post

SWOT анализа – еден прашалник

SWOT Анализа

SWOT Анализа

Ова е оригиналниот примерок на Анкетен прашалник кој послужил за изработка на магистерскиот труд на м-р Илија Чубровиќ. Овој Анкетен прашалник претставува практична примена на SWOT-анализа при истражување на работењето на производствените претприатија, меѓутоа може да се користи и во секое друго претприатие.

Опфатени се сите актуелни прашања во тој период. Временска дистанца покажа дека доколку во денешно време повторно би се правила анализа некои нови прашања би било потребно да се постават, одредени прашања се сеуште актуелни, додека актуелноста на некои прашања се изгуби. Меѓутоа принципот на работењето би останал ист, а добиените согледувања за работењето на претпријатието би било целосно.

Овие прашања можете да ги искористите како идеја за спроведување на една Ваша SWOT анализа. Прашалникот е поделен на два дела:

  • Првиот дел е за внатрешните карактеристики на Вашиот бизнис – јаки и слаби страни.
  • Вториот дел е за надворешните карактеристики на Вашиот бизнис – можности и закани.

А. Оценување на јаките и слабите страни на фирмата, односно на предностите и недостатоците

1. Мотивираноста на Вашите вработени има одредено влијание врз резултатите од работењето. Мотивираноста може да се оствари на различни начини. Вие сигурно на ова поле преземате одредени активности. Дали Вашето ангажирање на ова поле е Ваша јака или слаба страна?

2. Обезбеденоста со кадри има одредено влијание врз квантитетот и квалитетот во работењето. Дали обезбеденоста со кадри (и стручни и раководни и работоводни) е Ваша јака или слаба страна?

3. Малиот бизнис е можност да се биде “сам газда”. За луѓето што работат во големите претпријатија ова не е така. Колку Вие сте навистина “сам газда”? Дали е ова Ваша јака или слаба страна?

4. Евидентно е дека Вие сте сам на “врвот на пирамидата”. Имате само Ваши подредени. Немате претпоставени, немате колеги “по хоризонтала”. Дали оваа релативна “осаменост” ја сметате за Вашата јака или слаба страна?

5. Вие имате некој вид образование добиено од средношколскиот и високо-образовниот систем на државата. Дали Вашето базично образование го сметате за Ваше јака или слаба страна?

6. Вие сигурно имате одредени сознаниа за конкурентските фирми од областа на делување на Вашата фирма. Дали овие сознаниа за конкурентите ги сметате за Ваша јака или слаба страна?

7. Вашите производи се со одреден квалитет. Квалитетот на финалниот производ е резултат на квалитетот во работењето. Дали квалитетот и на производот и на работењето го сметате за Ваша јака или слаба страна?

8. Во индустриските фирми за да се произведе некој производ е потребна проектанско–конструктивна, технолошка и работна документација. Оваа документација може и не мора да соодвествува на потребите на работниците на работните места. Дали квалитетот на документацијата го сметате за Ваша јака или слаба страна?

9. Иновациите во производот, техниката и технологијата се битни. Кај Вас сигурно се работи нешто во оваа област. Дали тоа што го остварувате на полето на иновативно-инвентивната и унапредувачка дејност го сметате за Ваша јака или слаба страна?

10. Рекламирањето, односно пропагандата или пошироко односите со јавноста имаат за цел да ги запознаат купувачите со Вашиот производ. Дали ова Ви е јака или слаба страна?

11. Во услови на пазарно стопанисување и на Вас и на Вашите вработени им се потребни знаења од маркетингот. Дали знаењата од маркетингот на сите Ваши вработени (заедно со Вас) ги сметате за Ваша јака или слаба страна?

12. Во големите фирми има соодветна организациска поставеност. Има сектори, служби, одделенија… Вие тоа го немате. Вие имате едноставна организациска шема, без многу “хиерархија”. Дали ова го сметате за Ваша јака или слаба страна?

13. Ако работата на некој вработен е нормирана тоа значи дека таа работа може да се мери, па и тоа да биде основа за наградување. Работите во производството обично се нормирани, но вон од производство не се. Дали степенот на нормираност (по обем и по квалитет на нормираноста) го сметате за Ваша јака или слаба страна?

14. Автоматската обработка на податоците, пошироко компјутеризацијата сигурно ја зафатила и Вашата организација. Компјутерите освен во сметководството можат “да влезат” и во проектирањето, во контролата на залихите и сл. Дали ширината на фронтот на компјутеризацијата го сметате за Ваша слаба или јака страна?

