post

Маркетинг Микс

Креативност на работа

Маркетинг микс

Маркетинг микс е еден од најважните и најкористените термини во маркетингот и слободно може да се каже дека долги години беше и можеби се уште е основата. Се користи и во подготовка на маркетинг планот, како и во делот за маркетинг при подготовка на бизнис планот. Маркетинг миксот може да се сретне и како 4P што се однесува на 4 елементи на маркетинг миксот кои на англиски започнуваат на P. Не би навлегувале во историја и како е дојдено до тие елемнти, но може да се напомене дека за некои експерти од маркетинг овие елементи на маркетинг миксот ги прошируваат со уште P-a. Сепак сметаме дека основните елементи на маркетинг миксот, односно оние елементи кои во најголем дел доведуваат до зголемување на потенцијалната енергија на бизнисот се основните 4P.

Елементите на маркетинг миксот се:

  • Производ (Product)
  • Цена (Price)
  • Дистрибуција (Place)
  • Промоција (Promotion)

Производ

Секој бизнис продава нешто. Тоа нешто може да биде или производ или услуга. Откако ќе се продаде тој производ и/или услуга бизнисот добива финансиски средства (пари) со кои може да го финансира сопственото работење (плати, набавки, трошоци…). Во овој елемент не е само производ како физички опиплив производ, туку може да биде и услуга или пак некој вид на производ во електронска форма (на пример електронска книга, веб страна итн). Кога го разгледуваме секој производ треба да опфатиме три нивоа

  • Основа на производот – неопиплив елемент кој се однесува на ползите кои луѓето ќе ги имаат од тој производ. Што јас како потенцијален купувач ќе добијат од тој производ или услуга? Како ќе ги задоволи моите потреби? Како ќе ги реши моите проблеми? Што е она што навистина ми треба?
  • Вистински производ – ова е нивото кога веќе производот е опиплив и може да се користи. Врз база на основата на производот истиот веќе може да се проба, да се користи, употребува…
  • Дополнителни придобивки – ова се дополнителните придобивки кои се добиваат со купениот производот како дополнителна услуга, гаранција, инсталација… Која е и има ли дополнителна вредност за мене за да се одлучам токму за твојот производ?

Сите овие нивоа можат да бидат различни за ист производ и заради тоа постојат и различни цени на тие производи. Од друга страна овие нивоа овозможуваат потенцијалните потрошувачи да гледаат одредена вредност во понудениот производ преку задоволување на одредени потреби, можност за користење и дополнителни придобивки од поседување.

Сето оваа маркетингот треба да го искомбинира, така да она што ќе се понуди биде навистина она вистинското и да креира вистинска вредност на тој производ во очите на потрошувачите.

Цена

Цената претставува вториот елемент од маркетинг миксот и игра важна улога во определување на маркетинг стратегијата. Постојат различни начини на определување на цената на производите. Повеќе можете да прочитате во методите за определување на продажни цени и поставување на продажните цени. Но, кога станува збор за маркетинг миксот треба да се напомене дека цената ќе зависи од вредноста на производот  и побарувачката на тој производ.

Кога велам дека цената зависи од вредноста на производот не мислам само на трошочата вредност заради определување на цена која е јасно дека ќе има влијание туку мислам и на:

  • вредноста која тој производ или услуга ги нуди на потрошувачите,
  • перцепираната вредност за тој производ или услуга од страна на пазарот и
  • дополнителните вредности кои се нудат со основната вредност.

При разгледување на цената од маркетиншки апсект потребно е да се изготви стратегија на цени што ќе подразбира една од следниве цени:

  • Економична цена (ниска цена и слаб квалитет)
  • Висока цена со слаб квалитет
  • Ниска цена за висок квалитет
  • Премиум цена (висок квалитет за висока цена)

Дистрибуција

Дистрибуција претставува третиот елемент на маркетинг миксот и се однесува на пренесување на производот и/или услугата од бизнисот што продава до купувачот. Во овој дел од маркетинг миксот потребно е да се разработат различните канали за дистрибуција кои бизнисот ќе ги користи за доставување на производите и/или услугите до потрошувачите. На пример, дистрибуцијата може да биде во определена физичка локација (продавница), праќање по пошта, сопствена испорака, електронска трговија итн.

Промоција

Четвртото P од маркетинг миксот се сите алатки кои му се достапни на бизнисот за маркетинг комуникација, односно промоција. Со помош на алатките на промоција потенцијалните потрошувачи дознаваат за производот и/или услугата на бизнисот како и за самиот бизнис. Промоцијата претставува и посебен микс како дел од маркетинг микс. Составена е од повеќе елементи или алатки кои се мешаат во зависност од потребата и изборот на претприемачот. Постојат различни размислувања што се опфаќа овој елемент. Некои завршуваат со конечна листа од 6 или 7 поделементи. Некои пак со листа од 200 или повеќе. Ние сметаме дека не треба да се ограничуваме на бројка бидејќи навистина промотивниот микс е составен од бесконечно многу алатки и елементи. Може да бидат од обичен разговор со нов познаник на кој му кажувате за Вашиот бизнис преку е-маркетинг до скапи ТВ или радио реклами.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*