post

Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 3

Овој наслов претставува третиот дел од серијалот за транснационални компании. Првите два дела можете да го прочитате во насловите Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 1 и Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 2.

И понатаму останува состојбата транснационалните компании да бидат држава над држава. Поради ова се поставува прашањето: Дали оваа компанија може да влезе во рамноправен однос со други држави? Веројатно формално правно не, но во пракса секако да. За однесувањето на државата, главно влијание имаат гласачите, додека за однесување на компаниите главно влијание има профитот. Заеднички карактеристики на државата и транснационална компанија е долгорочното економско планирање и распределба на средствата – финансиите, човечките и природните ресурси од аспект на сопствениот интерес.

Планирањето на државата (барем официјално) има територијална рамка, додека планирањето на транснационална компанија нема територијални ограничувања. Овие компании формираат стратегија со која решаваат од каде ќе ги набават суровините, каде ќе градат фабрики или истражувачки лабаратории, во кои региони ќе ги сконцентрираат своите напори и слично. Доколку матичната држава на компанијата воведе санкции против определена држава која е богата со одредени ресурси, компанијата ќе се најде во неповолна состојба во однос на компанијата, чија држава не вовела санкции против таа држава. Со тоа компанијата станува помалку конкурентна, бидејќи воведува поскапи производи, затоа што до нив дошла потешко. Со тоа се намалува профитот, а со намалување на профитот доаѓа до намалување на издатоците за истражувања, давање донации, акционерите можат да префрлаат акции во други компании, кои нудат поголеми дивиденди и така се создава една негативна спирала. Заради тоа, транснационалните компании настојуваат да дејствуваат пред владата да донесе одредена, за нејзе можеби негативна одлука.

Кога една од транснационална компанија ќе навлезе на еден пазар (пример е ривалство на Coca Cola -Pepsi) другата компанија ќе побрза и таа да влезе на истиот пазар, за да го оневозможи создавањето на голема предност создадено со првичното влегување од страна на компанијата конкурент. Со отварање на филијали во странство, овие компании пренесуваат современа технологија во земјите каде владее недостиг на одредена технологија. Дополнителна поволност за овие земји е што тие немат ни доволно средства ни доволно знење за користење на вакви технологии. Филијалите на транснационални компании мора да ги почитуваат законите на други држави, па компанијата настојува да дојде до позитивни законски решенија во склад со своите интерси.

Влијанието на транснационална компанија во неразвиените земји може да се подели на три периоди. До 1960 година владеела потполна доминација на компаниите. Во периодот од 1960-1980 година доаѓа до голема конфронтација помеѓу земјите домаќини, поддржани од Советската држава и идеологија. Следува периодот по 1980 години кога сиромашните земји главно ги упропастуваат преземените или национализирани делови на транснационални компании и согледуваат дека без нив им е уште полошо, па пристапуваат кон постепено повторно отварање на пазарите и давање на големи овластувања на компаниите.

Национализацијата на имотите на големите транснационални компании се вршеше со цел капиталот да работи за доброто на народот, а не за приватен профит. Кај неразвиените земји во шеесетите години на минатиот век, постоеше дури и обид, преку здружување да се конкурира на транснационални компании. Највпечатлив пример е здружението ОПЕК, кој и покрај тоа што успеа да ја зголеми цената на нафтата, сепак не успеа да ги победи транснационалните компании кои работат во нафтениот сектор. Нафтените компании ја искористија лошата економска состојба во Венецуела, приморувајќи ја повеќе да произведува нафта, за да може да се раздолжи. Како таа повеќе произведуваше, така цената на нафтата на светските пазари повеќе паѓаше, па беше принудена уште повеќе да произведува за да достигне одредена парична вредност потребна да се исплатат кредитите. Сличен е и примерот на Дубаи, каде по објавување на веста дека се наоѓа во финансиска криза, поради мегаломанско трошење и спроведување на грандиозни проекти, цената на нафтата на светско ниво падна, бидејќи се очекува зголемување на производството за да се отплатат долговите.

