post

Услови за Стопанисување на Малите Бизниси

Извесно време на претприемач спроведуваме истражување на услови за стопанисување на малите бизниси во Република Македонија. Прашалникот е затворен и време е за анализа. Ова тука не е мој глас туку гласот на сегашните и идните претприемачи. Ова не е политика туку нашата реалност. Се надевам дека барем мал придонес ќе дадат овие резултати и ќе бидат разгледани од оние кои имаат моќ да ги подобрат овие услови како на национално така и на локално ниво.

Благодарност на сите кои учествуваа преку одговарање и споделување на прашалникот и кои овозможија да имаме над 500 одговорени прашалници, поточно 524.

Услови за стопанисување

Состојба со услови за стопанисување на малите бизниси

Кои услови за стопанисување треба да се подобрат

56% сметаат дека условите за стопанисување за малите бизниси во Република Македонија се слаби. Иако како втор највлијателен одговор е дека состојбта е задоволителна со 28% сепак далеку е да кажеме дека е одлична. Ова го потврдува и фактот што 70% од одговорите се слаба и за никаде.

Иако верувам дека се прават обиди од страна на централните и локалните власти во Република Македонија за да се подобрат условите, но не сум сигурен дека во креирањето на генералната политика претприемачите на малите бизниси се вклучени на некаков начин.

Бидејќи прашалникот беше дизајниран да може да се одговара и за оние кои имаат бизнис и за оние кои немаат ќе мора да погледнеме какво е мислењето на претприемачите, а какво на оние кои сеуште немаат бизнис.

Мислење на претприемачи

Мислење на претприемачи

Од графикот за мислењето на оние кои имаат бизнис може да се забележи дека состојбата не е многу променета бидејќи сеуште високи 63% сметаат дека условите се слаби и за никаде.

Мислење на непретприемачи

Мислење на оние кои сеуште немаат бизнис

Интересно е што оние кои сеуште немаат бизнис сметаат дека условите за стопанисување не се баш најдобри. Можеби и затоа постои оној страв од започнување на сопствен бизнис како алтернатива на чекање на вработување и барање на сигурна работа.

Каде е потребно подобрување

Во прашалникот преку кој ја изведовме анализава имавме понудено подрачја кои можеби можат да послужат за да ги подобрат условите за стопанисување на малите бизниси во Република Македонија. Еве ги резултатите од овој дел:

Подрачја кои треба да се подобрат

Забележливо е дека финансиските услови доминираат како најпотребни и тоа скоро 40% или поточно 39% сметаат дека намалување на даноци, директна финансиска помош и достапноста на финансии треба да бидат подобрени.

Од графикот може да се забележи дека не постојат големи разлики во резултатите и според тоа може да се каже дека во сите подрачја опфатени со прашалникот би требало да има драстични подобрувања.

Други можни подобрувања

Во прашалникот имаше можност да се наведат и некои други подрачја на подобрувања, каде претприемачите и оние кои немаат бизнис можеа да си ги искажат маките во однос на она што треба да се подобри. Еве ги разновидните дополнувања на условите кои беа наведени погоре:

