post

Бизнис план и што на еден претприемач му треба

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Не, не значи дека не треба да имаш бизнис план. Сега, ќе звучам многу збунувачки, но сепак ова е почеток и доколку сте со нас и наредната година, полека ќе ги разјаснуваме работите за новите потреби за еден бизнис и претприемач. Можеби нема да се вика бизнис план, туку “мој процес”. Можеби ќе се вика “мој пат” или пак “како да ги исполнам моите цели”.

Името не е важно, не е важна формата, не е важен документот важно е што ќе направиш со него.

Ајде уште еднаш да го погледнеме видеото од бизнис план – нови погледи.

Не гледам ништо страшно, во поглед на некои крупни промени околу потребата или корисноста. Но, гледам крупни промени во однос на практицирање на процесот на бизнис планирање и секако обликот.

Прашањето е што му треба на еден претприемач?

  • Динамичното време во кое опстојува еден бизнис се повеќе врши притисок врз долгите активности, долгите размислувања, долгите акции… Потребна е брза реакција, откако нешто брзо ќе се направи, понуди, испорача… Потребен е еден поглед и воочување на погрешните чекори, погрешните претпоставки, погрешните хипотези, погрешните предвидувања… А ќе ги има, не дека ќе ги нема. Значи првата потреба е лесно воочување на она што било испланирано или предвидено со онаа што претставува реалност.
  • Потребно е нешто што ќе овозможи соодветно тестирање на почетните хипотези и воглавно погрешните претпоставки. На пример, планираме одлична 2012 година, раст на производство, бруто домашен производ… Се базираме на претпоставките и базирањата кои ги има Владата при подготовка на буџетот. Но, едно нешто треба да ни биде јасно, Владите манипулираат со бројките, а ти како претприемач немаш можност за манипулација, ти мора цврсто да газиш. Грешките Владите си ги исправаат без нив директно да ги боли, но тебе таквите грешки и цврсто држење до бројките за индустријата, за растот, за БДП и така натаму може да ти бидат катастрофални. Претпоставките базирани на таквите бројки мора да се проверат колку што може побрзо и доколку се открие нешто да се преземат соодветни мерки или промена на претпоставките.
  • Ни требаат податоци од денес, но и за утре. Најчесто хипотезите ги базираме на податоци од претходни години и статистички анализи на минатото. Не дека тие не се корисни, но корисни се само заради првично поставување на хипотезите, а не за понатамошно туркање и базирање на нашиот бизнис на нив. Нас ни требаат податоци од денес за денес, а ако може да добиеме и за утре податоци за да ги користиме денес ќе биде уште подобро.
  • Ни требаат сосема нови мерки или мерни индикатори. Финансиските показатели и натаму остануваат во игра, но тие премногу се базирани на внатрешноста на бизнисот. Денес еден бизнис функционира во многу пошироки граници во однос на минатото. Чекори со километри далеку од бизнисот, може утре или за месец дена да имаат огромно влијание врз самиот бизнис. Затоа е потребно целосно ревидирање на мерните индикатори и показатели кои ќе бидат содржани во еден бизнис план.
  • Ни требаат алатки за повеќестрано разгледување на анализите на податоците. Исти податоци презентирани на различен начин даваат различни заклучоци, кои понекогаш може да бидат дијаметрално спротивставени. Во еден начин на презентација на податоците (график) може твојот бизнис да биде супер, но во друг вид на график да забележиш дека нешто не “штима” со твојот бизнис. Затоа треба комплетно да го редизајнираме сегашниот модел на подготовка на еден бизнис план во нешто многу подинамично и нешто што реално можеме да го контролираме. Нас ни е важно да донесеме правилни заклучоци и да ги базираме нашите постапки на тие заклучоци.

Заради овие потреби и уште повеќе други кои ќе ги образложиме во наредната година започнав со дизајнирање на еден сеопфатен процес за градење на стартап. За да биде завршен овој процес користам и ќе користам илјадници книги, интервјурам и ќе интервјуирам повеќе претприемачи, ќе спроведам повеќе анкети од кои дел ќе бидат спроведени и тука на претприемач и ќе го склопам во еден едноставен процес кој ќе ги обезбеди најпотребните факти и податоци на кои ќе ги градиме нашите хипотези и секако одлуки.

Во секој случај, кога станува збор за бизнис план на претприемач, ова е само почеток за она што ќе не очекува следната година.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*