Фрактална филозофија или фрактална фабрика, компанија како што може да се сретне во литературата како појава своите почетоци ги има во Теоријата на фрактална геометрија. Оваа теорија е откриена од математичарот Benoit Mandelbrot во 1975 година и го решава проблемот на анализирање и опишување на геометриски тела во повеќедимензионален простор.
Зборот фрактал доаѓа од латински збор fractus што значи скршено, фрагментирано. Објектите кои што ги опишува и анализира оваа теорија се наречени фрактали, односно неправилни површини кои што се наоѓаат во природата насекаде околу нас.
Со помош на Питагорова теорема можно е да се опише правоаголен триаголник, но објеките со кои се среќаваме во природата во секојдневниот живот немаат сите форма на правоаголен триаголник. Пример на една ваква неправилна овршина може да биде скршен камен кој што има доста комплексна површина. Тука се поставува прашањето каква геометриска формула треба да постои за да се опише оваа површина. Овој камен пак може да личи на една минијатурна планина од која што е изваден тој камен. Значи фракталите се самослични што претставува една од карактеристиките на оваа теорија.
Може да се постави прашањето каква примена би имала оваа теорија во бизнисите како системи кои како што знаеме се вештачки системи составени од технички и природни системи. Исто така бизнисите се комплексни системи.Тие имаат своја структура, која што колку е покомплексен организацискиот сстем толку и структурата е окомплексна, односно обликот и формата на организациската структура стануваат покомплексни. Динамичното окружување на денешните бизниси при се поголема глобализација на пазарот не дозволуваат компаниите да се потпрат на едноставни структури кои се бавни при промените, туку бараа такви структури кои ќе бидат спремни да одговорат на сите предизвици кои доаѓаат од променливата околина на компанијата. Токму поради оваа комплексност на организациските системи оваа теорија на фрактална геометрија откриена од Mandelbrot може да најде широка примена во организацискиот живот и во бизнисите.
Во 1992 година, Професор Warnecke претстедател на Fraunhofer-Institute for Manufacturing Engineering and Automation во Stuttgart го развил концептот за „Фрактална фабрика“. Овој концепт всушност претставува соодветен одговор на јапонските и американските менаџмент филозофии, но прилагоден согласно окружувањето на бизнисите кои се во Европа. Целта на овој концепт е да се развие таква компанија која ќе се прилагоди на сите промени кои доаѓаат од околината со претпоставка дека компаниите се живи организми со огромен потенцијал на вработените кои треба на вистински начин да биде искористен. Овој концепт на „Фрактална фабрика“ подоцна наоѓа широка примена и во неиндустриските подрачја.
Да видиме како се дефинира оваа филозофија наречена фрактална?
Фракталната филозофија како што ни кажува самиот збор ја разгледува организацијата како состав од повеќе елементи кои се наречени фрактали. Целта на едно вакво разгледување е да може во секој момент преку фракталот да се огледа целата структура. Секој од овие фрактали се организациски ентитети кои рабтат независно едни од други но имаат голема сличност едни со други бидејќи секој на секого (фрактал) врши одредена услуга. Од тука и доаѓа карактеристиката на самосличност која ја користи оваа филозофија.
Помеѓу фракталите но и во самите фрактали се воспоставува една таква врска во која што сите добри идеи може да се имплементираат без разлика од кај доаѓаат, што пак доведува до процес на континуирано подобрување на работењето во самите фрактали и на целиот рганизациски ситем. Ова е поради карактеристиките на самоорганизирање и самооптимизирање кои ова филозофија ги применува на две нивоа:
- оперативно ниво и
- стратешко ниво
Целите на фракталите се интегрираат во целите на целиот рганизациски систем, односно целите на фракталите служат како начин на исполнување на целите на компанијата. Ова е четвртата карктеристика на фракталите – ориентација кон целите. Значи целите на фракталот се подцели на целата компанија со што се избегнува спротивставеност на целите помеѓу самите единици и со целата компанија.
Поради тоа што фракталите се помали независни ентитети во состав на компанијата, тие многу лесно се приспособуваат кон промените во окружувањето, што е резултат на динамичната карактеристика на фракталот. Кога сруктурата во самиот фрактал нема да одговара на новите барања и услови таа се менува, а со тоа се јавува пореба од промени во сите фрактали во една корпорација, што пак доведува до промени на целата структура на организацискиот систем. Ова претставува една од најважните карактеристики на фракталите, бидејќи овозможува брзи иновации во рамките на самите фрактали, а со тоа и иновации во целата корпорација.
Па сега што претставува фрактална филозофија?
