post

5 Бизнис Елементи Кои еден Претприемач може да ги Подобри Уште Денес

Претприемач, претприемаништво, бизнис, мал бизнис… Сето тоа се поими кои се длабоко поврзани со продобрувањето. Основна задача на секој претприемач или пак менаџер е да го подобрува бизнисот. Простор за подобрување во секој бизнис постои. Но, кои се оние клучни елементи кои може и треба да се започне со подобрување уште денес?

Пред да започнам со поставување на клучните елементи сакам да повторам дека процесот на подобрување може да се однесува на сите аспекти на бизнисиот и нема ограничен простор. Секое подобрување ќе може да доведе до ефект на пеперутка во севкупниот бизнис.

Следниве елементи можете да започнете уште денес да ги подобрувате:

Претприемач

Претприемач е централна фигура во секој бизнис. Уште денес можете да започнете да се подобрувате. Знам дека доколку го читате оваа Вие сте тип на претприемач кој секојдневно се подобрува проширувајќи го сопственото знаење.

Ние како претприемачи со секој нов изминат ден стекнуваме ново искуство, ново знаење, нови вештини и нови навики кои доведуваат до наше подобро однесување во утрешниот ден. Потребно е само навистина добро да ги апсорбираме овие елементи и нормално да ги применуваме. Доколку не го примениме нашето ново, искуство, ново знаење, нова вештина и нова навика во утрешниот ден воопшто не сме се подобриле.

Маркетинг

Маркетинг е една од најважните карики во секој бизнис. Можеби не сте ни свесни колку може да се подобрат Вашите маркетинг активности со само едноставно следење на резултатите од секоја активност. Со промена во маркетингот ќе направите промена и во резултатите на бизнисот. Доколку секоја маркетинг активност ја подобрите за само малку за огромен процент ќе се подобрат бизнис резултатите. Еве некои совети:

  • Направете истражување на пазар.
  • Започнете со градење или подобрување на Вашиот кредибилитет.
  • Исфрлете ги сите маркетинг активности кои даваат слаби резултати.
  • Користете го 80/20 правилото.
  • Пробувајте различни медиуми.
  • Префрлете огромен дел од маркетинг активностите на интернетот.
  • Мерете ги резултатите и менувајте.
  • Проверувајте различни текстови и продолжувајте со оние кои даваат најголема конверзација..

Доколку само овие работи ги разгледате уште денес и започнете да ги применувате од утре подобрените бизнис резултати се загарантирани.

Стратегија

Како трет елемент ја избрав стратегијата бидејќи е најлесно да се промени и подобри. Менување на стратегијата е најбрз, најлесен и најмоќен начин да ги промените бизнис резултатите. Стратегијата наједноставно кажано е нешто што го покажува патоказот за движењето на бизнисот во иднина. Во Wikipedia за стратегија се вели:

Стратегија е план на акции кои се дизајнирани за исполнување на одредени цели. Таа се насочува на КАКО наместо на ШТО.

Еве некои совети за да започнете со подобрување уште денес:

  • Разгледајте ги поставените цели.
  • Дали стратегијата која ја применувате води кон исполнување на поставените цели.
  • Пробајте да пронајдете и други патишта кои водат кон истите или пак кон поголеми цели.
  • Менувајте одлучно се за што сметате дека е исправно. Па, и да погрешите ќе го подобрите првиот елемент – претприемачот.

Бизнис Модел

Простор за подобрување на бизнис моделот на еден бизнис е неограничен. Прво доста е едноставно, целосно е под контрола на претприемачот и подобрувањето може да даде одлични бизнис резултати. Бизнис модел наједноставно претставува начин на изведување на бизнисот. Во Бизнис модел нешто што ќе ви помогне за бизнис модел напишав:

Секој бизнис има свој сопствен модел. Бизнис модел претставува начин на изведување на бизнис активности. На пример за малопродажба, бизнис модел може да биде набавка, изложување, маркетинг, продажба и повторно истото. Но, помеѓу овие процеси во моделот може да има повеќе различни подпроцеси. И токму во тоа е разликата помеѓу различните бизнисите. И токму во тие подпроцеси еден бизнис може да биде успешен, а друг ист таков неуспешен.

Еве неколку практични совети:

  • Претставете го графички бизнис моделот на Вашиот бизнис (можете да ја искористите алатката Gliffy)
  • Погледајте го и забележете ги идеите за подобрување.
  • Одморете малку – занимавајте се со нешто друго и повторно прегледајте го графикот на бизнис моделот.
  • Забележете ги сите подобрување и направете нов бизнис модел со вклучени подобрувања.
  • Од утре нека биде официјален новиот бизнис модел.

Капитал

Кога станува збор за капитал не мислам само на финансискиот, туку и на човечкиот и интелектуалниот капитал на еден бизнис. Мислам дека финансискиот капитал е јасен и сите го разбираме бидејќи се однесува на тоа колку пари и колкава финансиска моќ како бизнис имаме. Но, финансискиот капитал не значи и по автоматизам успех на бизнисот без следните два – човечкиот и интелектуалниот капитал. Една од поголемите грешки е кога се фокусираме на подобрување само на финансискиот капитал без останатите. Можеби затоа што најлесно е да се анализира бидејќи имаме готови алатки како анализа на готовински тек, анализа на добивка и загуба, финансиски извештаи итн.

Човечкиот капитал се луѓето кои работат во самиот бизнис и акумулираното знаење и вештини за исполнување на задачите во тие луѓе.

Интелектуалниот капитал претставува интелектуалната сопственост на бизнисот како што се правила, процедури, однесувања, организациска култура… Овој капитал се однесува на прашањата како го искористуваме човечкиот и финансискиот капитал, односно како го искористуваме знаењето, искуството и вештините на луѓето и парите за развој на нашиот бизнис.

Неколку совети за подобрувања во ова подрачје:

  • Размислете за тековната состојба на финансискиот, човечкиот и интелектуалниот капитал.
  • Забележете ги сите силни и слаби страни на истите.
  • Направете стратегија за да ги надминете слабите страни и да гиподобрите силните страни.
  • Започнете со подобрувањето од утре.

Ова се само 5 елементи кои можете навистина уште денес да ги подобрите, доволно е да оделите само 5 часа од Вашето време за да од утре имате бизнис кој навистина во голем дел ќе биде подобрен и ќе овозможува остварување на поголеми резултати.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] подобри веднаш ги опфатив на некој начин во насловот 5 Бизнис Елементи Кои еден Претприемач може да ги Подоб… и тоа […]

  2. […] истиот процент од нешто поголемо. Како и да различните бизнис елементи доведуваат до различна математика при што еден […]

  3. […] Секогаш ќе постојат можности за подобрување. […]

Speak Your Mind

*