post

Кредибилитет – Маркетинг Средство – 29

Кредибилитет како маркетинг средство е 29-тото маркетинг средство во овој турбо серијал на маркетинг средства на претприемач. Оваа маркетинг средство е уште едно кое не е традиционално и кое не бара големи пари за да се примени. Можеби не бара пара, но бара време и труд. Но, едно нешто е важно. Доколку се изгради навистина висок кредибилитет успешноста на Вашиот бизнис ќе биде огромна. Но, пак доколку го надградуваме и подобруваме тој кредибилитет успешноста ќе биде уште поголема.

Значајноста на кредибилитетот како маркетинг средство е огромно, особено поради фактот што од него зависат сите други маркетинг средства кои ќе ги применуваме за нашиот бизнис, а за кои ќе издвојуваме огромни средства.

Да земеме еден реален бизнис пример:

Користиме радио и весник како наше маркетинг средство. Целта ни е да привлечеме поголем број на купувачи за нашиот бизнис. Пораката која ја пренесуваме преку тие маркетинг средства е: Нашиот бизнис ќе Ви го промени животот само за неколку дена решавајќи го Вашиот проблем. Но, ние сеуште немаме кредибилитет. Што значи дека веројатноста е дек малку луѓе ќе ни веруваат на таа наша одлична порака. Можеби навистина сме способни, имаме знаење и можности да им го смениме животот на луѓето решавајќи го нивниот проблем, но тоа не значи ништо бидејќи сеуште немаме изградено кредибилитет. И во ваков случај нашите пари околу 40.000 денари за реклама на радио и весник не дава резултати.

Овој пример е нешто што постојано се случува кај нас. Затоа мој совет е: Првин започнете со градење на кредибилитет, па потоа трошете на други медиуми како маркетинг средства.

Во некои случаи другите маркетинг средства можат и да помогнат во градење на кредибилитетот, но поверојатно е дека парите залудно ќе бидат потрошени. Доколку имаме комбинација на веќе изграден некаков кредибилитет и го доградуваме со помош на останатите маркетинг средство веќе може д ја имаме добитната комбинација.

Што е Кредибилитет?

Доколку имаме кредибилитет за некое лице, тоа значи дека тоа лице верува дека ние имаме експертиза и знаење како и тоа дека сме доверливи за да правиме бизнис со него. Значи, поголема е веројатноста дека едно лице ќе одлучи да купува од нас доколку имаме изградено висок кредибилитет. Во Wikipedia за кредибилитет се вели:

Кредибилитет се однесува на објективни и субјективни компоненти на верување кон изворот или пак пораката. Традиционално кредибилитетот има две компоненти – доверба и експертиза при што и двете компоненти имаат објективни и субјективни компоненти…

Можеме да забележиме дека кредибилитетот значи дека веќе имаме изградено доверба и експертиза во очите на другите лица за она што го работиме.

Кон кого треба да изградиме Кредибилитет?

Едно од позначајните прашања е кон кого нашиот кредибилитет треба да биде изграден. За почетните бизниси не би ги ширел премногу таргетните ентитети за нашиот кредибилитет. Основните ентитети кои треба да ги таргетираме за да изградиме висок кредибилитет се следниве:

  • Клиенти – Купувачи;
  • Потенцијални потрошувачи;
  • Вработени;
  • Снабдувачи и
  • Сите можни контакти

Кредибилитет како Функција на 4 Елементи

Ова е нешто што го најдов како дел од првата панел дискусија на The League of Extraordinary Minds во која членувам и каде 54 најголеми експерти од областа на бизнисот одговараат на прашања и дискусија за подобрување на бизнис процесите. Во оваа прва панел дискусија како еден од експерти беше и Stephen Covey, авторот на бестселерот 7 Навики на Високо Ефективни Луѓе.

Според Stephen Covey кредибилитет е функција на 4 елементи:

  • Интегритет. Интегритет ќе изградите со помош на Вашата искреност и чесност.
  • Посветеност. За посветеноста морате да имате мотив, агенда и однесување кое ќе Ве претстави како навистина посветен претприемач на работата која ја работите.
  • Способност. Способноста пак е функција на Вашиот талент, вештини, експертиза и знаење. Способноста одговара на прашањето: Дали сте токму Вие релевантен?
  • Резултати. Резултатите се приказ на Вашите перформанси како сегашни така и минати. Прикажување на овие резултати го зголемуваат Вашиот кредибилитет.

Една работа која што Stephen Covey ја напоменува е дека мора првин да го изградите личниот кредибилитет кој подоцна ќе се претвори во кредибилитет на бизнисот.

Првите два елементи (интегритет и посветеност) го претставуваат Вашиот сопствен карактер, додека последните два (способност и релевантност) ја претставуваат Вашата компетентност да го решите проблемот на своите потрошувачи. Посветете внимание на овие елементи и Вашиот кредибилитет постојано ќе расте.

Уште нешто би сакал да напоменам како за крај на овој напис. Кредибилитетот не се мери во тоа дали Вие самите сметате дека имате кредибилитет. Кредибилитетот се мери во однос на тоа што сметаат другите за Вас. Мора да бидете реален за да си го измерите сопствениот кредибилитет како и кредибилитетот на Вашиот бизнис. Доколку не е онака како што Вие самите сметате не сваќајте го тоа лично, сепак се работи за нешто во што навистина треба да се вложи труд за да се изгради. Но, искористете го тоа за да го подобрите како Вашиот личен така и кредибилитетот на Вашиот бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*