post

10 Тајни за успешно започнување

Стартап - Започнување на бизнис Многу пишувавме за започнување на бизнис тука на претприемач (има околу 90 наслови). Но, сепак забележувам дека сеуште постојат многу проблеми при дизајнирање на чекорите за започнување. Во еден дел ќе навлеземе повеќе преку развојот на теорија на бизнис идеи. Сепак добро би било и една т.н. “лимунатка” пост, едноставен и разбирлив како совети при започнување на бизнисот.

#1 Заборави се, фокусирај се на купувачот

Добро, знам дека имаш повеќе приоритетни задачи. Работиш на дизајнирање на производот, неговите карактеристики, креираш бизнис план, предвидуваш продажба, трошоци…

Но, еден совет ќе ти помогне и нормално ќе те ослободи од непотребно губење на време. Заборави го се она што го работиш во моментов и оди разговарај со потенцијални купувачи. Без нив, ниту производот што го дизајнираш ќе биде ОК, ниту планот и предвидувањата со убави графикони нема да ти помогнат, освен што може да служат како убава декорација на твојата канцеларија.

#2 Подобрувај ја иницијалната бизнис идеја

Знам дека одлично си ја замислил идејата. Но, сепак ниту јас ниту ти не си тој што ќе кажеш дека идејата е одлична.

Доколку се фокусираш на купувачот од првиот совет, ќе видиш дека идејата ќе бара прилагодувања.

Мора да бидеш флексибилен. Не се врзувај премногу емотивно за твојата идеја. Идеите се тие кои доаѓаат и си одат, а бизнисот што го градиш треба да опстојува со години, можеби и векови без разлика на иницијалната идеја.

#3 Тестирај постојано

Знам дека имаш завршено на некој звучен универзитет со дипломи наречени како “мастерс”, “MBA” или било што друго. Но, твојата пракса е нешто сосема друго. Започнување на бизнис не е процес кој може да се дефинира од А до Ш. Не е процес со прецизно дефинирана патека. Тоа е процес кој бара и ќе бара премногу маневри од страна на еден претприемач.

Сепак, градиме нешто денес што ќе ја смени иднината утре. Затоа тестирај повеќе маневри, повеќе активности, повеќе стратегии… Тестирањето ќе ти покаже дали си на вистинскиот пат.

#4 Обидувај се постојано со нешто ново

Секогаш ќе има нешто ново што ќе можеш да го имплементираш во бизнисот. Можеби само 1% ќе даде резултати. Но, тој 1% ќе ја направи разликата на бизнисот што го градиш.

#5 Не верувај никому, само на купувачот

Ќе добиваш многу совети, многу идеи од твојата околина. Некои ќе бидат добронамерни, но некои злонамерни. Прочитај повеќе во претприемач и илјадници совети за него.

Но, единствениот прав совет ќе го добиеш од оној кој треба да плаќа во твојот бизнис – купувачот. Можеби ќе ти се чини дека не е добар или не сакаш да ја прифатиш реалноста. Сепак, тој е единсвениот на кој треба да му веруваш во целост.

#6 Внимавај на советите што ги добиваш

Уште еден совет околу совети. Биди внимателен во однос на имплементацијата на советите кои ги добиваш. Некои ќе бидат корисни, но некои целосно контрапродуктивни.

#7 Познавај се себеси и сопствената пасија

Ти си движечката сила на твојот бизнис. Движечка сила не во физичка смисла на зборот, туку во ментална смисла на зборот. Ти го креираш и осмислуваш бизнисот. Твојот бизнис произлегува од твоја пасија.

Мора добро да се познаваш самиот себеси и да помогнеш ти твојата пасија да се пресликаат во бизнисот кој го градиш.

#8 Создади тим кој победува

Не ти треба било каков тим. Ти треба тим кој победува. Она што ќе го одлучиш во оваа фаза ќе влијае на она што ќе се случува во иднина.

#9 Создади флексибилен план кон успешноста

Знам дека се препорачува долгорочен статичен план. Но, ти не си корпорација со илјадници вработени и искуство од десетици или стотици години зад себе. Ти не знаеш дали бизнисот ќе преживее утре.

Кога правиш план, обиди се тој да биде доволно флексибилен, дури флексибилен до толку што ќе го менуваш секојдневно па и повеќепати во еден ден. Тоа е реалноста на еден мал бизнис. Денес е едно, утре кој знае што.

#10 Анализа е мајка на успешноста

Без анализи нема да знаеш каде се наоѓаш. Науката ни дала многу техники кои можеме да ги користиме за анализи. Техниката ни овозможила да не се мачиме при спроведување на анализи.

Твојата задача е да ги комбинираш.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*