post

Непознавање на маркетинг на еден претприемач или менаџер

Учество на пазарот Конкурентската предност на пазарот не се стекнува лесно, но лесно може да се загуби. Може да потрошите години и години во развојот на бизнисот но со недоволно залагање и постојана анализа на пазарот постигнатото може да се изгуби за неколку месеци. Пазарот е многу променлива категорија. Денес се бара нешто, утре нешто друго… Примеров е вистинска случка и се однесува на тоа како еден менаџер воопшто не троши време за маркетингот на бизнисот кој го води или барем мојот прв впечаток беше таков. Или не троши време за проучување на маркетингот и анализа на пазарот или нема соодветно познавање, а се нашол во улога да управува бизнис. Менаџерот управува компанија која е увозник на брендирани производи од познат бренд кој има добра побарувачка и добро поминува во нашата земја.

На една презентација на производи на компанијата (од примерот) го прашувам менаџерот за видовите на производи што ги нудат, начинот на испораката и цените. Одговорот беше низ следниве реченици:

  • Ние не работиме со секого!
  • Нашите производи се лидери на пазарот!
  • Нашите производи се многу скапи!
  • Какви други производи имате?
  • Постојано вложуваме во маркетинг, оваа презентација е доказ! (НЕПОЗНАВАЊЕ НА МАРКЕТИНГ)

Од неговите одговори се забележува синдромот на јас, јас и само јас.

Ја забележуваме првата грешка: ПРЕПОТЕНТНОСТ.

Спомнавме со какви производи работиме, дека исто така се скапи, докажани во својата намена, испробани на сопствена кожа, не се многу познати во нашава земја а во светот не се непознаница. Пред да почнеме да работиме со тие производи извршивме пребарување на интернет и тоа:

  • На официјалниот сајт на производителот
  • Пребарување на google за да видиме што кажуваат другите сајтови
  • Разни форуми за да видиме какво е искуството на луѓето што ги користат.

Нашите анализи покажаа дека производите претставуваат добар бренд кој излегува во пресрет на барањата на потрошувачите и не зажаливме кога почнавме да го работиме. На нашето излагање го добивме следниот одговор:

  • Првпат слушам за таков бренд! (РАБОТИ БЕЗ ДА ГО АНАЛИЗИРА ПАЗАРОТ)

Човеков заталкал некаде во ваква работа. Како може да нуди нешто за продажба, а од друга страна да не знае дека полека но сигурно дел од неговото учество на пазарот му го зема друг бренд. Тој воопшто не знае што се се продава на нашиот пазар. Не ми се веруваше дека постои таков менаџер. (Дали може да се каже дека е менаџер?)

Секоја компанија мора постојано да го анализира и истражува пазарот. Во секој момент менаџментот мора да знае во каква позиција се наоѓа компанијата. Дали ја одржува сопствената позиција? Дали бележи раст на учество на пазарот? Дали се бележи некаков пад во учеството на пазарот? Дали треба да преземе некои мерки за да го зголеми и задржи пазарното учество? Кои се производи постојат на пазарот со какво учество? Ова се прашања кои секој менаџер треба да го интересираат и да бара одговор како би можел да носи поквалитетни одлуки. Инаку, секој може да биде менаџер. Овие прашања се одговараат со соодветно истражување и анализа на пазарот.

Можеме да кажеме дека:

  1. Како претприемачи не смееме да бидеме препотентни.
  2. Мораме да знаеме точно што претставува маркетинг.
  3. Мораме постојано да го анализираме пазарот и да ги следиме движењата на истиот.

Секое мало пореметување на продажба треба да даде сигнал дека треба да се преземе нешто. Овие мали пореметувања – промени во околината (пазарот) може кобно да влијаат на нашиот бизнис. А, честопати од страна на менаџерите и претприемачите овие мали пореметувања се занемаруваат. Во овој дел е интересно да забележиме една компарација со жаба која ја дава Питер Сенги во неговото капитално дело Петта дисциплина. Ако жабата ја ставиме во ладна вода и полека ја зголемуваме температурата таа ќе ужива во топлата вода. Како се зголемува температурата на водата и истата почнува да врие жабата веќе ќе ја губи свеста и на крајот ќе умре. Ова се мали промени кои не се забележуваат. Доколку жабата веднаш ја ставиме во врела вода, таа ќе се изгори и ќе скокне од истата, но ќе остане да живее. Повеќе детали за оваа компарација пишував во парабола на варена жаба.Значи често пати се концентрираме само на крупните пореметувања во нашата околина, додека ги занемаруваме малите пореметувања. Да не дозволиме и со нашиот бизнис да случи истото како со жабата во првиот случај.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Овој пример е многу добар за докажување на непознавање на маркетинг и анализа на пазар. Сепак, човекот по некоја си случајност стигнал на позицијата „менаџер“, по некоја си случајност поради квалитетот и непостоењето на соодветниот продукт на нашиот пазар, тој продукт успешно се продавал со големи маржи и сега „менаџерот“ соживеан со улогата „знаеш кој сме ние?“ се обидува да покаже надмоќност наместо да го презентира својот продукт. И нормално со тек на време ќе губи.

    • Д-р Драган Шутевски says

      Точно Горан, таа „случајност“ е многу кобна за голем број на бизниси. Иако, тоа беа навистина квалитетни производи, бренд кој е познат ширум светот, но сепак… Сеслучуваат и такви работи.

Speak Your Mind

*