post

6 совети за заштеда на бизнис пари

Заштеда на бизнис пари е една од позначајните активности на секој претприемач. Понекогаш навистина непотребно се трошат парите на бизнисот без да се креира вистинската вредност во очите на потрошувачот.

На претприемач имавме пишувано за 45 совети за заштеда на бизнис пари кои се поделени во два постови Дел1 и Дел 2. Во голем дел тие совети сеуште се актуелни и можете да ги искористите. Во овој пост би додал уште совети преку кои можете да заштедите бизнис пари.

1. Вработувај млади сеуште неискусни луѓе.

Интересна стратегија за заштеда на пари е да најмувате млади вработени кои имаат висок потенцијал, но заради недостаток на претходно искуство ќе ги плаќате помалку отколку доколку би вработиле некој со поголемо искуство. Подобро е одредена сума од разликата да ја вложите во обука на тие неискусни вработени и по некое време и тие ќе стекнат искуство.

2. Одржување

Одржување на тековна опрема може да биде висок тршок за секој бизнис. Но, постојат многу методи и техники кои се занимаваат со превентивно одржување и одржување ориентирано кон надежност кои можат да заштедат огромни суми на пари за секој бизнис. Кога станува збор за одржување, застојот во производството или работата претставува еден дополнителен трошок. Секогаш тука постојат можности за подобрување кои ќе доведат до кратење на севкупните трошоци.

3. Преговарање со снабдувачи

Добар резултат од преговарање со вашите снабдувачи може да обезбеди големи заштеди и зголемување на профитабилноста на бизнисот. Зошто да не прашате? Ништо нема да изгубите, само би останала ситуацијата на исто ниво. Но, доколку успеете во преговорите, заштедите се тука.

4. Користете Open-Source софтвери

Знам дека многумина нема да се сложат со една ваква идеја, особено компаниите кои се занимаваат со продажба на софтвер. Направив грешка пред едно 4 години кога една ваква опција не ја ставив во стратешкиот развој на компанијата. Затоа сега морав да платам висока сума за лиценцирање на софтверите кои ги користам, иако доколку од почеток целиот развој го базирава на отворени (слободни) софтвери ќе имав заштедено од 700 до 1000 евра. Ова е голем износ за еден мал бизнис.

5. Испорака и дистрибуција

Одреден износ на трошоците ќе може да се заштеди со соодветен избор на дистрибуциски канали и секако начинот и видот на испораката. Операциски истражувања како наука можат во голем дел да ви помогнат во избор на вистинскиот дистрибуциски канал со најоптимални трошоци.

6. Маркетинг

Кај голем број на бизниси една од најголемите трошочни ставки може да претставува маркетингот. Со соодветна анализа на сите маркетинг средства и кратење на трошоците на традиционалните реклами кои согласно анализата не даваат резултати ќе се отвори една огромна можност да инвестирате во нетрадиционалните медиуми кои во голем дел ќе помогнат за привлекување на дополнителни купувачи за вашиот бизнис. Направете анализа, ништо нема да изгубите.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*