На нападите од новоформираните држави, транснационалните компании не останаа со скрстени раце и возвратија со скратување на финансиската, техничката и други видови помош на земјите со кои влегоа во конфликт. Има и примери на извршени смени на влади од страна на овие компании, па дури и на предизвикување на воени конфликти и државни удари. По одреден период, владите на неразвиените земји востановиле дека без финансиска и технолошка подршка од овие компании, не може да постои квалитетен развој на државата, па почнуваат да влегуваат во соработка со компаниите. Од друга страна и транснационалните компании востановиле дека со соработка можат многу повеќе да постигнат, отколку со конфронтирање и на заеднички интерес почнуваат со повторна соработка. Меѓутоа сега компаниите се вооружени со дополнително искуство и знаење, па по секоја цена настојуваат да ги сокријат акциите кои би имале негативен публицитет. Промовираат одредени хуманитарни и јавни општествени акции, па за себе создаваат поубава слика, како за јавноста во матичната држава, така и за јавноста во државата домаќин. Јавноста во развиените држави покажува сожалување доколку компанијата ги приморува луѓето да работат во нехумани услови или доколку ги уништува природните богаства, бидејќи со тоа се уништува не само земјата домаќин, туку и целата планета.

Поради широката глобализација и одделни богати личности од неразвиените земји можат да бидат значајни акционери во транснационални компании. Овие компании може седиштето да го лоцираат и во неразвиените земји, но тие земји не можат да им овозможат соодветна заштита за нивните интереси. Овие земји немаат влијание врз меѓународните институции, па не се во состојба да го спречат донесувањето на одлуки од меѓународните тела, доколку се спротивни со интересите на компанијата, па остануваат со седиштата во моќните земји со што тие стануваат уште помоќни. Пример: со спроведување на законот за намалување на глобално затоплувањето на земјата, компаниите би морале да преземат одредени чекори кои се за нив финансиски штетни, па моќните државите (односно најголемите светски загадувачи САД и Кина) го одлагат потпишување на тие договори, за да нивните транснационални компании не мора да издвојуваат дополнителни финансиски средства за реализирање на овие проекти. Со развојот на индустриските капацитети, во суштина целиот свет станува повалкан, а со преземање на валканата технологија од страна на неразвиените земји и тие стануваат валкани и загадени.

Синдикатите можат многу да влијаат на глобализацијата, притискајки ги овие компании да поведат повеќе сметка за своите вработени. Но, мораме да констатиреме дека синдикализмот се наоѓа во криза и дека се наоѓа во службата на олигарсите. Тоа можеме да го подкрепиме со следниве факти:

  • Прво, 70 милиони вработени во светот се под целосна контрола на босовите на големите корпорации.
  • Второ, 100-150 милиони работници се перменентно невработени, а нивната сегашна и идна егзистенција е непосредно определена и зависна од програмите и пакетите на правните акти за решавање на нивниот социјален статус, за што постојано се договараат оние кои барат работа и оние кои можат да понудат работа, значи претставниците на корпорациите и претставниците на трудот, кои се најчесто продолжена рака на корпорациите.
  • Трето, најмалку 300 милиони работници се посредно вработени во големите корпорации или во нивните афилации кои се дисперзирани низ голем број на земјите. Заради тоа за нив е свето правило “не тумбај” подготвени се слепо да се покоруваат и ништо да не менуваат за да не ги загрозат своите позиции. Се помасовно тие го напуштат синдикатот но и синдикатот ги напушта нив служејќи им на интересите на корпорациите.

Овие податоци укажуваат дека нема синдикални движење, нема работнички организации, нема моќни унионистички сојузи, егзистенција на современиот работник е органски поврзана со егзистенцијата на големите гигантски компании. Тие ги контролираат работничките асоцијации во Југоисточната Азија со 90%, во Америка со 70%, во Европа околу 40-60%. Општ е трендот синдикалните лидери да бидат во служба на големите компании. Но и обичните работници не се мотивирани да се борат за свои права, зашто им е обезбеден “прав живот”, односно живот од кој тие се задоволни. Овие бенефиции ги користат милиони работници во развиените држави, а што е со други милиони работници од неразвиените држави? За нив не треба да се преговара бидејќи треба да се дели од “колачот”, а тие работници се контролирани, беспомошни и безопасни бидејќи се неорганизирани, па тешко доаѓаат и до можностите кои им се на дофат на раката. На мислење сме дека ќе пројде уште голем временски период за да се ублажат овие неправди.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*