post

Што Еден Претприемач Може Да Научи Од Google?

Google е еден од најмладите пребарувачи на интернетот кој започнува при крајот на последната деценија во минатиот век. Но, за кратко време станува број еден пребарувач користен низ целиот свет. Како една млада компанија во еден претприемнички дух Google ја започнува борбата со тогашните џинови во светот на пребарување на интернетот како што се Yahoo, Altavista, Lycos, Inktomi, Excite, AOL Search,  AllTheWeb и уште многу други.

Што еден претприемач може да научи од Google?

Што го прави Google толку посебен?

Кога го купив првиот персоналец во 1998 година продавачот нормално ми инсталираше оперативен систем и придружни програми и ми ја подеси интернет конекцијата (dial-up se разбира). При тоа подесување како почетна страна на Internet Explorer-от ми го ставија Yahoo. И нормално кратка обука дека тоа е пребарувач, напишеш во полето за пребарување клучен збор и тој ти ги листа веб страните кои се најблиску до клучниот збор. Се сеќавам дека во тоа време кога барав некоја информација требаше да одам дури и до 50-тата страна за да го најдам она што го барав. Понекогаш како прв на Yahoo ми се јавуваше некоја страна која немаше никаква врска со тоа што го барав. Она што уште ме нервираше е што почетната страна на Yahoo беше преполна со слики и банери па мојот спор интернет уште поспоро ја отвараше. Не се сеќавам како, но случајно налетав на тогаш новиот пребарувач кој подоцна го измени изгледот и начинот на користењето на интернетот – Google. Од тогаш веќе заборавив на Yahoo како алатка на интернетот за да дојдам до информација. Што е она што мене, а сигурно и милионите корисници во светот ги натера да го заборават Yahoo.

  • Едноставен дизајн. За разлика од другите пребарувачи Google на почетната страна ја имаше само формата за пребарување со сликичката на нивното лого и ништо повеќе. Мојот спор интернет ја отвораше многу побргу во однос на другите пребарувачи. Значи претприемачите мора да размислат за дизајнот на сопствениот производ или пак услуга во однос на корисниците.
  • Точни резултати. Кога пребарував нешто наместо да одам до 50-тата страна успевав да дојдам до потребните информации барајќи низ првите 5 страни од резултатите. Ова значи дека Google даваше многу подобри резултати. Втората работа еден претприемач што може да ја научи од Google e функционалноста на нивниот производ за мене како корисник.
  • Лесно читливи резултати. Резултатите кои ги добивав се лесно разбирливи и читливи. Значи можев брзо да разберам дали е тоа тоа што го барав.
  • Постојано воведување на новини. Постојано Google воведуваше нови функционалности на нивниот пребарувач. Воведоа пребарување на слики, пребарување на весници, пребарување на блогови… Сето ова постојано го подобруваше моето искуство во однос на барање на информација на интернет.
  • Постојано подобрување на релевантноста на резултатите. Google е компанија која со текот на времето постојано учи и го подобрува сопствениот алгоритам. Кога сопствениците на веб страните го научеа алгоритмот на Google и се обидуваа да го преварат тие ги откриваа сопствените слабости и постојано ги подобруваа.

Што е тоа што еден претприемач треба да го извлече како поука?

  • Без разлика што сте нов играч во индустријата, доколку навистина сакате да победите ќе победите.
  • Постојано размислувајте со очите на тековниот и потенцијалниот купувач. Размислувајте за дизајнот, квалитетот и функционалноста на Вашиот производ или пак услуга со очи на корисниците на тие производи или услуги. Нека биде едноставно, високо-квалитетно и функционално.
  • Најдете го проблемот што го имаат потенцијалните купувачи и решете го со Вашиот производ или пак услуга. Проблемот што Google го идентификувал во своето започнување е точноста на резултатите од пребарување и преголемо бомбардирање со банери и реклами. Сето тоа е вклучено во дизајнот и во нивниот алгоритам за пребарување.
  • Постојано подобрувајте. Не треба да помине ниту еден ден без барем еднаш да помислите како да го подобрите Вашиот бизнис или пак Вашиот производ или услуга.

Инаку филозофијата која го води Google да биде тоа што е релевантноста: Дајте им го на луѓето она што го сакаат и тоа што побргу, и колку што може поедноставно.

Доколку имате друга поука од областа на претприемништвото која можеме да ја извлечеме од Google, слободно поделете го Вашето мислење преку оставање на коментар.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*