post

Бизнис План – Анекси

Бизнис план - Анекси

Бизнис план - Анекси

Во овој процес на бизнис планирање досега ги изведовме најважните елементи за да еден претприемач го трасира патот на својот бизнис за наредни 3 до 5 години. Досега ја направивме насловната страна, го изработивме резимето и содржината, ја опишавме компанијата, ги дефиниравме производите и услугите кои ќе ги нудиме на пазарот, спроведовме анализа на пазарот и индустријата, спроведовме SWOT анализа, изработивме онлајн стратегија за бизнисот, маркетинг стратегија и продажна стратегија. Ја дефиниравме нашата организациска поставеност, менаџментот и вработените. И се занимававме малку со финансии на бизнисот. На ред е последниот елемент – анекси.

Овој дел од бизнис планот веќе го имаме изработено бидејќи едноставно за да планираме сите анализи, табели, пресметки, предвидувања ги имаме направено. Доколку досега се изработувавте во еден MS Excel документ со повеќе страни веќе ги имате сите потребни табели кои ќе треба да влезат во анексот од бизнис планот.

Затоа во овој дел ќе треба да ги ставиме информациите за сите табели кои ги добивме во процесот на планирање.

Она што ќе треба да биде сместено во анкесот во најмал случај е следново:

  1. Предвидување на продажба
  2. План на финансии потребни за плати за вработени
  3. Целосната табела за анализа на добивка/загуба
  4. Целосна табела за анализа на готовинскиот тек
  5. Биланс на состојба

Секоја табела или секој од горенаведените поднаслови нека биде на една страна за да биде попрегледно. Доколку во бизнис планот некаде во претходните наслови се повикувате на некоја од овие табели, допишете насочување на читателот да го погледне анексот.

Нешто незадолжително, но корисно!

И како за крај би додал навистина нешто незадолжително, но многу корисно за Вас како претприемач, но и за сите вработени кои оперативно ќе го овозможат постоењето на бизнисот и функционирањето согласно планот.

Сите оние кои редовно не читаат, сигурно забележале дека скоро во сите написи за бизнис планот постојано повторувам обврзување кон остварување на планираното. Зошто да губиме време со планирање доколку од тоа планирање не произлезе нешто конкретно, нешто остварливо и нешто мерливо.

Затоа и се одлучив во ова најново издание на туторијалот за бизнис планирање како посебен дел во анексот да има свое место обврзување кон оствраување на бизнис планот. Ова не значи дека е нешто кој знае колку сложено, или дека ќе гарантира 100% успех во остварувањето, но може да значи дека ќе имате алатка за да ве натера да го остварите она што го планирате.

Не постои претприемач кој ќе планира катастрофа за неговиот бизнис, дури и математиката да покажува такво нешто, во текот на процесот на планирање произлегуваат заклучоци за избегнување на една таква состојба. Затоа е потребно да се спроведе планираното.

Во многу поднаслови од овој бизнис план произлегоа конкретни активности во вид на :

  • Стратегија
    • Тактики
      • Активности

Вашата задача како претприемач кој сеуште е во процесот на планирање е да ги сублимирате тие активности и да ги групирате во еден логичен редослед. Велам логичен редослед, бидејќи досега ги планиравме сите стратегии, тактики и активности како едни посебни елементи. Тие се зависни едни од други, така да активност во една стратегија ќе има влијание на друга активност во друга стратегија. Тука едноставно ќе треба да ги групирате и да добиете табела која ќе содржи:

  • Стратегија
  • Тактика
  • Активност
  • Одговорна служба (Одделение, Сектор…)
  • Одговорно лице
  • Датум на започнување
  • Датум на завршување
  • Мерни индикатори

Она што може да се забележи од еден ваков пристап е дека:

  • Делегирам одговорност. Доколку не определам одговорни лица за спроведување на планираните активности (во вид на име и презиме), сите ќе бидат одговорни и на крај никој нема да превземе ништо. Мислам дека во некој од претходните написи пишував за случај кога еден Директор праќа e-mail со задачи до 10 луѓе одеднаш и на крај никој не превзема ништо во однос на таа задача бидејќи сите мислат дека некој друг ќе ја заврши место нив.
  • Предвидувам рок. Рокот ќе претставува квалитетна рамка за следење на спроведувањето на планот и ќе гарантира навремено спроведување на истиот.
  • Воспоставувам систем за следење на резултати. Мерни индикатори се можеби најважниот елемент на процесот на планирање кога станува збор за подобрување на самиот процес на планирање и секако бизнисот воопшто. Оваа колона ќе го мери квалитетот на планот, квалитетот на спроведеното и квалитетот на подобрување во бизнисот.

Тоа би било се за овој најнов серијал за бизнис планирање за оваа 2010 година. Бизнис планирање и натаму ќе остане како една од главните теми на блогов.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Comments

  1. Predrag Stojkovski says

    Bi dodal, da vo kolku biznis planot vi koristi i za dobivanje na kreditna linija, ne e loso da kako prilog prilozite i dokumenti koi bi gi podrzale planiranite presmetki. Na primer ako planiravte deka vasiot biznis ke ima izvoz ne bi bilo lose da se prilozi i kopija na dogovor za izvoz (vo kolku imate dogovorena sorabotka so ino partner) ili nekoj slicen dokument koi ke daj ozbilnost i relevantnost na vasiot biznis plan i samiot biznis.

Speak Your Mind

*