post

Трпреливоста треба да се вежба

Една од клучните карактеристики на успешни претприемачи е истрајноста, да се истрае во намерите кои си ги има поставено на патот кон успехот. За да се истрае треба да се биде трпелив.

Многупати тука пишував за тоа дека треба да бидеме трпеливи, треба да ислушаме, треба да не се откажуваме по првите неуспеси…

Но, прашањето е до каде се границите на трпеливоста. Понекогаш преголема трпеливост во форма на “удирање на глава во ѕид” кога нешто не оди и неоди може да биде сосема погрешен пристап од страна на претприемачите, па дури и со катастрофални последици.

Значи, трпеливоста значи дека не треба да се откажуваме, но од друга страна мора да внимаваме да не претераме со преголема трпеливост.

Кога станува збор за претприемачи, јас ја нарекувам “избалансирана трпеливост” онаа трпеливост која ќе ве направи поистрајни и поупорни во вистинска смисла на зборот чекорејќи на патот кој води кон успешноста на бизнисот.

Најдобар начин за да стекнете “избалансирана трпеливост” е да вежбате да бидете трпеливи. никој со сила не може да ве направи трпеливи, бидејќи трпеливоста е нешто што доаѓа преку вашето лично искуство.

Подолу се некои чекори кои ги имам дефинирано за вежбање да се стекне “избалансирана трпеливост”.

1. Прецизно дефинирајте го патот кој треба да го изодите

Овој чекор е еден од најважните чекори во процесот. Како можете да бидете трпеливи и да го поминете целиот пат доколку не знаете каде треба да стигнете и низ што се треба да поминете?

Вашата визија, целите кои треба да ги реализирате и активностите кои ќе треба да ги спроведете доколку бидат прецизно дефинирани, ќе знаете колку ќе треба да бидете трпеливи.

Многу е полесно да бидам трпелив доколку знам дека треба да патувам еден час, и толку навистина трае патувањето отколку да мислам дека треба да патувам еден час, а тоа патување да трае 10 часа.

Клучната придобивка од овој чекор е да бидете свесни дека патот не е лесен.

2. Што е она што може да ве спречи на тој пат?

Вториот чекор е да одговорите на прашањето за тоа што може се да ви го попречи патот. Освен што го знаете патот и тежината на истиот, ќе треба да ги дефинирате и моќните препреки како на лично, така и на организациско ниво.

Разни проблеми, лични и организациски фрустрации, надворешни чинители, грешки и промашувања, одбивања, збунетоста, недоволната поддршка и уште многу слични препреки може да ви се најдат на патот кон успешноста.

3. Стратегии за надминување на препреки

Иако е тешко да се предвиди иднината, сепак можеме да вложиме напори да се подготвиме за истата.

Кога веќе ги имаме претпоставките за препреките, можеме и да подготвиме стратегии за нивно надминување.

Оваа значи дека ќе треба да одговорите на прашањата:

  • Што ќе направам доколку се случи тоа и тоа?
  • Како ќе го надминам тоа што ќе се случи?
  • Колку време ќе треба да чекам за резултатите од моите акции?

Забележувате дека овие одговори имаат за цел да ве подготват и направат потрпеливи.

4. Започнете со првите чекори

Трпеливоста не значи дека треба да чекате. Трпеливоста значи да преземете конкретни чекори и да чекате за резултатите од тие чекори.

Едноставно за секоја акција, односно чекор на вашиот пат ќе треба да се запрашате како таа акција или чекор ве приближува кон дестинацијата.

Оваа значи дека ќе треба постојано да ја следите и оценувате секоја акција во однос на тоа дали истата ги дава или ќе ги даде посакуваните (очекуваните) резултати.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*