Фрактална филозофија е еден интегриран приод кој ја дели организацијата на посебни ентитети кои работат независни едни од други (можат дури и целосно да се одвојат од неа), а чии цели и перформанси можат прецизно да бидат опишани врз основа на основните карактеристики на тие независни ентитети – фрактали:
- Самосличност
- Самоорганизирање
- Самооптимизирање
- Ориентација кон целта
- Динамичност
Основни карактеристики на фрактална филозофија
Да ги опишеме карактеристики кои ги потенциравме погоре.
Карактеристика на самосличност
Како што веќе кажавме при дефинирањето на фракталите една од неговите основни карактеристики претставува самосличноста. Сетовите на Mandelbrot прикажуваат самосличност не заради тоа што даваат подетална слика на поситните нивоа туку поради тоа што даваат детали со одредена константна симетричност иако тие сетови не се идентични. Во математиката за еден објект се вели дека е самосличен доколку тој има „груба“ сличност во однос на било која карактеристика. Објектите не треба да имаат точно иста структура на сите скали, но ист тип на структури мора да се појавуваат на сите скали. Самосличните структури се добиваат со итерација (повторување) на едноставни правила за процес на растење на сите скали на простор и време.
Оваа карактеристика на самосличност во организациските системи не се однесува само на структурата на фракталите, туку се однесува и на сличноста на целите помеѓу фракталите. Како во фрактална геометрија одредена фигура има карактеристика на самосличност доколку може да се подели на помали и помали делови кои личат на целината, но имаат различна големина (како на сликата лево) така и во концептот на фрактална фабрика секој фрактал мора самиот да биде во одреден степен посебна фрактална фабрика.
Ова значи дека можат да постојат слични, но никогаш идентични структури на различни фрактали (слика подолу).
Карактеристика на самоорганизирање и самооптимизирање
Карактеристиката која им допушта на фракталите да имат слобода во организирање и изведување на задачите се нарекува самоорганизирање. Фракталите поседуваат одреден степен на слобода во дејствување и во процесот на донесување на одлуки, така што се поттикнуват самите да го изберат начинот на кој што ќе манипулираат со ресурсите на таков начин што ќе произведуваат производи и услуги во насока на исполнување на поставените цели.
Самоорганизирањето во фрактална фабрика влијае како на оперативно, така и на тактичко и стратешко ниво. Оперативната самоорганизација бара примена на соодветни методи за контрола на процесите. Овие контролни системи ќе доведат на оперативно ниво до максимизирање на добивките, минимизирање на загубите (расфрлања) и превенција од несреќни случаи и штетни ефекти. Фрактална фабрика овозможува интегрирање на масовното и поединечното производство со користење на флексибилни производствени системи со што ја зголемува флексибилноста на целиот систем. Со стратешката и тактичката самоорганизација се постигнуваат глобалните цели на локално ниво.
Поради тоа што денес бизнисите работат во една таква средина која што влијае на безброј начини на нејзиното работење, а тоа влијание може да има огромни последици, тие треба да се прилагодуваат кон тоа влијание. Времето за кое компанијата ќе го стори тоа е многу важно за продолжување на успешното работење. Затоа концептот на фрактална фабрика им дава карактеристика на самооптимизација на фракталите. Со оваа карактеристика на фракталите се добива континуитет во оптимално работење на целата компанија поради фактот што секој фрактал без разлика од кое ниво на сегментирање на компанијата се наоѓа врши соодветна оптимизација на работењето согласно своите потреби не заборавајќи ги притоа целите кои треба да се исполнат на глобално ниво.
Можеме да заклучиме дека фракталите самите се организираат и оптимизираат, што претпоставува дека овие активности се одвиваат од доле према горе. Овие карактеристики доведуваат до континуирано подобрување и тоа во вистински моменти поради тоа што секој фрактал тргнувајќи од најситниот па се до целата фрактална фабрика дава одреден придонес за начинот на организирање и оптимизирање на работењето.
Карактеристика на ориентација кон целите
Целите на фракталите претставуваат главен фактор кој управува со нив. Затоа сите фрактали ја имаат карактеристика на ориентација кон целите, односно ориентација кон исполнување на целите кои се поставени пред самиот фрактал, а со тоа и исполнување на целите на целиот организациски систем. Но, тука главното прашање кое се поставува е како да се определат целите, дали тие едноставно можат да им се наметнат на фракталите.
Вистинскиот начин за поставување на целите е преку координација на фракталите. Секој фрактал има индивидуален и конзистентен систем на цели. Системот на целите на фракталот се изведува преку координација со фракталот од прво погорно ниво.
