post

Бизнис Копија – Моќта На Имитација

Копирај го ова, копирај го она, копирај, копирај… Над 90% од се што постои на пазарот е копија на нешто друго. Дали имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија за постоечките и идните претприемачи? Мислам, да. Една од најголемите грешки што потенцијалните претприемачи никогаш не стануваат претприемачи е бидејќи тие се обидуваат да најдат уникатен производ за уникатна пазарна ниша која воопшто и не постои. Можеби таа пазарна ниша не постои бидејќи воопшто не постои потреба за таквите производи или услуги. Имитацијата е профитабилна и ефективна стратегија доколку се изведе на вистинскиот начин бидејќи претприемачите ќе имаат повеќе користи:

Бизнис копија - Имитација заради успех

  • Влегувате на пазар кој веќе постои,
  • Имате многу помал ризик (оставете го настрана тоа дека претприемачите се превземачи на ризик сеуште постојат и практични и теоретски дилеми околу тоа бидејќи никој не става здрава нога во трн),
  • Имате многу помали трошоци и
  • Имате многу помал претприемнички стрес.

Денес на светскиот пазар постојат толку многу успешни бизниси кои едноставно се изродиле како копија од некоја друга идеја или пак некој друг веќе постоечки бизнис. Имитацијата едноставно претставува правење на нешто што веќе се прави од некој друг. Таа е користење на идеја која веќе постои.

Би дал неколку совети за копирање на друг веќе постоечки бизнис за да креирате сопствен бизнис кој ќе биде супериорен на пазарот.

Не се обидувајте да најдете бизниси кои никогаш не биле пробани претходно

Понекогаш претприемачите се заглавуваат во наоѓање на бизнис идеја која не постои на пазарот. Не дека не е добро да се има една таква идеја, но постои опасност дека таа идеја не поминала досега бидејќи не била барана. Доколку оваа стратегија со уникатна идеја успее има голема веројатност дека бизнисот ќе биде успешен. Но, процентот на успех со оваа стратегија е многу мал, па така да и веројатноста на успешноста на оваа стратегија се намалува. Со оваа стратегија ќе мора да инвестирате време, пари и енергија за да изградите нешто што не гарантира успех на бизнисот. Што ќе се случи доколку не постои интерес на пазарот за таа идеја? Умните претприемачи не превземаат ризик со нешто што не гарантира успех. Не можеме сите да бидеме еден вид на Bill Gates (Microsoft) или пак Larry Page (Google).

Затоа доколку сте претприемач кој штотуку започнува или пак планира да започнува бизнис или пак веќе сте сопственик на мал бизнис не обидувајте се да најдете бизнис кој не бил пробан. Оставете го тоа за големите компании кои имаат доволно ресурси со кои ќе си го покријат својот неуспех во нешто ново. Но, доколку тие успеат во тоа копирајте го нивниот успех во Вашиот бизнис.

Пронајдете го вашиот идол

Секоја личност има сопствен идол кој сака да го копира за да личи на него, да живее како него, да се однесува како него, да работи како него… Мора да најдете успешен претприемач или пак бизнис кој ќе го копирате во Вашиот бизнис. Вашата задача е да најдете некој кој веќе го има искусено успехот кој што вие толку желно го посакувате. Направете листа од можни претприемачи и бизниси која ќе ви служи за наредните чекори од процесот.

Следете ги вашите идоли

Кога ќе ги најдете и изберете Вашите идоли потрошете одредено време на нивно следење. Ова не значи дека треба да одите по нив, односно да ги следите во буквална смисла на зборот. Ова значи прибирање на информации за нивниот успех. При следењето обидете се да одговорите на следниве прашања за Вашите идоли:

  • Што е тоа што тие го прават за нивниот деловен успех?
  • Кој е нивниот чекор по чекор процес кој ги одвел до успехот?
  • Какво е нивното однесување?
  • Како тие го користат маркетингот во нивниот бизнис или пак производ и услуга?

Проучете и научете за се што тие прават за да бидат успешни

Проучете и научете, проучете и научете… Ова е основата за успешно копирање на нечиј друг бизнис. Ќе мора да одговорите на следниве прашања по проучување на успехот на Вашите идоли:

  • Во што се тие подобри од останатите бизниси во истата индустрија?
  • Што тие прават поразлично од другите?
  • Која е нивната супериорна вредност?
  • По што се препознатливи на пазарот?
  • Како го градат нивниот кредибилитет?

Копирајте ги сите успешни фактори во вашиот бизнис

Откако ќе го соберете знаењето за нивната деловна успешност можете да започнете со планирање на имплементацијата на тоа знаење во Вашиот сопствен бизнис. Имплементирајте ги сите фактори кои ги идентификувавте во претходните чекори. Не се обидувајте да испуштите некој фактор кој ви е идентификуван како елемент кој Вашиот идол го прави успешен претприемач. Копирајте се во Вашиот бизнис.

Подобрувајте ги сите фактори

И за крај зборот кој најмногу ми се допаѓа во целиот овој процес, а кој прави да не бидете обични имитатори – подобрување. Досега во процесот веќе изградивте систем и потенцијал за Ваша сопствена бизнис успешност.Но, Вие сакате да бидете број еден на пазарот. А, кој не сака? Затоа не запирајте тука. Подобрувајте ги факторите на успех. Подобрете ги сите фактори и имплементирајте ги новите кои ќе ги откриете за да бидете подобри од бизнисот кој веќе го копирате. Подобрувајте, доколку сакате да бидете препознаени како нешто уникатно на пазарот.

***

Сега што мислите? Дали Вашиот бизнис е фалсификувана копија или пак уникатен бизнис кој претставува подобрена копија на некој друг бизнис? Мислам дека имате оригинален бизнис иако е роден од идеја и успех на други. Процесот е едноставен:

Пронајди + Научи + Копирај + Подобри = Уникатна успешност





About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*