Градење на претприемачка кариера значи барање на одговор на многу прашања. Сигурно веќе сте забележале цели наслови на сајтов каде се презентирани прашања кои ве водат низ определен процес за постигнување на нешто во однос на вашиот бизнис.
Но, иако прашањата се важни и сите треба да се одговараат, сепак постојат неколку кои ќе значат живот за вас како еден претприемач, но и за вашиот бизнис воопшто.
Кои се тие прашања? Следува одговорот на прашањево.
- Што сакате да постигнете? Првото прашање кое е едно од најважните во мојата консултантска практика и кое следува веднаш по обезбедување на одговор за создавање на слика на компанијата е прашањето што претприемачот сака да постигне. Дали е тоа удвојување на профитот? Дали е тоа двојно намалување на трошоците преку имплементација поефикасни системи? Дали е тоа имплементација на специфичен систем? Дали е тоа зголемување на продуктивноста? Не е важно што е важно е да се знае, да бидеме свесни за одговорот, да го имаме и во глава и написмено затоа што без вистински одговор на оваа прашање, не можеме да очекуваме дека ќе го постигнеме онаа што сакаме да го постигнеме бидејќи едноставно нема да ја знаеме дестинацијата. А, без позната дестинација секој пат води кон неуспех.
- Каде сте во моментов? Следното важно прашање, кое претставува надополнување на првото е експлицитно објаснување на сегашната позиција во која се наоѓа и претприемачот и бизнисот. Ако првото прашање ќе ни ја покаже крајната дестинација, целта на оваа прашање е да ни ја покаже стартната позиција. Кога го знаеме почетокот на патот и дестинацијата, односно каде сакаме да стигнеме, лесно можеме да работиме на дизајнирање, оптимизирање и прилагодување на патот (што е последното прашање) кој ќе треба да се изоди за да се постигне онаа што сакаме да го постигнеме.
- На што сте најмногу фокусирани секојдневно? Следното прашање се однесува на претприемачот и како тој го троши неговото време на секојдневна основа. Што во моментов е најголемиот фокус за него. Иако со претходните две прашања го знаеме патот кој треба да се изоди, сепак без доволна фокусираност на претприемачот во насочување на ресурсите за оптимално поминување на тој пат, не можете да очекувате дека ќе се постигне онаа што сакате да се постигне. Дали фокусот е на парите и профитабилноста, дали на менаџментот, дали на производството, дали на продуктивноста…? Прашањево ќе бара специфично дефинирање на фокусот на претприемачот.
- Како ќе стигнете од онаму каде што сте сега до онаму каде што сакате да бидете? И секако кога ги знаеме одговорите на претходните три прашања лесно можеме да работиме на дизајнирање, оптимизирање, прилагодување на патот и започнување на нашето патешествие. Одговорот на првите две прашање ќе ни го покаже патот, а одговорот на третото прашање ќе ни покаже каде треба да го прилагодуваме тој пат, за да едноставно започнеме со патувањето, односно кон остварување на онаа што сакаме да го постигнеме.




Speak Your Mind