Ова може да се објасни на следниов начин: целта на системот човек-машина (фрактал) е намалување на времето на производство на едно парче, оваа цел е изведена во координација со целта на погорен фрактал (намалување на време на производство на производот) каја пак е изведена во координација со целта на наредниот погорен фрактал (намалување на време на доставување на производот на купувачите).
Забележувате како секоја цел од најситното ниво на бизнисот е усогласена хиерархиски кон повисоките нивоа, за да на крајот бидат сите усогласени со бизнис целите.
Карактеристика на динамичност
Традиционалните модели на организирање, вклучувајќи ги и Тејлоровите принципи на сегментација на работата имаат голема слабост поради нивната статичност. Фрактална фабрика својот успех го темели на својата динамичност. Тука доаѓа до израз терминот виталност на фракталот.
Терминот виталност е изведен од латинскиот збор vitalis кој се користи во биологијата и значи способност за живот, животна сила или животна енергија. Освен на живите организми овој термин може да се искористи и во опишување на карактеристиките на организациските системи кои реагираат и се адаптираат согласно влијанието на нивната околина.
Виталноста претставува термин за мерење на способноста и ефикасноста на фракталот. Таа зависи од внатрешни фактори (кадри, менаџмент, финансии, локација итн.) и надворешни фактори (конкренција, пазари, законодавство итн.). Од ова може да се заклучи дека за еден фрактал да биде витален влијаат силините или слабостите на самиот фрактал како внатрешни елементи и можностите и заканите односно надворешните барања кои треба да се исполнат од тој фрактал. Ова е веќе SWOT анализа. Повеќе можете да прочитате во основи на SWOT анализа и дијаграм на тек за SWOT анализа.
Колку е поголема виталноста на фракталот толку е поголема способноста на фракталот да преживее во неговото динамично окружување. Затоа фракталите имаат карактеристика на динамичност, односно брзо менување на нивната структура за дa одговорат на променетите барања од околината.
Согласно системската теорија фракталите треба да се формират на таков начин да релациите (тек на материјали, кадри и информации) внатре во фракталот бидат посилни од оние релации со надворешни фрактали. Доколку ова правило не се исполнува препорачливо е да се менуваат структурите.
Во текот на работењето како што е прикажано на сликата подолу, соработката помеѓу фракталите во фабриката се карактеризира со висока индивидуална динамичност и максимална способност да се адаптираат и да реагираат на влијанијата од страна на околината. Од сликата може да се забележат сите карактеристики кои накратко ги опишавме погоре.
Од досега изложеното можеме да заклучиме дека фракталниот концепт како еден интегриран приод ја нагласува улогата на околината како и улогата на човечкиот фактор во развивање на флексибилни производствени, организациски и бизнис системи кои ќе бидат способни да одговорат на утрешните предизвици.
Методи и техники
Oваа филозофија претставува одредена комбинација на мали промени во кратки временски интервали (KAIZEN) и радикални промени во еден подолг временски период (Реинженеринг). Според тоа слободно може да се каже дека фракталната филозофија може да ги користи комбинациите на методите и техниките кои беа опишани за реинженеринг и Kaizen.
Тука би се насочил на малку покомплексни методи и техники кои се применуваат при фракталната филозофија за организациски промени. Hans-Jürgen Warnecke како методи и техники на фракталната фабрика ги дава следниве:
- Методи и техники кои овозможуват креирање на простор за маневар со соодветни степени на слобода.
- Методи и техники кои обезбедуваат динамични организациски структури. Ова значи организациската структура да биде променлива по потреба и потребата да ја дефинира структурата а не структурата да ги дефинира бизнис потребите.
- Методи и техники кои овозможуват самооптимизацијана фракталите како и на бизнисот во целина.
- Методи и техники кои описно ги претставуваат процесите и даваат добра слика на тековните состојбите.
- Методи и техники за оптимална употреба на ресурсите. Сите методи и техники за оптимална употреба на ресурсите.
- Комуникација. Соодветна комуникација од горе надолу и одоздола нагоре како и хоризонталната комуникација овозможува брзо откривање на проблемите и со тоа и нивно брзо решавање.
- Претприемничка перцепција. Се бара размилсување, размена на идеи и акција од сите членови на бизнисот. Со тоа се запира стареењето на бизнисот и постојано држење на фазата озбилност (врвната форма) од животните циклуси на бизнисите.
- Мотивациски контролен јазол. Оваа филозофија подразбира користење на контролни јазоли како еден вид на повратна врска (feedback) врз основа на која ќе се применуваат мотивациските принципи на менаџментот. На таков начин ќе се обезбеди наградување по вистинска заслуга на секој од организациските членови.
Speak Your Mind