post

Дизајн на Профитен Модел за Вашиот Бизнис

Дали имате прецизно дефиниран профитен модел за Вашиот бизнис? Доколку одговорот е не, би требало веднаш да започнете со дизајнирање на еден таков профитен модел.

Бизнис профитен модел

Вашиот бизнис има за цел да прави профит, односно од целата продажба во денари остварена преку купување на потрошувачите кога ќе се одземат трошоците на работење на бизнисот да остане позитивен број во денари.

Забележувате дека во центарот на вниманието е потрошувачот, бидејќи тој е оној кој остава пари во Вашиот бизнис. Основниот закон за профитабилност на еден бизнис е:

Повеќе потрошувачи + Повеќе пари од секој потрошувач = Поголем бизнис профит

Па од тука може да се каже дека Вашиот бизнис профитен модел треба да одговори на две прашања:

  • Што Вашиот бизнис ќе прави за да стекне нови потрошувачи?
  • Што Вашиот бизнис ќе прави за да ја зголеми вредноста која ќе ја добива од секој потрошувач?

За да успее бизнисот Вие како претприемач ќе мора да дизајнирате и да следите Ваш уникатен профитен модел. Профитниот модел за секој бизнис е уникатен и може да биде едноставно и Ваша конкурентска предност доколку дизајнот е навистина уникатен. Во основа профитниот модел не претставува ништо друго туку една стратегија која треба Вашиот бизнис да го направи профитабилен.

Стекнување на нови потрошувачи

Што е она што ќе го правите за стекнување на нови потрошувачи?

Секој бизнис започнува барем со еден потрошувач на производите и/или услугите кои ги нуди Вашиот бизнис. Вашата цел како претприемач е постојано да го зголемувате тој број на потрошувачи. Во овој дел од Вашиот профитен модел ќе треба да ги наведете сите тактики кои Вашиот бизнис ќе ги користи за оваа цел, а потоа тактиките да ги специфицирате во вид на активности со одговорно лице и рок на извршување на истите. На пример, некои тактики за стекнување на нови потрошувачи може да бидат:

  • Производот и/или услугата
  • Маркетинг средствата кои ќе ги применувате
  • Продажниот процес

Многу бизниси ги делат своите производи на предни и позадински производи. Предни се оние кои имаат за цел да внесат потрошувачи во Вашата продажна инка, додека позадински се оние поскапите и повредните и имаат за цел да ја зголемат профитабилноста на Вашиот бизнис. Од друга страна квалитетот, сервисот, услугата, гаранцијата и други елементи на производот и/или услугата само може да привлекуваат повеќе потрошувачи.

Маркетинг средствата се основата која го распространува гласот за Вашиот бизнис и Вашите производи и/или услуги. Кои маркетинг средства, кога и како ќе се спроведат?

Од продажниот процес зависи дали еден потенцијален порошувач ќе стане потрошувач. Па вистинските активности и одговорности ќе бидат од голема помош за успешно завршување на тој процес.

Зголемување на вредноста на потрошувачите

Второто прашање кое профитниот модел треба да го одговори е како да ја зголеми вредноста од секој потрошувач. Во повеќе наврати на претприемач пишувавме за некои тактики кои може да се искористат во овој дел како Cross-selling, Upselling, Firesale за кои можете да прочитате во бизнис поимникот на претприемач. Ова се само дел од тактиките кои ќе можете да ги примените тука.

Она што го напоменавме како тактика во привлекување на потрошувачи во однос на производи и/или услуги може да продолжи тука со позадински производи кои ќе имаат за цел да го ја зголемат вредноста на еден потрошувач за ваш бизнис. Имено, со предните производи кои се поевтини привлекувате внимание и ги користите заради постојан готовински тек во Вашиот бизнис, а потоа нудите висококвалтетни и уникатни производи и услуги со кои ја зголемувате глобалната профитабилност на Вашиот бизнис.

Кои тактики ќе ги искористите во Вашиот профитен модел ќе зависи од Вас како претприемач и Вашата креативност и чувство за бизнисот. Секако ќе треба и доволно добро да ги познавате Вашите идеални потрошувачи.

Целта е откако ќе го прочитате овој напис да имате пишана стратегија за ваш профитен модел која ќе ја имплементирате, следите и постојано подобрувате. Се за успешноста на Вашиот бизнис.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*