post

Тајна на успешно започнување на бизнис

Започнување на бизнис Постојат ли тајни за успешно започнување на бизнисот?

Некои сметаат дека започнување на бизнис претставува уметност бидејќи во голем дел се базира на креативноста на претприемачот и препознавање на можностите на пазарот кои истиот тој претприемач ги претвора во успешен бизнис.

Некои пак сметаат дека започнување на бизнис е наука бидејќи најдобро е да се следи оној “претприемнички процес” кој во голем дел се базира на научни сознанија, алатки и техники произлезени од науката и научно базирани чекори за имплементација.

Во секој случај и двете групи се во право. И двете групи на луѓе не грешат во нивното размислување за започнување на бизнис.

Не грешат бидејќи започнување на бизнис истовремено е и уметност и наука. Уметноста е препознатлива во креативноста и препознавање на можностите, додека наука во тестирање, аналитичност и имплементација на зацртаните чекори кон реализација на визијата на претприемачот.

Ќе извлечам 16 искази кои може да се сметаат како тајни за успешно започнување на бизнис.

  1. Претприемачот е секогаш полн со идеи. Тој нема идеи само кога веќе не е претприемач или едноставно мретов.
  2. Претприемачот не брза со имплементација на секоја “луда” идеја што ја има. Тој иако има луди идеи, што се резултат на неговата креативност, но сепак не брза со имплементација на сите тие идеи, туку едноставно го чека вистинскиот момент за соодветната идеја.
  3. Внимателно избира која бизнис идеја ќе ја развива во бизнис. Без да ја преточи идејата во можност и без да биде барем 50% сигурен дека идејата може да се преточи во успешен бизнис преку анализи тој нема да го започне бизнисот.
  4. Внимателно ги тестира хипотезите за избраната бизнис идеја. Секоја бизнис идеја носи повеќе претпоставки. Тие претпоставки се во вид на потребата на пазарот, можните продажби, можните трошоци за реализација, можните трошоци за функционирање на бизнисот… Идејата сеуште не е бизнис се додека не се добијат позитивни резултати од тестирање на тие хипотези.
  5. Дизајнира бизнис модел кој треба да се тестира. Една бизнис идеја може да резултира во повеќе бизнис модели. Кој ќе се имплементира, ќе зависи од тестирањето.
  6. Започнува со развој на купувачи. Уште во фазата на сонување, претприемачот започнува со развој на купувачи. Ги дефинира, анализира, контактира, им продава… А фидбекот го користи во подобрување на идејата.
  7. Ги тестира хипотезите преку директен контакт со купувачи. Тестирање на хипотезите не ги изведува од дома или од канцеларија или пак од производствениот погон. Тестирањата ги изведува преку директен контакт со купувачите.
  8. Го редизајнира бизнис моделот врз основа на тие први контакти со купувачи. Купувачите се слушаат и се имплементира она што е слушнато.
  9. Го гради првиот производ со минимум барани карактеристики. Премногу карактеристики не значи и производ кој ќе се продава. Тој знае дали нешто треба или не.
  10. Продолжува со тестирање со купувачи. Овие тестирања никогаш не завршуваат. Поточно, завршуваат кога веќе нема да постои бизнисот.
  11. Го надградува производот со резултати од тестирање. Секое тестирање резултира со подобар производ/услуга.
  12. Го прилагодува бизнис моделот доколку е потребно. Бизнис моделот не е статичен елемент, тој се менува и треба да се менува.
  13. Ги прилагодува стратешките основи доколку треба. Промените на бизнис моделот ќе предизвикаат и промени во стратешките основи на бизнисот (нормално доколку постојат).
  14. Повторно тестира. Да не заборавиме, ништо не е непроменливо, па ни последното подобрување.
  15. Започнува со бизнисот. Дури сега? Па да, сега веќе има купувачи, има производ/услуга за кои тие купувачи се спремни да платат и има бизнис модел кој ветува бидејќи целосно е во согласност со она што купувачите го сакаат.
  16. Не заборава на купувачите. И повторно потсетување, процесот не завршува, туку едноставно ова е само почеток.
About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*