post

11 Совети за да се биде креативен на работа

Креативност на работа

Креативност на работа

Креативноста е еден значаен елемент во секоја работа. Колку е поголема креативноста, толку повеќе решенија за проблеми и толку подобри одлуки и севкупни перформанси на севкупниот систем.

Дали сте претприемач или менаџер, или пак само вработен во некој организациски систем креативноста ќе ви биде повеќе од потребна. Дури и на најнекреативните работни места оние административни со строго дефинирани правила и процедури е потребна креативност при работа. Таа креативност ќе овозможи побрзо решавање на проблемите и самоорганизација не секој вработен која доведува до поголема ефикасност, ефективност и продуктивност на системот (организационата единица, канцеларија, работно место…)

Во продолжение на постот се дадени некои совети кои успеав некако да ги сублимирам од моето 10 годишно искуство во однос на креативноста.

1. Пред одење на работа прочитај нешто инспиративно

Не постои некое средство кое може повеќе да ја зголеми креативноста одколку читање на нешто што мотивира, инспирира и ја полни душата. Дури и во чекорите за поголема профитабилност на Brian Tracyпрвиот чекор е да читате секое утро. Дали е тоа весник, веб сајт, блог пост, книга или било што друго, ја крева потенцијалнта енергија за креативноста за тој ден.

2. Секогаш обидувај се да направиш нешто од ништо

Многу е тешко да се направи нешто од ништо, но сепак самиот обид за еден таков успех и она што би следувало по еден таков успех е доволно да ја зголеми креативноста.

3. Визуелизирај секогаш кога е можно

Секогаш кога проблемот ќе се постави во еден сликовит и визуелизиран начин поедноставно е да се види целината на проблемот со што ќе се зголеми креативноста при решавање на истиот.

Што е поедноставно да прочитате 10 страници текст со објаснувања или една слика или график на една страница кој го објаснува текстот од 10 страници?

4. Отворено разговарај со колеги и соработници

Разговор со колеги, соработници или вработени поттикнува креативно размислување. Дури и да не е поврзано со тековната работа едноставно мозокот барем за малку се насочува кон други можности и активности со што се зголемува креативноста. Но, секогаш во такви разговори преовладува синергетски ефект каде 1 + 1 > 2.

5. Раздели за да владееш со проектите

Овој совет не се однесува на разделување на меѓучовечки односи туку на разделување на проектите на подпроекти со што поедноставно ќе се пристапи во нивно навремено завршување. Со еден ваков приод се зголемува креативноста при совладување на различните фази од проектот.

6. Избегнувај замки од пренатрупаност со соодветна приоритизација

Најголем уништувач на кретивноста е кога сте пренатрупани со работа. Во една таква ситуација, притисокот расте, мислите се насочени кон одговарање на прашањето ќе се стигне ли наместо кон барање на решенија за проблемите. Затоа користи To-Do листи со приоритизација на задачи и активности за секој ден.

Најприоритетните заврши ги први.

7. Комбинирај различни задачи

Овој совет кај некого успева додека кај некого нема да даде резултати. Пристапот е да работите на по една задача кратко време и да се префрлите на наредната иако не е завршена целосно првата, па подоцна повторно да се навратите на првата.

Јас на пример таков приод користам со читање на книги. Секогаш читам по 3-5 книги одеднаш затоа што бргу по 100-тина страни од една книга се заситувам и ми станува здодевна темата. Затоа со правење на пауза со таа книга и започнување на друга се селам на друга тема која повторно може да ме засити и тоа е моментот на навраќање на првата или пак започнување на некоја друга. На ваков начин успевам да ја одржувам концентрацијата на темата на високо ниво за време на читање.

8. Направи пауза секогаш кога ќе навлезеш во креативна блокада

Креативна блокада се јавува кога едноставно креативноста ви паѓа на најниско можно ниво и се што започнете едноставно не можете да го завршите. Во една таква ситуација најдобро е да направите пауза, земете здив, опуштете се и наполнете ги батериите. Потоа кога ќе се почувствувате ОК навратете се на решавање на проблемот.

9. Барај помош секогаш кога мислиш дека не можеш сам

Најлошо е да мислиме дека се можеме сами. Не правите зло доколку кажете дека нешто не знаете или пак не можете или пак ви е потребна помош. Многу поголемо зло е доколку „фурате“ сами мислејќи дека се знаете и можете и направите катастрофални грешки.

10. После работа не мисли за работа доколку сакаш да преживееш

Зголемување на креативноста зависи и од тоа дали имате доволно време да го опуштите вашиот мозок и да размислувате за нешто друго освен работата. Да излезете и да прошетате со семејството и пријателите, да се опуштите во музика, да се опуштите на излет… Сето тоа ви дава енергија која поттикнува зголемување на вашата креативност.

11. Избегнувај негативни карактери кои само убиваат во поим

И секако како 11-ти совет го издвоив избегнување на негативни карактери кои едноставно може да ве „убијат во поим“. Некој кој постојано се жали дека има многу работа не може да постигне, под притисок е и слично може да има негативно влијание врз вашата креативност отколку некој кој ќе ви се пофалил како од ништо направил нешто.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*