15. Меѓучовечките односи во работниот колектив се битни за резултатите од работењето, за соработката и сл. Дали постојното ниво на меѓучовечки односи го сметате за Ваша јака или слаба страна?

16. Роковите, заедно со квалитетот и цените, се битна компонента во деловноста. Се мисли на роковите при извршување на некоја договорена работа. Дали запазувањето на роковите го сметате за Ваша јака или слаба страна?

Б. Оценување на шансите и заканите, односно на можностите и опасностите како надворешни дејствувања

1. Има мислење дека транзицијата кај нас се “издолжи”. Дали ова продолжено егзистирање на транзицијата го сметате за шанса или закана?

2. Во областа на Вашиот бизнис сигурно научниот и технолошки развој Ви “праќа” сигнали за новини. Она што доаѓа од развиениот свет, а се однесува на развојот на Вашиот производ, техника и технологија, за Вас е шанса или закана?

3. Развиениот свет бара од фирмите во своите земји и од фирмите во другите земји да имаат цертификат за стандарди (ISO 9000, ISO 14000). Тоа се шанси или закани?

4. Нашиот банкарски систем на еден или друг начин го прати развојот на малиот бизнис. Ваше мислење, односно оценка, дали нашиот сегашен банкарски систем е шанса или закана за Вашиот бизнис?

5. Евидентни се различни фондови и фондации кои обезбедуваат финансиски средства за мали бизниси. Тоа е шанса или закана?

6. Стопанската комора е асоцијација на стопанските организации. Дали делувањето на стопанската комора пружа шанса или закана за Вашата фирма?

7. Веќе десетина години градиме определен политички систем определен со повеќепартиски систем и со парламентарна демократија. Дали овој систем како што ние го практикуваме е за Вас шанса или закана?

8. Дел од она ново што се гради е и судскиот систем. Дали во него гледате шанса или закана?

9. Нашата земја прави напори за приклучување кон Европската унија и НАТО. Дали во тие настојувања гледате шанси или закани?

10. Кај нас законодавната власт “произведува” закони. Често пати се случува законите да бидат оценети со негативна оценка од Уставниот суд и да бидат поништени. По оваа или по некоја друга основа законите често се менуваат. Оваа го оценувате за Ваша шанса или закана?

11. Ние имаме некаков систем на локална самоуправа. Дали постојниот систем го гледате како Ваша шанса или закана?

12. Пред извесно време е воведен данок на додадена вредност (ДДВ). Дали воведувањето на овој систем го оценувате за шанса или закана?

13. Странските инвеститори влегуваат во нашата земја. Кога политичките прилики ќе бидат подобрени ќе се очекува нивно поголемо навлегување. Дали тоа го оценувате како шанса или закана?

14. Постои т.н. црна, сина, сива,… економија со “диво” влегување во нашата држава со неплаќање давачки на државата и сл. Дали ова го цените за шанса или закана?

15. Вашата фирма има воспоставено деловна соработка со други фирми кои нашто работат за Вас. Тоа се ваши кооперанти. Односите на релација Ваша фирма–кооперанти ги оценувате како шанса или закана?

16. Нашата држава има определен девизен режим во кој, за сега, односот на нашиот денар спрема, на пример, германска марка е определен и фиксиран на околу 1:31. Дали овој фиксиран девизен однос за Вашата фирма е шанса или закана?

Овој прашалник можете да го измените и да исфрлите некои прашања и да додадете некои прашања и во една табела со 4 колони наведете ги сите ваши јаки страни (прва колона) како и слаби страни (втора колона) и вашите можности (трета колона) и закани (четврта колона.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] од започнување на претприемач претстави еден вид на прашалник за SWOT анализа кој тој го користеше при спроведување на оваа анализа […]

  2. […] Овој наслов на бизнис планот не опфаќа голем процентуален дел од планот како документ, на пример доволна е една страна за се да се претстави. Но, посложен и повеќе време ќе одземе процесот на спроведување на анализата. Како најдобар начин за спроведување на оваа анализа е да се поставуваат прашања и да се одговараат истите. Како еден пример на поставен прашања за спроведување на SWOT анализа за бизнисите во Македонија можете да ги прочитате во Прашалник за SWOT анализа. […]

  3. […] се регистрирате на RSS feed за ажурирањата на претприемач.SWOT анализата е алатка за планирање и особено за стратешко […]

Speak Your Mind

*