post

Развој на стартапи во Македонија

Започнување со раст Иако за овој пост беше планиран друг наслов, сепак се одлучив да го сменам распоредот и да одвојам 15 минути да го напишам сега во оваа убаво петочно утро токму овој наслов.

Морам да кажам дека иако во последниот период се случи одреден напредок на оваа поле преку бизнис план натпревари, кампањи од Влада, активности на инкубатори, сепак овој текст може да биде малку критички насочен. Критички не со цел да се нападне некој, туку со единствена цел да се обидам да нафрлам некои грешки кои се видливи од далечина и кои треба да се поправаат во иднина. Сепак, она што денес се прави треба да биде основен двигател на нашето општество во иднина.

Од друга страна, овој наслов се вклопува во нашата главна тема за оваа година, започнување на бизнис, за што во овие нешто повеќе од месец и половина доста пишувавме, а и ќе пишуваме во текот на годината.

И како трето нешто што ме поттикна да одам со овој наслов и овој пост наместо со предвидениот (за организациски промени беше) е и текстот на Steve Blank насловен како Who Dares Wins – The 2nd Annual International Business Model Competition.

Наместо досегашната практика да се оди со бизнис план натпревар за развој на стартапи се оди со бизнис модел натпревар. Целта е учесниците со помош на бизнис модел и развој на купувачи да успеат да изградат надежен бизнис. Надежен значи бизнис кој има 99% шанси да го преживее стартап периодот и ќе биде ентитет кој ќе придонесува за општото добро и развој на едно општество. Целта не е да се развијат “парализирани” бизниси кои ќе продолжат со вообичаена практика без да се разликуваат од остатокот кои веќе функционираат.

Прашањето е дали треба да го смениме начинот на спроведување на ваквите натпревари во Македонија? Идеите не се од вчера, но како една сосема нова филозофија во поттикнување на претприемништво и како еден сосема нов сет на алатки во САД почнуваат на широко да се применуваат пред една до две години. Дали Македонија треба да го фати овој нов правец на развој на нови бизниси?

На крајот од тој наслов Steve Blank дава неколку лекции кои се научени од целиот тој така дизајниран натпревар (ќе ги оставам непреведиени):

  • Business Plan competitions offer VC’s a PowerPoint beauty contest.
  • They teach entrepreneurs little about how to build a company.
  • You can’t fake a Business Model/Customer Development presentation.
  • It tough, grueling and relentless, requiring a ton of face-face customer interactions.
  • It what winners do.

Она што може да се забележи е дека не постои можност да се изигра моделот, барем не сеуште. Затоа што претприемачот веќе ќе биде подготвен дури и повеќе од она што е потребно за еден натпревар, но победниците (најдобрите) веќе ќе го имаат изградено сопствениот бизнис. Од друга страна, можеби и една од најголемите придобивки е намалување на можноста за “малверзации” од страна на комисија која ќе одлучува за избор.

Зошто ќе се отстранат можните “малверзациии”? Затоа што се вклучува еден сосема нов и највлијателен ентитет за еден бизнис – купувачот. Доколку некој од комисијата ќе има смелост да оди против купувачот, нека му служи на чест. Мислењето на комисијата воопшто не е важно, тие само треба да го потврдат она што при ваков еден начин го кажале купувачите во процесот на развој на купувачи и градење на бизнис модел. Оние учесници кои направиле повеќе анализи, повеќе прилагодувања на бизнис моделот согласно информациите од купувачите, ќе ја добијат наградата.

Принципот сите се победници е многу значаен елемент за успешноста на процесот. Точно дека само дел ќе добијат директна финансиска помош, но сите треба да добијат менторска помош заради понатамошниот развој на бизнисот, што можеби е и позначајно за еден стартап. Периодот на инкубација на еден бизнис значи период во кој ќе му се помага на бизнисот да се изградат соодветните системи, да се продолжи со “пивотирања” заради понатамошно прилагодување со вистинските потреби на пазарот, што ќе значи и промена на основниот бизнис модел од самото учество.

Повеќепати добивав прашања во изминатиот период за начинот на спроведување на ваквите бизнис план натпревари. Би навел некои работи врз основа на собраните прашања:

  • Дали постојат можности за местенки? Секогаш и секаде постојат можности на местенки, затоа што како што кажав погоре дизајнот на самиот процес каков што е дава такви можности.
  • Дали може да ми се искористи бизнис идејата, доколку не добијам? И оваа опција стои. Доколку земеме дека некој финансира ваков натпревар и тој некој добива право да стави свои луѓе во комисија отвора можност тој некој да генерира свежи бизнис идеи за својата компанија. Затоа и потребата да се оди еден чекор понапред, односно сите учесници да се поттикнат за развој на тој бизнис, преку обезбедување на менторство во период на инкубација.

Каде е тука локалниот развој? Го нема. Мора да се осмисли еден системски приод во развој на вакви настани во кои што ќе се вклучи и локалната самоуправа.

Овој настан треба да биде само завршен дел на есенската сезона. Мора да постои и пролетна сезона во која ќе се продолжи.

Некои предлози:

  • Користење на бизнис модел и развој на купувачи наместо бизнис план во процесот.
  • Обуката за учесниците да биде за моделирање на бизнис и развој на купувачи.
  • Да се користи комисија составена од експерти за претприемаштво, кои нема да имаат личен интерес.
  • Да се обезбеди понатамошно менторство во фазата на инкубација за сите учесници.
  • Менторството да не се базира на науката од 1960-тите години, туку на модерни алатки и техники кои денес му стојат на располагање на еден претприемач. Целта е да му помогнат да го дизајнира и редизајнира бизнисот, да моделира и ремоделира, да креира и развива купувачи… Иако можеби звучи невозможно и премногу скапо, сепак може да се дизајнира со помош на комуникациските средства кои постојат денес.
  • Владите да посветат повеќе внимание, не преку разни застарени приказни на ТВ реклами, и парите да ги насочат за развој и производство на нови бизниси. Доколку успее во намерата да развива од 50-100 нови бизниси годишно (што е остварливо со соодветен пристап и во исто време поевтино од многу други непотребни трошоци), за неколку години вложените пари ќе се вратат со неколку пати поголем ефект. Зборувам за бизниси за кои важи правилото дека 99% ќе успеат, тоа значи дека во првата година може да имаат од двајца до тројца вработени, во втората веќе по 5 во третата некои може да имаат и до 10 вработени. А, со истовремено продолжување на развој на нови 50-100 бизниси годишно со самиот процес за неколку години има потенцијал да се обезбедат илјадници нови работни места.
  • Сите универзитети да се вклучат во развој на нови бизниси, а не само неколку кои се бројат на прсти. Не ги одвојувам ниту приватните од процесот. Задачата на универзитетите не е да креираат невработен кадар, туку да криеираат благосостојба во општеството.
  • Инкубаторите да започнат со вистинско менторство и трансферирање на знаење во претприемачите жители на тие инкубатори. Но, не било какво знаење. Знаење кое ги следи денешните трендови и денешните научни методи и техники. Фактот дека инкубаторите служат за стартапи, значи дека треба да се насочат целосно на стартапи, а не на методи и техники користени од големи корпорации, а од друга страна кога му помагаат во дизајнирање и моделирање на бизнисот и сите системи во него да ги дизајнираат како да станува збор за големи организациски системи. Тоа е клучот на успехот.

Имам уште многу идеи и предлози, но ќе ги оставам за другпат. Ова излезе предолг пост, а проблематикава бара многу повеќе од она што просторот тука ми го овозможува.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*