post

Бизнис план – Мерење на резултати

Бизнис план претставува жива материја. Тој не служи за да се каже дека имате бизнис план и кој ви стои во фиока или на полица и фаќа прашина. Бизнис планот не е непроменлив.

Запомнете светот на бизнисот е променлив свет, па така и вашиот бизнис е променлив, па затоа и вашиот бизнис план е променлив.

Претприемачите се луѓе кои се секогаш полни со идеи. Идеите се тие кои го водат бизнисот напред. Тие идеи можеби не сте ги имале кога сте го подготвувале бизнис планот. А, сите ваши анализи покажуваат дека имплементацијата на идеите ќе го зголеми вашиот успех. Затоа ќе мора да ги внесете во вашиот план, да извршите прилагодување на истиот.

Ниеден бизнис план не е 100% точен и вистинит бидејќи тој во голем дел се базира на историски податоци, анализи и проценки за иднината. Грешките се можни и оправдани.

Затоа мора да се споредуваат планираните и остварените бројки. Да се бара најголемата разлика. Да се бараат причините за таквата разлика кои би се имплементирале во следниот циклус на планирање. Само на ваков начин ќе се обезбеди континуирано подобрување не само на процесот на планирање во вашето претпријатие туку и на севкупните бизнис процеси.

Но што е тоа што треба да се споредува во бизнис планот? Еве некои споредбени точки на кои треба да обрнете внимание:

  • Дали минатата година ги исполнив целите кои си ги постави во бизнис планот? Дали тековната работа води кон исполнување на поставените цели? Ова е значајно бидејќи доколку целите не ги исполнувате ќе мора да менувате нешто во самиот процес на работата.
  • Дали имате воведено нови производи кои не се опфатени со Вашиот бизнис план? Дали споредбата на Вашите производи во однос на конкурентните е иста како во бизнис планот? Дали имате планови за идни производи кои не сте ги опфатиле со бизнис планот? Производите и/или услугите се тие кои ви носат финансии во вашиот бизнис. Нивното постојано следење е многу важно.
  • Дали пазарните движења се онака како што прикажува Вашата анализа на пазарот во бизнис планот? Движењата на пазарот се основа за многу одлуки во однос на Вашето работење. Мора да го следите пазарот доколку сакате да останете на него. Инаку, ќе ве отфрли.
  • Дали има крупни промени во индустријата кои не се предвидени во анализата на индустријата во Вашиот бизнис план? Секоја индустрија има посебни карактеристики и движења. На пример, за IT индустријата карактеристика се големи и брзи промени. За да се биде во тренд и во склад со пазарот мора да се следат движењата во индустријата во која се наоѓате.
  • Имате ли некои промени во Вашата маркетинг стратегија која е опишана во бизнис планот? Како се движат Вашите цени, промоцијата и дистрибуцијата? Вашиот маркетинг, цените, промотивниот материјал и начинот на дистрибуција се променлива категорија. И треба да бидат променливи. Но, какво влијание ќе имаат на продажба, на процесот на работењето, на менаџментот ќе влијае и на планирањето.
  • Дали продажбата се движи како во проекциите во планот? Ова е најважна контролна точка со бизнис планот. Од Вашата продажба ќе зависи и рентабилноста, и готовинскиот тек, и видот на маркетингот, вработување… Сето ова се важни елементи на кои се базира Вашиот бизнис план.
  • Има ли промени во однос на маркетинг планот?
  • Дали организациската структура е онаква како што е наведена во планот? Дали работите со истиот менаџерски тим како во планот? Променети ли се плановите за вработување на персонал?
  • Каква е вашата реална рентабилност во однос на планираната?
  • Дали вашата добивка или загуба е во согласност на планот? Продолжувате со ист начин на работа или не?
  • Дали готовинскиот тек се движи како што е опфатено во планот?
  • Дали вашите јаки и слаби страни, како и можности и закани се исти како во планот? Има ли промена во нивното влијание на вашето работење?

Ова се основните елементи кои во текот на годината треба:

  1. да се контролираат,
  2. да се споредуваат со планот,
  3. да се утврдат причините за таквата разлика
  4. да се решаваат сите проблеми преку отстранување на негативните разлики (несиполнувањата на планот)

На сликата подолу е даден дијаграм на текот на активностите при мерење на резултатите и споредбата на оствареното со планираното.

Бизнис план - дијаграм на мерење на резултати

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*