post

Ако постои проблем не значи дека решението мора да се има

Голем проблем, голема потреба од решение Само кратко во однос на теоријата на бизнис идеи за некои прашања за размислување.

Првин, дали значи дека ако постои проблем ќе мора да постои и потреба од решение?

Логиката вели да, бидејќи секој проблем е врзан со определена потреба од решение. Но, сепак размислете колку проблеми имате, а за кои воопшто не барате решение. Можеби, вашиот одговор е не сега, не е моментот, прескапо е за овој момент, ајде утре…

Затоа и не можеме во целост да се ослониме на тоа да доколку постои проблем ќе постои и барање за решение. Мора да разграничиме нешто тука.

Првин, барање на решение е едно, додека потреба од решение е друго.

Кога имаш потреба од решение, не значи и дека веднаш го бараш решението. Од друга страна потреба од решение сепак претставува еден сигнал дека може да постои и барање на решение. Да се потсетиме, ти си тој кој имаш решение кое сакаш да го продаваш на пазарот на кој ќе се насочи твојот иден бизнис.

Некој ќе го одложи решението на тој проблем, некој ќе се обиде самиот да си го реши преку некаква импровизација, а некој ќе си се помири со судбината да живее со тој проблем. Зошто? Затоа што во овој случај доаѓа до прашањето за силината на проблемот. Колку проблемот е поголем, толку повеќе ќе се бара и решението за него. Колку проблемот е поголем, толку ќе биде и поитно да се дојде до негово решавање.

Но, што е всушност проблем, кој толку многу го зборуваме? Еве некои можни дефиниции:

  • Препрека на остварување на целта;
  • Непосакувана состојба;
  • Разлика помеѓу посакувана состојба и сегашна состојба;

Сега да ги промениме овие искази за тоа што претставува проблем во нешто што нам ни е потребно за да бидеме сигурни дека ќе постои и барање за решение:

  • Поголема препрека на остварување на целта, поголем проблем, поголема потреба од решение и поголемо барање на решение.
  • Поголема непосакувана состојба, поголем проблем, поголема потреба од решение и поголемо барање на решение.
  • Поголема разлика помеѓу посакувана состојба и сегашна состојба, поголем проблем, поголема потреба од решение и поголемо барање на решение.

Ова е основата при дизајнирање на бизнис идејата и на која треба да го насочиш твоето истражување заради докажување на хипотезите за бизнис идејата.

Целта е да го разбереш нивото на болка на потенцијалниот купувач, но и постоечките алтернативи за кои зборувавме во Теорија на бизнис идеи – хипотеза 1 – постои проблем.

И само уште нешто за крај да не се претвори во подолг пост. Вообичаено резултатите може да бидат следниве:

  • Решението мора да се има,
  • Решението е добро да се има и
  • Решението не мора да се има.

Бизнис идејата ќе го помине тестот доколку повеќето сигнали велат дека првите два резултати преовладуваат, со тоа што ќепреовладува и првиот резултат (мора да се има) во однос на вториот (добро е да се има)

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*