Секоја компаниија мора да обезбеди сопствените производи или услуги да бидат достапни до купувачите кога тие сакаат или кога им се потребни во доволна количина и со пропишаниот квалитет.
Од ова заклучуваме дека дистрибуцијата е активност, која се презема со цел производот или услугата да се достави до купувачите.
Каналите за дистрибуција претставуваат патишта преку кои се доставуваат производите до купувачите, односно претставуваат мрежа на дистрибутивни компании, кои во рамките на своите можности придонесуваат да се поврзат произведувачите и купувачите. При тоа се настојува доставувањето да биде брзо, сигурно и евтино за да не се зголеми крајната цена на производот или да не дојде до расипување или оштетување на производите.
За дистрибуцијата да се изврши квалитетно потребно е да се изврши квалитетно пакување и складирање, за да не дојде до оштетување на производите.
Каналите на дистрибуцијата, како елемент од маркетинг миксот, може да им помогне на менаџерите поефикасно да ја спроведат маркетинг стратегијата. Тие се важен фактор во почетната фаза на работење на компанијата во некоја земја, бидејќи влијаат врз сигурноста на продажбата, цената, промоцијата, како и врз имиџот на производот. Каналите за дистрибуција имаат големо влијание и во понатамошниот тек на работата, преку можноста за намалување на транспортните и посреднички трошоци, со цел да се влијае на крајната цена на производот или на услугата.
Во тој контекст, особено се важни следниве параметри:
- типот на каналот,
- бројот на посредниците и
- транспортните можности.
Односот помеѓу производствената компанија и дистрибутивната компанија, се засновува врз взаемен интерес. Доколку производствената компанија има производ кој е баран на пазарот, тогаш повеќе дистрибутивни компании се борат за можноста да работат со таа компанија, па таа ги диктира условите за работењето, ја определува висината на маржата на дистрибутивните компании, а определува и други услови за работење. Доколку одреден дистрибутер не ги задоволи пропишаните услови за работа, тој лесно се заменува со друг дистрибутер.
Дури и одреден дистрибутер да банкротира или западне во други проблеми, тоа врз компанијата најчесто нема големо влијание, бидејќи производот е платен или е оставена банкарска гаранција или е осигуран производот или сеуште се наоѓа на продажните места, па е лесно да се наплати побарувањето.
Одредени производствени компании се одлучуваат во одредена земја да доделат ексклузивно дистрибутивно право само на една компанија. Тоа има свои предности. Компаниите се запознаваат меѓусебно, ги кординираат акциите на пазарот, дистрибутивната компанија е запозната со сите производствени процеси и тоа може јасно да го презентира на купувачите. Но, постојат и негативности. Дистрибутивната компанија може да собере одредени податоци и да се наметне како партнер. Одредени податоци може да сокрие. Може да се јави недоволно ангажирање поради доделената монополска позиција. Доколку дистрибутивната компанија западне во проблеми со работењето, на производствената компанија ќе и треба дополнително време додека го организира работењето на другата дистрибутивна компанија и ќе изгуби дел од пазарот.
Поради овие причини одредени компании подеднакво ги третират сите потенцијални дистрибутери, не форсирајќи ниеден дистрибутер. Рабатот и другите бенефиции се делат врз база на големината на нарачката, врз база на редовноста во плаќањето, како и врз база на долгогодишното соработување. Доколку постојат големи и јаки продажни синџири, тогаш производствената компанија има интерес нејзините производи да се продаваат преку тие дистрибутивни канали.
Во тој случај дистрибутерите одлучуваат со која производствена компанија ќе соработуваат и под кои услови. Бојкотирањето на производите од страна на големите продажни синџири, најчесто се фатални за малите производни компании. Проблемите помеѓу големите производни и дистрибутивни компании, поради постоење на заеднички интерес полесно се решаваат, бидејќи и двете компании се силни па во заеднички интерес е можните проблеми договорно да се решаваат.
Дистрибутерите извршуваат различни функции како што се: обезбедување, складирање, пакување, транспорт.
Трошоците за транспорт, најчесто претставуваат фактор преку кој менаџерите во производствената компанија се определуваат за одреден тип на канал за дистрибуција. Транспортните трошоци се пониски доколку може да се искористат водени површини (море, езеро, големи пловни реки), значи бродски транспорт, доколку има пристап до железничкиот транспорт или доколку држава има добро развиени мрежи од патишта. Но, и брзината на сообраќајот во сагашните услови на работење има големо влијание. Па определени производи можат да се дистрибуираат и со помош на авионски сообраќај, се со цел да бидат брзо доставени до локацијата на која се барани.
