post

Продажна инка: Што претставува?

Продажбата не се случува одеднаш. Претприемачите мора да изведат повеќе активности за да ги претворат потенцијалните купувачи (или можните интересенти) во вистински купувачи. Еден бизнис може да има огромен број потенцијални купувачи, но се додека тие не станат вистински купувачи бизнисот нема да има корист од нив и навистина секој може да биде потенцијален купувач. За малопродажна продавница потенцијален купувач е секој кој поминува или живее на локацијата на која е сместена продавницата. За увозниците и големопродавачите потенцијални купувачи се сите мали бизниси во државата. За онлајн малопродажба, жителите на целиот свет се потенцијални купувачи. Значи од ваков голем број на потенцијани купувачи само одреден дел ќе станат вистински купувачи во одреден временски период. Затоа и се користи терминот инка, која служи да собере поголема количина на течност (потенцијални купувачи) и низ потесниот дел од цевката во одреден временски период да ја собира течноста (вистински купувачи) во шишето.

Што претставува продажна инка?

Продажната инка може да се сретне и како продажна цевка или продажен тунел и претставува начин на визуелизација на продажниот процес. Би било многу лесно доколку сите потенцијални потрошувачи самите си дојдат и станат вистински купувачи. Но, тоа би било можно само доколку не постои конкуренција, Вашиот бизнис е уникатен и секој мора да помине низ Вашиот бизнис. Но реалноста не е таква. За секој потенцијален купувач се борите и Вие и Вашата конкуренција. Кој има подобра продажна инка ќе има и поголема ефикасност во трансформација на потенцијалните купувачи во вистински купувачи. Значи, продажната инка доколку ги користиме законите од физиката претставува нешто што ја трансформира потенцијалната енергија на Вашиот бизнис во кинетичка енергија која овозможува движење напред.

Како функционира продажната инка?

На горната слика е претставена продажната инка и како истата функционира. Се што е надвор од инката е неограничен простор што претставува неограничен број на потенцијални купувачи за секој бизнис. За тој надворешен простор или потенцијални купувачи Вие како претприемач се борите со Вашата конкуренција.

Како пример ќе разработам некои делови на една продажна инка, кои не мора да бидат такви. Постојат различни теоретски и практични анализи и разглобувања на продажната инка. Не можеме да земеме еден темплејт и да го користиме. Светот, бизнисот и технологијата се развиваат многу бргу. Пред 5 години Facebook не би бил дел од Вашата продажна инка. Но сега е и би требало да биде. Но, како идеја за Ваше размислување може да ви помогне.

1. Дознавање

Вашата прва задача е со помош на маркетинг кампањи да внесете дел од потенцијалните купувачи во инката, односно во вашиот продажен простор. Успешна маркетинг кампања е онаа кампања која ќе внесе поголем број на потенцијални купувачи во инката. Преку оваа кампања потенцијалните купувачи ќе дознаат за Вас, за Вашиот бизнис, за производите и услугите што ги нудите, односно привлекувате внимание за Вашиот бизнис. На ваков начин тие ќе знаат дека постоите и така од неограничен простор Вие се сведувате на одреден број на потенцијални купувачи кои влегуваат во Вашата продажна инка. Тој број зависи од Вашата маркетинг кампања, од типот на бизнисот и од просторот на кој оперира бизнисот (локално, национално, онлајн). Значи може да бидат 100, 1.000, 10.000, милион потенцијални купувачи кои се веќе навлезени во Вашата продажна инка.

2. Интерес

Следната Ваша задача како претприемач е да се насочите кон овие потенцијални купувачи и да обезбедите тие да пројават интерес за Вашите производи и/или услуги што ги нудите. Ова може да го остварите со откривање на нивната потреба и да им дадете можност да ги пробаат тие производи (да се изврши промоција) со цел да утврдат дека токму тие производи и/или услуги ја задоволуваат нивната потреба. На пример, ако се работи за малопродажен бутик потенцијалните купувачи влегуваат во Вашата продавница, пројавуваат интерес да купат еден од Вашите производи и ги пробуваат.

3. Желба

Доколку се чувствуваат добро оние кои пробале нешто во Вашиот бутик тие пројавуваат желба за купување – следната фаза од продажниот тунел. Компанија која продава софтвери нуди можност за 30 дневно пробување на софтверот за да се уверат потенцијалните купувачи дека токму тој софтвер ќе ги задоволи нивните потреби и ќе се јави желба за купување. Значи откако ќе издејствувате интерес за Вашите производи и/или услуги вашата работа е интересот да го претворите во желба за купување. Оваа желба доведува до тоа да бидете контактирани за цена, за начин на испорака, за начин на плаќање.

4. Акција – Купување

Сето оваа резултира во преговарање од кое дел од овие потенцијални купувачи ќе се трансформираат во вистински потрошувачи, односно ќе донесат одлука за купување и ќе го купат вашиот производ и/или услуга.

Продажна инка во бројки

Како функционира продажниата инка во бројки?

Од неограничен број на потенцијални купувачи за Вас ќе дознаат на пример 1000 потенцијални купувачи. Од тие 1000 потенцијални купувачи интерес за Вашите производи и/или услуги ќе пројават на пример 500 потенцијални купувачи. Од овие 500, желба за купување ќе пројават 200 потенцијални купувачи. Но, на крајот одлука за купување ќе донесат 10 купувачи.

Вашата цел како претприемач и целта на Вашиот продажен тим доколку имате, е да обезбедите во секој момент продажната инка да биде полна во сите фази. Ова ќе го постигнете преку добра маркетинг кампања и одличен производ и/или услуга што ги нудите. Направете анализа на Вашиот продажен тунел на една скица и размислете како да го подобрите. Запомнете, ништо не е идеално. Секој процес може да се подобри, па така и Вашиот продажен тунел.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Trackbacks

  1. […] Продажната инка е начин на визуелизација на продажниот процес. Доколку сакате да дојдете до реални цели на еден продавач мора да ги дефинирате нивоата или процесите потребни еден потенцијален купувач да се претвори во вистински купувач. […]

  2. […] продажба па и Вашата се реализира преку продажна инка. Вие како претприемач и Вашите вработени изведувате […]

Speak Your Mind

*