post

Добрата подготовка е половина пат до успехот

Секој почеток бара соодветна подготовка. Потребно е да се почне нешто, потоа силите на инерција ќе не движат нанапред правејќи различни егзибиции за да стигнеме до целта.

Но, постои опасност подготовката да се одолжи со што никогаш нема да започнеме со имплементацијата. Сепак, доколку соодветно се организирате и подготвите, лесно ќе започнете со она што сакате да го започнете.

Еве ги основните 6 чекори за вашата подготовка да започнете со нешто.

#1 Скицирај што сакаш да постигнеш

Запомнете дека се што правите и се што започнувате има одредена цел. Прво вие сакате да постигнете нешто. Можеби сакате да ги подобрите бизнис процесите. Можеби сакате да ја зголемите продуктивноста. Можеби сакате да ја зголемите продажбата…

Затоа како прв чекор започнете со скицирање на она што сакате да го постигнете, бидејќи многу полесно ќе дојдете до чекорите кои ќе треба да ги преземете. Обидете се со визуелизација и поттикнување на емоционалните фактори кои ќе ве мотивираат во понатамошните чекори.

Овој чекор всушност претставуваат целите кои си ги поставувате пред вас.

#2 Концепирај го она што треба да го направиш

За да го постигнеме она што го сакаме ќе бара преземање на повеќе активности од наша страна. Доколку останеме инертни и не преземеме ништо, нема ни да го постигнеме она што го сакаме.

Затоа кога веќе знаете што сакате да постигнете, едноставно направете еден концепт на она што ќе треба да го направите за да го постигнете токму тоа.

Овој чекор претставува дефинирање на тактики со кои ќе можете да ги постигнете целите.

#3 Дефинирај ги конкретните чекори

Иако е многу тешко да дефинирате нешто за во иднина, сепак добро е да се обидете да го определите патот што треба да го изодите и тоа во форма на чекори.

На пример, доколку станува збор за зголемување на продуктивноста преку набавка на нова опрема, тука ќе треба да имате резултат во форма на:

  • Чекор 1: Дефинирање на потребната опрема
  • Чекор 2: Анализа на можни снабдувачи
  • Чекор 3. Рангирање на снабдувачите
  • Чекор 4: Контактирање на најдобрите и барање на понуди
  • Чекор 5: Анализа на доставените понуди
  • Чекор 6: Избор на најоптимално решение
  • Чекор 7: Имплементација на решението

#4 Приоритизирај ги дефинираните тактики

За постигнување на она што сакате да го постигнете не се сите тактики со исто значење или ист придонес во однос на дефинираната цел.

За да се осигурате дека побргу ќе се доближите до реализација на целта, добро е да ги приоритизирате тактиките, со што ќе започнете со оние најприоритетните.

#5 Делегирај ги чекорите кои може д ги заврши некој друг од твојот тим

Бидејќи сеуште сте во фаза на планирање, добро е да определите и кој што ќе работи, односно кој ќе биде одговорен за кои чекори кои ги дефиниравте со оваа подготовка.

Ако сте претприемач не значи дека мора се сами да сработите. Тоа, дури и не е возможно.

#6 Започни со имплементација

И секако како последен чекор е да започнете со имплементација на она за што се подготвувавте во претходните чекори.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*