Најчесто, дистрибутивната шема оди од производствената компанија преку дистрибутерите на големо (трговци на големо) па се до дистрибутерите на мало (трговци на мало). Дистрибутивната шема оди на следниве начини:
- Производител=> Купувач;
- Производител=> Посредник=> Купувач;
- Производител=> Посредник1=> Посредник2=> Купувач.
Секоја компанија треба да настојува да го намали бројот на посредниците, бидејќи тие ја зголемуваат крајната цена на производот, што не е во интерес на производната компанија. Продажбата преку големопродажните посредници има одредена предност. Производната компанија ја намалува администрацијата и брзо доаѓа до финансиски средства, бидејќи трговци веднаш плаќаат за да добијат поголем рабат (попуст).
Понатаму трговците на големо ги известуваат компаниите за желбите и барањата на купувачите, што во некои случаи за компанијата може да биде и лошо, бидејќи трговците поседуваат информации и со тоа на нив им се зголемува преговарачката моќ. Но, тоа лесно се надминува со составување на тимови кои периодично би вршеле истражување на пазарот. Најблиски дистрибутери до крајните купувачи се трговците на мало. Па, близината на продажниот објект, како и доставата на домашна адреса, придонесува за подобра продажба, како и за подобар однос со купувачите. Доколку се јават проблеми, можно е да се изведе замена на неефикасните трговци, со испорака преку пошта, телефонска продажба, испорачување на стоката на домашна адреса, интернет продажба.
Производната компанија може и самата да организира директна продажба во други земји преку свои филијали. Може да продава само свои производи, но може и заради зголемување на асортиманот да продава и производи од други компании. Во овој случај најголема корист имаат купувачите кои одбегнуват плаќање на маржа на посредниците и добиваат најевтин производ. Доколку се работи за купување на скапи производи, како и производи со големи количини, тогаш е најдобро компаниите произведувачи и купувачи да се сретнат и детално да се договорат околу условите на предстојната продажба. Тука треба голем број на прашања да се решат. Цена, плаќање, квалитет, количина, начин на испорака, сервис, гаранција и сето тоа бара сериозни преговарања.
Дистрибуцијата може да се врши и преку мрежниот маркетинг. Мулти левел системот е продажба од страна на купувачите и се одвива преку роднински и пријателски канали, каде задоволните или заинтересирани поединци за заработка одат од купувач до купувач, продавајќи им одреден производ.
Компанијата им обезбедува обука, производ, подршка во законското работење, бидејќи ниту една држава нема да ја толерира продажбата без плаќање на соодветните давачки. Секој нареден продавач влегува под чадор на одреден ментор, кој со неговото вклучување во работа добива привилегии или бодови, па заинтересираноста и ангажираноста на овие продавачи е исклучително голема.
Овие продавачи, во желба да остварат продажба, можат да бидат дури и непријатни. За вакво отпочнување не требаат големи финансиски средства. Сепак одредена транша на производи мора да се купат. Во земјите каде владеат лоши економски услови, владее голема заинтересираност на луѓето кон овој стил на продажба. На истакнати поединци може да им се понуди дури и вработување, што е голема мотивирачка сила. Некој може да започне со работење во Скопје, а поради големата подвижност на луѓето може да му се разграни мрежата за работење во странство.
Сите работи функционират војнички точно, предвиден е секој чекор и после одреден чекор следува награда, казна или прекин на соработката. Тука е многу драгоцено, тоа што продавачите се стекнуваат со големо практично и теоретско знаење и искуство, па можат понатаму и сами да се занимават со трговија, која е во голем број на случаи исплатлива.
Покрај компаниите кои сериозно работат, се јавуваат и измамници кои ја злоупотребуваат наивноста и неинформираноста на купувачите, па во оделни земји постои забрана за ваков начин на работење, а компаниите се обврзуваат да вршат продажба во продажни објекти. Тука најчесто се надоврзува и интересот на државата да има зголемена вработеност, а овие компании настојуваат да вработат што е можно помал број на луѓе. Поради што државата знае на различни начини и под различни изговори да го ограничува работењето на овие компании.
Постојат неколку стратегии за поквалитетно реализирање на дистрибуцијата.
Стратегија: Измена на каналите за дистрибуција. Тактика: Воспоставување на што подиректни канали до продавачот. Промена на дистрибутерите во одделни региони.
Стратегија: Јакнење на сервисната дејност. Тактика: Воспоставување на сервисна мрежа во целата земја.




Speak Your Mind