post

Во бизнисот е обратно! Се гради од крајот кон почетокот!

Кратенки во бизнис Кога читате книга започнувате од првата страна и ја читате до последната. Или пак едноставно ако е здодевна се откажувате.

Но, кога станува збор за градење на бизнис од страна на еден претприемач, се започнува од сликата на крајот, односно од она како треба да изгледа веќе изграден бизнис.

Започнување на бизнис не е лесна работа, да се разбереме. Секој кој ќе ви каже дека тоа е едноставно во два до три чекори или нема врска со тоа што го зборува или нешто разбрал, но не доразбрал па “глупа тропости”.

Да, точно нема волшебно стапче кое во три чекори ќе го изгради вашиот бизнис, бидејќи започнување на бизнис претставува сложен процес кој комбинира повеќе научни дисциплини од една страна и повеќе персони од страна на претприемачот од друга страна. Вистинската комбинација на тие научни дисциплини заедно со вистинската комбинација на тие персони во еден претприемач е она што покажува дали еден бизнис ќе биде успешен или не.

Често пати започнувањето се базира на интуиција, која не дека е лоша, проблемот е што не е доволна за градење на бизнис.

Често пати се започнува без стратегија, односно одговор на прашањето што понатаму откако ќе започнам, па затоа повеќето претприемачи се наоѓаат во состојба од која не знаат како да излезат, или едноставно не знаат како дозволиле да се најдат во една таква состојба која се карактеризира со голем напор, фрустрација, незадоволство и едноставно ситуација во која сите се криви само не тој.

Често пати се започнува без вистински дизајн на бизнисот, кој всушност треба да ги даде основните системи кои треба да се изградат и имплементираат во текот на започнувањето, а на кои бизнисот ќе се базира и по завршување на стартап фазата. Едно нешто треба да биде јасно, бизнисот не се базира на претприемачот, или подобро кажано не се базира и не може да се базира во целост на претприемачот, туку на системите.

Зошто? Затоа што и самиот бизнис претставува систем.

Бизнисите претставуваат организациски системи. Овие системи се комплексни системи поради тоа што во исто време тие претставуваат:

  • Вештачки систем бидејќи го создава претприемачот (човек)
  • Сложен систем бидејќи во својот состав има повеќе компоненти
  • Динамички систем бидејќи за функционирањето на овој систем е потребно управување што доведува до менување на истиот со текот на времето
  • Стохастичен систем бидејќи не е прецизно позната наредната состојба која настанува како резултат на одредена акција на претприемачот или менаџментот
  • Отворен систем бидејќи врши размена на материја, енергија и информации со околината и
  • Нелинеарен систем бидејќи врската помеѓу влезот и излезот во и од бизнисот (системот) претставува нелинеарна равенка.

Гледаме дека бизнисот не спаѓа во категорија на само еден систем и токму затоа тој е комплексен. Токму затоа имаме и успешни и неуспешни бизниси. Токму затоа смртноста на новите бизниси е многу голема.

Дали еден ваков систем се гради во два до три па и пет или 10 чекори? Не верувам, иако може да се изгради, но статистичката потврда за смртност на бизнисот ќе продолжи да се докажува.

Затоа, кога се гради бизнисот мора да го имате крајот во главата, односно обликот, изгледот и составот на тој бизнис. Финта е да не пропуштите нешто во фазата на градење. Таа е многу важна, бидејќи подоцна каењето нема да помогне.

И да, оваа година ќе изградиме една теорија која ќе се однесува на започнувањето.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*