post

Бизнис план – Ризик и менаџирање со ризик

Бизнис план

Бизнис план

Овој пост претставува трето дополнување на еден наслов во процесот на бизнис планирање. Ова ќе биде и последно ажурирање на овој еден вид на прирачник за изработка на бизнис план. Како дополнувања кои ги опфативме беа дефинирање и редефинирање на бизнис моделот и план за социјални медиуми.

Но, еден модерен бизнис план кој како помагало ќе го води вашиот бизнис на патот кон успешноста мора да содржи уште еден елемент кој во сите останати наслови не е опфатен, а тоа ризикот.

Првин би почнал со едно прашање кое повеќе време ми се вртеше низ главата: Дали еден бизнис план ќе биде нешто што ќе го искористи целосно својот потенцијал може да постои без соодветна анализа, проценка и менаџирање на ризик?

Ние можеме да испланираме и да предвидиме дека на одреден начин ќе се одвиваат работите, но нашето влијание не е секогаш во наши раце. Постојат многу надворешни фактори кога станува збор за еден претприемач и еден бизнис кои имаат влијание врз остварување на зацртаното и резултатите од тоа остварување. Токму тие фактори треба да се погледнат низ призмата на ризичност како би можеле да имплементираме соодветен процес на менаџирање на ризикот во периодот на имплементацијата на бизнис планот.

Што претставува ризик?

Ризикот во речниците вообичаено се дефинира како:

Можност да се појават некои опасни и лоши последици.

Кога станува збор за бизнисот, претприемачот или во овој случај за процесот на бизнис планирање ризикот претставува можност одредени елементи на бизнис планот да не се спроведат онака како што биле испланирани со што може да дојде до опасни или лоши последици.

Основни карактеристики на ризикот

Основни карактеристики на ризикот се:

  1. Ризикот делумно е непознат –  Работата на еден претприемач би била премногу лесна доколку може лесно да се предвиди ризико. Најголемиот проблем е што тој е делумно непознат затоа што се однесува за иднината.
  2. Ризикот се менува со текот на времето – Бидејќи бизнисот функционира во едно динамично опкружување не можеме да очекуваме дека ризикот ќе биде нешто стандардно освен дека секогаш ќе постои.
  3. Ризикот може да се предвиди – Од друга страна ризикот е нешто што доколку сакаме можеме да го предвидиме преку еден систематски процес.
  4. Ризикот може и треба да се управува – Врз основа на соодветни анализи на соодветни бизнис елементи може да се насочат ресурсите за елиминирање или намалување на ризичноста во соодветното подрачје каде се очекува да се појави.

Менаџирање со ризик

Менаџирање со ризик не  може да се разгледува како еден статичен процес, туку како еден интерактивен процес во кој информациите постојано ќе се ажурираат, анализираат, ќе се постапува по нив и секако ќе се преиспитуваат на определен временски период.

Соглосна тоа процесот на менаџирање на ризик ќе ги содржи следниве елементи:

  • Дефинирање на ризични подрачја – Каде е најголемиот ризик?
  • Утврдување на ризични индикатори – Што ќе претставува ризик?
  • Следење на тие ризични подрачја – Дали се појавил ризичниот индикатор во текот на работењето?
  • Превземање на конкретни мерки заради справување со ризикот – Што треба да направиме?
  • Набљудување на спроведените мерки – Дали сме ги превзеле вистинските мерки?
  • Ревизија – Доколку сме ги превзеле вистинските мерки дали сме се справиле со ризикот? Може ли нешто да се подобри? Има ли потреба за нови индикатори?

Што треба да опфатите во бизнис планот?

Сега процесот на  менаџирање со ризик да го трансферираме во еден наслов на бизнис план кој што го изработувате.

1. Дефинирање на ризични подрачја

За еден бизнис ризичните подрачја може да се дефинираат на различен начин. Но, основа за да започнете можете да ја искористите следнава поделба:

  • Ризик во однос на вредноста која вашиот бизнис ја нуди (Производ и/или услуга)
  • Ризик во однос на трошоците,
  • Ризик во однос на приходите,
  • Ризик во однос на потрошувачите,
  • Ризик во однос на односи со потрошувчи,
  • Ризик во однос на каналите на дистрибуција,
  • Ризик во однос на некој од клучните ресурси и
  • Ризик во однос на клучните партнери за вашиот бизнис.

Не мора да значи дека ќе постои ризик во сите подрачја и дека ризикот ќе биде со ист интензитет за сите подрачја. Затоа врз основа на опкружувањето на вашиот бизнис, врз основа на индустријата во која се наоѓа вашиот бизнис и врз основа на бизнис моделот ќе треба да определите во кои од овие подрачја постои ризик нешто да не оди како што треба.

2. Утврдување на ризични индикатори

Ризичен индикатор претставува еден вид на мерка која треба да ни каже дали се појавил ризикот во определеното ризично подрачје.

Да земеме еден пример од ризични подрачја. За ризик во однос на каналите на дистрибуција ризичен индикатор може да биде доцнење на испорака за минимум 3 дена кој ќе ни каже дека нешто не е во ред со тој канал на дистрибуција и мора да се реагира на определн начин.

3. Следење на тие ризични подрачја

Целта на овој чекор од процесот на менаџирање нa ризик е да се следат ризичните подрачја преку ризичните индикатори за да се увериме дека нешто не е како што треба.

На пример, доколку испораката доцни повеќе од 3 дена знаеме дека ризикот е оправдан и дека ќе треба да преминеме на следниот чекор.

Во овој дел од бизнис планот за секое ризично подрачје и за секој ризичен индикатор воспоставете систем за нивно следење преку делегирање на одговорности.

4. Акција

Откако ризикот се појавил и е лоциран време е да се превземат конкретни активности како истиот би се спречил во иднина или како би се намалило или целосно елиминирало влијанието на работењето на бизнисот или извршувањето на бизнис планот.

Да продолжиме со примерот за канали на дистрибуција при што испораката доцни повеќе од 3 дена како можни активности би биле следниве:

  • Извинување на потрошувачот за доцнењето,
  • Утврдување на причини за доцнење,
  • Анализа на причините,
  • Отстранување на причините,
  • Разгледување на алтернативни канали на испорака…

Во овој дел од бизнис планот за секое ризично подрачје и ризичен индикатор обидете се да ги стандардизирате сите можни активност. Не можеме да очекуваме дека тие ќе бидат конечни. Конкретната ситуација ќе не води до конкретни активности, но сепак заради брзо и успешно реагирање доволно е да имаме некаква структура за можни активности и одговорности.

5. Набљудување на спроведените мерки

Бидејќи менаџирање со ризик е динамичен процес набљудувањето мора да биде дел од истиот како би се обезбедило соодветно елиминирање на тој вид на ризик во иднина, а ресурсите би се насочиле кон новите ризици.

На горниот пример би требало да се одговори на следниве прашања:

  • Дали извинувањето е прифатено?
  • Дали повторно има случаи на доцнење и по елиминирање на причините?
  • Дали новите канали на испорака се навремени?

6. Ревизија

И како последен чекор кој треба да се испланира е кој, кога и како ќе ја спроведува ревизијата на ризичните подрачја и ризичните индикатори.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] ниво на ризик поради ширење на дејноста на подрачја со различна […]

Speak Your Mind

*