post

Обука – Создавање на успешни и ефикасни кадри

Екипирање како менаџерска функција

Обука на кадар

Под обука се подразбира усовршување на вработените. Постојат големи разлики во способностите, искуството и карактерот на кандидатите, па квалитетот на обуката се зголемува во зависност од инивидуалните способности на кандидатот.

Со образовните програми најчесто не е можно да се опфатат сите практични знаења кои ги бара една компанијата, па се јавува потреба за обучување на нововработениот кадар.

Тоа е скап процес, бара да се одвои време и финансиски средства за да се ангажираат други вработени, кои наместо да бидат ангажирани со исполнување на своите работни задачи, работат на обучување на нововработените. Секоја компанија одделно одлучува дали и во која мерка ќе обучува свои нововработени. Точно е дека така обучените вработени подоцна, со своето работење ги надоместуваат вложените средства, но компанијата секогаш мора да дозира одредено ниво на обука, бидејќи е можно да се јави нелојалност на вработениот, па тој со стекнатите знаења да прејде во друга компанија. Затоа секоја компанија одделно одлучува за должината и интензитетот на обуката, најчесто во зависност од сложеноста на работните задачи кои стојат пред нововработените.

Обука може да се смета еднодневна подготовка за извршување на работните задачи, но како обука може да се смета и повеќемесечното високософистицирано подучување. Но, во секој случај овој процес е насочен кон зголемување на способностите на поединците или групите. Програмите за обука се директно задолжени за одржување и унапредување на тековните работни способности на нововработените, а програмите за развој се грижаат за идните потреби на компанијата.

Развојните програми се така дизајнирани што на вработените ќе им дадат знаење кое ги надминува рамките на нивната моментна позиција. Вака оспособени, тие се подготвени да одговораат на задачите што ги носи времето пред нив. Во поголемите компании, кадровското одделение е должно да изготви соодветни програми за обука на целокупниот нововработен персонал. Во наши услови, особено во малите бизниси, по правило нема време и средства за обука на вработени или се работи со програми кои се со скратена содржина. Неменаџерскиот кадар обично се обучува за мануелно технички вештини, додека менаџерите се обучуваат за развивање на менаџерски знаења и вештини. Без оглед на различните знаења и вештини, кои се потребни за менаџерскиот и за неменаџерскиот кадар, принципите на обуката се слични и ние ќе ги прикажеме унифицирано. Овој кадар е доста мотивиран, па обуката оди брзо и лесно, бидејќи непосредно по завршената обука следи вистинско вработување. Резултатите од обуката се евидентираат, па кандидатите кои во текот на обуката покажале поголемо знаење, вештина или иницијатива, се назначуваат како потенцијално унапредлив кадар. Теоретски постои можност, на кандидатите кои не ја завршиле со успех обуката, истата да им се повтори, но во пракса тоа ретко се случува. Кандидатите кои не ја задоволиле обуката, најчесто се отстрануваат од компанијата.

Обука надвор од работното место

Предноста на овој метод е што ги одалечува нововработените од стресот, кој може да го предизвика работното место, па можат непречено да обрнат внимание на самата обука.

Но има и голем недостаток, бидејќи бара големи финансиски средства за да се симулираат вистински работни услови. Обуката се врши со индентични задачи и опрема, како и вистинската, но во различна просторија со цел да се избегне негативното влијание на просторот врз обуката.

Самата обука се изведува преку класична настава, преку практична настава, преку семинари, со компјутерска симулација и слично, а главно е наменета за совладување на пософистицирани работни задачи. Покрај обуката, се зголемуваат контактите помеѓу вработените од различни служби на компанијата, што претставува дополнителен позитивен ефект. Менаџерите ги разменуваат своите знаења и искуства со нововработените, што ќе им биде добродојдено во нивната понатамошна работа. Секоја програма за развој вклучува и теоретска настава која ја извршуваат специјалисти од разни области, но тука е и практичната настава. Овие методи, најчесто се развиени од страна на универзитети и институти, кои можат да бидат независни или во состав на компанијата. Можат да се применуваат и симулации, па и истражувања во разни области.

