post

Глобализација или нов светски поредок – Дел 3

Овој наслов е третиот дел од серијалот за глобализација или нов светски поредок. Првите два дела можете да ги прочитате:

Најголеми противници на глобализацијата во развиените земји се вработените, кои поради селење на производствените капацитети, во за нив поповолни локации, остануваат без работните места. Со тоа во развиените земји расте бројот на невработени луѓе. Високоплатените работни места се задржуваат, за што е потребно поседување на одредени специјализации, додека другите работни места се отстапуваат на луѓе од неразвиените земји.

Противниците на глобализацијата велат дека со глобализацијата се губат работните места, а приврзаниците на глобализацијата велат: да, но само во секторите каде не се исплатува производството. Во развиените земји тоа е текстилната индустрија. Со увозот на текстил, односно гардероба од Кина, на граѓаните ќе им останат повеќе средства кои ќе можат да ги искористат за подобрување на својот стандард. Од друга страна со продажбата на текстил, Кина ќе има средства да купува компјутери, авиони и други технички достигнувања од западот, со што уште повеќе ќе допринесе за развој на западните економии.

Во развиените држави, луѓето кои останале без работа, државата ги смирува со делење на силни социјални пакети, стимулирање на дополнително образование и обука, но сепак останува горчливиот вкус од несигурното работно место, а со тоа и иднина. Не можат сите вработени во западната економија да бидат “супермени” и постојано да се префрлаат од едно работно место на друго, при што мора да ги прошируваат и надоградуваат своите знања, за да можат да добијат соодветно вработување. Доколку би настојувале сето тоа да го остварат секако дека би го нарушиле својот приватен живот, а има и луѓе кои тоа не би можеле ни психофизички да го издржат.

Бидејќи на современите компании се повеќе им се потребни образувани луѓе, а поради релативна унификација на образование низ целиот свет, тие се принудени да увезуваат таков кадар. Тие луѓе веројатно ќе имаат подобра позиција и подобра плата од голем број на домицилни вработени, кои се со помали способности и образование. При тоа се создава незадоволство кај домашните вработени, затоа што поради процесот на глобализацијата и селењето на производствените капацитети, некој им ги зема работните места и добрите плати. Од овие причини, во западните земји доаѓа до насилни демонстации против процесот на глобализацијата. Точно е дека државата во развиените земји дели социјални пакети на вакви категории, но самиот факт дека некој ќе остане без вработување, создава едно големо незадоволство. Во неразвиените земји расте вработеноста, но профитите остануваат мали.

Противниците на глобализацијата во неразвиените држави протестираат против зголеменото загадување, против прекумерното исцрпување на природните богатства, како и против експлоатирање на евтината работна сила. Регистриран е голем број на угледни меѓународни компании, кои во неразвиените земји исплатуваат ниски дневници, вработуваат малолетна работна сила или имаат лоши работни услови. Без оглед на прокламираните позитивни ефекти во светската економија, процесот на глобализацијата создава поголем јаз помеѓу богатите и сиромашните земји. Пример: Доколку треба да се изврши операција во вредност од 200.000 долари, секако дека вработените со плата од 1,5 долари на ден или околу 50 долари месечно, никогаш не ќе можат да ги соберат тие средства за да си ја платат операцијата.

Поради несоодветната распределба на богаствата од една страна и прекумерната беда од друга страна, можно е да дојде до активирање на социјална бомба, што по мислење на Харвардскиот професор Самјуел Хантингтон, може да предизвика и “Судир на цивилизациите”. Но, други автори сметаат дека, непријателите секогаш се дома и дека попрво би дошло до меѓусебни судири во рамките на една држава (помеѓу богати и сиромашни, една политичка опција против друга и слично), отколку да дојде до пошироки судири.

Без оглед на голем број на противници на глобализацијата, кои се гласни како во развиените така и во неразвиените земји, процесот на глобализацијата незапирливо оди напред па компаниите и државите треба да и се прилагодат, за да се искористи дел од економскиот колач. Глобализацијата доведува до различни неправди, но сепак иднината и мирот на цивилизациите зависи од разбирањето и соработката меѓу политичките, духовните и интелектуалните водачи на важните светските цивилизации и корпорации.

Ова е светот во кој живееме, па луѓето и во развиените и во неразвиените земји треба да вршат притисок, процесот на глобализацијата да не биде до таа мерка ниту суров ниту експлоатирачки, туку да се потенцираат и развиваат, колку е тоа можно, добрите страни на глобализацијата.

И капитализмот беше премногу критикуван во својот почеток, но сега голем број на капиталистички земји станаа синоним за добар живот и напредок, како и пожелна дестинација за живот на голем број на луѓе низ целиот свет. Затоа се надеваме дека и глобализацијата ќе ја надмине сегашната груба фаза, а факторите кои одлучуват за процесот на глобализацијата во своето работење ќе ги инкорпорираат добрите придобивки од глобализацијата. Но, доколку се продолжи со праксата на некои врвни компании, да исплатуваат дневници и плати на граница на физичкиот максимум, при што не се обезбедуваат добри услови за работење: работниците работат без соодветни заштити од хемиски или други агенси и слично, не се дозволува боледување или други видови на одмор, веднаш се даваат откази, се работи 10 и повеќе часови дневно со користење на труд на малолетни лица и со слични свирепи методи во работење со зголемено загадување на водите, воздухот, почвата; тогаш противниците на глобализацијата и на позитивните ефекти од глобализацијата на светското ниво, можат да кажат “не благодарам”.

Во развиените земји се развива свест за проблемите кои ги имаат луѓето во неразвиените земји, па се солидаризираат со нивните проблеми. Пример: Кога излезе во јавноста информацијата за нехумано однесување на компанија “NIKE” кон вработените во Азија, каде се практикувало вработување на малолетни лица, работење во лоши услови, премали дневници и слично, тогаш голем број на универзитети во САД ги раскинаа спонзорските договори со оваа компанија и ја принудија да ги подобри условите за работење во тие земји. На сиромашните земји, многу им е подобро да се потпрат на сопствените капацитети, почитувајќи го правото и строго казнувајќи ги економските и политичките криминалци, кои ги уништуваат економските капацитети на земјата, бидејќи без економска слобода не постои ниту лична слобода.

Треба да се напомне дека со развојот на глобалниот пазар се јавува и глобализација на криминалот, што достигнува загрижувачки размери и против што треба да се борат сите земји.

About Илија Чубровиќ

Speak Your Mind

*