post

Бизнис ангели

Овој пост е напишан од М-р Илија Чубровиќ, коавтор на книгата Менаџмент на Претприемничкиот Бизнис и еден од креаторите на идејата за овој веб сајт.

Бизнис ангели

Бизнис ангели

Успешноста на било кој бизнис е директно поврзана со достапноста на финансии, без разлика дали се работи за стартап финансии или за финансии потребни за вложување во растот на бизнисот. Секој бизнис проект бара да се инвестира одредена сума на пари за да може да профункционира и да обезбеди финансирање на почетните и тековните бизнис операции. Доколку овие финансии се лесно достапни и претприемачот има добар бизнис план базиран на уникатна бизнис идеја успехот е загарантиран, не само за претприемачот, туку и за целокупното општество. Еден од начините за зголемување на достапноста на финасиите може да биде зајакнување на мрежите на бизнис ангели.

Што претставуваат бизнис ангели?

Бизнис ангели (можат да се сретнат уште и како ангели, ангел инвеститор или неформален инвеститор) претставуват уште еден интересен терминолошки израз кој е даден со цел да се добие еден впечатлив назив, кој е полесен за паметење, а претставува синоним за финансиери.

Односно тоа е начин на финансирање и претставува неформален ризичен капитал. Финансиер може да биде индивидуалец или група. Тоа се луѓе кои имаат вишок на финансиски средства и кои се спремни да го инвестират тој вишок во индивидуалецот или во регионот преку најповолни услови. Најчесто парите ги заработиле (а можеби се уште заработуваат) како сегашни или бивши менаџери (директори), спортисти, естрадни звезди (пејачи, актери, режисери…), лекари, адвокати и другите високоплатени професии. Заради својот бекграунд, бизнис ангелите освен во финансиите можат да помогнат и во другите аспекти на бизнисот во зависност од нивната експертиза (како на пример, информации и know-how за тоа како да го направат бизнисот успешен). Оваа е дополнителна придобивка за претприемачите кои се врзуваат со бизнис ангели.

Овие финансиери претежно се сентиментално врзани за личност или региони (роднини, пријатели, роден крај или некој предел кој оставил големи импресии на одреден финансиер воо одреден дел од неговиот живот).

Видови на средства кои ги обезбедуваат бизнис ангелите

Бизнис ангелите може да дадат средства во вид на:

  • грант (подарок),
  • без камата,
  • со минимална камата или
  • со нормална камата.

На ваков начин давањето на гаранцијата би била значително олеснета а средства полесно достапни.

Тие најчесто инвестират поради желбата нивниот капитал да ја задржи својата вредност или поради љубов кон одредено место или личност. Секако дека сопствениците на овој капитал немаат против да стекнат профит (да ги оплодат своите пари) но, нивните основни мотиви не се првенствено профит па заради тоа тие даваат финансиски средства по поволни услови.

Секако дека бизнис ангелите не претставуваат наивни луѓе кои туку така ќе ги вложат своите пари, а да не проверат и не се заштитат од можната злоупотреба и нерационално трошење на парите па би било поволно да им се презентира комплетниот бизнис план за проекти за кои се планира да се реализираат (како и редовно да се известуват за степенот на реализација). Бизнис ангелите единствено ќе инвестираат во бизнисот доколку сметаат дека тој бизнис ќе успее и ќе остварува профит. При тоа треба да се води сметка дека таквите луѓе (бизнис ангели) да не се измамат поради некоја поситна придобивка или личен интерес на поединецот, бидејки еден успешно реализиран проект може да привлече реализирање и на други проекти со ваков вид на финансирање.

Значајноста на бизнис ангели

Значајноста на бизнис ангелите е согледана и од Европската Комисија со чија соработка во 1999 година се формира мрежата на европски бизнис ангели (EBAN – European Business Angel Network). Целта на EBAN e да обезбеди почетни стартап фондови за бизнис проектите.

Ваквите финансирања од типот на бизнис ангели се соодветни за стартап бизниси или пак бизниси кои се наоѓаат во својата рана фаза од животниот циклус и немаат соодветни приходи за да го финансираат сопствениот развој.

Како да се поттикне ваквиот начин на финансирање?

Овие финансиски средства можат да бидат полезни како за поединецот така и за развојот на целиот регион каде што живее. Затоа и треба на толку моќните поединци да им се понудат добри услови за вложување (како и можно доделување бесплатна локација, доделување на јавно признание за нивната заложба, пофалници, дипломи…), за да се привлечат да ги инвестираат средствата во регионален развој, а со тоа и самите да заработат или да ги задоволат своите потреби на општо задоволство.

Ваквиот начин на финансирање во Република Македонија сеуште го нема завземено вистинското место, бидејќи сеуште немаме основани мрежи на бизнис ангели преку кои ќе може да се добие достапноста на финансии и сеуште бизнис ангелите не можат лесно да се најдат. Во развиените земји, особено САД бизнис ангелите се многу популарни. Како мерки кои би можело да се преземат за интензивирање и поттикнување на бизнис ангелите во Република Македонија би можело да бидат:

  1. Националната и локалната власт да поттикнат и формираат мрежа на национално и локално ниво на бизнис ангели кои ќе се спремни да инвестираат во нови бизнис потфати. Без поддршка на националната и локалната власт ваквите мрежи не можат да заживеат. (Постојат примери каде локалните власти ги користат успешните локални бизнисмени да финансираат рекламни проекти на владејачката локална гарнитура. Наместо тоа за почеток нека ги поттикнат на здружување на тие финансиски средства и нека ги инвестираат во повеќе нови бизнис идеи.)
  2. Универзитетите како места каде најмногу се поттикнува претприемничкиот дух и од каде можат да излезат голем број на претприемачи да воспостават и одржуваат контакти со можните бизнис ангели и да функционираат како врска помеѓу идните претприемачи (студентите) и бизнис ангелите како инвеститори.
  3. Бизнис инкубаторите како места каде се раѓаат и инкубираат нови бизниси да воспоставуваат и одржуваат контакти со бизнис ангелите и воедно да претставуваат врска помеѓу претприемачите и бизнис ангелите. Од друга страна, потребна е силна врска помеѓу бизнис инкубаторите, бизнис ангелите и универзитетите каде можат да се родат навистина квалитетни високотехнолошки идеи. Дали може успехот на Силиконската долина во САД да се преточи и во Македонија?
  4. Стопанските комори да воспоставуваат и одржуваат контакти со бизнис ангелите и воедно да претставуваат врска помеѓу претприемачите и бизнис ангелите. Да ја интензивираат соработката со бизнис инкубаторите и универзитетите на едно многу повисоко ниво. Може да се формираат заеднички контакт центри и канцеларии во кои можните инвеститори би можеле да добијат информации за секој регион, идеја,проект…
  5. Самите бизнис ангели да градат сопствени мрежи, при што ќе бидат достапни за контакти од страна на идните претприемачи и на сите на кои им се потребни финансии за бизнис.

На ваков начин полека но сигурно ќе се интензивира активното учество на бизнис ангелите во Република Македонија и со тоа и достапноста на финансиските средства за нови бизнис потфати. Ова пак ќе овозможи креација на нови работни места.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*