој четврти слој кој се однесува на истрајноста и упорноста би ги сублимирал накратко претходните слоеви за успех на еден претприемач.

Еден претприемач презема акција која претставува прв слој на успех. Има знаење и креативен е во процесот на спроведување на тие акции што претставува втор слој за успех на еден претприемач. Тоа знаење и креативност лесно го трансформира во зголемување на сопствени вештини и интелигенција кои му помагаат да ја избере вистинската акција која ќе ја спроведе. Кога веќе ги има овие елементи мора да биде истраен и упорен во спроведување на акциите кои всушност претставуваат одлуки кои ги носи во врска со бизнисот.

Што е истрајност?

Истрајноста едноставно претставува Ваша активност која продолжува да се спроведува и покрај потешкотиите и неколкуте неуспеси со таа активност. Може да се каже дека истрајноста е едноставно одбивање да се откажете од нешто.

Можете да забележите дека истрајноста е поврзана со тешки услови, притисоци и претходни неуспеси.

Еве еден пример за истрајност како особина на еден претприемач. Претприемачот започнува бизнис – преземал акција. Има знаење за бизнисот што го започнува, има и креативност. Вешт е и интелигентен. Но, веќе по првите неколку месеци се соочува со премногу проблеми:

  • Слаба продажба како резултат на малку купувачи.
  • Недостаток на финансии бидејќи сите ги вложил во започнување а приходите сеуште се мали.
  • Голем притисок од конкурентите бидејќи сеуште е нов на пазарот.
  • Нема препознатлив бренд бидејќи сеуште бизнисот е нов.

Доколку еден претприемач кој започнал бизнис, се откаже во оваа фаза тој ќе ја нема особината на истрајност и не може да се каже дека е претприемач. Но, доколку со помош на неговото знаење, креативност, вештини и интелигенција успее да донесе правилни одлуки со кои ќе ги решава новонастанатите проблеми тој претприемач ќе истрае во сопствените намери да изгради успешен бизнис.

Што е упорност?

Упорноста едноставно претставува Ваша активност која продолжува да се спроведува за исполнување на одредени воспоставени цели.

Некои претприемачи нема да издржат да стигнат до целта единствено заради тоа што не се упорни. Честопати знаеме да кажеме кога ќе завршиме некоја работа (спроведеме некоја акција) со која стигнуваме до нашата цел дека упорноста се исплати. Секако дека се исплати, бидејќи доколку се откажеме пред целта нема воопшто да стигнеме до таа цел.

Да земеме за пример еден маратонец. Тој трча и сеуште не е заморен, нема надворешни притисоци, но во неговиот мозок поминува мисла дека треба да истрча уште неколку километри за да стигне до целта. И едноставно, таа мисла го тера да се откаже со тоа што си вели дека растојанието е многу големо.

Која е разликата?

Двата термини се многу слични. Единствената разлика е што кај истрајноста се наоѓаат и надворешни фактори како потешкотии или пак притисоци врз претприемачот. Кај упорноста такви фактори не постојат, туку само претприемачот и неговиот мозок, односно неговото размислување за она што е исплатливо, а што не е.

За илустрација ќе го земам примерот со маратонецот.

Еден маратонец на половина пат веќе е исцрпен, повреден од падот и не се чувствува најдобро. Но, сепак го продолжува маратонот. Иако не прв, стигнува на целта. Тој маратонец е истраен.

Вториот маратонец се наоѓа на половина пат и му поминува мислата дека има уште толку да истрча, но сепак продолжува и стигнува на целта. Тој маратонец е упорен.

Претприемач кој е истраен и упорен во исто време

На претприемачот му се потребни и двете особини за да биде успешен претприемач. Секогаш ќе има потреба од истрајност, бидејќи во бизнисот ништо не е лесно. Секогаш ќе има различни притисоци во форма на финансиски притисоци, вработени, потрошувачи, отпорност кон промени итн. Доколку не е истраен никогаш нема да стигне до целта.

