post

8 Стратегии за цени за твојот бизнис

 

Цените претставуваат еден бизнис елемент кој може да има значајна бизнис потенцијална енергија за самиот бизнис. Избор на вистинската ценовна стратегија има големо влијание на квалитетот на бизнис потенцијалната енергија. Доколку изберете ценовна стратегија со пониски цени вашата потенцијална енергија ќе биде помала бидејќи цените имат директно влијание на еден друг бизнис елемент кој драстично ја зголемува бизнис потенцијалната енергија – готовина. Повеќе готовина значи поголема бизнис потенцијална енерхија.

Токму затоа и во премиум претприемач цените претставуваат еден од најзначајните модули на кои дури 9 недели посветуваме внимание за анализа и избор на вистинската стратегија.

Пред да изберете некоја од овие стратегии првин треба да ги определите вашите ценовни цели, односно што сакате да постигнете со истите. Размислете за маржата која сакате да ја поставите и каков е просекот во вашата индустрија. Нивото на профитот кој сакате да го остварите, уделот на пазарот и количината на продажбата само ќе ви помогнат во изборот на вистинскта стратегија. Не смеете да заборавите и да ја определите вистинската вредност која е содржана во вашата понуда, односно дали вреди толку колку што сакате да наплатите или пак она што сакате да го постигнете.

Повеќе детали за ова што треба да го направите при изборот на продажна стратегија можете да прочитате чек листа при поставување на цена.

8 различни ценовни стратегии кои можете да ги користите за Вашиот бизнис се:

  1. Влезни цени. Оваа стратегија значи намалување на цените на ниско ниво и се користи заради влез на пазарот. Оваа стратегија вообичаено се користи од стартап бизнисите и бизнисите кои сакаат да влезат на нов пазар. Но, бидете внимателни доколку сте стартап бизнис, оваа стртегија може да биде и штетна за Вашиот бизнис бидејќи поголема е веројатноста конкуренцијата да биде подготвена да возврати со исто намалување, па дури и поголемо.
  2. Стратегија на постепено намалување на цените. Со оваа стратегија поставувате високи почетни цени и потоа постепено ги намалувате истите. Вообичаено оваа стратегија се користи од бизнисите кои нудат уникатни производи и/или услуги на пазарот и по одредено време кога се зголемува конкурентноста истите се намалуваат постепено.
  3. Линија на цени. Со оваа стратегија избирате група на производи и ги групирате во различни категории, а потоа поставувате иста цена за секоја група. Бидете внимателни просечната цена да може да ги покрие трошоците и да донесе профит. Морате да разграничите кај кои производи од категоријата на производи се продаваат најмноги за да не се случи на тој производ да одите со загуба, а продажниот волумен на останатите да не ги покрива загубите.
  4. Психолошки цени. Со оваа стратегија вие поставувате цени кои завршуват на непарни броеви, вообичаено 9-ка (299 денари, 399 денари). Оваа цена влијае психолошки при донесување на одлука за купување. Иако цената всушност е 300 денари, 299 изгледа многу поевтено.
  5. Ризични цени. Оваа стратегија значи спуштање на цените под трошоците за да се обезбедат повеќе купувачи и удел на пазарот. Кога ќе се постигнат целите цените се поставуваат на нормала. Оваа стратегија се користи за да се зголеми продажбата на некои производи, да се привлечат повеќе потрошувачи и да се зголеми учеството на пазарот. Бидете внимателни со оваа стратегија, бидејќи доколку еднаш ја намалите цената многу потешко ќе ја вратите во нормала.
  6. Се за една цена. Оваа стратегија значи да се стават сите производи со една цена. На пример се за 200 денари. Вообичаено се користи за евтини производи кои имаат приближно иста цена. На еден ќе заработите повеќе на друг помалку. Мора да го пресметате просечниот трошок и просечната маржа за да ги поставите сите производи со иста цена.
  7. Сетови. Со оваа стратегија групирате неколку производи во еден и го продавате сетот за пониска цена отколку сите посебно. На ваков начин се обидувате да ја зголемите продажбата од еден купувач. Оваа стратегија можете да ја користите периодично за да го зголемите волуменот на продажбата.
  8. Премиум цени. Оваа стратегија значи поставување на високи цени заради уникатноста и квалитетот на Вашите производи и/или услуги. Од друга страна оваа стратегија може да придонесе и за зголемување на имиџот на вашиот бизнис како ексклузивност и квалитет.

Внимавајте кога одлучувате за цените бидејќи навистина претставуваат еден од позначајните фактори на Вашиот бизнис. Запомнете дека секогаш е полесно да ги намалите цените отколку да ги зголемите. Направете соодветна анализа на пазарот и гледајте да не се потпирате само на цената како конкурентска предност.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*