post

Контролирање како менаџерска функција

Отпорот и претприемачот

Контролирање како менаџерска функција

Завршна фаза на секој бизнис план е контролата која претставува уште една менаџерска функција. Менаџерските функции планирање и контролирање се во меѓусебна корелација.

Во бизнис планот се дефинирани целите и параметрите кои треба да се постигнат, па лесно е да се изврши контрола дали се остварува планираното, дали заостанува и слично. Ако контролата покаже значителна разлика (планирано-остварено), треба да се побара причината и таа причина да се отстрани или да се изврши корекција на самиот бизнис план.

Понекогаш некој фактор може да го наруши целото работење, а тоа да не се констатира благовремено поради неквалитетна контрола. Би било најпожелно, сите да бидат свесни и да ја сигнализираат секоја непосакувана состојба (исто така пожелно е да се сигнализира ако работењето е правилно). Во таа област најдалеку се отидени Јапонците, кои со соодветно стимулирање на вработените обезбедуваат висок квалитет во работењето. Со тоа се одбегнува ситуацијата кога мора да се врши контрола на секој чекор од работењето, односно, фигуративно кажано, да се постави по еден контролор на секој работник. Во практиката е забележано дека доколку работникот не е соодветно мотивиран, секогаш е во состојба да ја изигра контролата и да направи некоја грешка.

Сите големи планови на врвното раководство и сите напори за успешно реализирање можат да паднат во вода, доколку нема поддршка од вработените. Ако во една компанија постои голема свесност и одговорност во работењето, потребата за контрола и понатаму останува евидентна. Контролата треба да се спроведува некогаш и дискретно, за да не се доведе во прашање угледот на некој добар работник или некој да биде навреден, но при тоа треба да се дојде до квалитетни податоци за работењето, за да не се работи на чесен збор, односно да не се случи некој да се сокрие од контролата. Некогаш има потреба од постоење на периодична, а некогаш мора да има постојана контрола.

Се контролираат луѓе, трошоци, приходи, број на производи, големина на производство, шкарт, големината на продажбата, остварениот профит, утврдување на точноста и вистинитоста за финансиите, постигнатите разултати, состојбата на опремата и алатите.  Многу е важно кој врши контрола, колку е стручен и колку е чесен.

Може да се прават тест контроли, односно се врши менаџмент по исклучок (management by exception), каде би се анализирале само исклучителни отстапувања. Најдобро е доколко контролата може да се спроведе со лесно мерливи разултати (бројот на производите или слично), но некогаш тоа не е случај, па контролата мора да се спроведе на пософистициран начин. Доколку во сметководството некој побргу ја врши работата, површно гледано може да се помисли дека не работи добро, а дека другите се повредни бидејќи подолго работат. Но доколку менаџерот ја познава работата, тој лесно може да утврди за што се работи (бидејќи може да се работи за надпросечен работник). Заради тоа, менаџерите би било пожелно да ги поминат сите фази од работата, за да ја совладат во детали.

Постојат и други видови на контрола како: контрола по пат на периодичните извештаи, книговодствена контрола, техничка контрола. Но за секоја компанија се значајни и надворешните контроли, кои се спроведуваат од страна на финансиска инспекција, пазарна инспекција, санитарна инспекција, контрола од страната на купувачите, контроли од страна на конкуренцијата и слично.

При секоја контрола, доколку се утврди непочитување на пропишаните параметри следува казна. Таа казна може да биде укор, отказ, парична па дури и затворска (доколку се направила финансиска проневера или е дојдено до драстично непочитување на законските обврски). Со внатрешната контрола, освен при драстични прекршоци, се решаваат проблемите во рамки на компанијата. Надворешните контроли, за секоја компанија се многу позначајни и поопасни, бидејќи доколку се откријат неправилности, инспекторите можат да пропишат големи финансиски казни па дури и да ја затворат компанијата. Конкуренцијата секогаш ги контролира своите конкуренти, настојувајќи да пронајде слабост во нивното работење и тоа да го искористи. Но, и купувачите кога ќе купат производ, во текот на експлоатација вршат контрола на тој производ, ширејќи при тоа позитивни или негативни сознанија.

Цел на сите овие контроли е да се пронајде релацијата планирано-остварено, да се утврдат отстапувањата и можните грешки врз кои би се дејствувало, за да се подобри работењето на компанијата, без оглед што на одредени вработени функцијата контрола им буди негативни чувства (во смисол на асоцирање на казнување, ограничување на слободата и слично).

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*