post

Најдоброто на претприемач во 2009 година

За некој ден ќе завршиме целосно со 2009 година која навистина за мене беше многу интересна. Точно една година од кога се играв на веб и закупив веб хостинг и домеин, поставив неколку странички кои ги крстив претприемач и се чудев што потоа.

Најдоброто на претприемач

Првин што ми текна беше содржина, ама не знаев каде и како да пишувам. Се прашував дали за секој текст за претприемништво да правам посебна страна, дали ова, дали она… Еден куп прашања. Налетав на Joomla и успеав да ја закачам на веб серверот и така започнаа артиклите на претприемач. И секој ден по еден нов текст и мачење со Joomla.

По некое време платив еден курс за блогирање каде увидов дека WordPress е она што ми треба. Па така излезе и блогот на претприемач што всушност сега е претприемач, бидејќи артиклите веќе не ги ажурирам (се откачив од Joomla) и онаа /blog го поставив директно на домеинот.

И така помина цела една година со 245 написи на претприемач и 123 написи на артиклите на претприемач или вкупно (да го земам дигитронот) 368 написи за претприемништво, претприемачите и малите бизниси – повеќе од еден дневно (а не сме весник). Некои и не беа нешто посебно, особено во првите денови кога повеќе ги пишував написите со еден научен поглед. Но, за некои сум навистина горд на самиот себеси, бидејќи сметам дека се навистина уникатни и од помош за претприемачите.

Би се заблагодарил на м-р Илија Чубровиќ кој скоро половина година учествуваше во овој проект и финансиски и едукациски во креација на некои од написите. Би се заблагодарил и на гостинските написи кои во неколку наврати беа објавени а се напишани од Предраг Стојковски – директор на компанијата Интрогруп која се занимава со финансиски консалтинг. Би се заблагодарил на Гого Рафајловски кој во повеќе наврати даваше навистина квалитетни коментари кои го подобруваа квалитетот на написите на претприемач. И на крај би се заблагодарил на сите кои било со коментари преку блогот, преку Twitter, Facebook или пак со директен mail ми даваа подршка преку нивната благодарност или пак прашањата кои ги поставија.

Тоа беше 2009 година, која би сакал да ја затворам со еден серијал за најдоброто на претприемач. А, 2010 ќе ја започнеме турбо преку продолжеток на серијалот за интернет бизнис и уште еден куп на написи и видео материјали кои ги имам во главата и еден по еден ќе ги изложувам тука. Освен тоа при крај е новата верзија на Збирка со бизнис идеи која ќе бидне надополнета со уште 20 бизнис идеи. Подготвувам една е-книга која ја нареков во работна верзија како Претприемнички буквар и која сите регистрирани за неделни билтени ќе ја добијат. И секако, најголемиот проект на претприемач досега кој ќе стартува во јануари е Премиум Претприемач кој ќе биде 54 неделен (годишен) курс, односно виртуелен консултант за претприемачите.

Во следните 2 дена ќе можете да видите серија на написи и артикли кои ќе дадат еден поглед кон најпопуларни написи на претприемач во 2009 година. Секој од тие написи ќе го групирам во теми како листата на написи во овој серијал би била покорисна.

Сепак она што ќе биде вклучено во овој серијал ќе биде сам еден мал дел од севкупниот материјал на претприемач, бидејќи има 368 написи тука, но се надевам дека ќе претставува корисен начин за да посетителите бргу поминат низ нешто што би претставувало како нешто што би требало да се прочита.

Темите кои ќе ги опфатам во овој серијал се:

Како што ќе ги објавувам написите така и ќе ги ажурирам линковите во оваа листа од овој серијал.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+