  1. Олеснување на процедури за затворање на бизнисот. (Ова навистина претставува проблем. Во неколку мои разговори со претприемачи кои поминале низ овој пекол ми рекоа дека процедурате може да трае и со месеци. За сето тоа време треба да имаш стечаен управник за кој ќе треба да плаќаш плата и придонеси.)
  2. Зголемување на можностите за електронски плаќања.
  3. Подобрување на наплата – изнаоѓање на адекватен модул за наплата од крајните купувачи.
  4. Прекинување со драконскиот систем на казнување кој ги уништува малите бизниси.
  5. Уништување на нелојална конкуренција.
  6. Објавување на тендери со објективен рок за подготовка на потребна документација.
  7. Повеќе програми кои обезбедуваат капитално вложување во малите но потенцијално растечки бизниси.
  8. Обезбедување на повеќе обуки за претприемништвото.
  9. Продолжување на проектот „регулаторна гилотина“ и целосно спроведување во пракса.
  10. Намалување на цените на услуги на јавните служби.
  11. Започнување со функционирање на гарантниот фонд.
  12. Доколку на еден се опростува долгот кон државата да се ослободат и сите други па и малите бизниси. (Ова навистина е дискриминаторна пракса од страна на властите. Не е здраво некој редовно да плаќа, а некој со години да наталожува долг и да му се опрости заради економска криза. Ако веќе се прави таков преседан, нека се направи за сите, а да се наградат оние кои редовно си плаќаат.)
  13. Обука за менџери од сите подрачја.
  14. Субвенционирање на набавка на нова технологија.
  15. Субвенционирање на проекти на извозно ориентирани компании.
  16. Субвенционирање (наградување или подршка) на иновации кои доаѓаат од македонски компании.
  17. Подобрување на патна мрежа и инфраструктура.
  18. Подобрување на мерките за вработување на нови лица.
  19. Повисоко ниво на инфлација.
  20. Директни контакти со стопанственици од други земји.
  21. Субвенционирање и обуки во однос на имплементација на некои стандарди (ISO, HACCP, GAP)
  22. Акредитирање на повеќе државни и приватни лаборатории за контрола на квалитетот и безбедноста на храната.
  23. Брендирање и патентирање на традиционалните македонски производи, како и донесување на препорачан техничко-технолошки процес.
  24. Организирање на јавни емисии на национални телевизии кои ќе имаат за цел да го поттикнат претприемништвото преку споделување на знаење и практика.
  25. Првите три години од започнување на бизнисот (мали бизниси) да бидат ослободени од даноци.
  26. Ослободување на дел од даноци за компании кои ќе земат практиканти како редовни студенти.
  27. Законска регулатива за задолжителни интерни обуки за вработени.
  28. Целосно елиминирање на партиската припадност кога станува збор за бизниси.
  29. Поефикасна администрација.
  30. Откоренување на корупција во државната администрација и судството.
  31. Пофлексибилна, попродуктивна и пописмена државна администрација.
  32. Зголемување на квалитетот во образованието и воведување на повеќе практична настава.
  33. Поголема ажурност на Министерството за финансии при исполнување на своите обврски кон малите бизниси и соодветно санкционирање и од таа страна доколку не се испочитува ненавременоста (да се плаќа камата за ненавремено плаќање).
  34. Зголемена контрола кај комисиите за доделување на кредити за самовработување (владин проект).
  35. Намалување на рокот за реализација на судски постапки во врска со наплата од постојните просечно над 365 дена на пристојни 30-60 дена.
  36. Дебирократизација на јавната администрација.
  37. Поттикнување на жените претприемачи овозможувајќи им поголема достапност на финансии.
  38. Обезбедување на стабилна и правна држава во вистински смисол на зборот.
  39. Поголема достапност на статистички податоци за бизнисите.

Овде се претставени одговорите при што оние кои се повторуваат не се претставени во листата. Она што можам да го издвојам како нешто што најмногу се повторува е следново:

  • Ублажување на казнена политика.
  • Дебирократизација на државната администрација.
  • Лесна достапност на финансиски средства за малите бизниси под поволни услови.
  • Државен завод за статистика да биде вистински сервис за малите бизниси и претприемачите.
  • Обезбедување на квалитетен систем за наплата.
  • Навремено плаќање на обврските на државата кон малите бизниси.

Корелација

На крај и за корелационата анализа која што ја спроведов врз резултатите. Целта беше да проверам какво влијание кој фактор има врз мислењето.

Интересно е што не постои корелација помеѓу мислењето за услови за стопанисување во Република Македонија и дали анкетираните имаат или немаат бизнис или колку време го имаат бизнисот. Истото се однесува и на тоа дали се мажи или жени или пак староста. Ова е логично бидејќи најверојатно сите ги чувствуваат тие услови сметаат дека не се баш најповолни. Од слабата корелација која ја добив како највисока може да се извлече возраста на претприемачот во однос на неговото мислење за стопанисување иако нема некое силно статистичко значење би сакал да го напоменам:

Колку е поголема возраста на претприемачот, толку повеќе смета дека условите за стопанисување на малите бизниси се полоши.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*