post

Прилагодување на бизнис моделот

Бизнисите се раѓаат од идеја на еден претприемач. Но, бизнисите не успеваат заради таа идеја, туку успеваат заради начинот на кој тој претприемач ја имплементира таа идеја и ја прилагодува и развива за да стане се поблиска до пазарот, поточно до купувачот кој ќе треба да плати за резултатот од таа идеја – производ/услуга.

Во изминатите 5-10 години, науката започна се подлабоко да влегува во претприемништвото. Од обични приказни за успех на развиените нации во претприемништвото, подоцна преку опис на процеси на развој на идеја, подготовка на бизнис план, маркетинг, продажба итн. па се до конкретни теории објаснети и докажани во практиката, науката станува клучен елемент во градење на успешни стартапи и подигањето на севкупната економска благосостојба на една нација.

Проучувајќи ги сите тие теории на научна основа, ми се чини дека полека но сигурно, милиметар по милиметар, чекор по чекор почнуваме да ги разбираме научните аспекти на започнување, градење и водење на успешен бизнис.

На пример, поимот бизнис модел не е нов. Пред некој ден, подготвувајќи еден модул за премиум претприемач 2.0 се навратив на една книга насловена како “The Entrepreneurs Guide to Customers Development” која всушност претставува сумирање на книгата на Steve Blank насловена како “The Four Steps to the Epiphany” во која е разработен процесот на развој на купувачи. Интересно е дека се зборува за бизнис модел како стартна точка за развој на хипотези, односно претпоставки на кои ќе се базира стартапот, но не навлегува како изгледа тој бизнис модел, или не дава некоја алатка која би била најблиску за да се имплементира процесот на развој на купувачи. Секако, малку подоцна излезе книгата на Alexander Osterwalder насловена како “Business Model Generation” во која за првап на научна основа се обработува бизнис моделот и се дава една алатка наречена како “Business Model Canvas” со која се дизајнира и развива еден бизнис модел. Тука се сменија многу работи. Наеднаш илјадници книги и научни публикации станаа многу појасни и најдоа свое место во дотогаш апстрактното бизнис моделирање. Бизнис моделот стана основната алатка за еден стартап, при што се користи во сите фази на развојот.

Сепак, алатките не се тие кои обезбедуваат успех. Алатките се само помагала. Процесот на користење на тие алатки и секако повратните резултати од тие алатки се нешто што обезбедуваат успех. Ако бизнис моделот е добра алатка за еден стартап, тогаш процесот на користење на истиот претставува негово тестирање и прилагодување.

Зошто прилагодување и тестирање?

Наједноставен одговор е затоа што не знаеме дали она што сме го претпоставиле во бизнис моделот ќе функционира. Добар пример е PayPal кој започнува во сосема поинаков бизнис од она што денес го знаеме (криптографска компанија). По долг период на пробувања и грешки PayPal врши крупни промени и станува еден од најдобрите системи за онлајн плаќање.

Овој случај ни кажува дека може да се случи во текот на развојот на стартапот бизнисот да ја смени целосно насоката на движење. Токму за овој процес бизнис моделот може да одигра клучна улога.

Потребно е:

  • Да ги следите клучните мерки на бизнисот.
  • Да ги препознаете предупредувачките сигнали кои доаѓаат од страна на купувачите.
  • Да креирате екосистем и добро дефинирани ништи кои треба да се тестираат, прилагодуваат, елиминираат или додаваат.
  • Да ги отфрлите сите ваши емоционални поврзаности со претпоставките.
  • Да ги трансформирате претпоставките во факти, а неточните да ги отфрлите и замените со други.

Запомнете дека процесот е тестирање и доближување до пазарот.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*