post

Големи податоци и малите бизниси

Сведоци сме на тектонски промени во користење на информациската технологија и податоци за донесување на одлуки. Не сакам да навлегувам во историски развој на оваа технологија и улогата во водењето на бизнисот, но сите сме свесни дека уште во времето на Месопотамија се користеле одредени системи (не како овие што постојат денес) за да се забележуваат разни информации заради донесување на одлуки.

Од друга страна исто така сме сведоци на постапките на големите компании кои навлегуваат во скапи проекти само за да дојдат до големи податоци и да ги поврзат и искористат за знаењето кое им е потребно. На пример, Google навлезе во проект за дигитализација на книги, кој подоцна го искористи во подобрување на нивниот сервис за преведување преку учење на разните преводи од книгите и пресметка на веројатноста за позиција на зборовите.

Кога станува збор за малите бизниси, прашањето е дали големите податоци може да им бидат корисни? Секако да, затоа што колку повеќе се зголемува количината на податоците толку подобри основи ќе имаат за донесување на одлуките.

Но, еден проблем кој е очигледен е што информациите со кои располагаат малите бизниси се во различна форма. Еве некои од нив.

  1. Бројки како податоци. Нема потреба да се коментираат бројките бидејќи едноставно со нив најлесно се манипулира и се изведуваат заклучоци. Како еден мал бизнис користите бројки за изразување на приходи, трошоци, профит, часови на работа, продуктивност… За овие податоци користиме специфични бази на податоци при што ги запишуваме, следиме и мериме сите трансакции кои се изведуваат во и од бизнисот.
  2. Зборови како податоци. Но, денес во многу случаи бројките не се доволни за вистински одлуки затоа што специфичната посакувана форма во бројки најчесто се однесува за податоци кои самата компанија ги поседува или има, но што е со надворешните фактори како купувачи, конкуренти, технолошкиот развој, човечки ресурси, закони… Сите овие надворешни елементи како извор на информации за еден мал бизнис ќе обезбедат податоци во форма на зборови. Зборови од контакти со купувачи, зборови од анализа на конкуренција, зборови од анализа на потенцијални човечки ресурси, зборови од научни списанија за технолошки развој, зборови во службени весници… Сите овие информации имаат огромна улога во дефинирање на одлуките на еден мал бизнис, затоа мора да се размислува за дигитализација и датафикација на овие извори на информации.
  3. Интеракции како податоци. Во последно време сме свесни за се поголемото значење на интеракциите особено со развојот на новите технологии кои обезбедија популаризација на разни социјални медиуми, каде се бележат различни интеракции помеѓу учесниците во мрежата. Овие информации исто така стануваат едни од најважни информации за донесување на квалитетни одлуки за еден бизнис и можат да бидат изразени и во зборови и во бројки.
  4. Локации како податоци. Уште еден вид на податоци кои стануваат се поважни за вашиот мал бизнис особено ако сте локациски базиран се локациите. Геолокацијата на објектите и луѓето конструираат квалитетна информација за донесување на многу одлуки во еден мал бизнис. Појава на разни сервиси за следење на локација како и социјални мрежи кои се базирани на локација или пак имаат интегрирано локациски аспект во обезбедувањето на социјалниот карактер во нивното функционирање обезбедува овие информации да бидат и достапни и секако важни. Пред извесен период, па може да се каже и пред две до три години никој толку јавно не ја откриваше или едноставно не можеше да ја открие својата локација, додека сега милиони луѓе го исцртуваат социјалниот карактер на нивно движење, а голем број од тие луѓе се ваши сегашни и идни, односно потенцијални купувачи.

Овие податоци се зголемуваат се повеќе и повеќе, а нивната корисност станува се поголема и поголема. Морате да размислите за нивно вклучување во вашиот процес на “деловно разузнавање”.

Оваа е само мало нафрлување на некои од можностите, а кои произлегуваат од моето петгодишно истражување на оваа тема што повеќе се однесува на организациски промени. Сепак, тука само ја начнувам темата која ќе се обидам во иднина да ја наметнам многу повеќе, а првин ќе започнеме со еден подкаст на оваа тема кој ќе биде најверојатно четвртиот подкаст по завршување на третиот кој ќе биде следната недела, а се однесува на одолговлекување.

About Д-р Драган Шутевски

Д-р Драган Шутевски е основач и CEO на Шутевски Консалтинг и им помага на бизнисите да го проектираат патот кон успешноста. Поврзи се со Драган на Google+

Speak Your Mind

*