Од друга страна некогаш и без притисоци спроведување на одредени активности бара време за спроведување и бара време за чуврствување на пволностите од резултатите од тоа спроведување. На пример, во написот за систематизација на бизнисот пишував дека тоа е еден процес кој е потребен на бизнисот и на претприемачот. Од друга страна за спроведување на еден таков процес ќе бидат потребни неколку недели, резутатите ќе се покажат дури по неколку месеци. Затоа мора да има трпение и секако упорност за да се стигне до посакуваните резултати.

post

Како да откриете за што имате пасија?

Пасијата за нешто што го работиме во секојдневниот живот е многу важен елемент кој донесува квалитет во нашиот личен и професионален живот како претприемач.

Пасија на еден претприемач

Многу луѓе имаат пасија за нешто, но не знаат за што всушност тие имаат вистинска пасија. Дури и не знаат дека нивната вистинска пасија може да се трансформира во успешен бизнис.

Најдоброто решение за претприемачите е нивната бизнис идеја да биде подржана од нивната вистинска пасија како надополнување на проблемот и знаењето. Тие ќе имаат пасија за нивниот стартап, ќе имаат пасија за нивната секојдневна работа во нивниот бизнис и пасија за нивниот иден успех во бизнисот. Сетоа ова само ќе ја зголеми веројатноста за претприемничка и бизнис успешност на еден потенцијален претприемач.

Затоа сакам да ги презентирам моите размислувања за откривање и искористување на пасијата во бизнис цели.

Што претставува пасија?

Во Wikipedia за пасија можеме да го најдеме следново:

Пасија може да се претстави како чувство на невообичаено возбудување, ентузијазам или релевантни емоции кон некој предмет, идеја, личност или пак објект. Се вели дека личноста има пасија за нешто доколку има силен позитивен афинитет кон тоа нешто. Љубов кон нешто и пасија кон нешто се многу слични чувства.

Еве ги најважните зборови од оваа дефиниција:

  • Пасија е лично чувство. Какви се твоите лични чувства за твојот сегашен или пак потенцијален бизнис како еден претприемач? Дали се возбудувачки тие чувства?
  • Пасија е еден вид на емоција. Какви се твоите емоции за твојот сегашен или пак потенцијален бизнис како еден претприемач? Дали се ентузијастички?
  • Пасија е силен позитивен афинитет за она што го работиш. Дали имаш позитивен афинитет во однос на она што го работиш.

Вие ќе имате пасија за нешто доколку сте возбудени, имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за тоа нешто.

Што ќе претставува пасија за еден претприемач?

Доколку сте возбудени и имате ентузијастички емоции и позитивен афинитет за вашето започнување на бизнисот, најверојатно е дека ќе имате добра пасија за претприемничката кариера која сте ја избрале.

10 Прашања за да откриете за што имате пасија?

1. Кое е вашето хоби?

Хоби е резултат на Вашата пасија. Доколку Вашето хоби е градинарство, најверојатно Вие имате пасија за градинарство. Доколку Вашето хоби е играње фудбал, веројатно имате пасија за фудбалот. Затоа започни со твоето хоби кое ќе ти каже за што имаш пасија.

2. Што навистина сакате да правите?

Нешто што го правите секојдневно и го правите тоа со љубов, тогаш Вие имате пасија за тоа нешто. Излистај ги работите кои сакаш да ги правиш за да најдеш за што имаш пасија.

3. Кои се работите во кои што уживате?

Да сакате нешто да работите е една работа, додека да уживате притоа е друга работа. Понекогаш можеби ќе сакате нешто, но реално нема да уживате во тоа нешто. Излистај ги сите работи во кои што ужуваш за да откриеш за што имаш пасија.

4. Што е она за што другите луѓе кажуваат дека вие сте добар?

Понекогаш другите луже ќе бидат пореалистични за вас, и за она во што навистина сте добар. Ова ќе можеш да го искористиш во наоѓање на Вашата вистинска пасија.

5. Кои се наједноставните задачи за Вас?

Кога нешто е едноставно за вас, тоа значи дека имате знаење за тоа нешто. Дел од Вашето знаење е базирано на истражување на нешто за што имате пасија.

6. Што е она што особено повеќе сакате да истражувате или пак проучувате?

Истражувањето и проучувањето може да го зголеми вашето знаење за нешто. Доколку навистина сакате да проучувате и истражувате нешто, тогаш тоа нешто може да биде твојата пасија.

