post

Бизнис и политика – одат ли едно со друго?

Бизнис и политика

Бизнис и политика

Не е сигурно, но се поочигледно е дека оваа година ќе биде изборна година. Медиумите пишуваат, партиите прават калкулации, бизнисите плаќаат даноци. Каде е тука претприемачот? Тука е преку неговиот бизнис како даночен обврзник, можеби е тука преку некоја политчка партија заради претстојните избори и можеби е тука за да биде посетен од една (можеби и повеќе) политички партии за да плати уште еден данок (оној неформалниот).

Кога пред едно 7-8 години гледав едно интервју на ТВ спроведено во САД каде ги прашуваат случајните минувачи за претседателот на САД и повеќе одговорија дека воопшто не знаат кој е претседател ми беше многу чудно. Во тоа време (а и сега нешто многу не е изменето) кај нас сите зборувавме за политика и како треба да се оправи државава. Уште на 14 години знаев кој е премиер, гледав избор на претседател (првиот во собрание – неуспешен), знаев кој беше министер за финансии, кој за правда…

Од оваа дистанца се прашувам дали сето тоа ми било потребно? Дали мораше некои вечери да ги поминувам во караница со некој кој мислеше спротивно од мене? Дали уште тогаш мораше да се делиме на сини и црвени? Тоа беа почетоците на 1990-тите. Тогаш политиката беше популарна, но и сега е.

И денес забележувам тинејџери кои знаат многу за политика и политчки партии. Дали е ова нормално? Можеби е нормално бидејќи децата уште сега знаат дека:

  • За да се вработат ќе им биде потребна книшка.
  • За да успеат ќе им биде потребна книшка.
  • За да можат “нормално” да започнат и управуваат бизнис ќе им биде потребна книшка.

Книшката треба да биде од страната на победниците.

Се прашував и уште се прашувам зошто некои “успешни претприемачи” сакаат и влегуваат во политика иако имаме мислење дека тие прават милиони, имаат огромни куќи и добар живот. Можеби е заради:

  • лична сатисфакција преку докажување и на тоа поле или пак заради
  • тоа што политиката е попрофитабилна дејниост.

Едно од овие две е точно. Кое, не можам да кажам можам само да претпоставувам.

Во изминативе 15-20 години исто така забележав некои бизниси од работ на пропаста се враќаат во светот на успешните, не заради тоа што тие претприемачи спаѓаат во категорија на “успешни претприемачи” туку заради тоа што се приклонуваат некаде и едноставно таа приклонетост го бутнува со една инекција во било каква форма или некоја позиција преку која ќе се обезбедат финансиски средства за “враќањето од мртвите”.

Имам искуство во администрација и тоа со две влади и сите имаат свои “миленичиња”. И така додека едните се “миленичиња” другите се “потенцијални миленичиња” кои си ја чекаат својата шанса по изборите, но во исто време можат да го преживеат притисокот особено од претходниот соберен потенцијал кога биле “миленичиња”. Но, што е со оние третите кои не сакаат да се приклонуваат? Тие се оставени на милост и немилост на времето комбинирано со некој притисок за да се приклонат некаде. Сепак, се е бизнис, нели.

Администрацијата треба да биде во функција на граѓаните и бизнисите во една држава. Велиме неспособна, трома администрација. Зошто? Се додека еден добар вработен биде тргнат од работното место кое најдобро знае да го работи само затоа што не сака да биде приклонет кон страната на менаџментот, а не заради неисполнување на работни обврски (иако има махери ова да биде официјалната причина) ќе велиме дека имаме неспособна и тромава администрација.

Па дали одаат заедно политиката и бизнисот? Што мислите?

Наскоро ќе подготвиме една анкета со цел да го анализираме оваа прашање и да го коментираме уште подлабоко.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] до повеќе интересни идеи, но сепак ја избрав темта за политиката и бизнисот, особено заради актуелноста на политичката тема и има […]

Speak Your Mind

*