post

10 Причини да имате WordPress блог за вашиот бизнис

Гостински пост од Владимир Апостолски: Авторот е дипломиран инженер по информатика. Моментално е развивач на софтвер. Еден од ентузијастите позади агрегаторот на попусти http://bagatela.mk. Повеќе информации на: http://about.me/vladimir.apostolski

Бизнис блог со WordPress

Бизнис блог со WordPress

Како претприемачи, досега би требало да ви е јасно дека ви е потребен блог за поддршка на бизнисот. Блогот дава уникатна можност да допрете до вашите идни клиенти, им оставате простор да се едуцираат околу вашите активности, услуги и производи. Тој треба да биде интегриран, но независен од примарната веб страница која ја користите за презентирање на вашите бизнис активности.

За оние што се уште немаат блог за својот бизнис, но јасно им е како треба да изгледа и што е неговата цел, еве еден предлог за изборот на платформата на блогот: WordPress. Во продолжение се наоѓаат 10 причини зошто е добро да ја одберете оваа платформа за блогирање

1. WordPress е бесплатен

Meѓу ретките бесплатни работи на овој свет. И покрај тоа што во бизнис светот се вели „Не постои бесплатен ручек“, кај софтверот ова не е секогаш случај. WordPress е еден ваков пример, па затоа е многу поволен за да биде платформата на која ќе се потпира блогот.

2. Набрзина се инсталира

WordPress е исклучително лесен за „инсталирање“. Доволно е да го превземете (http://wordpress.org/download/) и да го поставите на веб сервер и со минимални подесувања вашиот блог ќе биде подготвен за вашиот прв напис. Добра идеја е да го поставите на посебен поддомен од вашиот сајт, како на пример blog.mojdomen.com или mojdomen.com/blog .

3.Можете да се искажете „на долго и широко“, а сепак уредно

Со помош на WordPress можете да напишете и подолги, но лесно читливи написи, со слики, видеа и поврзани содржини. На клиентите им е многу важен уредниот изглед на текстот, а за самиот автор е важно да може без многу напор да објавува вакви написи. Интегрираниот уредувач на текст многу ќе ви помогне во оваа работа

4.Едноставно споделување содржини преку друштвените мрежи

Со оваа платформа, на вашиот блог лесно се активираат додатоци за споделување на написите преку социјалните мрежи. Како што знаеме, блогот е моќна маркетинг алатка и како таков е одлична можност за да допрете до потенцијалните клиенти преку друштвените мрежи.

5.Wordpress е популарен

Популарноста значи дека софтверот го користат многу луѓе и дека генерално се задоволни од неговите функционалности. Штом постојат над 20.7 милиони WordPress блогови ширум светот, тогаш сигурно постои добра причина тоа. Освен што шансите за багови се помали, и самите читатели ќе се чувствуваат побезбедно да остават коментар на платформа која ја познаваат.

6.Стабилност

Зад WordPress стојат 8 години развој, надоградување и поправки на багови. Она што е мошне фасцинантно, Wordrpess развивачката заедница ги слуша потребите на корисниците, па со гласање се одлучува што ќе биде овозможено во следната верзија. Со WordPress вашиот бизнис блог би бил во сигурни раце и можете мирно да спиете дека нема некои елементарни грешки да го нарушат вашиот кредибилитет.

7.Отворен код

Технологијата која е употребена за развивање на самата блог платформа (PHP) е една од најпопуларните во светот и што е поважно, целиот код за неа е отворен. Тоа значи дека доколку вашиот бизнис блог користи WordPress, многу лесно ќе најдете развивач на софтвер или дизајнер што може да го уреди неговиот изглед да биде по ваш вкус.

8.Лесна оптимизација за веб пребарувачи

Веб пребарувачите (како Google и Bing) во целост ги разбираат содржините кои ги пласирате и им даваат големо значење при рангирањето на резултатите. Бизнис блогот може да ви послужи како моќно SEO оружје за да се рангирате подобро за одредени клучни термини за вашиот пазар.

9.Многу развивачи и дизајнери

Уште една предност која ја уживаат WordPress блоговите. Лесно ќе најдете дизајнер што ќе ви направи дизајн по ваша мерка и ќе го отсликува корпоративниот дух, ќе го интегрира блогот со амбиентот од вашата примарна веб страница или ќе приспособи некој веќе постоечки дизајн (кој исто така може да биде бесплатен). Истото важи и доколку сакате некои посебни функционалности на блогот, но за тоа ќе ви треба програмер.

10. Бесплатни и корисни додатоци

Скоро на се што ќе помислите, веќе постои бесплатен додаток, кој можете да го инсталирате со два клика. WordPress платформата не бара да имате програмерски способности за да додавате нови функционалности и однесувања.

За крај, запомнете, дури и да не користите WordPress, важно е да имате блог кој ќе го поддржува вашиот бизнис. Во најмала рака, ќе ви помогне да изградите свој сериозен бренд, а ќе бидете и изненадени од потребата на корисниците да ве контактираат преку блогот, и покрај добро познатите можности, како на пример, е-пошта, Фејсбук и Твитер.

За да не биде дека зборувам напразно, туку од искуство, можете да го погледнете блогот на bagatela.mk (http://blog.bagatela.mk/) да видите како овие совети се применети на дело.

Имате ли бизнис блог? Која платформа ја користите и дали успевате да допрете до клиентите со помош на блогот?

Кои функционалности најмногу ви вршат работа?

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Фин пример со Багатела.мк, но за да имаш блог како што треба потребно е повеќе од WP инсталација :).

    На пример, Багатела.мк се комплетно нетранспарентни на блогот како и на целиот сајт.

    • Се сложуваме, WP е добар почеток кој ќе ти помогне да започнеш со блогот за фирмата, а вредностите секако ги прават луѓето.

      Инаку благодарам што ни посочи некои недостатоци, ќе ги промениме. Добро е кога знаеш како изгледаат нештата гледано од страна.

  2. Sutevski says

    Точно Дарко целосно си во право дека е потребно повеќе од инсталација на WP, но сепак е прв чекор – одлука која платформа да се користи и надминување на бариерата (страв од технологија). Потоа доаѓаат вистинските проблеми и потреби за вистинските акции и правци, мислам, доколку е целта да се успее и да биде блогот во корист на бизнисот :).

    • Сосема си во право. Написот е во контекст на совет за добар избор на платформа за бизнис блог. Се надевам дека некому ќе му биде корисен кога ќе се одлучи дека му треба блог за бизнисот во кој што вложува.

Speak Your Mind

*