7. Кои се темите за кои можете да зборувате со часови или пак денови без престанување?

Темите за кои можете да зборувате со часови и денови исто така се базирани на Вашето знаење за таа тема. Доколку навистина имате познавање за нешто, тогаш тоа може да биде резултат од Вашата пасија за таа тема.

8. За што имате природен талент?

Вашиот природен талент, како нешто вродено во Вас може да биде предмет на Вашата пасија, бидејќи вродениот талент е предмет на постојано подобрување низ животот на еден човек. Морате да имате пасија за нешто за што имате природен талент.

9. Кои предмети на факултет или пак во средно училиште сте ги сакале повеќе?

Сите ние имаме или пак сме имале некои предмети на факултет или пак средното училиште кои ни биле поинтересни и повозбудливи од другите. Овие предмети може да се предмет на Вашата пасија.

10. Каков тип на луѓе сакате да бидат Ваши пријатели?

Пријателството меѓу луѓето се гради врз база на исти интереси и ист јазик на кој говорат тие личности. Не можете да бидете добар пријател со некој со кој не можете да ги споделувате Вашите полиња на интерес на јазик кој Вие го зборувате. Затоа размислете за личности кои се ваши пријатели во однос на тоа која е нивната пасија и веројатно тука некаде ќе биде и Вашата.

Како Вашата пасија ќе Ви помогне да изградите подобар бизнис?

Доколку немате пасија за бизнисот кој планирате да го започнете или пак кој го имате, вашиот бизнис најверојатно ќе страда. Доколку вашиот бизнис страда, најверојатно, Вие како претприемач ќе бидете следен кој ќе страда.

Уште пред започнување на Вашиот бизнис, ќе морате бизнис идејата да ја прилагодите на Вашата пасија. Тогаш:

  • Ќе имате бизнис кој ќе сакате да го развивате.
  • Ќе имате бизнис кој Вие како претприемач ќе знаете да го менаџирате и подобрувате.
  • Ќе имате бизнис кој ќе има голем потенцијал за успех.
post

Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Реалност

Во вчерашниот напис за Успешен Претприемач – Одлучувачки Фактори – Резултати со помош на анкетата која ја спроведовме во изминативе две недели и една дополнителна анализа на истите дојдовме до 15 фактори кои влијаат на успешноста на претприемачот. Тие 15 фактори кои ги идентификувавме наведени по важноста на истите се:

  1. Спремност да превземе акција,
  2. Знаење,
  3. Креативност,
  4. Вештини,
  5. Интелигенција,
  6. Истрајност,
  7. Упорност,
  8. Тимска работа,
  9. Вкалкулирано ризикување,
  10. Самодоверба,
  11. Искуство,
  12. Талент
  13. Чесност,
  14. Врски и
  15. Среќа.

Како што наведов во резултатите од анализата еден од одговорите најмногу ми се допадна, а тоа е ниеден од горенаведените фактори.

Зошто ниеден од 10 фактори во анкетата не е најважен?

Првин сите наведени фактори без спремност да се превземе акција претставуваат потенцијал на еден претприемач. Всушност оваа е онаа бизнис потенцијална енергија складирана во претприемачот која може и треба да биде претворена во кинетичка енергија која ќе врши одредена работа. Повеќе за бизнис потенцијална енергија можете да прочитате во:

Ова беа меѓу првите написи кои ги напишав на претприемач во моментот кога како термин и процес на бизнис потенцијална енергија започнав да го развивам и во моментов ова претставува една алатка која може да му помогне на секој бизнис да ја зголеми сопствената бизнис потенцијална енергија и да ја претвори во продуктивен и профитабилен бизнис. За овој процес во некој од понатамошните написи на претприемач.

Но, ниеден од тие фактори нема да го направи еден претприемач успешен доколку не превземе соодветна акција. На пример, џабе знаењето и креативноста ако не го направите првиот чекор да го започнете Вашиот бизнис.

Познавам многу луѓе кои имаат знаење и креативност, вешти се и интелигентни, истрајни и упорни… Сепак тие луѓе не се претприемачи, работат за друга компанија или пак некоја државна служба. Тие не се претприемачи не заради тоа што немаат знаење или пак не се интелигентни или пак не ги поседуваат останатите карактеристики од факторите за успешност, туку заради тоа што не го направиле првиот чекор, односно не превземале акција да станат претприемачи.

