post

Весници – Маркетинг Средство 26

Стигнавме до 26-тото маркетинг средство во овој турбо серијал од 100 маркетинг средства на претприемач. Оваа е едно традиционално маркетинг средство кое се користи за економска пропаганда на бизнисите. Освен што е традиционално и е едно од постари средства бидејќи радиото и телевизијата се понови медиуми. Иако на светско ниво влијанието на весниците како маркетинг средство се намалува заради се поголемото влијание на интернетот и социјалните медиуми сепак сеуште се користи, а особено кај нас сеуште има големо влијание. Што не значи дека нема полека да се намалува на тоа влијание.

Како нешто најважно во овој напис би опфатил една техника како да се избере весник кој ќе ни користи како маркетинг средство за нашиот бизнис. Првин би вовел два типа на трошоци кои треба да се анализираат.

Апсолутен трошок – трошокот кој претприемачот ќе треба да го плати за одреден временски период да биде неговата порака на тој медиум.

Релативен трошок е трошок по потенцијален потрошувач до кој ќе допре пропагандната порака.

Да земеме два бренда на весници Х и У. Весникот Х има тираж од 25.000 примероци и наплаќа по 10.000 денари за одредена порака на одредена страна и позиција на страната. Весникот У има тираж од 20.000 примероци и наплаќа по 12.000 денари за одредена порака на одредена страна и позиција на страната. Профилот на читателите на овие весници е:

  • 20% од читателите на Х се потенцијални потрошувачи.
  • 35% од читателите на У се потенцијални потрошувачи.

На прв поглед би го избрале весникот Х бидејќи има понизок апсолутен трошок и поголем тираж. Но да видиме како стоиме со релативниот трошок:

Х У
Тираж 25.000 20.000
Процент потенцијални потрошувачи 20% 35%
Број на потенцијални потрошувачи 5.000 7.000
Апсолутен трошок 10.000 ден. 12.000 ден.
Релативен трошок 2 ден. 1,71 ден.

Забележувате дека е подобар весникот У бидејќи цената за просечен потенцијален потрошувач е помала во однос на весникот X. Секогаш правете ја оваа анализа при избор на медиум, не само весник туку било кое маркетинг средство. Повеќе за овие пресметки и избор на маркетинг средство во посебен наслов за маркетинг средства.

Би опфатил некои предности и недостатоци на весниците како маркетинг средство. Како предности се:

  • Солидна географска опфатност. Весниците го диференцираат пазарот на локален, национален и глобален пазар.
  • Навременост. Времето кога се доставува економската пропагандна порака и затворање на весникот е навистина кратко особено за дневните весници. Ова значи дека секогаш маркетинг пораката ќе биде ажурирана.
  • Флексибилност. Флексибилноста е една голема карактеристика на ова маркетинг средство бидејќи секој ден може да се има различна порака.
  • Ниски трошоци. Весниците нормално нудат пропаганден простор со низок апсолутен трошок. Цената зависи од тиражот и географскиот регион кој го опфаќа. Па така со вистинскиот избор ќе има и релативен низок трошок.
  • Добра комуникација со потенцијалните потрошувачи. Весниците овозможуваат користење на добра графичка изработка на самата пропагандна порака при што ќе се пренесат доста информации и ќе се привлече вниманието на потенцијалните потрошувачи.

Освен предности весниците имаат и соодветни недостатоци кога се користат како маркетинг средство:

  • Нетаргетирани читатели. Весникот е читан вообичаено од различни луѓе, па се смета дека ќе има голем број на нетаргетирани читатели за кои сепак ќе платиме.
  • Квалитетот. Дневните весници имаат многу послаб квалитет во однос на останатите медиуми како магазини.
  • Премногу пораки. Еден од најголемите недостатоци е што весниците имаат премногу пропагандни пораки па постои можност нашата да се изгуби во еден океан од такви пораки. Од друга страна и читателите се иритирани со премногу пропагандни пораки, па ги прескокнуваат тие страници.
  • Краток животен век. На една пропагандна порака во весник животниот век е 24 часа. Тоа е прекратко.
  • Намалување на читатели. Ова веќе го најавив на почетокот. Влијанието на интернетот се повеќе ги намалува класичните читатели на весници.
Слика од DRB62
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*