post

Интересна дефиниција за Маркетинг Успех

Можете да забележите дека на претприемач преовладуваат темите за маркетинг. Ова е заради фактот што навистина маркетингот е она што додава вредност во секој бизнис.

Би сакал овој напис да дадам еден коментар на една навистина интересна дефиниција до која што дојдов преку третата панел дискусија на The League of Extraordinary Minds. Дефиницијата е од страна на Sergio Zyman, основач на Zyman Group и поранешен шеф на маркетинг одделот на Coca Cola. Кога станува збор за маркетинг Coca Cola ни е навистина познат случај. Тој како единствена дефиниција за маркетинг успех ја издвојува следнава:

Маркетинг успех претставува да продавате повеќе на повеќе луѓе, почесто, за повеќе пари и поефикасно.

Во една кратка реченица кажано се за тоа кога Вашите маркетинг активности можете да класифицирате како успешни. Да ги разгледаме одвоено.

1. Зголемување на продажба

Нормално, дека првата цел на спроведување на маркетинг активности е да ја зголемите продажбата на Вашиот бизнис. Инаку зошто би спроведувале едни такви активности.

На пример, имате продажба од 1000 парчиња месечно кои ги продавате по 500,00 денари и тоа е приход од 500.000,00 денари месечно. Доколку започнете некоја маркетинг активност би требало да дојдете до 10% зголемување за да продавате 1100 парчиња кои по 500,00 денари ќе ви донесат приход од 550.000,00 денари. Тоа се 50.000 денари поголем приход.

2. Зголемување на бројот на купувачи

Всушност Вие со маркетингот привлекувате внимание на потенцијални купувачи од кои дел ќе станат вистински купувачи. Маркетингот како што е прикажано во горниот пример довел нови купувачи кои купуваат дополнителни 100 парчиња производи од Вашиот бизнис.

3. Зголемување на фреквенција на купување

Освен на претходните зголемувања целта на маркетингот е да ја зголемите зачестеноста на купување од страна на купувачите. Ова значи купувачите да се враќаат, и не само тоа, туку да се враќаат почесто да купуваат. Со исполнување на оваа цел ќе успеете само да ја зголемите продажбата. Да кажеме од горниот пример дека продажбата се зголемува за уште 10% (1210 парчиња), при што ќе имаме приход од 605.000,00 денари. Тоа се 105.000 денари повеќе од пред маркетинг активноста.

4. Зголемување на цена

Една многу важна цел на маркетингот е да успеете да изградите бренд кој продава висококвалитетни производи и услуги па Вашите производи и услуги да бидат поскапи од нормалните.

Да го земеме претходниот пример и да успееме да продаваме исто со повисока цена од да речеме 550 денари за парче. Така ќе имаме приход од 665.000,00 денари што е за 165.000,00 денари повеќе од пред маркетинг активноста.

5. Зголемување на ефикасност

Овде се мисли на зголемување на ефикасноста и ефективноста на маркетинг активностите. Во превод тоа е да се спроведат вистински маркетинг активности, на вистински начин со што ќе се постигнат најдобри резултати. Вообичаено еден просечен мал бизнис спроведува неколку маркетинг активности одеднаш. На пример, има радио реклама, дели брошури и има сопствена веб страна. Тука прашањето е дали овие маркетинг активности се оние вистинските и дали, доколку се вистинските се спроведуваат на вистински начин.

  • Дали радио рекламата е соодветна за нашиот бизнис?
  • Дали брошурата е соодветна на нашиот бизнис?
  • Дали веб страната е соодветна за нашиот бизнис?
  • Доколку радиото е соодветно за нашиот бизнис дали сме ја избрале вистинската радио станица?
  • Доколку брошурата е соодветна за нашиот бизнис дали ја делиме на вистинските луѓе – таргетирани потенцијални клиенти?
  • Доколку веб страната е соодветна за нашиот бизнис дали правиме доволно за да имаме повеќе таргетирани посетители?

Одговорите на овие прашања ќе дадат одредени насоки за да увидиме дали нашите маркетинг активности се ефективни и ефикасни. Се она што ќе содржи одговор во вид на НЕ или пак МОЖЕБИ ќе треба да се поправи или замени со друга маркетинг активност.

Зошто ова последното. Секоја маркетинг активност има своја цена на чинење. Така да ако продолжиме со нашиот пример каде остваривме повеќе приход од 165.000,00 денари и доколку имаме профитна маржа од 20% тоа значи дека имаме добивка од 33.000,00 денари.

Дали маркетинга ктивностите од овој пример доколку чинат 35.000,00 денари ќе бидат ефикасни? Секако дека одговорот ќе биде не во целост. Целосна филозофија во маркетингот е да со најмалку вложени пари ги максимизирате резултатите на претходните 4 цели на една маркетинг активност.

Затоа разгледајте ја секоја ваша маркетинг активност преку еден ваков аспект со поставување на следниве прашања:

  • Дали таа и таа маркетинг активност ми ја зголеми продажбата во одреден временски период?
  • Дали таа и таа маркетинг активност го зголеми бројот на купувачите во одреден временски период?
  • Дали таа и таа маркетинг активност ми ја зголеми фреквенцијата на купување во одреден временски период?
  • Дали таа и таа маркетинг активност ќе ми дозволи да ја зголемам цената?
  • Дали таа и таа маркетинга ктивност е ефикасна?
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*