Затоа во оваа хиерархиско пирамидална структура на одлучувачки фактори за успешност (сликата на почетокот) на еден претприемач како прва карактеристика или како темел за успешноста ја ставив способноста за превземање на акција.

Каков би бил профилот на успешен претприемач?

Профилот на еден претприемач – супермен би бил:

Спремен да превземе акција која ја надградува со знаење и креативноста при што ги комбинира вештините и интелигенцијата, а е истраен и упорен, има способност да работи во тимови, превзема ризик, но не луд ризик и има самодоверба и искуство, а притоа е чесен, понекогаш има среќа и има некои врски кои можат да го подбутнат во работата.

Во секој случај сите фактори или карактеристики се важни, бидејќи само ќе ја зголемат бизнис потенцијалната енергија на претприемачот, а со тоа и севкупната бизнис потенцијална енергија.

Во наредниот период ќе продолжиме со разработувањето на сите овие фактори или карактеристики за да еден претприемач биде успешен претприемач.

post

SWOT Анализа во 4 Чекори

SWOT анализа е алатка за планирање, особено за стратешко планирање. Се користи за проценка на Јачините (Strengths) и Слабостите (Weakness) како внатрешни елементи на бизнисот, Можностите (Opportunities) и Заканите (Threats) како надворешни елементи на бизнисот. SWOT анализата има голем спектар на корисност како за претприемачите така и за бизнисот воопшто особено доколку навистина се искористат информациите добиени од самата анализа. Но, честопати SWOT анализата започнува и завршува со SWOT матрицата (квадрант во чии полиња се излистани SWOT елементите).

Досега во неколку наврати на претприемач пишувавме за оваа анализа. Едноставно започнавме со основите на SWOT анализа, па изработивме еден дијаграм на тек за SWOT анализа па мојот колега и партнер м-р Илија Чубровиќ од започнување на претприемач претстави еден вид на прашалник за SWOT анализа кој тој го користеше при спроведување на оваа анализа во компании во македонија и накратко ја прикажавме SWOT анализата како дел од бизнис планот. По сето тоа изработив 10 различни бизнис темплејти кои можете да ги симнете на претприемач, а во кое еден темплејт е токму за SWOT анализата. Значи доста е експлоатирана темата за SWOT анализа.

Но, сепак не бев задоволен. Се некако ми фалеше нешто. Тоа што ми фалеше е едноставноста. Некако премногу научен пристап. Некако јазикот ми беше премногу сложен. Па затоа се одлучив да ја разработам SWOT анализата во 4 едноставни чекори и во вид на одговор на одредени прашања. Но да тргнеме.

SWOT Анализа

Чекор 1: Скенирање на Надворешна и Внатрешна Бизнис Околина

Една очигледна работа за секој бизнис е дека тој е опкружен со надворешна и внатрешна околина. SWOT анализата започнува со евалуирање на тековната состојба на надворешната и внатрешната околина. Оваа евалуација треба да ни овозможи да ги идентификуваме надворешните и внатрешните фактори кои влијаат на бизнисот. Внатрешните фактори може да бидат јачини, но може да бидат и наши слабости. Додека надворешните фактори може да бидат можности или пак закани.

Во овој чекор потребно е да ги идентификуваме сите фактори кои имаат некакво влијание врз нашиот бизнис.

Прашањата кои треба да ги одговориме се следниве:

  1. Кои се законските фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  2. Кои се еколошките фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  3. Кои се политичките фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  4. Кои се економските фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  5. Кои се социјалните фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  6. Кои се технолошките фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  7. Кои се конкурентските фактори кои влијаат на нашиот бизнис?
  8. Кои се менаџерските фактори на нашиот бизнис?
  9. Кои се стратешките фактори на нашиот бизнис?
  10. Кои се структурните фактори на нашиот бизнис?
  11. Кои се целите на нашиот бизнис?
  12. Кои се оперативните фактори на нашиот бизнис?
  13. Кои се технолошките фактори на нашиот бизнис?
  14. Кои се културните фактори на нашиот бизнис?
  15. Какви политики се имплементирани во нашиот бизнис?
  16. Кои се лидерските фактори во нашиот бизнис?

