post

10 Клучни Работи Кои Треба да Ги Започнете во 2010

Како навршува оваа 2009-та година и се побликсу е 2010-тата се прават различни анализи и проценки за тоа каква ќе биде 2010 година. На претприемач подготвуваме посебен напис за некои наши предвидувања во однос на бизнисите за 2010.

Препораки за претприемач за 2010

Во овој напис би сакал да издвојам 10 клучни работи за кои би требало да размислите и да ги спроведете во новата 2010 година, доколку не сте ги спровеле досега. Па да тргнеме:

1. Доколку сеуште не сте започнале сопствен бизнис размислете за оваа опција

Секогаш постои една ваква опција доколку сакате да постигнете нешто повеќе, односно доколку сакате да излезете од динамичката рамнотежа на удобноста што status quo ситуацијата Ви ја пружа. Можете новогодишните празници да ги искористите и да размислите дали можете да постигнете нешто повеќе во животот и дали опцијата да бидете претприемач е соодветна за Вас.

2. Внесете го вашиот бизнис во светот на интернетот

Една активност што според мене влегува во категорија МОРА. Маркетингот и начинот на комуникација помеѓу бизниси и бизниси како и бизниси и крајни потрошувачи во светот е целосно променет. Започнува да се менува и кај нас. Бидете подготвени и на оваа поле. Но, моја препорака е воопшто да не се нфаќате со оваа активност доколку сметате дека Вашата веб страна треба да биде една обична брошура. Само ќе потрошите пари, а ништо нема да добиете.

3. Започнете со SEO доколку сеуште не сте започнале

Една од основните активности кога станува збор за Вашата достапност на интернетот е SEO (Search Engine Optimization – Оптимизација на пребарувачи). Ова е една од најважните активности за да бидете достапни и најдени од потенцијалните потрошувачи во интернет светот. Дали Ви е потребна веб страна ако никој не може да Ве најде кога ќе има потреба од Вашите производи и/или услуги.

4. Искористете ги социјалните мрежи во полза на Вашиот бизнис

Секојдневно никнуваат нови социјални медиуми кои на некој начин ги поврзуваат луѓето меѓу себе. Социјалните медиуми се еден од елементите кои го изменија начинот на практицирање на маркетингот. Помеѓу 300 до 400 илјади македонци се на Facebook. Пред едно 3 до 4 месеци на Twitter имаше неколку илјади македонци, а верувам дека денес се уште повеќе и тој број ќе се зголемува уште.

Така да не смее да се испушти оваа можност кога еден просечен Facebook корисник е минимално еден час на неговата омилена мрежа. Затоа бидете и Вие како претприемач и Вашиот бизнис таму.

5. Интегрирајте систем на постојано учење

Во Знаење и креативност – втор слој за успех на еден претприемач веќе ги поставив основите за знаењето и неговата претходица наречена учење. Постојано учете за сите Ваши бизнис активности, учете за маркетинг, финансии, планирање, менаџмент, преговарање и договарање, продажба… Листата навистина е предолга. Кога станува збор за интегрирање на систем ова е навистина процес кој можеда се каже дека е и сложен и едноставен. Сложен бидејќи ќе бара еден вид на познавање од информатичка технологија за да се подеси пристигнување на информации и едноставно бидејќи по подесување учењето е навистина лесно.

6. Воведете систем за квалитетно следење на конкуренција

Втор систем кој би требало да го воведете е систем за следење на конкуренцијата. Конкуренцијата претставува важен фактор за Вашиот бизнис. Следејќи ја соодветно конкуренцијата и предвидувајќи ги нивните чекори ќе бидете секогаш еден чекор пред нив.

Кога зборувам за систем мислам на еден поавтоматизиран систем кој нема да бара премногу време од Ваша страна, а ќе Ве снабдува со квалитетни информации за Вашиот бизнис.

7. Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите купувачи

Она како се вели: Бидете еден чекор пред конкуренцијата и еден чекор поблизу до купувачите. Квалитетна комуникација со купувачите ќе Ви обезбеди да бидете еден чекор поблизу до нив. Кога сте поблиски со Вашите купувачи ќе добиете информации кои можат Вашиот бизнис да го подобрат во сите поглед на бизнис работење.

Освен традиционалата комуникација очи во очи, воведете можност за комуникација преку е-mail, социјални медиуми, телефон… Но, запомнете дека доколку ја овозможите оваа комуникација комуницирајте, одговарајте на меилови, одговарајте на прашањата преку социјалните медиуми и одговарајте на телефонските повици.

8. Воведете систем за квалитетна комуникација со Вашите потенцијални купувачи

Четвртиот важен систем е систем за квалитетна комуникација со Вашите потенцијални купувачи. Освен купувачите кои веќе Ви имаат дадено доверба потребно е да комуницирате и со потенцијалните купувачи кои сакате да Ви ја дадат нивната доверба и да постанат купувачи. Системот може да биде ист или пак сличен со системот за комуникација со купувачите.

9. Направете реинженеринг на комплетната маркетинг стратегија

Реинженеринг едноставно претставува повторно градење од почеток. Размислете ја целокупната Вашата маркетинг стратегија во поглед на се она што дава резултати и она што не дава резултати. Доколку не сте ги мереле сопствените маркетинг активности, сега е вистинско време да започнете. Исфрлете го сето она што не дава резултат и подобрете го она што дава резултат. Вообичаено компаниите кои ги спроведуваат Вашите маркетинг активности ќе се обидат да го продолжат договорто со Вас и за 2010. Пред да одлучите да го продолжите договорот запрашајте се за следново:

  • Дали имам резултати од таа маркетинг активност?
  • Какви се резултатите (денари/купувач од таа маркетинг активност или пак денари/продажба од таа активност)

10. Бидете фокусирани на она што го работите

И како последна препорака го избрав фокусот. Доколку не сте фокусирани на Вашиот бизнис и на Вашите претприемнички активности животот како претприемач навистина ќе Ви биде потежок.

2010 година не очекувам дека ќе биде розева во поглед на бизнисите и особено на малите бизниси. Ќе имате премногу активности кои ќе треба да ги спроведете. Затоа бидете фокусирани во она што го работите. Следете го она наједноставното правило: Првин најважните и најприоритетните работи.

Ова се едни од препораки кои сметам дека навистина имаат потенцијал да го подобрат Вашиот бизнис. Ако започнете и со други активности само ќе се подобрите уште повеќе. Па, се надевам дека ќе ја истуркаме и 2010-тата и ќе започнеме да бележиме вистински резултати.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*