post

Дел 2: Основни карактеристики на Lean Startup

Задачи пред започнување на бизнис Во претходниот наслов за Lean Startup и што всушност претставува навлеговме во историска појава и ја трансфериравме дефиницијата за Lean Management во Lean Startup.

Тука ќе направиме обид преку дефиницијата која ја презентиравме да ги извлечеме основните карактеристики на Lean Startup.

Пред да започнеме, да се потсетиме на дефиницијата и тука:

Lean Startup претставува коктел на концепти, техники, алатки и идеи кои содржат континуирано подобрување на сите процеси при започнување на бизнис и дизајнирање на производ/услуга со цел да се намали времето од идеја до успешен бизнис преку елиминирање на сите расфрлања кои не додаваат вредност во градење на бизнисот и производот или услугата и вклучување на оние карактеристики во производот/услугата кои што се прифатливи од купувачите со цена која купувачот е спремен да ја плати.

Да ги извлечеме основните карактеристики од дефиницијата:

  • Коктел на концепти, техники, алатки и идеи за континуирано подобрување во стартап фаза.
  • Намалување на времето од идеја до реализација на производот и доставување во рацете на купувачите.
  • Елиминирање на расфрлања кои не додаваат вредност.
  • Дизајнирање на производ или услуга кој е потребен на купувачите и за кој се спремни да платат определена цена.

Во идниот дел од овој серијал ќе презентираме некои концепти, техники и алатки кои може да се користат од страна на Lean Startup, а тука ќе се задржиме на останатите 3.

#1 Намалување на време од идеја до реализација

Lean Management оди со претпоставката дека само 5% од времето помеѓу нарачка и испорака е време во кое се додава вредност.

Lean Management време

Фокусот е на трите времиња кои не додаваат вредност со цел да ги елиминира сите расфрлања кои се јавуваат во бизнис процесите со тоа што ќе се подобрат тие процеси кои учествуваат во креирање на тие времиња за да се обезбеди нивно намалување, а со тоа и намалување на вкупното време од нарачка до испорака.

Итото се случува и при започнување на бизнис. Тој процес е составен од две времиња, време кое додава вредност на бизнисот и време кое не додава вредност на бизнисот.

Нема да навлегувам во прецизно дефинирање на времињата кои не додаваат вредност затоа што тука се повеќе и дел од нив ги опфативме или опфаќаме во теорија на бизнис идеи која ја развиваме оваа година тука на претприемач.

Lean Startup време

Што е она што додава вредност при започнување на бизнисот (Напомена: ова се елементи дефинирани од страна на авторот, а дизајнирани врз база на практична работа со клиенти и долгогодишно проучување на проблематиката):

  • Дефинирање на вистински проблем
  • Дефинирање на идеален купувач, односно целен пазар
  • Изработка на драфт верзија на бизнис модел
  • Развој на купувачи
  • Тестирање на хипотези
  • Промена на стратегија или модел
  • Повторно тестирање на новите хипотези
  • Градење на основните бизнис системи (не непотребни, туку само оние најпотребни за нормално функционирање на бизнисот)

Во секој од овие елементи кои го дефинираат времето кое додава вредност има повеќе поделементи или одредени преклопувања со нареден елемент. Се останато, претставува или пак може да претставува време кое не додава вредност. На пример, погрешен пристап е започнување со бизнис план кој во себе содржи елементи кои ниту се потребни во оваа фаза, ниту пак можат да бидат прецизни и помогнат во развојот на бизнисот.

#2 Елиминирање на расфрлања кои не додаваат вредност

Бидејќи знаеме дека имаме времиња кои не додаваат вредност, знаеме и дека постојат расфрлања кои го попречуваат содветниот развој на бизнисот. Во Lean Manufacturing од страна на Toyota се користи една методологија наречена како 7W (Waste – ѓубре, рафрлање) кои настануваат преку:

  • Претерано производство
  • Чекање
  • Транспорт
  • Процесот на обработка
  • Складирање
  • Непотребни движења
  • Производство со грешки

Овие 7 расфрлања се дизајнирани за производствена компанија. Кога станува збор за Lean Startup потребна е нова класификација на расфрлањата кои може да постојат во оваа фаза, но едно е сигурно, нема да се 7 туку многу повеќе.

#3 Дизајнирање на производ кој решава вистински проблем со цена за која купувачите се спремни да платат

И овој дел кога станува збор за една од основните карактеристики на Lean Startup не е нешто нови и потекнува од страна на принципите развиени во Toyota.

Основата е во определување на цената која што е спремен да ја плати купувачот и потоа врз основа на тој податок се прилагодуваат трошоците на останатите бизнис процеси (дизајн, инженерство, набавка, производство, продажба). Во овој случај најважно е да се изврши реална проценка за тоа колку купувачите се спремни да платат за тој производ (да се определи целната цена). Со пресметаната целна цена (target price) се определува со колкави средства купувачот влегува во горенаведените бизнис процеси. Со вакво размислување оваа филозофија врши промена на основната економска формула од:

ТРОШОЦИ + ДОБИВКА = ЦЕНА НА ПРОИЗВОДОТ

во

ДОБИВКА = ЦЕНА НА ПРОИЗВОДОТ – ТРОШОЦИ

Математички гледано ова се исти равенки, но во суштината на работењето на бизнисите даваат сосема различни ефекти. Втората формула вели дека ништо не треба да се развива или отпочнува доколку купувачот тоа не сака да го плати. Карактеристично за оваа филозофија е тоа што цената на производот ја определува корисникот на тој производ.

Сега, искуствено гледано постојат многу бизниси започнати кои не успеале да ја прилагодат цената врз основа на купувачот. Во Lean Startup дури и во фазата на истражување и дизајнирање на купувачите се предлага да се оди со наплата на цена, се со цел да се види дали некој е спремен да плати пари, и во колкав износ и за кои се карактеристики за она што се развива. Па дури постојат и реални примери за развој на производ (производ кој сеуште не е финален) во фаза на тестирање да се наплаќа (примерите кои ги знам се во делот на онлајн бизниси). Целта е една: да се опипа пулсот на пазарот уште во оваа фаза за определување на цената.

Ова нешто не се постигнува со бизнис план, каде за да го подготвиш (на традиционален начин) ти е потребна цена.

Останати постови од серијалот:

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*