Некои компании, испраќаат одбрани кандидати на специјална настава на универзитетите. Најчесто, овие кандидати компанијата ги припрема за идни врвни менаџери или технички стручњаци.

Методи за обука низ работа

Овие методи се најраспространети бидејќи обезбедуваат одлични резултати, не се скапи и се погодни за голем број на компании.

Подучување. Оваа е обука на нововработените од непосредните раководители или поискусни работници. Во согласност со покажаниот успех, на нововработените треба да им се дозволи да работат и да ги решаваат проблемите на свој начин, но под супервизија на искусен инструктор или ментор. Нововработените можат да се задолжат да водат одредени програми или да учествуваат на важни состаноци. На тој начин тие ги зголемуваат знаењата и искуствата, потребни за извршување на работните задачи. Овие програми за обука мора да бидат цврсто контролирани, бидејќи поискусните вработени можат да се чуствуваат загрозени од новодојдените, затоа што на тој начин создаваат сопствена конкуренција и да не сакаат да го пренесуваат свое знаење и искуство. Заради тоа е добро програмите за обука, да ги водат инструктори чии позиции не се загрозени од новодојдените или пак обука да ја водат самоуверени луѓе кои не се плашат од конкуренцијата. Всушност, секој инструктор спремајќи се за предавање и обука ги зголемува и сопствените знаења. Инструкторите се задолжени да водат комплетни забелешки за знаењето и напредокот во обуката, но и за слабостите и грешките. Врз основа на овие досијеа, кадровскиот менаџер прави планови за понатамошна обука и унапредување.

Ротација на работни места. Нововработените се преместуваат од едно на друго работно место, со цел да ги прошират своите знаења и се стекнуваат со зголемено искуство. Престојот на едно место зависи од времето кое е планирано за обуката, но доколку времето не е проблем, тогаш престојот на едно работно место зависи од покажаните знаења и способноста на нововработениот да ги совлада работните задачи.

Обука на искусните работници. Покрај обука на нововработените, за развој на компанијата потребно е и искусните работници да се испраќаат на дополнителни обуки. Работата на менаџерскиот или неменаџерскиот кадар е специфична и бара постојано усовршување и следење на развојот на новите техники и средства, како и нови менаџмент методи со цел да се остане во тек со светскиот развој. Сите вработени, и менаџери и неменаџери, особено вработени на клучните позиции, мора да ги надоградуваат своите знаења за да можат да ја водат компанијата напред и да се справат со новите ситуации, кои можат да ја затекнат компанијата неподготвена да реагира правилно во дадениот момент. Најчесто, тоа е обука која ги надминува капацитетите на компанијата, па се упатуваат вработените на обука во некоја партнерска компанија која има поголеми капацитети или се праќаат на универзитети, институти, семинари, курсеви и слично каде ќе се стекнат со дополнителни знаења. Некогаш се оди со однапред поставени цели кои треба да се постигнат во тек на обуката, а некогаш се оди врз база на добиените информации за одредени проекти или предавања, бидејќи се смета дека тоа знаење ќе биде полезно за компанијата. Потоа се одбираат кандидатите кои ќе бидат испратени на обука. Одбраните кандидати мора да имаат желба за учење, да имаат веќе постигнати резултати во работењето, но мора да бидат способни и да го совладаат новото знаење. Ако вработените мислат за себе дека доволно знаат за својата работа и дека во иднина ќе може да се потпрат само врз досегашните знаења и вештини, ќе направат голема грешка. Многу е поволно за вработените, од сите хиерархиски нивоа, да посетуваат повремено некои од специјализираните курсеви, за да се запознаат со новите техники и достигнувања во одредени области.

Уште треба да се нагласи дека компанијата, покрај специфична обука за извршување на работните задачи, е должна да изврши обука на нововработените од областа на заштитата при работата.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*