post

Работни задачи на менаџерите – Дел 2

Ова е втор дел од еден подолг наслов насловен како работни задачи на менаџерите. Вчера имавте можност да го прочитате првиот дел.

Менаџерот мора да одлучува по низа прашања и при тоа треба да донесува правилни одлуки.

Синергија и анергија во бизнисот

Работни задачи на менаџерите

Практично не е можно да се опишат ниту предвидат сите прашања кои треба да се решат. Потребно е да се носат различни одлуки кога се во прашање различни партнери, купувачи, добавувачи, вработени, да се изврши распределба на ресурсите. Затоа одлучувањето претставува секојдневна работа и е едно од клучните обврски за успешно работење. За да се донесат правилни одлуки потребно е да се имаат точни информации.

Менаџерот треба сестрано да ги набљудува случувањата околу себе и од нив на директен или индиректен начин да прима информации. Информациите можат да се добијат од разни извори, а најчесто би ги поделиле на

  • официјални извори и
  • неофицијални извори.

Информации можат да се добијат од книги, соопштенија, извештаи, списанија, службени весници, стручни весници, огласи, дневни весници, преку интернет или преку телевизија. Неофицијални информации можат да се слушнат од партнерите, пријателите, вработените и други луѓе со кои се соработува. Ова се „трач“ извори, преку кои менаџерот може да добие квалитетни информации за сите учесници во бизнис процесот, а при тоа да може тешко да се открие кој ги шири тие информации. Тоа се информации од типот: што се случува во компанијата, кај конкуренцијата, кај добавувачите, кај различните соработници, дури е можно да се дознаат и емоционални проблеми доколку ги имаат вработените или партнерите (што менаџерите некогаш знаат да ги искористат).

Информаторите главно сами одлучуваат што ќе пренесат и што е интересно за менаџерот, при што некој нешто заборавил да пренесе, некој мисли дека некоја информација не е важна, па менаџерот мора да води сметка за собраните информации. Информаците треба да се проверат и да се согледа точноста на изворите кои шират одредени информации, за да не се случи некој злонамерно да шири погрешни информации, а менаџерот да донесува одлуки врз база на неточни информации.

Менаџерот треба да поседува аналитичка способност, за да може правилно да ја процени валидноста на секоја информација и при тоа да биде способен да донесе одлуки, кои не се секогаш пријатни, ниту лесни, ниту без консеквенци.

Секоја одлука има своја „тежина“, а предизвикува и последици, како за самиот менаџер, така и за сите учесници во бизнис процесот. Затоа менаџерите мора да се обидат да негуваат искрени и пријателски односи со голем број на луѓе, бидејќи добиените информации, совети или упаства секогаш се добродојдени, а погрешните или нецелосните информации на компанијата и на менаџерот би им нанеле штета. Собирањето на информации е важен сегмент во работењето, за кое треба да се одвои големо време. Со текот на времето, менаџерите стануваат се поискусни па се наоѓаат во можност да пронајдат потребни информации за пократко време, бидејќи ги имаат лоцирано изворите од кои можат да ги црпат потребните информации и нема потреба да скитаат.

Менаџерот мора да преговара и да се договара со сите учесници во бизнис процесот.

Воопшто не е лесно да се преговара, бидејќи по правило, во прашање се спротивни интереси. При преговарањето треба да се внимава на сите детали, да не се договори некоја неповолна работа и да се остави простор, доколку договорот во еден момент престане да биде атрактивен, да може да се повлече од неповолниот договор. Пример, кога менаџер за продажба преговара со купувачите, јасно е дека во врска со цената, интересите се спротивставени. Но, секогаш треба да се настојува договорот да се склучи на взаемно задоволство, со што се создаваат услови за понатамошна соработка, но и можните несогласувања се сведуваат на минимум. При преговарањето менаџерот мора да биде цврст и секогаш да има во предвид дека договорените обврски мора да ги почитува, па заради тоа мора дополнително да биде внимателен.

Компанијата секојдневно се соочува со различни промени. За да опстане на пазарот мора да се соочи со промени кои се иницирани од различни извори. Доколку такви импулси не постојат или се слаби,  менаџерот мора да иницира промени, без оглед на сите противења, бидејќи секогаш кога се иницираат промени нечии интереси стануваат загрозени, а се јавува и страв од новото и непознатото. Некогаш тој страв е оправдан, а некогаш не, но отпорот кон промените секогаш е голем и треба да се совлада.

За жал во секое работење се јавуваат и конфликти кои мора да бидат разрешени од страна на менаџерите.

Конфликтите можат да се јават на ниво на компанијата, но можат да бидат и пошироки конфликти, како конфликт помеѓу две компании, помеѓу различни партнери и слично.

Доколку конфликтот e мал, истиот може да се стави во мирување и со тек на време причините за конфликтот можат да избледат или да се изгубат, па со минимален напор се решава еден потенцијален конфликт. Некогаш конфликтот може да добие драматични размери, па потребно е истиот да се решава, бидејќи не може квалитетно да се работи доколку работната атмосфера е конфликтна и стресна. Но, за успешно решавање на конфликтот мора да бидат заинтересирани двете страни, бидејќи последиците од конфликтот за некоја страна можат да бидат минимални, па со тоа и интересот за решавање на проблемите да бидат исто минимални. Но, доколку постои заинтересираност на двете страни за решавање на конфликтната ситуација, тогаш се пристапува кон преговори со спротивставената страна и се настојува на задоволителен начин да се реши конфликтот. Некогаш заинтересираните страни можат сами да го решат конфликтот, а некогаш се бара помош на медијаторот.

Продолжува – Работни задачи на менаџерите – Дел 3

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*