Како што можете да забележите со одговор на овие 16 прашања ќе ги идентификуваме најважните фактори од интерната и екстерната околина на нашиот бизнис. Првите 7 прашања се однесуваат на надворешната околина користејќи го акронимот LE PEST C (Legal, Ecological, Political, Economic, Social, Technology and Competition), додека следните 9 се однесуваат на внатрешната околина (формални и неформални подсистеми на бизнисот). Прашањата од 8-13 се однесуваат на формалниот подсистем, додека прашањата од 14-16 на неформалниот подсистем во бизнисот.

Чекор 2: Анализа на Надворешна и Внатрешна Околина

Во овој чекор ги анализираме факторите кои ги определивме во претходниот чекор. Целта е да определиме кои внатрешни фактори се наша јака страна, а кои слаба страна и кои надворешни фактори се можности, а кои се закани за нашиот бизнис.

Прашањата кои треба да се одговорат тука се следниве:

  1. Кои законските фактори се наши можности а кои се закани?
  2. Кои еколошките фактори се наши можности а кои се закани?
  3. Кои политичките фактори се наши можности а кои се закани?
  4. Кои економските фактори се наши можности а кои се закани?
  5. Кои социјалните фактори се наши можности а кои се закани?
  6. Кои технолошките фактори се наши можности а кои се закани?
  7. Кои конкурентските фактори се наши можности а кои се закани?
  8. Кои менаџерските фактори се наши јачини а кои се слабости?
  9. Кои стратешките фактори се наши јачини а кои се слабости?
  10. Кои структурните фактори се наши јачини а кои се слабости?
  11. Кои цели се наши јачини а кои се слабости?
  12. Кои оперативните фактори се наши јачини а кои се слабости?
  13. Кои технолошките фактори се наши јачини а кои се слабости?
  14. Кои културните фактори се наши јачини а кои се слабости?
  15. Кои политики се наши јачини а кои се слабости?
  16. Кои лидерски фактори се наши јачини а кои се слабости?

Чекор 3: Конструирање на SWOT матрица

До сега веќе ги излиставме сите фактори кои имаат некакво влијание на нашиот бизнис и ги класифициравме како јачини, слабости, можности и закани. Сега ќе можеме да ја направиме SWOT матрицата. SWOT матрицата е едноставен квадрант конструиран од елементите на SWOT акронимот и во секој квадрант се забележува факторот кој претставува јачина, слабост, можност или пак закана. Оваа е една одлична графичка презентација на она што е добро и што е лошо во бизнисот и што можеме да очекуваме како можност или пак како закана за нашиот бизнис.

Чекор 4: Дефинирање на Стратегиите

Дали она што досега го направивме е доволно за една SWOT анализа? Секоја анализа мора да ниги даде идните насоки на нашите бизнис активности. Доколку запреме тука не можеме да кажеме дека сме извеле успешна анализа. Затоа за секоја комбинација на квадранти во матрицата мраме да определиме стратегии. Од SWOT матрицата можеме да извлечеме 4 стратегии:

  • S-O Стратегии (Јачини-Можности стратегии). Овие стратегии треба да овозможат искористување на јачините и можностите за бизнисот.
  • W-O Стратегии (Слабости-Можности стратегии). Овие стратегии треба да овозможат надминување на слабостите и искористување на можностите.
  • S-T Стратегии (Јачини-Закани Стратегии). Овие стратегии треба да обезбедат искористување на јачините додека ги избегнуваме заканите од надворешноста.
  • W-T Стратегии (Слабости-Закани Стратегии). Овие стратегии треба да обезбедат елиминирање и на слабостите и на заканите за бизнисот.

Прашањата кои мора да ги одговориме во овој чекор се:

  • Кои се нашите S-O Стратегии?
  • Кои се нашите W-O Стратегии?
  • Кои се нашите S-T Стратегии?
  • Кои се нашите W-T Стратегии?

SWOT анализата која ни дава резултати во форма на стратегии за справување со тековната состојба и подготовка за идната состојба и која ги опфаќа и внатрешните и надворешните фактори е одличен одбранбен механизам за секој бизнис.